Почна 39-то Скопско лето


Скопје, 22 јуни, 2018 - 11:36 (META) 

Со  концертот на  групата  „Дадо Дганит“ од Израел во зградата на Македонска филхармонија, вчеравечер свечено беше отворено 39. издание на  фестивалот „Скопско лето“, кој традиционално почнува на 21 јуни – Светскиот ден на музиката, но и најдолгиот ден од годината.

На свеченото отворање на овој фестивал, присуствуваше и градоначалникот Шилегов, кој официјално го прогласи за отворен.

Во своето обраќање Шилегов нагласи дека овој фестивал се издвојува од другите заради тоа што ја вади уметноста надвор од стандардните простори, на необични локации како Марков Манастир, Старата скопска чаршија, Калето, старите скопски  маала, каде што организаторите нудат извонредно богата понуда за љубителите на културниот туризам.

Скопско лето веќе 39 години на нашиот град, во летниот период, му нуди забава со низа домашни и странски, премиерни и специјални проекти и гостувања, музички, филмски, театарски, ликовни и други естетски доживувања како на скопските сцени, така  и на отворените простори.

Програмата на фестивалот може да ја видите тука.


Отворена културната манифестација „Скопско лето 2017“


Скопје, 22 јуни, 2017 - 10:34 (META) 

Меѓународната културна манифестација „Скопско лето“ беше отворена синоќа со настапот на Омер Фарук Текбилек во Македонската опера и балет.

– И оваа година, програмите ќе се реализираат на 18 локации и простори во Скопје, во театри, ликовни галерии, музеи, Старата скопска чаршија, Сули-ан, централното градско подрачје и на други места, кои во квечерините на летото се претвораат во летни сцени – изјави градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на отворањето на манифестацијата.

Манифестацијата ќе трае 40 дена, ќе учествуваат 900 учесници во 52 програмски термини, исполнети со концерти на класична, народна и на џез-музика, драмски, балетски и оперски претстави, изложби и филмски проекции, специјални проекти и премиери, содржини презентирани од домашни и од изведувачи од 16 држави во светот.