!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

На Скопскиот филмски фестивал, денеска работилница за анимиран филм


Скопје, 27 април, 2017 - 11:39 (META) 

Во рамките на годинешната програма на Скопскиот филмски фестивал, денеска Берин Тузлиќ, уметник од Сараево, ќе одржи работилница за анимиран филм. Работилницата ќе се одвива во Кинотека на Македонија, со почеток во 12 часот.

Берин Тузлиќ е мултимедијален уметник од Сараево, доцент по цртана анимација. Добитник е на многубројни награди од областа на краткиот анимиран арт-филм, изработка на реклами и на стрипови.

Јубилејното 20. издание на Скопскиот филмски фестивал завршува утре, со проекции на неколку извонредни филмски остварувања.


Премиери на нови македонски кратки филмови на Скопскиот филмски фестивал


Скопје, 25 април, 2017 - 12:38 (META) 

Во рамките на 20. јубилејно издание на Скопскиот филмски фестивал, утре премиерно ќе бидат прикажани два краткометражни македонски играни филмови: „Ќе дојдат децата“ во режија на Ана Јакимска, со Наташа Петровиќ и со Шенка Колозова во главните улоги, и „Чевли“ во режија на Бранко Костески, со Благој Веселинов, Григор Јовановски, Диме Илиев, Ана Костовска и  со Роберт Ристов во главните улоги.

Премиерите ќе се одржат утревечер, во кино „Фросина“, во 20.30 часот.


На СФФ вечерва ќе зборува продуцентот на Стенли Кјубрик


Скопје, 23 април, 2017 - 14:51 (META) 

Во рамки на 20. издание на Скопскиот филмски фестивал (СФФ), вечерва кратко предавање и разговор со публиката ќе одржи Јан Харлан, извршниот продуцент и познавач на делото на легендарниот режисер Стенли Кјубрик. Разговорот ќе се одржи по проекцијата на филмот „Пеколен портокал“ во киното „Милениум“.

Јан Харлан, кој е шура на Стенли Кјубрик, бил извршен продуцент на филмовите „Пеколен портокал“, „Очи широко затворени“, „Сјајење“, „Бери Линдон“, „Куршуми“ и други на легендарниот режисер. Тој е и извонреден познавач на делото на Кјубрик.

Поводот за гостувањето на Харлан на Скопскиот филмски фестивал е првата македонска ретроспектива на еден од најголемите светски режисери, која се одржува во рамки на фестивалската програма.

На програмата на фестивалот утре се „Лолита“ од 17 часот во киното „Фросина“, каде од 20 часот ќе се прикажува „Заливот Слек“, а од 22 часот – „Најсреќниот ден во животот на Оли Меки“.


Скопски филмски фестивал со 75 филмови за јубилејот


Скопје, 18 април, 2017 - 15:36 (META) 

На свеченото отворање на годинашното, јубилејно, 20. издание на Скопскиот филмски фестивал, задутре во киното „Милениум“ ќе биде прикажан филмот „Реквием за госпоѓа Ј“, а присутни ќе бидат актерката Мирјана Карановиќ и режисерот и сценарист Бојан Вулетиќ.

Годинашното издание содржи повеќе од 75 филмови, работилници и гостувања на реномирани филмски имиња, а во програмата е и првата македонска ретроспектива на Стенли Кјубрик. Првпат ќе се одржи и програмата „Креираме заедно“.

Програмите од 20 до 28 април ќе се одржуваат во кино „Милениум“, Кинотека на Македонија и во кино „Фросина“.

Филмот што ќе го отвори фестивалот беше дел од официјалната програма „Панорама“ на 67. Берлински филмски фестивал. Се работи за соработка на српска, македонска, руска, бугарска и на француска продукција, која ја раскажува приказната за службеничката Јелена, која решава да изрши самоубиство, но сфаќа дека ништо не е едноставно во земјата што постојано оди напред – назад меѓу мака и транзиција.