Адвокатите во Србија една недела во штрајк поради убиството на нивни колега


Белград, 30 јули, 2018 - 11:13 (META) 

Адвокатите во Србија денеска почнаа еднонеделен целосен прекин на работата, поради убиството на нивниот колега Драгослав Миша Огњановиќ во саботата, соопшти Адвокатската комора на Србија. Во соопштението се напоменува дека станува збор за целосен прекин на работата, што значи дека адвокатите нема да примаат ниту итни притворски предмети.
Педесет и седумгодишниот Огњановиќ беше застрелан пред влезот на зградата во која живееше во Нов Белград. При нападот е ранет и неговиот 26-годишен син. Во текот на својата кариера Огњановиќ им беше адвокат на водачот на „Земунскиот клан“, Лука Бојовиќ, на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ пред Хашкиот трибунал, како и на неговата сопруга Мира Марковиќ.


16 години од соборувањето на режимот на Милошевиќ


Белград, 5 октомври, 2016 - 9:31 (META) 

Денеска се одбележуваат 16 години од масовните демонстрации на 5 октомври во Белград, со кои заврши владеењето на Слободан Милошевиќ.

Протестите почнаа бидејќи Милошевиќ одби да ги признаe резултатите од изборите за претседател на СР Југославија од 24 септември 2000 година, на кои изгуби од кандидатот и лидер на Демократската партија на Србија, Војислав Коштуница.

Демонстрантите на 5 октомври стигнаа во Белград од цела Србија, со автобуси, автомобили и со камиони во колони долги десетина километри. Тие со булдожери ги пробиваа полициските блокади на патиштата и се собраа на платото пред Сојузното собрание во центарот на градот.

Во вечерните часови, од балконот на градското собрание на Белград, на граѓаните им се обрати новиот претседател на СРЈ, Војислав Коштуница, а наредниот ден, 6 октомври, Милошевиќ го призна избориниот пораз и му честиташе на Коштуница.

Слободан Милошевиќ беше уапсен во април 2001 година, под обвинение за финансиски малверзации, а два месеци подоцна беше испорачан на Хашкиот трибунал каде што му беше суден за геноцид во Босна и Херцеговина, воени и злосторства против човештвото во Хрватска и на Косово.

Почина на 11 март 2006 година од инфаркт, во притвор на Хашкиот трибунал.