Нобеловата награда за книжевност годинава нема да биде доделена


Стокхолм, 4 мај, 2018 - 10:20 (META) 

Шведската академија годинава нема да ја додели Нобеловата награда за книжевност, соопштија од Нобеловата фондација.

Работата на Шведската академија е во криза поради начинот на кој го решила случајот против сопругот на една од членките, која во меѓувреме дала отказ, по што истото го направиле и првиот човек на Академијата и уште четири членови.

Жан-Клод Арно, сопругот на поетот Катарина Фростенсон, е обвинет за сексуалено вознемирување на 18 жени.

Поради истрагите за обвинувањата и неможноста да се справи со овој случај, Академијата донела одлука да го одложи доделувањето на оваа награда.Од Академијата соопштија дека годинешниот добитник ќе биде прогласен заедно со добитникот за 2019 година.

Ова е најголем скандал кој ја погоди Нобеловата фондација од кога наградата е востановена од 1901 година.

Освен во периодот од шест години за време на светските војни, само во 1935 година се случило наградата да не биде доделена бидејќи немало соодветен кандидат кој ги задоволувал критериумите.


Скандалозната „Кембриџ аналитика“ прогласи банкрот


Лондон, 3 мај, 2018 - 10:36 (META) 

Британската интернет-аналитичка компанија „Кембриџ аналитика“, којашто се најде во центарот на скандалот поради злоупотребата на личните податоци на над 80 милиони корисници на „Фејсбук“ во политички кампањи, соопшти дека прогласува банкрот.

„Кембриџ аналитика“ има седиште во Велика Британија, а синоќа челниците на компанијата им соопштиле на вработените да ги вратат своите картички и компјутерите, затоа што компанијата престанува со работа.

Првите луѓе на компанијата за британските медиуми изјавиле дека после скандалот кој што изби околу „Фејсбук“, „Кембриџ аналитика“ ги загубила сите големи клиенти, по што компанијата морала да прогласи банкрот.

Портпаролката на компанијата, Кларенс Мичел за „Би-би-си“ изјавила дека таа компанија во последните месеци била на мета на бројни неосновани обвинувања и покрај сите обиди да ги исправи работите. Според Мичел, активностите на „Кембриџ аналитика“ не само што не биле илегални, туку тие биле широко распространети во онлајн огласувањето како и во политичките активности.


На Балканот завршило белгиско месо старо 12 години


Скопје, 15 март, 2018 - 16:21 (META) 

Месарска компанија од Белгија ја загуби дозволата за работа, откако властите открија дека се фалсификувале податоците за рокот на траење на месо и месни производи, а во нив се ставале делови од животински тела кои воопшто не се дозволени за човечка консумација. Месото се извезувало и во Југоисточна Европа.

„Мета“ испрати прашања до македонската Агенција за храна и ветеринарство дали во Македонија се увезувани месо и месни преработки од „Вевиба“, но не добивме одговор.

Според Системот за итно предупредување на ЕУ за безбедност на храна, големите трговски синџири во Белгија, Холандија, Луксембург и Велика Британија го отстраниле месото на фирмата „Вевиба“ од своите објекти.

Од кланицата во Бастоњ, инспекторите зеле 200 примероци од 2.000 палети со месни производи кои биле подготвени за транспорт и утврдиле неправилности кај дури 133 од примероците. Имало и „кланички отпад“, кој се дозволува за ставање во храна за животни, но не и за човечка употреба.

Според медиумите, скандалот е уште поголем поради тоа што месо кое уште во 2004 година било обработувано во кланицата на фирмата „Вевиба“, било извезено на Косово 12 години подоцна.


И ние и Србија повлековме по еден дипломат и ја решивме кризата во односите, рече Заев


Белград, 21 ноември, 2017 - 15:16 (META) 

Дипломатската криза меѓу Македонија и Србија ја решивме на пријателски начин: Србија го врати својот човек, ние го вративме нашиот човек, изјави премиерот Зоран Заев по средбата со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека не само што Србија го повлекла разузнавачот Горан Живаљевиќ од амбасадата, туку и Македонија повлекла свој човек од амбасадата во Белград.

– На многу пријателски, дипломатски начин најдовме решение за тоа што се случи во Македонија, поврзано со човекот вработен во српската амбасада во Македонија. Направивме билатерален договор: Србија го врати својот човек, ние го вративме нашиот човек. Така прават пријателите. Претседателот Вучиќ и јас имавме разговор тогаш, директно го дефиниравме тоа што се случуваше со амбасадата и најдовме решение какво што им доликува на пријатели – рече Заев.

Тој додаде дека меѓу двете влади, а и на повисоко претседателско ниво било договорено за секое прашање, болно или позитивно, двете страни телефонски да разговараат и да се договорат.

Скандалот изби откако беше објавено дека српскиот разузнавач, Горан Живаљевиќ, бил затекнат во Собранието за време на крвавиот упад на 27 април.

Потоа српската амбасада ги повлече амбасадорката и персоналот од Скопје на консултации во Белград, но по четири дена тие се вратија.


ВМРО-ДПМНЕ: Вучиќ не ја кажува вистината, проверивме


Скопје, 23 август, 2017 - 16:15 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение за јавноста ги демантира тврдењата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека некоја македонска институција му дала согласност на српскиот дипломатски претставник Горан Живаљевиќ да влезе во парламентот на Република Македонија за време на инцидентот.

„ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид дека сега е во опозиција, во текот на денешниот ден во рамките на своите можности вршеше проверки и утврди дека ниту МНР, ниту владата, ниту парламентот, ниту МВР или Агенцијата за разузнавање не добиле такво барање, ниту издале таква согласност и одобрение“, велат од опозициската партија.

Вучиќ во интервју за српската државна телевизија „РТС“ вчера изјави дека Живалевиќ за да влезе во Собранието го прашал нависокиот преставник на извршната власт во Македонија.

– Па тој Живаљевиќ не отишол на своја рака. Не ме прашал мене, ниту кого било во нашата земја, иако нам треба да ни полага сметки. Тој го прашал највисокиот претставник на извршната власт на Македонија, директно го прашал: „Јас сакам да бидам таму. Дали имате нешто против?“. Тие беа целосно запознаени со неговото присуство – изјави Вучиќ.

ВМРО-ДПМНЕ ја повика владата да провери дали такво нешто имало, и доколку имало да го објави документот со кој некоја институција издала такво одобрение. Од партијата велат дека доколку не се прикаже таков документ во наредните ден два, ќе констатираат дека дефинитивно такво нешто не е издадено.

Во врска со дипломатскиот скандал, ВМРО-ДПМНЕ изрази надеж дека македонската и српската влада ќе ги расчистат сите детали и дека ќе ја информираат јавноста.

„Чекорите кои ги превзема Република Србија, степенот на кој се превземаа мерки од нивна страна, како и изјавите на српските политичари не кореспондираат со изјавите на македонските претставници, што укажува дека постојат детали за кои јавноста не е запознаена“, додаваат од партијата.


Иницијатива за бесплатно сместување за обожавателите што ќе дојдат за Суперкупот


Скопје, 25 јули, 2017 - 10:26 (META) 

Поради огромниот пораст на цените за сместување во хотелите во Скопје и кај некои станоиздавачи поради претстојниот Суперкуп на УЕФА, неколку млади луѓе почнаа акција да го обелат образот на Скопје пред фудбалските обожаватели. Со нивниот проект „Суперкуп Скопје“ SuperCupSkopje, членовите на заедницата WeTalkIT ги поврзуваат фудбалските обожаватели на кои им треба сместување со луѓе од Македонија кои имаат желба да им понудат бесплатен престој.

Целта на овој проект е што поголем број граѓани да бидат домаќини на еден или двајца гости во својот дом, за да им овозможат место за преноќување на обожавателите кои ќе дојдат да го следат натпреварот помеѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

За да му овозможите сместување на некој од обожавателите, сè што треба да направите е да се логирате на специјалната веб-страница и да наведете каков тип сместување може да понудите. Гостите заинтересирани за сместувањето преку е-маил директно ги контактираат оние тие што објавиле сместување, а домаќинот потоа самиот одлучува кој гостин или гости сака бесплатно да ги прими во својот дом.


ЛП: Иванов со скандалот со Хан се покажа како крајно неспособен за функцијата што ја врши


Скопје, 22 март, 2017 - 13:27 (META) 

Либералната партија го осудува скандалот што го направи Ѓорге Иванов, поврзан со посетата на еврокомесарот Јоханес Хан и на тројцата европратенции, со што, како што велат од партијата, се покажал како крајно неспособен за функцијата што ја врши и за тоа треба да поднесе одговорност.

Претседателот Иванов вчера ја откажа средбата со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Хан, и со европратениците Едвард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн, поради работната посета на Унгарија и својот термин им го препушти на членовите на иницијативата „За заедничка Македонија“, кои бараа средба со Хан.

„Либералната партија смета дека најдобар резултат од посетата на функционерите од Брисел е утврдената можност во решавањето на кризата голема улога да има одлуката на Европската Унија за почеток на преговорите за полноправно членство на Македонија во ЕУ и отворањето на поглавјата 23 и 24, во првите сто дена од формирањето на владата на парламентарното мнозинство на чело со СДСМ за која се собрани 67 потписи“, стои во соопштението на Либералната партија.


Францускиот министер за внатрешни работи си поднесе оставка


Париз, 21 март, 2017 - 19:46 (META) 

Францускиот министер за внатрешни работи, Бруно ле Ру, си поднесе оставка поради скандалот со привремените вработувања на неговите ќерки во собранието на земјата, за што се води и истрага, јавуваат светските агенции.

Бруно ле Ру својата одлука ја соопшти денеска. Тој изјавил дека не сторил ништо погрешно со вработувањето на своите ќерки, но навел дека поднесува оставка од почитување кон владата и за да му овозможи на министерството за внатрешни работи на Франција да се бори против тероризмот и другите безбедносни закани.

Ле Ру тврди дека договорите за вработување биле „во склад со правилата на Народното собрание“ и „дека сите работи биле извршени ефективно“.

Оставката на Бруно ле Ру следува еден ден по телевизискиот извештај за 24 привремени ангажирања на неговите ќерки во парламентот. Пред два месеци, слична истрага, заради вработувања, сериозно ѝ наштети на предизборната кампања на кандидатот за претседател на конзервативците, Франсоа Филон.


Отштета од 60 милиони евра за жени со дефектни импланти за дојки


Тулон, 24 јануари, 2017 - 13:54 (META) 

Француски суд пресуди дека германскиот контролор на безбедноста „ТУВ Рајнланд груп“ (TÜV Rheinland Group) ќе мора да плати вкупно 60 милиони евра отштета на 20.000 жени кои добиле дефектни импланти за дојки што биле одобрени за употреба од оваа група. „ТУВ Рајнланд“ ќе мора да исплати по 3.000 евра со клаузула за враќање, на секоја од тужителките поради тоа што оценил дека имплантите произведени од француската фирма „Поли имплант протес“ (Poly Implant Prothese) ги задоволуваат безбедносните стандарди.

Скандалот избувна во 2011 година, една година откако докторите забележале многу висок процент на пукање на имплантите. Се верува дека овие импланти се внесени во дојките на околу 300.000 жени во 65 земји, главно во Латинска Америка. Во истрагите по избувнувањето на скандалот се откри дека имплантите содржат силикон за индустриска употреба, со пониски стандарди, наместо многу поскапиот силикон за медицинска употреба.

– Целосната сума ќе биде утврдена по проценка, но засега „ТУВ Рајнланд“ ќе мора да исплати условно по 3.000 евра на секоја жена – рече адвокатот Лорен Годон, кој застапува 7.000 жени. Вториот адвокат, кој застапува 13.000 жени, го пофали Деловниот суд во јужниот француски град Тулон за донесената пресуда. Адвокатот на „ТУВ Рајнланд“ најави жалба на пресудата.

Судот во Тулон во 2013 година пресуди дека „ТУВ Рајнланд“ мора да исплати 53 милиони евра на шест странски дистрибутери на имплантите, како и на 1.600 жени. Но Апелациски суд подоцна ја поништи пресудата тврдејќи дека „ТУВ Рајнланд“ ги исполнил своите обврски како тело што издава лиценци и не може да биде одговорна за неутврдување на проблемите при производството во „Поли имплант протес“. Контролорот тврди дека никогаш не било нивно задолжение да ги проверуваат имплантите, туку само да го надгледуваат производствениот процес“.

Илјадници жени се изложија на отстранување на имплантите од 2011 година досега, иако здравствените власти во неколку земји рекоа дека тие не се токсични и се смета дека не го зголемуваат ризикот за појава на рак на дојка.

Исто така, во мај 2014 година, научна комисија составена од Европската комисија донесе заклучок дека имплантите не може да се поврзат со токсичност и пациентките кај кои се вградени не мора да се изложат на зафати за отстранување.


Давидовиќ: Снимањето во судница е скандал и доказ дека МВР и Чавков ги кршат законите


Скопје, 26 мај, 2016 - 13:23 (META) 

Ги снимаат демонстрантите, снимаат полициски акции, а сега влегоа и во судот да снимаат рочишта. Ова е скандалозно и е доказ дека МВР и министерот Митко Чавков не ги почитуваат законите и дека судот е на колена, вели за „Мета“ адвокатот Звонко Давидовиќ, запрашан за коментар за денешниот обид на тројца припадници на МВР да го снимаат рочиштетот од случајот „Фабрика за афери“.

Давидовиќ вели дека припадник на МВР не смее да внесе ни оружје во судот, а камоли камера и да снима.

– Се знае кој издава дозвола за снимање во судница, тоа е Врховниот суд, а се однесува на новинарите, снимателите и фоторепортерите. Припадници на МВР нема што да бараат во судница, а камоли да снимаат. За спроведвањето и обезбедувањето на обвинетите е задолжена затворската и судската полиција, кои се под надлежност на Министерството за правда, а не под МВР. Ова е скандалозно. Службеници на МВР може по барање на судот да го озбедуваат објектот надвор, но никаков внатре. Никој не може да дада дозвола на МВР да влезе и да снима во судница, ниту претседателот на судот, никој – вели Давидовиќ.

Адвокатот потенцира дека судските рочишта, според актуелниот Закон за кривична постапка, може тонски да се снимаат доколку за тоа има технички услови, инаку се водат стенограмски белешки.

Тој, додава дека ова особено иритира во систуација, кога припадници на МВР ги снимаат демонстрантите, снимките потоа ги користата како доказ што е незаконски.

Тројца припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска неовластено го снимаа  рочиштето за случајот „Фабрика за афери“ во кој првообвинет е Захир Беќири, познат по прекарот Чауш и предизвикаа скандал во судницата. Тие престанаа со снимањето, по жестоката реакција на судијката Гордана Спиревска, која им нареди да ги избришат снимките.