!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Си-ен-ен“: Велеc со лажни вести се подготвува за изборите во САД во 2020 година


Велес, 13 септември, 2017 - 16:46 (META) 

„Заспаниот крајречен град во Македонија е дом на десетици веб-страници кои објавуваат лажни приказни направени за да го привлечат вниманието на Американците. Секој клик додава пари на нивните банкарски сметки“, вели „Си-ен-ен“ во опширната приказна за младите велешани кои заработија многу пари, пишувајќи лажни вести во корист на претседателот на САД, Доналд Трамп, кога тој беше претседателски кандидат.

Еден од оние кои имаат ваква страница е 24-годишниот велешанец кој на „Си-ен-ен“ им се преставил како Михаил, а кој објавува политички приказни што често се засноваат на погрешни факти.

– Не ми е гајле што се лажни затоа што луѓето ги читаат. На 22 години заработував повеќе пари отколку што некој во Македонија може да заработи за целиот живот. Мојата главна цел е да подготвам страница каква што имав претходно, за следните претседателски избори во САД во 2020 година – вели Михаил.

Тој тврди дека заработувал 2.500 долари на ден од реклами на неговата веб-страница, додека просечната плата во Македонија е 426 долари.

За разлика од претходната, новата македонска влада, пишува „Си-ен-ен“, е многу критична на новата индустрија што се развива во Велес.

– Ние ќе преземеме иницијатива за глобално координиран напор за справување со лажни вести и, исто така, го охрабруваме нашето граѓанско општество да помогне во спречувањето на овој феномен преку создавање алатки за откривање лажни вести – изјавил портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Но, тие што се занимаваат со лажни вести сè уште имаат барем еден официјален поддржувач – градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев, заклучува „Си-ен-ен“.

– Ако зборуваме реално, секој град сака популарност. Најважно е дека ниеден закон не е прекршен. Во политиката нема морал, нема неморал. Во политиката сè е дозволено – вели Чадиев.


Ристовски: Кривичната пријава против Чадиев е монтиран случај во сталинистички стил


Скопје, 11 септември, 2017 - 16:49 (META) 

Фатени на дело дека прават изборни злоупотреби и соочени со својот страв од сериозен пораз кој им следува на локалните избори, денеска од полицијата на СДС беше поднесена кривична пријава против уште еден наш кандидат за градоначалник, против Славчо Чадиев од Велес, и тоа неаргументирано, без докази, без факти, единствено во функција да се оцрни нашиот кандидат за градоначалник и да се фаворизира нивниот кандидат, изјави денеска Спиро Ристовски, претседател на републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ.

– Чадиев е гонет затоа што поставил точка на дневен ред на Совет на Општина Велес во 2012 година. Беспредметна кривична пријава, за ставена точка на дневен ред, исто како и беспредметните кривични пријави за уште двајца наши градоначалници од кои на едниот му беше поднесена за неосигураноста од шарањето на Општината од страна на платениците на СДС, а на другиот врз основа на сменета изјава на еден поединец кој работи за СДС. Монтирани случаи во класичен сталинистички стил. Поголем доказ од ова дека СДС ја користи полицијата за партиски цели и во функција на нивната кампања – нема. Тие ја користат полицијата да поднесуваат вакви банални кривични пријави за граѓаните да мислат дека нашите кандидати нешто лошо направиле, да бидат оцрнети и да им биде пресудено без суд. Тие ја користат полицијата и да одвратат други наши кандидати од локалните избори. Се закануваат, притискаат, прават монтирани случаи, пласираат груби лаги и конструкции – изјави Ристовски.

Ристовски им порача на полицајците да не влегуваат во замки и во игри и рече дека нарачателите на политичкиот прогон кои седат во владата нема да избегаат од одговорноста и од правдата.


Кривична пријава за велешкиот градоначалник Чадиев поради одморалиште во Горно Врановци


Велес, 11 септември, 2017 - 15:08 (META) 

СВР Велес поднесе кривична пријава против актуелниот градоначалник на општина Велес, Славчо Чадиев, поради постапка што ја направил како претседавач на Советот на Општина Велес во 2012 година. СВР го товари за прекршување на деловникот на Општината, во врска со предавањето на синдикалното одморалиште од Општина Велес на Општина Чашка.

Според соопштението од Секторот за внатрешни работи – Велес, С.Ч. (58) од  Велес се товари за злоупотреба на службена положба и овластување, бидејќи на 62. седница на Советот на Општина Велес одржана на 11 јули 2012 година, претходно симнатата точка 6 од дневниот ред, за пренесување на правото на сопственост на недвижен имот од Општина Велес на Општина Чашка, побарал по итна постапка повторно да биде вратена на дневниот ред, по што таа бил изгласана. Тоа го направил со прекршување на член 61, став 4 од деловникот за работа на Советот.

Општина Велес била сопственик на Синдикалното одморалиште во селото Горно Врановци кое било градено со средства на поранешните претпријатија што работеле на подрачјето на општина Велес, а во 2004 година било преземено до Комисијата за приватизација на Република Македонија и доделено на стопанисување на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија. По судска постапка помеѓу Општина Велес и претпријатието, одморалиштетото на 15 јуни 2012 година било вратено на Општина Велес.

По само една недела од одлуката, Општина Чашка до Општина Велес поднела барање одморалиштето да се пренесе на неа, и Чадиев го ставил барањето на дневниот ред на 62. седница на Советот, по што со гласање било симнато од дневниот ред.

Потоа, како што вели СВР Велес, Чадиев веднаш предложил по итна постапка барањето да се постави на дневен ред како нова точка, иако од членови на Советот му било укажано дека е тоа спротивна на деловникот. Потоа барањето било изгласано, а по стекнувањето сопственост, Општина Чашка веднаш го огласила за продажба.


ВМРО-ДПМНЕ ги објави имињата на неколку кандидати за градоначалници


Скопје, 16 август, 2017 - 16:47 (META) 

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски информираше дека ИК на ВМРО-ДПМНЕ донел одлука да му ги предложи на Централниот комитет, кандидатите за градоначалници за општините Струмица, Петровец, Велес, Кривогаштани и за Куманово.

Тој додаде дека „ВМРО-ДПМНЕ е во полна кондиција, заокружувајќи ги своите подготовки за нова голема изборна победа на локалните избори.“

– За Струмица, кандидат за градоначалник е Марјан Бајрактаров, орален хирург, почитуван сограѓанин на струмичани, долгогодишен партиски активист, претседател на Општинскиот комитет и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. За Петровец, кандидат е актуелниот градоначалник Борче Митевски, за Велес, кандидат е актуелниот градоначалник Славчо Чадиев, за Кривогаштани, кандидат е актуелниот градоначалник Тони Заткоски, за Куманово, кандидат е пратеникот и поранешен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Ѓорѓиевски – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека „за локалните избори ВМРО-ДПМНЕ подготвува програми за општините кои се темелат на реалните потреби на граѓаните и има за цел подобрување на нивното секојдневие, инфраструктурата и стандардите на живот.“