Наскоро почнува изградбата на мини-град на местото на Скопски Саем


Скопје, 16 април, 2018 - 11:36 (META) 

Еден од најбогатите бизнисмени од Албанија, Самир Мане, вчера во емисија на албанската телевизија „Клан“, најави дека следниот месец ќе започне изградбата на инвестициски комплекс на местото на стариот Скопски саем, вреден 300 милиони евра.

Тоа значи дека наскоро ќе почне уривањето на халите во кои 45 години се одржуваа најголемите саемски манифестации во Македонија.

Големиот комплекс со станбени и деловни згради ќе се протега на површина од 155.000 метри квадратни, соопшти компанијата „Скопје Ист гејт“ минатата есен, чиј мнозински акционер „Балфин груп“ го изгради трговскиот центар Скопје Сити Мол.

„Балфин груп“ неодамна го откупи имотот на банкротираниот Скопски саем од банките доверители за 21 милион евра.

Скопски саем е изграден во 1972 година, како дело на четворица врвни домашни архитекти Димитар Димитров, Живко Гeлевски, Благој Мицевски и Славко Ѓуриќ. Се протега на плац од 25.000 квадратни метри, од кои 16.000 се затворен простор во шест саемски хали.


По четирите големи, во Скопје ќе се гради уште еден гигантски трговски центар


Скопје, 25 октомври, 2017 - 16:09 (META) 

Додека класичните трговски центри „Веро центар“, „Рамстор мол“, „Сити мол“, „Капитол мол“ и „Зебра“ работат со речиси пополнет капацитет, односно има многу малку локали и отворени простори што не работат, речиси сите други големи и помали трговски центри во Скопје работат со одвај половина капацитет. Сликата што се добива кога ќе прошетате на сите нивоа на ГТЦ, во трговските центри „Лептокарија“, „Бисер“, „Буњаковец“, „Беверли хилс“, „Порта Влае“, „Козле“, „Олимпико“ и многу помали на целата територија на Скопје, е дека од вкупниот простор за издавање, во функција се само 30 до 40 отсто.

Во такви околности со трговските објекти во главниот град, силно внимание предизвика објавата на албанската компанија „Балфин груп“, која го изгради и до пред една година стопанисуваше со „Сити мол“, а потоа го продаде на британска компанија, дека планира да гради нов трговски центар, преку својата фирма – ќерка „Скопје ист гејт“. Тој би се градел кај Скопски саем, во рамките на голем деловно-станбен комплекс со вкупна површина од 250.000 квадратни метри.

Во соопштението за јавноста објавено на веб-страницата на компанијата се вели дека новиот трговски центар би имал 45.000 квадратни метри бруто-површина за издавање на две нивоа, со што ќе биде поголем дури и од сега најголемиот – „Сити Мол“, кој има 39.000 квадратни метри бруто-простор за издавање, односно вкупно 90.000 квадрати. ГТЦ има вкупен простор од 114.000 квадратни метри, а „Веро центар“ – 40.000 квадратни метри.

„Балфин груп“ во соопштението за јавноста вели дека сепак има разумна основа за градење уште еден трговски центар.

„Земајќи го предвид успехот на „Сити мол“ и силната желба на трговците да се прошират во Македонија, беше решено дека уште еден трговски центар во Македонија претставува разумна инвестиција. Финансирањето на ваков голем и значаен проект ќе го обезбедат акционерите на „Скопје ист гејт“ во соработка со локални и со странски финансиски институции“, се вели во соопштението.

Трговскиот центар што „Балфин груп“ го планира, покрај просторот за издавање, би имал и подземно паркиралиште со 2.500 места за возила. Би требало да почне да се гради следната година. Компанијата се изјасни дека проектот е разумен. За да се види дали е така и дали ќе успее да ги помати сметките на постојните трговски центри, ќе треба да се почека да се изгради, а потоа и да профункционира.


Поранешниот газда на „Сити мол“ ќе гради огромен комплекс кај Скопски саем


Скопје, 24 октомври, 2017 - 16:31 (META) 

Корпорацијата од Албанија, „Балфин груп“, која беше сопственик на „Сити мол“, објави дека купила 155.000 квадратни метри земјиште на раскрсницата на улицата Беласица и булеварот Александар Македонски, каде што се наоѓа Скопски саем. Станува збор за почетна инвестиција од 180 милиони евра, а во следните 5 до 7 години таа би пораснала до 300 милиони евра, со изградбата на гигантски трговски центар и станбени и деловни згради. Тоа, според албанската корпорација, ќе биде најголемата приватна инвестиција од тој тип во историјата на Македонија, а ќе отвори неколку илјади нови работни места.

Според информации од некои фирми кои користеле деловни простории под наем во објектите на Скопски саем, а кои сега се иселуваат, многу веројатно е дека „Балфин груп“ ја купила и парцелата на Скопски саем, чиј сопственик летово стана бугарската фирма „Кардфинанс“ ДООЕЛ, купувајќи го од НЛБ и од Комерцијална банка. Банките го презедоа Скопски саем поради неплатени долгови на претходниот сопственик, словенечката компанија ЕРА.

Според објавата на веб-страницата на „Балфин груп“, на парцела од 250.000 квадратни метри ќе се изгради трговски центар на 45.000 квадратни метри, како и станбени и деловни згради. Инвестицијата се прави преку фирмата – ќерка „Скопје ист гејт риал естејт дивелопмент“.
Трговскиот центар ќе биде на две нивоа, со паркиралиште за 2.500 возила, а станбените згради ќе се градат следните пет години.

На локацијата во 2008 година беа направени првите чекори за изградба на гигантскиот комплекс „ЕРА сити“, но откако беше ископана огромна дупка до хотелот „Континентал“, градежните работи сопреа.


Денеска почнува Саемот на книга


Скопје, 4 април, 2017 - 10:58 (META) 

Саемот на книга почнува денеска и ќе трае до 10 април. Најавено е учество на 80 издавачи, а ќе се продаваат околу 80.000 книги, некои со попуст и до 70 проценти. Саемот се одржува во првата хала во Скопски саем, на површина од 4.000 квадратни метри.

Во Промотивниот центар во втората саемска хала ќе има 60 промоции на нови дела и автори.

Првпат годинава ќе биде претставена и литературата за деца и млади во адаптираното Детско катче каде децата ќе се едуцираат и забавуваат со богати промоции на детски изданија, ќе има креативни работилници и други забавни активности, како и дружење и гостувања на авторите на самите штандови на издавачите.

Саемот ќе биде отворен од 10 до 20 часот, цената на влезницата е 30 денари, односно 20 денари за организирани групни посети.


Саеми на книгата, на образованието и на туристичката понуда од 4 април во Скопје


Скопје, 28 март, 2017 - 11:17 (META) 

Во Скопски саем од 4 до 10 април ќе се одржат 29. Меѓународен саем на книгата, 20. Меѓународен саем за образование и за кариера и „Скопје травел маркет“. Влезниците ќе чинат 30 денари, а халите ќе бидат отворени секој ден од 10 до 20 часот.

Саемот на книгата е една од најзначајните културни манифестации во Македонија, а и годинава, како и претходно, ќе бидат понудени современи и класични литературни дела од домашни и од странски автори, стручна, научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и на уметноста.

На „Денови на образование и на кариера“ ќе се презентираат државните и приватните високообразовни институции, но ќе бидат присутни и странски образовни институции, како и компании кои имаат програми за студирање со стипендии и со кредити, компании кои нудат професионална пракса за студентите, како и компании кои нудат вработување.

На третата саемска манифестација, „Скопје травел маркет“, ќе бидат презентирани понудите на туристичките агенции.