По признанието од Џирардели, свикан нов протест за заштита на Пирин


Софија, 19 декември, 2018 - 16:37 (META) 

По признанието на Марк Џирардели, петкратниот светски шампион во алпско скијање, дека веќе две години е мнозински сопственик на компанијата „Јулен“, концесионерот на зимскиот центар „Банско“ во Бугарија, бугарските екологисти свикаа нов протест за заштита на националниот парк „Пирин“, јави бугарскиот новински сајт „Медиапул“. Причината е што „Јулен“ бара проширување на скијачкиот центар и изградба на уште еден ски лифт, што би се направило на сегашна територија на националниот парк.

Протестот под слоганот „Не не лизгајте за Пирин“ ќе се одржи пред бугарската влада по Божик, кој во Бугарија се одбележува на 25 декември, односно во вторник. Организатор е коалицијата „За да остане природа во Бугарија“.

„Дојдете на 27 декември пред најголемото лизгалиште во Бугарија – зградата на бугарската влада. Ќе се обидат да го сменат договорот за концесија во полза на нарушувачот. Ние единствено настојуваме да се почитуваат законите во Бугарија и да не се дозволува градење во Националниот парк „Пирин“. По доказите за прекршувања, договорот за концесијата треба да биде раскинат, а не изменет во полза на нарушителот“, се вели во повикот, со кој се повикуваат заинтересираните да дојдат со скии, штеки, сноуборди, дерези, санки…

Протестот ќе се одржи речиси на една година од 28 декември 2017 година, кога бугарската влада даде зелено светло за брза изградба на втора жичница во Банско, откако на својата последна седница минатата година ги одобри промените на планот за управување со националниот парк „Пирин“. Тоа беше проследено со големи протести на „зелените“.

Но измената на концесискиот договор со компанијата „Јулен“, која требаше да се прави паралелно со корекцијата на планот за Пирин беше одложена за 2018 година, за да биде во склад со новиот закон за концесиите, кој стапи на сила на 5 јануари годинава.

Во меѓувреме екологистите вложија жалба за промената на планот за управување на „Пирин“, поради тоа што немало еколошка оценка за влијанието на измените. Трочлен состав на Врховниот административен суд го поткрепи барањето, но потоа петочлен совет на истиот суд го врати случајот на повторно разгледување.

Првите чекори за измена на концесијата се случија во ноември годинава, кога главниот обвинител Сотир Цацаров се закани на министерството за животна средина и на владата со кривична постапка бидејќи не презеле ништо за измена на концесискиот договор.

Интересно е што бугарските екологисти цела година прашуваа кој е сопственикот на „Јулен“, компанијата концесионер на скијачкиот центар „Банско“, но одговор немаше сè до понеделникот, кога поранешниот светски шампион во скијање Џирардели, призна дека тоа  е тој. Интересно е и што претходно обвинителот Цацаров почна постапка за утврдување на сопственикот, а потоа изјави дека тој е познат – но му го заборавил името!


Скијачот Џирардели сопственикот на „Банско“ – не се откажува од плановите за проширување


Софија, 19 декември, 2018 - 12:18 (META) 

Марк Џирардели, петкратниот светски шампион во алпско скијање, веќе две години е мнозински сопственик на компанијата „Јулен“, концесионерот на зимскиот центар „Банско“ во Бугарија, кое е омилена зимска дестинација на голем број Македонци. Вели дека не се откажува од плановите за проширување на зимскиот центар, поради кои многу се протестираше во Бугарија и низ светот на крајот на минатата година и на почетокот на оваа.

„Јулен“ ја поседува инфраструктурата на скијачкиот центар. Џирардели сè досега криеше дека е мнозински сопственик на оваа компанија, иако веќе четири години добива хонорари како советник во бугарското министерство за туризам.

Како што пишуваат бугарските медиуми, информацијата дека е мнозински сопственик на „Јулен“ ја објавил самиот Џирардели во понеделникот, велејќи дека има контролен удел. Џирардели од 2014 година е советник за зимски туризам на бугарскиот министер за туризам, а доминантен сопственик на „Банско“ станал во 2016 година. Сепак, и покрај бројните протести, тој во тајност ја чувал информацијата дека купил мнозински удел во компанијата откако станал советник на министер. Фирмата преку која ја направил купопродажбата – „Такс Сервисис Лимитид“ е регистрирана на Девствените Острови, еден од светските даночни раеви.

Џирардели, роден во Австрија, се натпреваруваше под знамето на Луксембург, а сега живее во Швајцарија, не открива од кого го купил мнозинскиот удел во оваа компанија и вели дека потпишал изјава за доверливост. Вели само дека претходниот сопственик бил некој фонд. На министерката за туризам Николина Ангелкова, министерот за животна средина Нено Димов и на министерот за економија Емил Караниколов, во понеделникот Џирардели им ги презентирал документите што потврдуваат дека е мнозински сопственик на „Јулен“. Според Димов, се разговарало и за можноста за измена на концесијата и за проширување на зимскиот центар

– Да, точно е дека сум сопственик на „Јулен“, а не сум го кажал тоа оти никој не ме прашал. Во 2016 година се стекнав со мнозински удел. Процедурата за купување на „Јулен“ траеше подолго време, но зделката почна многу рано. Во 2012 година помислив дека би било прекрасна можност да инвестирам во таа фирма, но целото проучување, вклучително и на концесијата, го правевме неколку години – рече Џирардели.

Бугарската влада на крајот на минатата година донесе закон со кој се дозволува проширување на зимскиот центар „Банско“ за сметка на националниот парк „Пирин“, што предизвика многу протести во Бугарија и низ светот.

Во саботата, два дена пред да објави дека е сопственик на „Јулен“, 55- годишниот Џирардели побара итна средба со премиерот Бојко Борисов и надлежните министри и порача дека е крајно време да почне да се прави втора жичница, против што протестираа екологистите. Прашањето официјално било покренато на експресно закажаната средба со тројцата министри во понеделникот.


Спасени шестмина загубени скијачи на Попова Шапка


Тетово, 11 февруари, 2018 - 22:21 (META) 

Пронајдени и спасени вечерва околу 21 часот биле шестмина скијачи кои денеска се изгубија на Попова Шапка.

Околу 17. 30 часот  во Полициското одделение Попова Шапка дошол 30-годишниот Ф.Р од тетовското село Лисец. заедно со косовскиот државјанин М.З. и пријавиле дека двајца косовски и четворица македонски државјани околу 14.30 часот со жичница се искачиле на „Церипашина“ и потоа се спуштиле по патеката Јелак. Но, поради густата магла залутале и се изгубиле во непознат шумски предел, некаде два километри северно од месноста „Шипковачки бачила“, над селото Вешала.

Веднаш е организирана потрага по шестмината скијачи и околу 21 часот сите се пронајдени живи и здрави во месноста „Студорек“ , во близина на „Шипковачки бачила“, и со ратрак веќе се спуштаат кон Полициското одделение Попова Шапка.


Скијач на Попова Шапка загубил контрола и удрил вo ски-лифт


Тетово, 30 јануари, 2017 - 14:51 (META) 

Скијач од тетовска Шипковица, завчера, околу 13 часот, добил тешки повреди на патеката Бабин извор на Попова Шапка. Префрлајќи се од една на друга патека, тој загубил контрола и удрил во пластична ограда поставена во близина на еден од неисправните ски-лифтови, при што ја пробил и завршил во челичните сајли на лифтот.

Поради сериозните повреди, пренесен е во тетовската клиничка болница, по што итно бил префрлен на скопските клиники. Укажана му е помош и пуштен е на домашно лекување.

Полицискиот билтен викендов бележи и пожар кој избувнал во подрумски простории во зграда во населбата Блок 82 во Тетово. Опожарени биле електричен шпорет, дрвени врати, неколку телевизори, видеорекордер, мотоцикл и велосипеди. Покрај тоа, оштетени се дрвените врати од уште пет други соседни подруми, како и дел од електричната инсталација.

Со интервенција на тетовските пожарникари, пожарот целосно е локализиран, а вкупната материјална штета се проценува на 90.000 денари. По извршениот увид вчера, се утврдува причината за пожарот и другите детали. Првично, најверојатна причина е оџакот кој поминувал низ подрумската просторија.


Нов ски-лифт за деца на ски-терените на Нижеполе


Битола, 16 декември, 2014 - 10:36 (META) 

Ски-терените во Нижеполе се подготвени за новата зимска туристичка сезона. ЈП „Стрежево“ кое стопанисува со ски-терените и со ски-лифтовите во Нижеполе, најави дека веќе се преземени активности за подобрување на условите за скијање. Она што е новина годинава е новиот ски-лифт за деца и нов ратрак или тапкач на снег.

– Обезбедивме еден нов ски-лифт кој ќе биде наменет за децата и за почетниците. Извршивме одредено проширување на ски-патеките, а го зголемивме и капацитетот. Обезбедивме и нов тапкач на снег, за квалитетна припрема на ски-патеките. Исто така, по подолго време добивме и дозвола за работа на ресторанот, ќе можеме да понудиме угостителски услуги – најави директорот на ЈП „Стрежево“, Марјан Ѓероски.

ЈП „Стрежево“ најави и проширување на ски-патеките до месноста Орлови бари на Баба Планина. Ќе се изработи студија за исплатливост, за што веќе биле обезбедени средства од буџетот на претпријатието за 2015 година.

– Подготвуваме една објава за студија за исплатливост, тоа е прв чекор за проширување на центарот Нижеполе. Се надевам дека студијата ќе покаже економска исплатливост во тој крај. Во нашиот буџет за 2015 година обезбедивме шест милиони денари за таа намена. Но, нема да се потпираме само на таа сума, туку ќе најдеме средства за да вложиме во неа – вели Ѓеровски.

И многу поодамна јавноста имаше информации дека за ски-терени до Орлови бари има изработено студии од разни странски експерти. Најекспонирана беше таа изработена од Словенците. Плановите за светски ски-центар над Нижеполе беа и во многу предизборни ветувања на политичари и на партии во Битола, но засега никој не ја реализирал таа идеја.

А.Б.