„Скопје Синема Сити“ на 5 и 6 октомври, Руичи Сакамото горд на наградата


Скопје, 3 октомври, 2018 - 9:44 (META) 

Во пресрет на четвртиот филмски настан кој што „Скопје Синема Сити“ го организира годинава, Руичи Сакамото го изрази своето задоволство за наградата доделена од овој Фестивал за животно дело.

Четвртото есенско издание на „Скопје Синема Сити“ се одржува на 5 и 6 октомври во Кинотека на Македонија. На есенското издание ќе бидат прикажани четири филмови: „ЕКВ – Како да беше некогаш“, „Звуци и тишина: Патешествијата со Манфред Ајхер“, „Приказната за Ланг Ланг: Постигни или умри“ и „Стив Рајш: Соочување со фазата“.

Гости на ова издание на фестивалот ќе бидат режисерот и сценарист на филмот за ЕКВ, Душан Весиќ , кој воедно ќе има и промоција на својата книга за Маргита Стефановиќ „Маги: Како таа да беше некогаш“ и Сандра Ранчиќ, која е и косценарист на филмот и уметнички директор на филмскиот фестивал за музички документарни филмови од Белград „ДокендРитам“. Бидејќи „Скопје Синема Сити“ се приклучи на манифестацијата „Бела ноќ“ иницирана од МКЦ, проекциите на филмовите за Ланг Ланг и Стив Рајш ќе бидат со слободен влез.

Оваа година, „Скопје Синема Сити“ организираше четири филмски настани, на кои вкупно беа прикажани 26 музички документарни филмови и една изложба на џез-фотографии.

На Фестивалот оваа година уметник во фокус беше јапонскиот филмски композитор Руичи Сакамото, со чиј филм „Кода“ на Стивен Номура Шибле беше отворено летното издание и кому фестивалот му врачи и награда за животно дело за „Достигнувања во филмот и музиката.“


Репризното издание на „Скопје синема сити“ во Кинотека на Македонија на 2 и 3 февруари


Скопје, 29 јануари, 2018 - 14:51 (META) 

Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ (Skopje Cinema City), во рамките на т.н зимско издание (Winter Edition) ќе репризира дел од филмовите од претходното, премиерно издание во 2017.

Репризите на проекциите ќе се одржат на 2 и 3 февруари во Кинотека на Македонија. Зимското издание е прв од четирите филмски настани што се планирани да се случат оваа година во различни периоди.

„Скопје синема сити“, преку својата платформа, има за цел да претставува разни музички теми и програми кои истовремено ќе едуцираат и ќе забавуваат.


Филмови за Крафтверк и за Жан Мишел Жар на отворањето на „Скопје синема сити“


Скопје, 2 јуни, 2017 - 13:23 (META) 

Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“, кој ќе се одржи од 15 до 19 јуни во Кинотека на Македонија, за отворањето ги најавува филмовите за пионерите на електронската музика Крафтверк, „Поп Арт“, и „Жан Мишел Жар – Историја на електронската музика“.

Воедно, фестивалот го објавува својот прв промотивен видеозапис како најава за своето отворање.

Едно од главните начела на фестивалот е да го прикаже богатството на музичкиот свет преку популарните документарни филмови. Тоа што ќе се случува во текот на петте фестивалски дена е богатство од добра музика и приказни зад неа. Следната недела ќе биде објавена комплетната програма на фестивалот со сите потребни информации.


„Скопје Синема Сити“ од 15 до 19 јуни во Кинотека на Македонија


Скопје, 24 мај, 2017 - 17:57 (META) 

Од 15 до 19 јуни, во киносалата на Кинотека на Македонија ќе се одржи третото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“ во организација на граѓанското здружение „Номад-Арт“ во соработка на Кинотека на Македонија.

Фестивалот на својата програма ќе има документарни филмови чијашто главна тема ќе биде музиката, без оглед на жанрот или годината на продукција, со цел да создаде едно богато музичко искуство и патешествие. Една од целите на фестивалот е да го прикаже богатството на денешниот музички свет, изразен преку музичките документарци.

Оваа година Фестивалот му оддава почест на германскиот бенд Крафтверк, пионерите на електронската музика, со чијшто документарен филм „Поп Арт“ на режисерите Ханс Росашер и Симон Витер ќе се отвори „Скопје Синема Сити“.

За време на фестивалот ќе бидат прикажани музички филмови од светот на џез, поп, рок, електронската и класичната музика.


„Скопје синема сити – Загревање“ на 3 и 4 февруари во Кинотека на Македонија


Скопје, 25 јануари, 2017 - 15:41 (META) 

На 3 и на 4 февруари во Кинотека на Македонија ќе се одржи „Скопје синема сити – Загревање“, настан на кој ќе биде прикажан избор на филмови од второто издание на филмскиот фестивал „Скопје синема сити“, што се одржа во октомври 2016 година.

„Загревање“ е настан во рамките на којшто фестивалот, веќе традиционално во февруари, репризира избор од филмовите од претходното издание.

„Скопје синема сити“, пак, е фестивал за музички документарни филмови, на кој се прикажуваат бројни филмови од различни продукции, вклучувајќи ја и домашната.

Со почеток во 20 часот, во Кинотека на Македонија, на 3 февруари, посетителите ќе имаат можност да ги проследат филмовите: „Роберт Плант: Јас самиот“ и „Леонард Коен: Јас сум тој“, додека на 4 февруари од 20 часот, ќе бидат прикажани филмовите „Пинк флојд: А кој од вас е Пинк?“ и „Фактори Рекордс: Од Џој дивижн до Хепи мандејс“, но ќе се случи и премиерно прикажување на краткиот филм за Љубојна, „Радио Љубојна“.


Вечерва почнува „Скопје синема сити 2015“


Скопје, 1 јули, 2015 - 13:08 (META) 

Првото издание на Фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ почнува вечерва во Сули-ан во Старата скопска чаршија, во 20 часот.

Фестивалот ќе биде свечено отворен со ексклузивна изложба на фотографии од Дејвид Боуви. Изложбата, поддржана од Министерството за култура на РМ, ќе презентира селекција на концертни фотографии, почнувајќи од турнејата на Боуви од 1983 насловена „Serious Moonlight“, преку „Tin Machine“, па сè до последните турнеи од 2002 и од 2006, пред неговото повлекување од сцената.

За време на отворањето, ќе бидат прикажани два филма посветени на Дејвид Боуви, „Стариот актер“ на Алан Јентоб и „Берлин – патешествие инспирирано од Дејвид Боуви“ на Вили Асгиерсон.

– Она што нè радува е дека сонот ни стана реалност. Ја имаме комплетната поддршка на Дејвид Боуви, кој го најави „Скопје синема сити“ на неговата веб-страница (www.davidbowie.com), како и на неговата официјална фејсбук-страница. Брајан Рашиќ пристигна во Сули-ан, а изложбата за Боуви е веќе поставена – рече уметничкиот директор на фестивалот, Ненад Георгиевски.

Првата фестивалска вечер ќе биде заокружена со концертен настап на култната панк-рокерска група „Културно-уметнички работници“, во кафе-бар „Менада“, со почеток од 22 часот.