!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Врховен ја укина пресудата против Костовски за шпионажа, а ја потврди за прислушувањето


Скопје, 15 декември, 2017 - 16:45 (META) 

Врховниот суд ја укина пресудата на Основниот суд Скопје 1 со која Звонко Костовски беше осуден за шпионажа во случајот „Пуч“ и предметот во овој дел го враќа на повторно судење во првостепениот суд. Истовремено Врховниот суд ја потврдил одлуката на Кривичниот суд за делото неовластено прислушување и тонско снимање, за што Костовски доби една година затвор.

Костовски, кој е поранешен главен опретивен техничар во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК)  беше единствениот осуден во случајот „Пуч“ од 2015 година, каде меѓу обвинетите беа поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски и актуелниот премиер Зоран Заев, тогашен лидер на опозицијата.

Тој беше осуден на три години затвор, откако ги призна делата и склучи спогодба со Основното јавно обвинителство.

Пресудата Врховниот суд ја донел на почетокот на месецов, а се однесува на барањето за заштита на законитоста што го поднесе Специјалното јавно обвинителство за што кон средината на септември, оваа година беше одржана и седница во судот, на која обвинителките на СЈО Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска ги образложија аргументите зошто бараат укинување на пресудата на Костовски.

Врховен утврдил дека  пресудата на Кривичниот суд  против Костовски за шпионажа е нејасна и противречна, бидејќи тој бил осуден дека му помагал на Зоран Верушевски во шпионирањето, без претходно да има правосилна пресуда против Верушевски дека го сторил кривичното дело.

„Во конкретниот случај обвинетиот З.В. не бил огласен виновен за кривично дело – шпионажа што е предуслов за утврдување на кривичната одговорност на обвинетиот З.К., како помагач во извршувањето на кривичното дело. Во време на донесување на оспорената пресуда, предметот против обвинетиот З.В. за кривичното дело – шпионажа бил во фаза на истрага, што согласно начелото на пресумпција на невиност подразбира дека тој е невин се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда. Од изнесените причини, Врховниот суд на Република Македонија најде дека со пресудата на Основниот суд Скопје I Скопје од 25.02.2015 година, сторена е повреда на законот… поради што ги уважи наводите изнесени во барањето за заштита на законитоста со кои се оспорува кривичната одговорност на обвинетиот за ова кривично дело“, стои во пресудата на Врховниот суд, објавена вчера на веб-страницата „Суд.мк“.

За кривичното дело „неовластено прислушување и тонско снимање“ Врховниот суд не нашол дека е направена повреда на Законот за кривична постапка.

Во пресудата како дополнителен аргумент во овој контекст се наведува дека на седницата одржана по барањето за заштита на законистоста од СЈО, јавниот обвинител истакнал дека има дволно докази дека Костовски бил дел од „злосторничкото здружение“ што го вршело незаконското прислушување, но не бил гонет од СЈО бидејќи е сведок во постапката против останатите членови од групата.

„На седницата одржана по повод поднесеното барање за заштита на законитоста, јавниот обвинител истакна дека има доволно докази дека обвинетиот З.К. бил припадник на злосторничкото здружение, детално опишувајќи ги неговите дејствија и неговата улога и придонес во целокупниот процес на прислушкување. Дека тој како главен оперативен техничар во Управата за безбедност и контраразузнавање, со своето техничко знаење им овозможил на останатите припадници на злосторничкото здружение да пристапат кон незаконско следење на комуникациите и на лица кои не се маркирачи им овозможил да маркираат телефонски броеви и креирал паралелна структура во која биле складирани сите незаконски следени комуникации. Причината поради која не е кривично гонет од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за ваквите незаконски дејствија, е затоа што тој добил својство на сведок во постапката, бидејќи неговиот исказ бил од особено значење за откривање на останатите сторители на кривичните дела“, стои во пресудата на Врховниот суд.

Инаку, СЈО неколку месеци откако ја презеде надлежноста го повлече обвинителниот акт за случајот „Пуч“ бидејќи „фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои тие располагаат“ и со наодите на обвинителството во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.

На 29 јуни, оваа година СЈО подигна обвиненија за овие два случаи, во кои првообвинетите за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и екс началникот на петтата управа, Горан Грујовски.


ВМРО-ДПМНЕ: Упадите на СЈО по домови се „димна завеса“ за дефокус на јавноста


Скопје, 15 декември, 2017 - 15:15 (META) 

Специјалното јавно обвинителство и правосудните органи се ставија целосно во функција на хунтата на Зоран Заев и наместо да постапуваат согласно закон тие служат само за политичка пресметка со неистомисленици, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ по денешните информации дека СЈО извршило претрес во домовите на поранешната министерка за култура и актуелна пратиничка во Собранието, Елизабета Кенческа – Милевска и поранешниот генерален секретар на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски.

Од партијата велат дека „апсурдните упади во домовите се класична форма на политички притисок и заплашување на секој кој не ги поддржува деструктивните политики на СДС“.

„Активностите на СЈО секогаш служат за создавање димна завеса и дефокус на јавноста од реалните проблеми на граѓаните, со што медиумите под контрола на власта наместо да известуваат за катастрофата со која што се соочува државата и граѓаните, добиваат коска во форма на монтирани политички случаи на СЈО и судството под контрола на хунтата“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму порачуваат дека сите незаконски постапки во иднина ќе бидат ревидирани, а секој што „слепо извршувал политички наредби наместо да го почитува законот ќе биде соодветно санкциониран“.

Еленко Миланов, адвокат на Канческа -Милеска за „Фокус“ потврдил дека утринава во домот на поранешната министерка за култура бил извршен претрес од истражители на СЈО.

– Беше извршен претрес во домот на Канческа – Милеска, и тоа на електронски уреди и енвентуално документација – изјави Миланов, кој додава дека станува збор за предистражна постапка на СЈО.

Од СЈО засега не излегуваат со детали за извршениот претресите претреси.


СЈО врши претреси во домовите на Канческа – Милевска и на Божиновски


Скопје, 15 декември, 2017 - 10:37 (META) 

Специјалното јавно обвинителство утрово врши претреси во домовите на на поранешната министерка за култура и актуелна пратеничка, Елизабета Канческа – Милеска и на поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, јавува „Телевизија 24“ повикувајќи се на свои извори.

Од СЈО не ја потврдуваат информацијата.

Засега не е познато дали претресите се вршат во рамките на нова предистражна постапка и за што станува збор.

Инаку, Канческа-Милевска е обвинета и и се суди во случајот „Тендери“, додека Божиновски е обвинет во случајот „Титаник“, за изборни нерегуланости.


Судот во Солун следната среда треба да ја соопшти одлуката за Грујовски и Бошковски


Солун, 13 декември, 2017 - 17:40 (META) 

Судот во Солун се очекува во среда следната недела да ја соопшти одлуката дали ќе го прифати барањето на македонските власти за екстрадиција на поранешните началници во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети од Специјалното јавно обвинителство во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, пренесува „Алсат М“.

Денешното рочиште траело речиси четири часа и се одвивало зад затворени врати, односно била исклучена јавноста на барање на грчките адвокати на Грујовски и на Бошковски кои во судот биле донесени со лисици на рацете.

Грујовски носел кеса со македонски весници, кои одбраната ги приложила во судот.

Како сведок во солунскиот суд денеска исказ дал адвокатот Петар Василев, кој објаснувал каква постапка се води против Грујовски и Бошковски во земјава. На следното рочиште, пред да биде донесена одлуката околу барањето за екстрадиција, судот треба да ја сослуша и сопругата на Грујовски, која е предложена како сведок на неговата одбрана.

Грујовски и Бошковски се во притвор во затвор во близина на Солун. Инаку, на двајцата им се суди во солунскиот суд и за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на 18 октомври, на аеродромот во Солун како се обидуваат да заминат за Будимпешта. Ова судење, кое се води одвоено од постапката за нивна екстрадиција, е одложено за 17 мај 2018 година.


Пеливанов: И Јанкулоска и Ставрески рекоа дека Талески е „корумпиран до даска“


Скопје, 13 декември, 2017 - 16:54 (META) 

Со незаконски склучените договори за превоз на ученици буџетот на Општина Битола бил оштетен за половина милион долари, истакна обвинителот на Специјалното јавно обвинителство, Трајче Пеливанов во излагањето на обвинението, односно во воведните зборови на денешното рочиште за случајот „Транспортер“ во кој првообвинет е поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески и уште 20 лица.

– Станува збор за криминално сценарио во кое покрај првообвинетиот Владимир Талески се вклучени и директорите на училиштата кои прифаќале фактури по повисоки цени. За ваквата бескруполозна злоупотреба на правото на слободен превоз чувме и во прислушуваните разговори меѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески, тогашни министри, кои ќе кажат за Талески дека е „корумпиран до доска“ – рече Пеливанов во воведните зборови и нагласи дека СЈО бара осудителна пресуда.

Според обвинението на СЈО, во учебните 2009/2010 и 2010/2011 Општина Битола склучувала договори со фирми превозници спротивно на Законот за јавни набавки, при распишување на тендерите не била наведена висината на средствата предвидени за оваа намена, а не била формирана ниту тричлена комисија. Поради тоа, за сите договори, разликата меѓу проценетата цена и вредноста на склучените договори е околу 570.000 евра.

По воведните зборови на Пеливанов, адвокатите на обвинетите побараа прекинување на денешното рочиште бидејќи било доцна и завршило работното време на судот. Следното рочиште на кое Талески и останатите обвинети треба да се произнесат дали се чувствуваат виновни е закажано за 23 јануари.

Инаку, адвокатите на Талески и на другите обвинети бараа одложување на денешното рочиште бидејќи во судницата не беа овозможени услови за визуелно и тонско снимање на судењето.

По паузата во судницата беа поставени две камери за кои одбраната повторно приговараше дека не ги задоволуваат условите пропишани со Законот за кривична постапка. Но, судијката Лидија Петровска ги отфрли приговорите и одлучи сепак да почне главната расправа.


Судот го одобри обвинението за „Титаник 3“ на СЈО


Скопје, 13 декември, 2017 - 15:03 (META) 

Советот за оценка на обвинителен акт на Кривичниот суд во Скопје го одобри обвинението на Специјалното јавно обвинителство за случајот „Титаник 3“, потврдија од СЈО.

Судијата што ќе го води предметот и датумот за почетокот на судењето дополнително ќе бидат одредени.

Обвинети во овој случај се Ејуп Аљими, актуелен пратеник во Собранието и координатор на пратеничката група на ДУИ и Исмет Гури, член на општинската изборна комисија во Чаир.

Двајцата СЈО ги товари за уништување на изборен материјал.


По Груевски и Латас, и Талески бара снимање на судењето за „Транспортер“


Скопје, 13 декември, 2017 - 14:26 (META) 

Поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески и останатите 20 обвинети во случајот „Транспортер“ на денешното рочиште побараа од Кривичниот суд во Скопје визуелно и тонско снимање на главната расправа за овој предмет.

Претходно, снимање на рочиштата побара и одбраната на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски и екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески за случајот „Траекторија“, како и уредникот во „Сител“, Драган Павловиќ – Латас за „Тотал“.

Адвокатите на Талески и останатите обвинети денеска побараа доказите на Специјалното јавно обвинителство да им бидат дадени во писмена форма, а го побараа и ЦД-то со прислушуваните разговори, без кое, како што рекоа, не можат да дадат одбрана.

Адвокатот Боро Тасевски рече дека ако судот не обезбеди услови за снимање, ќе дава приговор за секој записник од рочиштата.

Обвинителот на СЈО, Трајче Пеливанов, го оцени барањето за снимање на процесот како уште еден изговор на одбраната за одложување на судењето.

– Во досегашната пракса на овој суд јас со истите овие адвокати кои денес инсистираат да се снима судењето сум постапувал и во други предмети и никој не побарал такво нешто. За првпат ова инсистирање за снимање на судските постапки започна да се применува во предметите на СЈО – рече Пеливанов.

Во случајот „Транспортер“ Талески и уште 20 лица се обвинети од СЈО за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки околу 300.000 евра.


Почна рочиштето за екстрадицијата на Грујовски и Бошковски во судот во Солун


Солун, 13 декември, 2017 - 13:36 (META) 

Во судот во Солун денеска почна рочиштето по барањето на македонските власти за екстрадиција на поранешните началници во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети од Специјалното јавно обвинителство во случаите „Таргет“ и „Тврдина“.

Адвокатот Петар Василев за државната новинска агенција МИА изјавил дека судењето почнало, но дека рочиштето е затворено во јавност. Во меѓувреме, како што изјавил Василев, дадена е пауза „за да ги разгледаат документите што ги достави Министерството за правда, по што постапката ќе продолжи“.

Грујовски и Бошковски се во притвор во затвор во близина на Солун. Инаку, на двајцата им се суди во солунскиот суд и за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на 18 октомври, на аеродромот во Солун како се обидуваат да заминат за Будимпешта. Ова судење, кое се води одвоено од постапката за нивна екстрадиција, е одложено за 17 мај 2018 година.


„Трансмет“ не му дозволил на вештакот на СЈО да изврши увид во фирмата


Скопје, 12 декември, 2017 - 13:59 (META) 

На вештакот кој по барање на Специјалното јавно обвинителство за случајот „Труст“ требало да направи увид на механизацијата употребувана за ископ на јаглен и јаловина не му било дозволено да влезе во фирмата на обвинетиот бизнисмен Сеад Кочан – „Трансмет“.

Вештакот, кој сведочеше на денешното рочиште, рече дека доставил барање до „Трансмет“ за да изврши увид, на кое не му било одговорено.

Поради ова, додаде тој, извештајот го направил врз основа на документацијата од СЈО и преку имејл-комуникација со производителот.

Вештакот наведе дека од него се барало вештачење за да се утврди дали станува збор за мобилни или статични машини – дробилки.

Адвокатот на одбраната, Миле Петковски го праша вештакот дали има направено вештачења од геолошка и рударска област. Вештакот рече дека нема и додаде дека е специјализиран за сообраќајно и машинско вештачење, односно дека наредбата од СЈО била за вештачење на механизацијата, а не на суровини.

СЈО во случајот „Труст“ ги товари Кочан, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ, како и фирмите „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“, дека со невистинити и фалсификувани документи добиле тендер на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) вреден 17 милиони евра.


Одложено судењето за „Тотал“, Латас побара да се снимаат рочиштата


Скопје, 7 декември, 2017 - 12:02 (META) 

Судењето за случајот „Тотал“ на СЈО е одложено откако адвокатите на Драган Павловиќ – Латас, обвинет во случајот, побараа судот да ги снима тонски и визуелно сите судски рочишта, за, како што посочија, да се отстрани каков било сомнеж.

Адвокатите рекоа дека имаат забелешки на записникот од првото рочиште, кое се одржа пред два дена, истакнувајќи дека во него нивните зборови не биле доследно интерпретирани.

Претходно судијката Софче Гаврилова-Ефремова по барање на адвокатите на Павловиќ одлучи да не дозволи новинарските екипи во судницата да направат инсерти од денешното рочиште. Дозволено беше снимање само на обвинителите на Специјалното јавно обвинителство.

Судијката Гаврилова-Ефремова укажа дека капацитетот и можностите на судницата се тие, дека таа суди во мала судница и дека единствено големата судница со број еден во Кривичниот суд е таа што може да обезбеди услови сите да може да седат и целиот судски процес да се снима.

Таа додаде дека откако ќе направи проверка за слободен термин, ќе го соопшти датумот за кога ќе биде закажано ново рочиште.

Драган Павловиќ-Латас се товари дека во периодот од 2008 до 2015 година заедно со правните лица „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ Скопје, „Медиамакс“ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ Скопје, со намера да одбегне плаќање даноци, во завршните сметки и во даночните пријави давал лажни податоци. Правните лица го оштетиле буџетот за 121.000 евра, а осомничениот за 63.000 евра.