Во ЕУ ќе бидеме меѓу најсиромашните, најневработените и најкратковечните жители


Скопје, 14 септември, 2018 - 11:18 (META) 

Сите досегашни истражувања на јавното мислење покажуваат дека мнозинство македонски граѓани поддржуваат зачленување на Македонија во Европската Унија, а меѓу главните очекувања од евроинтеграциите се намалување на невработеноста и сиромаштијата и подобрувањето на квалитетот на живеење.

Ваквите очекувања се логични ако се земат предвид податоците за стапката на вработеност, очекувањата за траење на животот и бруто домашниот производ по жител според паритетот на куповната моќ во Македонија и земјите од ЕУ, кои откриваат дека нашата земја е на дното на листата земји рангирани по овие критериуми. Со оглед на тоа што граѓаните на рефрендумот закажан на 30 септември треба да одлучат дали ќе прифатат промена на името и зачленување на земјава во ЕУ и НАТО тие би требало да имаат слика за тоа како би изгледала Македонија во друштво на европските земји.

МК-ЕУ11a

 

Со стапка на вработеност од 70,3 отсто кај лицата на возраст од 20 до 64 години Македонија би била на претпоследното место во ЕУ по овој критериум веднаш зад Италија каде што стапката на вработеност изнесува 70,1 отсто. Со просечен животен век кај жените од 77,5 години и кај мажите од 73,4 години македонските граѓани би биле меѓу најкратковечните жители на ЕУ. Со БДП по жител според праритетот на куповната моќ кој во Македонија изнесува само 37 отсто од европскиот просек, македонските граѓани дефинитивно би биле најсиромашните жители на ЕУ.


Државата плаќа здравствено осигурување за 19.062 лица повеќе, од што има сиромашни


Скопје, 25 декември, 2017 - 13:09 (META) 

Државата го финансира здравственото осигурување на сиромашни лица, но во 2015 година, таа бројка изнесувала повеќе, отколку што има лица што живеат под прагот на сиромаштија, се вели во публикацијата од „Фајненс тинк“ насловена „Универзално здравствено осигурување на Репупблика Македонија-ефекти од спроведување на проектот Здравствено осигурување за сите“.

Имено, за 2015 година се јавува разлика од 19.062 лица, помеѓу лицата, што здравствено се осигурени како сиромашни и лицата што живеат под прагот на сиромаштија.

„Овие придонеси ги обезбедува буџетот на државата и ги уплатува месечно во име на повеќе од 250.000 лица во буџетот на Фондот за здравство. Пресметките покажуваат дека Фондот за овие лица месечно уплаќа 881 денари, наспроти трошокот, исплатата од ФЗОМ за услуги од 1.492 денари за истите, односно овие лица користат здравствени услуги месечно за 611 денари (41 процент) повеќе отколку што државата обезбедува финансиски средства за нивото здравствено осигурување“, се вели во истражувањето.


Дополнително осиромашиле 75 отсто од домаќинствата во Грција


Атина, 26 јануари, 2017 - 11:03 (META) 

Средната класа во Грција полека се топи и дури 75 отсто од домаќинствата во Грција дополнително осиромашиле во текот на 2016 година поради рестрикциите во текот на изминатите години и товарот од сè поголемите даноци. Половината од Грците се подготвени да ја напуштат земјата. Овие поразителни резултати ги покажа годишното истражување на Конфедерацијата на занаетчиите и на трговците во Грција.

Грчките медиуми ударно ги пласираа овие нови сознанија. „Нафтемоборики“ алармира дека економската емиграција е на алармантно ниво и 67,7 отсто од младите планираат да побараат подобра иднина во странство. Сè повеќе се намалува наталитетот, а пензиите се основен извор на приходи за половина од грчките граѓани.

За смрт на средната класа пишува и дневниот весник „Имерисија“, кој исто така ја пренесува поразителната бројка за драстичното намалување на приходите на 75 отсто од Грците.

Истражувањето е спроведено на 1.000 домаќинства во периодот помеѓу 14 и 26 ноември минатата година.


43,2 проценти од населението било подложено на ризик од сиромаштија во 2014 година


Скопје, 20 јули, 2016 - 16:18 (META) 

Во 2104 година, 43,2 проценти од населението било подложено на ризик од сиромаштија или социјална исклученост, пишува во публикацијата „Одржлив развој“ на Државниот завод за статистика.

Анализирано според пол, стапката била поголема кај мажите, 22,3 проценти. Младите лица до 18 години имале поголем ризик од сиромаштија, 29 проценти, додека најмалку се подложни лицата на возраст над 65 години, кои главно живеат од пензии и од социјални трансфери.

– Во 2014 година, најранливи биле домаќинствата со три или повеќе издржувани деца, при што 51,1 процент од лицата што живеат во такви домаќинства се сиромашни. Најмалку подложни на сиромаштија биле лицата во домаќинства на самци, 6,9 проценти – пишува во публикацијата.

Најголемиот дел од потрошувачката на домаќинствата бил наменет за задоволување на потребите за храна, 31,9 проценти, за домување – 24,9 проценти, транспорт – 8,6 проценти и за комуникации – 3,6 проценти.

– Од ова произлегува дека нема промени во моделот на потрошувачката, според кој значителен дел од приходите домаќинствата ги наменуваат за задоволување на егзистенцијалните потреби – се додава во публикацијата.


Економскиот тим на СДСМ: На Македонија ѝ е потребен правичен даночен систем


Скопје, 17 јуни, 2015 - 19:45 (META) 

„Рамниот данок што го воведе актуелната власт дополнително ги осиромашува сиромашните, а ги богати богатите“, истакнале потпреседателот на СДСМ, Ванчо Узунов, и претседателот на Комисијата за економија на партијата, Драган Тевдовски, на денешната експертска дебата, осврнувајќи се на потребата од правичен даночен систем во земјата и давајќи акцент на прогросевниот данок, односно „оној кој има повеќе да плаќа повеќе данок, а оној кој има помалку да плаќа помалку данок“, како решение.

– Најбогатите 10 отсто имаат речиси 17 пати поголем вкупен доход од најсиромашните 10 отсто. Коментарите од типот дека рамен данок е капитализам, прогресивен данок е социјализам не се точни, нема да се враќаме ние во социјализам, а со вакви стереотипи и дебати базирани на вредносни судови, не стигнуваме до решение – вели Узунов.

Според Тевдовски, покрај другото, непходно е и „зголемување на фискалната транспарентност за тоа како државата ги троши парите“.

– Секоја година се даваат податоци за тоа кои се најбогати, од тие што плаќаат данок, но немаме транспарентни податоци за распоредот на овие плаќања. Ако гледаме кај даноците, апсолутно, од ова се гледа дека на Македонија ѝ треба поправеден персонален данок на доход што ќе има повеќе стапки што ќе содржи враќање на платен персонален данок за граѓаните кои имаат ниски месечни лични доходи и повисоки даночни стапки за оние еден процент или неколку проценти од најбогатите, чие учество во доходот многу се зголемува сите овие години – вели Тевдовски.