Параглајдерист починал по слетувањето во Гевгелиско


Гевгелија, 10 април, 2018 - 10:28 (META) 

М.Ќ.(47) од село Мрзенци-гевгелиско, кој бил член на Клуб за екстремни спортови, вчера бил пронајден починат над село Сермин-гевгелиско, во близина на манастирот „Свети Илија“.

Како што соопшти МВР, настанот бил пријавен вчера, попладне во 15 часот.

На М.Ќ., по неговото успешно слетување со параглајдер, му се слошило и по кратко време тој починал. Од страна на лекар од Итната медицинска помош била констатирана смрт, наведуваат од МВР.

Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Полициска станица Гевгелија. По Наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено за обдукција


Тунис им забрани на авиокомпаниите од ОАЕ да слетуваат на туниска територија


Тунис, 25 декември, 2017 - 10:09 (META) 

Тунис им забрани на авиокомпаниите од Обединети Арапски Емирати (ОАЕ), нивните авиони да слетуваат на туниска територија, соопшти денеска Министерството за сообраќај на Тунис.

Забраната следува два дена откако, туниската влада соопшти дека ОАЕ им забраниле на Тунижанките да слетуваат на нивна територија или ОАЕ да ја користат како транзитна земја, пренесуваат светските медиуми.

Од Министерство за сообраќај на Тунис велат дека, ги суспендирале летовите на компанијата „Емирејтс“, се додека компанијата не најде соодветно решение за летовите „во согласност со меѓународното право и договори“.

Тунис побара објаснување од амбасадорот во ОАЕ, кој известил дека, одлуката била краткорочна и рестрикциите повеќе не важеле.

И покрај тоа, групата за човекови права во Тунис ги осуди овие мерки и ги квалификуваше како „дискриминаторски и расистички“.


Руски воен авион принудно слетал при што се повредени 16 војници


Москва, 19 декември, 2016 - 11:20 (META) 

Во несреќа при принудно слетување на руски воен авион со 32 патника и седум членови на екипажот, повредени се 16 војници во областа Сибир.

„Сите патници и членови на екипажот се живи, а 16 лица се тешко повредени и се евакуирани во болница во Тикси“, соопшти руското министерство за одбрана.

Авионот полетал од аеродромот „Колцово“, а слетал 27 километри од селото Тикси.

Во спасувачката акција учествувале 100 војници и два хеликоптери, а во регионот каде што е пронајден авионот е прогласена вонредна состојба.

Комисија од министерството за одбрана се упатила кон Јакутиј за да ги испита деталите за присилното слетување на авионот.

 


Италија: Авион ја проби оградата на аеродромот во Милано и заврши на автопат


Милано, 5 август, 2016 - 10:14 (META) 

Карго-авион „боинг 737“ утринава при слетувањето на аеродромот „Орио ал Серио“ во Италија не успеал да се сопре на пистата, по што ја пробил оградата и излегол на автопатот, на кој во тој момент имало автомобили.

Инцидентот се случил околу четири часот наутро во Бергамо, во близина на Милано. Авионот летал од аеродромот „Шарл де Гол“ во Париз.

Нема повредени во инцидентот, а сите три члена на екипажот излегле неповредени од авионот.
Аеродромот бил три часа затворен, а од 6.45 повторно е во функција, односно повторно има полетувања и слетувања.


Откажани утринските и вечерните летови Истанбул – Скопје и Скопје – Истанбул


Скопје, 16 јули, 2016 - 11:02 (META) 

На веб-страницата на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, објавено е дека се откажани утринските и попладневните слетувања и полетувања на авионите на авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул за Скопје и од Скопје за Истанбул.

Откажан е летот од Скопје за Истанбул ТК 1004 за утрово во 9.25 часот на „Туркиш ерлајнс“, како и слетувањето на авионот од Истанбул за Скопје ТК 1003 најавен за во 8.30 часот.

Откажани се и вечерните летови ТК 1006 во 22.55 минути за Истанбул, како и слетувањето на авионот ТК 1005 од Истанбул за Скопје за во 20 часот.

Авиолиниите за Анталија за денеска и утре, како што стои на веб-страницата на ТАВ- аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, ќе се одвиваат во најавениот авионски распоред.


Денеска се воспоставува авиолинијата Белград – Охрид


Охрид, 15 јуни, 2016 - 9:43 (META) 

Официјалниот почеток на авионските летови на линијата Белград – Охрид ќе се означи денеска со слетувањето на првиот авион на „Ер Србија“.

Со воспоставувањето на оваа авионска линија се очекува да се придонесе во развојот на туризмот и во зголемувањето на бројот на туристи од Србија, но и од други европски држави со кои белградскиот аеродром има директни конекции.

Исто така, македонските граѓани ќе имаат поволни можности да патуваат до Србија и до европските држави.


Авионите на скопскиот аеродром од утринава непречено полетуваат и слетуваат


Скопје, 7 март, 2016 - 11:56 (META) 

Иако авионот на „Аустријан ерлајнс“ синоќа не слета на аеродромот „Александар Велики“ поради силниот ветер, според официјалната веб-страница на оваа компанија, во моментов сите авиони непречено полетуваат и слетуваат и нема одложување на летовите.

Од „Аустриан ерлајнс“ за „Мета“ изјавија дека станува збор за летот број  ОС775, односно авионот требало да слета во 12.05 часот по полноќ, но поради силниот ветер тој се вратил назад во Виена.

Со него требаше да се слета и пратеникот во германскиот Бундестаг, Мануел Зарацин, но посетата е откажана поради тоа што авионот не можеше да слета на скопскиот аеродром.


Два авиони на „Ер Франс“ принудно слетале поради дојави за бомби


Париз, 18 ноември, 2015 - 11:54 (META) 

Два авиони на компанијата „Ер Франс“ безбедно се приземјени откако авиокомпанијата примила анонимни дојави за бомби, соопшти францускиот авиопревозник.

Авионите летале од Лос Анџелес и од Вашингтон кон Париз.

Едниот лет е пренасочен кон Солт Лејк Сити, во американската сојузна држава Јута, веднаш по полетувањето од Лос Анџелес, додека другиот авион од Вашингтон е пренесочен кон Халифакс во Канада.

Ова се случува само пет дена откако во Париз е изведен терористичкиот напад во кој 129 лица беа убиени.

„Како мерка на претпазливост и поради спроведување на сите неопходни безбедносни проверки, одлучивме да побараме приземјување на двата авиона“, соопшти француската авиокомпанија, додавајќи дека локалните власти спроведуваат темелен преглед на леталата, патниците и на нивниот багаж.

Властите, исто така, се обидуваат да му влезат во трагата на изворот на телефонскиот повик, а сè уште не се знае дали истото лице ги упатило двата повика.

Двата лета на „Ер Франс“ се пренасочени доцна синоќа, веднаш по слетувањето, поради анонимна телефонска закана дека во авионот се наоѓа бомба.


Од Цирих не го потврдуваат инцидентот со владиниот авион


Скопје, 22 мај, 2015 - 13:51 (META) 

„Во моментов, во Сојузната канцеларија за цивилна авијација (FOCA) немаме известување за инцидент или какви било дополнителни информации. Исто така, не знаеме дали станувало збор за вистинско принудно слетување или слетување поради безбедносни причини“, известија од FOCA на прашањето на „Мета“ дали имаат детали за принудното слетување на владиниот авион во Цирих и дали и кој му дал одобрување на авионот потоа да полета на сервисирање во Нирнберг.

ScreenshotB

Одговорот кој го добивме од властите во Цирих

Според експертите, оваа информација не мора да значи дека ништо не се случило со владиниот авион, туку само упатува на различното толкување на терминот „инцидент“.

Инаку, владината делегација, предводена од премиерот Никола Груевски, која се враќала од Стразбур, принудно слетала во Цирих, јави вчера „Телма“.

– Според првичните информации, можам да потврдам дека при враќањето од Стразбур, се случил дефект во летот на владиниот авион, во кој бил и премиерот Груевски со своите соработници, по што авионот принудно слетал во Цирих. Според информациите што ги имам, присутни во авионот велат дека се слушнал гласен и продорен звук, по што дошло до нарушување на внатрешниот притисок, а пилотот веднаш се обидел да ја намали висината за да се обиде да го намали притисокот и, според протоколот за вакви ситуации, да го слета авинот на најблискиот аеродром – изјави потрпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Тој додаде дека сите патници се добри и дека надлежните служби треба да ги преземат сите процесни дејства за утврдување на фактите.

– Премиерот Груевски и сите патници во авионот се чуствуваат добро, а авионот е на поправка во Нирнберг – изјавил портпаролот на Владата.


Авион на „Џерманвингс“ непланирано слетал во Венеција


Венеција, 4 април, 2015 - 17:26 (META) 

Авион на германската авиокомпанија „Џерманвингс“ бил принуден да слета во Венеција бидејќи на еден од патниците и на еден член на екипажот одеднаш им се слошило.

Авионот на летот 03882 од Хановер до Рим бил пренасочен на аеродромот „Марко Поло“ во Венеција, каде на патниците им било кажано да почекаат во чекалницата на терминалот за поаѓања.

Ова се случува за помалку од две седмици откако авион на истата компанија се сруши на француските Алпи, каде загинаа сите 150 патници и членови на екипажот, а осомничен дека намерно го соборил леталото е копилотот Андреас Лубиц.

Италијанскиот весник „Месаџеро“ пренел изјава на Евгениј Бартолини, професор од Рим, кој рекол дека на патниците кои седеле во редот зад него им било потребна помош поради страв од летање и вознемиреност.

„Кога авионот слета, капетанот ни рече преку микрофон дека на еден член од екипажот и на еден патник им се слошило и затоа одлучил да слета на аеродромот „Марко Поло“ во Венеција“, изјавил Бартолини.

Од „Џерманвингс“ демантирале дека станува збор за итна ситуација, но го потврдиле непланираното слетување во Венеција.
„Две лица, патник и член на екипажот, почувствувале гадење и им била потребна медицинска помош“, се наведува во соопштението од компанијата.