!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Светска банка ќе издвои 57 милијарди долари за Африка


Вашингтон, 20 март, 2017 - 12:35 (META) 

Светска банка соопшти дека ќе издвои околу 57 милијарди долари за инвестиции во следните три години во државите во Африка.

Најголем дел од тие средства, 45 милијарди долари, ќе ги издвои Агенцијата за меѓународен развој во рамките на Светска банка, која ќе дава бескаматни кредити на најсиромашните земји.

Претседателот на Светска банка, Џим Јонг Ким, оваа недела ќе ги посети Руанда и Танзанија каде што со властите ќе разговара за финансиската поддршка на тој дел на Африка.

Светска банка е одговорна за обезбедување финансии и за давање совети на земјите за да се засили нивниот економски развој и да се намали сиромаштијата, но и за да се сочуваат меѓународните инвестиции.


Дополнително осиромашиле 75 отсто од домаќинствата во Грција


Атина, 26 јануари, 2017 - 11:03 (META) 

Средната класа во Грција полека се топи и дури 75 отсто од домаќинствата во Грција дополнително осиромашиле во текот на 2016 година поради рестрикциите во текот на изминатите години и товарот од сè поголемите даноци. Половината од Грците се подготвени да ја напуштат земјата. Овие поразителни резултати ги покажа годишното истражување на Конфедерацијата на занаетчиите и на трговците во Грција.

Грчките медиуми ударно ги пласираа овие нови сознанија. „Нафтемоборики“ алармира дека економската емиграција е на алармантно ниво и 67,7 отсто од младите планираат да побараат подобра иднина во странство. Сè повеќе се намалува наталитетот, а пензиите се основен извор на приходи за половина од грчките граѓани.

За смрт на средната класа пишува и дневниот весник „Имерисија“, кој исто така ја пренесува поразителната бројка за драстичното намалување на приходите на 75 отсто од Грците.

Истражувањето е спроведено на 1.000 домаќинства во периодот помеѓу 14 и 26 ноември минатата година.


445.000 граѓани живееле под прагот на сиромаштија во 2015 година


Скопје, 23 декември, 2016 - 16:52 (META) 

Стапката на сиромашни лица во Македонија во 2015 година изнесувала 21,5 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Минатата година 445.000 граѓани живееле под прагот на сиромаштија, кој за едночлено домаќинство изнесува 78.000, а за четиричлено домаќинство 164.000 денари годишен приход.

Највисока стапка на сиромаштија има кај најмладите, односно децата до 17 години, и таа изнесувала 28,6 проценти, а најниска кај највозрасните, односно постарите од 65 години, кај кои изнесувала 14,5 проценти.

39,7 проценти од невработените, 8,9 проценти од вработените и 7,3 проценти од пензионерите живеат во сиромаштија.

 


Минатата година 21,5 отсто од граѓаните биле сиромашни


Скопје, 28 октомври, 2016 - 15:38 (META) 

Стапката на сиромашни лица во Македонија во 2015 година изнесувала 21,5 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика.

Анализирано по типови на домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца е 22,8 отсто.

Стапката на сиромашни вработени лица е 9 проценти, додека стапката на сиромашни пензионери е 7,2 проценти.

Коефициентот „џини“ (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) изнесува 33,8 проценти.

Основа на пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 отсто од медијалниот еквивалентен приход.

Државниот завод за статистика го пресметува индексот врз основа на податоците од анкетата за приходи и услови за живеење, која се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија.


СДСМ: Економските мерки на Груевски донесоа добивка само за „фамилијата“


Скопје, 26 октомври, 2016 - 9:54 (META) 

„Обвинетот Никола Груевски со своите врвни криминални економски политики затвори 10.000 домашни фирми. Секоја трета домашна фирма е со блокирана сметка. Македонија го допре дното во Европа и во регионот по странски директни инвестиции по жител“, се вели во соопштението на СДСМ, како реакција на извештајот „Дуинг бизнис“ што го објави Светска банка.

Во него се додава дека јавниот долг во Македонија е на историско ниво од 5 милијарди евра, што ќе го враќаат идните генерации.

– Од економските мерки на обвинетиот Груевски добивка има единствено тој, кој се распосла на милионски парцели на Водно, отвори за себе и за фамилијата рајски фирми, се вози со чудесни „мерцедеси“ од 600.000 евра, со очила за сонце од 60.000 евра, на сметка на 500.000 граѓани во Македонија кои ги донесе на живот под прагот на сиромаштија. Затоа, невработеноста во нашата земја не се намалува туку се намалува бројот на луѓе. 626.312 граѓани се иселиле од Македонија, барајќи егзистенција во странство –  се додава во соопштението.


СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да објасни на кој начин стекна имот вреден 60 милиони евра


Скопје, 29 септември, 2016 - 14:01 (META) 

Со 60 милиони евра приграбени пари од џебот на граѓаните на Македонија, обвинетиот Груевски и неговата партија на власт, ВМРО-ДПМНЕ, купиле партиски имот распространет на 33.000 квадратни метри, се вели во соопштение на СДСМ.

Во него се додава дека владејачката партија треба да им објасни на граѓаните на кој начин стекнала имот вреден 60 милиони евра.

„Доколку се утврди дека овој имот е стекнат на криминален начин, тој ќе биде конфискуван и вратен на граѓаните. За да може партијата на обвинетиот Груевски да го стекне луксузниот имот од 60 милиони евра, цели 10 години преку погубни политики ги цедеше парите од граѓаните, а државата ја презадолжуваше“, се додава во соопштението на СДСМ.

Од опозициската партија потсетуваат дека „повеќе од 500.000 граѓани на Македонија живеат под прагот на сиромаштија додека обвинетиот Груевски се вози во мерцедес од 600.000 евра и ужива во белата палата на ВМРО-ДПМНЕ вредна неколку милиони евра“.


43,2 проценти од населението било подложено на ризик од сиромаштија во 2014 година


Скопје, 20 јули, 2016 - 16:18 (META) 

Во 2104 година, 43,2 проценти од населението било подложено на ризик од сиромаштија или социјална исклученост, пишува во публикацијата „Одржлив развој“ на Државниот завод за статистика.

Анализирано според пол, стапката била поголема кај мажите, 22,3 проценти. Младите лица до 18 години имале поголем ризик од сиромаштија, 29 проценти, додека најмалку се подложни лицата на возраст над 65 години, кои главно живеат од пензии и од социјални трансфери.

– Во 2014 година, најранливи биле домаќинствата со три или повеќе издржувани деца, при што 51,1 процент од лицата што живеат во такви домаќинства се сиромашни. Најмалку подложни на сиромаштија биле лицата во домаќинства на самци, 6,9 проценти – пишува во публикацијата.

Најголемиот дел од потрошувачката на домаќинствата бил наменет за задоволување на потребите за храна, 31,9 проценти, за домување – 24,9 проценти, транспорт – 8,6 проценти и за комуникации – 3,6 проценти.

– Од ова произлегува дека нема промени во моделот на потрошувачката, според кој значителен дел од приходите домаќинствата ги наменуваат за задоволување на егзистенцијалните потреби – се додава во публикацијата.


СДСМ: 600 домаќинства преживуваат со пари колку што чинат едни очила на Груевски


Скопје, 22 јуни, 2016 - 15:12 (META) 

„Дури и Државниот завод за статистика, којшто множи и дели како што ѝ одговара на власта на Никола Груевски, не успеа да го скрие податокот дека една третина од домаќинствата во Македонија го живеат месецот со само 106 евра месечен приход. Тоа значи дека 600 домаќинства во земјава преживуваат цел месец со парите што ги дал Груевски само за неговите очила „мајбах“, со кој беше фотографиран на лежалка во Израел лани“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека со 200 денари дневно родителите од околу 60.000 семејства треба да купат млеко за децата, да ги облечат за градинка и за училиште, да ги однесат, да ги пратат на факултет, тие да отидат на работа, да обезбедат појадок, ручек и вечера и да тргнат настрана за струја, вода и за телефон.

– Според Светска банка, 180.000 граѓани во Македонија живеат уште помизерно, со 40 денари на ден. Дури третина од граѓаните во земјава, повеќе од 500.000 луѓе, живеат под прагот на незапаметена сиромаштија. И сето ова за „фамилијата на власт“ 10 години да се богати и да се луксузира на нивни грб, со нивните пари, на милионски парцели, во милионски палати и во „мерцедеси“ од 600.000 евра – се вели во соопштението на опозициската партија.


ММФ: Корупцијата годишно „јаде“ два отсто од глобалната економија


Вашингтон, 12 мај, 2016 - 10:37 (META) 

Давањето мито вшмукува 1.500 до 2.000 милијарди долари годишно во светот, што ја нагризува економијата и ја влошува социјалната заштита за сиромашните, се наведува во најновиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за состојбите со корупцијата.

Корупција, мито и другите облици на измами кои се заеднички и за сиромашните и за богатите земји, го ограничуваат економскиот пораст и ја поткопуваат политиката на секоја влада.

– Сиромаштијата и невработеноста еднакво можат да бидат симптоми на хронична корупција – се вели во говорот на директорката на ММФ, Кристин Лагард, кој е подготвен за денешниот Антикорупциски самит во Лондон, а го пренесува „Франс прес“.

Според Лагард, додека директните економски трошоци за корупцијата се добро познати, индиректните трошоци можат да бидат уште поголеми, што доведува до низок пораст и до поголема нееднаквост во приходите.


Во БИХ живеат еден милион сиромашни граѓани и 525 милионери


Сараево, 8 април, 2016 - 15:17 (META) 

Во Босна и Херцеговина околу еден милион жители живеат на границата на сиромаштијата, а повеќе од 600.000 се под таа граница, пишува мостарскиот „Дневен лист“.

Според одредени анализи, околу 30.000 жители на БИХ не умираат од глад благодарение на храната што бесплатно ја добиваат во народните кујни.

Во БИХ има повеќе од 540.000 невработени и 718.000 вработени. Околу 200.000 вработени работат за минимална плата од 189 евра, речиси ист број на вработени секој ден одат на работа, но не добиваат плата редовно ниту, пак, им се плаќаат придонеси.

Истражувањата покажале дека во БИХ живеат 92 мултимилионери, односно поединци чие богатство надминува 30 милиони долари и 525 милионери.

Во БИХ живеат меѓу 3,8 и 4,6 милиони граѓани.