Грчкиот парламент во жешка атмосфера попладнево гласа за договорот за името


Атина, 25 јануари, 2019 - 11:13 (META) 

Иако во грчкиот парламент требаше да се гласа ноќеска за ратификација на Преспанскиот договор, постапката се развлече поради огромниот број пријавени пратеници за збор, поради што најверојатно за ратификацијата ќе се гласа денеска околу 14.30 часот по локално време.

Сè уште е неизвесно каков ќе биде исходот, оти последните анкети во Грција покажуваат сериозна предност на опозициската Нова Демократија, која остро се противи на Договорот од Преспа,  пред владејачката СИРИЗА.

Од вкупно 300 пратеници, за дискусијата збор побарале 230. Додека вчера траеше дебатата, околу 5 илјади членови на националистички организации беа собрани на протести пред парламентот во Атина но и во Солун извикувајќи „Македонија е само грчка“. Дел од нив фрлаа со пиротенички материјали и камења врз полицијата. Припадниците на полициските сили употребија заслепувачки гранати, спреј и палки за растерување на насилните демонстранти.

Лидерот на опозициската Нова Демократија, Киријакос Мицотакис, го обвини грчкиот премиер дека ги „игнорира патриотските чувства“ на милиони Грци. Тој се закани дека ќе го блокира членството на Македонија во ЕУ доколку неговата партија биде победник на изборите.

– Приклучувањето на Скопје во ЕУ не е поврзано со Преспанскиот договор. Грција во секој момент ќе може да стави вето на приклучувањето на Скопје во ЕУ. А, јас лично, ве уверувам дека нема да се откажам од ова национално право – рече лидерот на опозицијата.

Одговарајќи им на сите кои се противат зборот Македонија да биде во името на северниот сосед, грчкиот премиер Алексис Ципрас синоќа во парламентот ги потсети грчките комунисти на „славомакедонскиот буквар и Славомакедонката Мирка Гинова“. Тој во говорот одговори и на сите критики од неговиот политичкиот опонент – лидерот на Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, а потсети на отстапки што ги направиле неговите претходници и политичари од претходни гарнитури, но и некои политичари што го критикуваат за „национално предавство“.

Според Ципрас „токму инерцијата и одложувањето кои станале доктрина за надворешната политика на Грција, завршувале со постојани дипломатски порази за грчката страна и резултирале со тоа повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина, соседната земја да ја нарекуваат Македонија“.

– Каде бевте во 2008-2009 година, кога беше договорено визна либерализација за пасоши на македонски граѓани во Шенген-зоната? – ги праша Ципрас своите политички опоненти.

Грчкиот премиер им се обрати и на пратениците од Комунистичката партија, спомнувајќи ја антифашистичката хероина Мирка Гинова, (родена во село Русилово, Воденско, и осудена на смрт со стрелање на 26 јули 1946 година во Ениџе-Вардар). Тој ја именуваше со македонското име, и со името (Ирини Гини) со кое ѝ се обраќале членовите на грчката Комунистичка партија.

-Не сакам да ја критикувам историјата на Комунистичката партија на Грција, онаа која се однесува на славомакедонскиот буквар кој ваши членови им го делеа во Ташкент на децата на славомакедонските борци на ДАГ. Ниту 70.000 цивилни бегалци кои грчката држава ги лиши од правото да се вратат во својата татковина во 1983 година. Ниту Славомакедонката Ирини Гини, Мирка Гинова, првата жена стрелана во граѓанска војна. Вие и вашите луѓе соочете се со тоа – рече Ципрас.

Тој ги осуди и нападите против одредени грчки пратеници кои се залагаат за Договорот за Преспа.

Како и да е, сè уште е неизвесно како ќе гласаат независните пратеници, ако се земат предвид најновите анкети што ја затресоа Грција, покажувајќи дека остриот противник на Преспанскиот договор, опозициската Нова Демократија, значително води пред СИРИЗА во однос на расположението на гласачите за изјаснување на парламентарни избори.

Инаку, според најновата анкета направена од „Пулс“ за телевизијата Скај, Нова Демократија води пред СИРИЗА со 10,5 отсто, додека во анкетата направена за in.gr, предноста на опозицијата пред владејчката партија е 9,8 отсто.

Според „Пулс“, Нова Демократија има 33 отсто доверба, што е пад за половина процент во однос на претходната ваква анкета. СИРИЗА има доверба од 22,5 отсто, што исто така е половина процент помалку отколку на претходната анкета на „Пулс“, а треба е ултрнационалистичката „Златна Зора“ со 8 отсто. Таа доживеала пораст на довербата од 1 отсто во однос на претходната анкета, a по неа е КИНАЛ, коалицијата на ПАСОК, со 6,5 отсто доверба, а Комунистичката партија има 5,5 отсто, а  на претходната анкета на „Пулс“ забележала 6 отсто доверба.

Во проценките кој би победил на парламентарни избори ако се одржат сега, води Нова Демократијат на Киријакос Мицотакис со 59 отсто (на претходната анкета 57 отсто), а шанса за победа на СИРИЗА дале само 22 отсто од испитаниците (на претходната анкета 25 отсто).

Претседателот на Независни Грци, Панос Каменос, на „Твитер“ напиша дека бара оставки од 101 пратеник за да се спречи ратификација на Договорот од Преспа кој треба да се гласа денеска во грчкиот Парламент.

Каменос најпрво самиот понудил оставка, а потоа побарал уште 100 пратеници да го сторат истото.

„Најпрво ќе ја поднесам мојата оставка. До 14 часот ќе можеме да ја спречиме ратификацијата на Договорот од Преспа со 101 оставка во парламентот и да со тоа да ставиме крај на овој договор“, напиша Каменос.


Каменос со нов видео-спот му удри шлаканица на Ципрас пред гласањето во парламентот


Атина, 9 јануари, 2019 - 16:58 (META) 

Со клип што го објави денеска партијата „Независни Грци“ промовирајќи го новото партиско лого и новите бори на партијата, коалицискиот партнер на владејачката СИРИЗА, оваа партија му порачува на грчкиот премиер Алексис Ципрас дека нема да гласа за ратификација на Преспанскиот договор, пишува грчкиот весник „иЕфимерида“.

Во клипот во кој има само анимација со црвена линија и по некоја капка крв, се вели „Црвените линии се нашата гордост. Црвените линии ја пишуваат нашата историја. Црвените линии ги чествуваат нашите предци. Црвените линии се нашата независност и нашата сила. Независни Грци. Сега поодлучни од кога било претходно“.

Со клипот се промовираше новото лого на партијата, но и „разводот“ на Независни Грци од СИРИЗА на Ципрас, од којшто не двојат само денови или недели, пишува весникот.

Германската канцеларка Ангела Меркел утре ќе пристигне во Атина во дводневна посета на земјата, што во голем број грчки и европски медиуми се толкува како обид за притисок врз Грција за ратификација на Преспанскиот договор со кој треба да заврши еден од најдолгите спорови во Европа.


Нова демократија води со 10 отсто пред СИРИЗА на најновата анкета


Атина, 4 октомври, 2018 - 10:27 (META) 

Опаѓа рејтингот на СИРИЗА на Алексис Ципрас на најновите анкети. Според сондажата на компанијата „Интервју“ опозициската Нова Демократија е грчка политичка партија со 30,9 отсто, додека партијата на Ципрас доби 21,3 отсто.

Анкетата е правена со прашањето „За која партија би гласале ако следната недела се одржат општи парламентарни избори?“.

Зад двете први партии се Златна зора со 7,2 отсто, Комунистичката партија на Грција со 6,6 отсто и Движењето за промени (во кое е и ПАСОК) со скромни 6,4 отсто.

Бројките не се добри ниту за владиниот партнер на Ципрас, Панос Каменос, бидејќи според анкетата, Независни Грци, со само 1,7 отсто, во случај овој рејтинг да се потврди на избори, би останале надвор до Пралементот.

Опозицискиот весник „Елефтерос типос“ смета дека резултатите од анкетата се „шлаканица в лице за Ципрас“.


Договорот од Преспа проблематичен за 62 отсто од Грците


Атина, 29 јуни, 2018 - 9:58 (META) 

Со негативен или претежно негативен став кон Договорот од Преспа со кој владите на Грција и Македонија сакаат да го надминат спорот, се 62 отсто од Грците, покажа новата анкета што за грчката телевизија „Скај“ била спроведена од агенцијата „Pulse“.

На прашањето „Од она што го имате слушнато и го знаете, лично вие, како го оценувате Договорот што Владата го потпиша во Преспа со поранешната југословенска Република Македонија?“, 27 отсто од граѓаните одбираат еден од позитивните одговори, еден од негативните одговори одбрале 62 отсто, а 11 проценти рекле дека не знаат или одбиле да одговорат.

Поточно, 15 проценти одговориле „позитивно“, 12 отсто „веројатно позитивно“, 48 отсто одговориле „сигурно негативно“, 14 отсто „веројатно негативно“, а 11 проценти не знам/ не одговарам.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на политичката определеност, односно за кого гласале анкетираните на последните избори во 2015, резултатите од истражувањето покажуваат дека 51 отсто од гласачите на владејачката СИРИЗА го оценуваат сигурно позитивно или веројатно позитивно договорот (34 отсто, односно 17 проценти), а 40 проценти сигурно негативно или веројатно негативно (27 проценти, односно 13 проценти).

Речиси девет од 10 (86 проценти) од гласачите на Нова демократија дале сигурно негативна (70 отсто) или веројатно негативна (16 отсто) оценка за договорот, а само 10 отсто го оцениле сигурно позитивно (5 отсто) или веројатно позитивно (5 отсто) решението меѓу Македонија и Грција.

Во однос на политичката сцена во Грција, според истражувањето, Нова демократија и понатаму е во предност пред СИРИЗА со 11,5 проценти разлика.

На прашањето доколку следната недела се одржат избори, за кого би гласале, три од 10 Грци ја одбрале најголемата опозициска партија. И понатаму голем е бројот (21%) на оние кои се неодлучни, не одговориле за кого би гласале, рекле дека нема да излезат на гласање или би го направиле ливчето неважечко.

Поконкретно, од анкетираните за Нова демократија се изјасниле 31 проценти, за СИРИЗА 19,5 отсто, Златна зора 6,5, Движење за промена 6,5, Комунистичка партија на Грција 5,5 проценти, Сојуз на централисти 2 проценти и за Независни Грци 1,5 отсто

Истражувањето на јавното мислење било спроведено во периодот од 24 до 26 јуни, а учествувале 1.323 лица со право на глас.


Нова Демократија води со 12,4 отсто пред владејачката Сириза


Атина, 27 јуни, 2018 - 16:59 (META) 

Најголемата опозициска партија во Грција, Нова Демократија на Кирјакос Мицотакис, го зголемува водството пред владејачката Сириза на Алексис Ципрас, покажала анкетата објавена од весникот „Прото Тема“, пренесува „Блумберг“.

26,4 отсто од испитаниците се определиле за Нова Демократија, а за во Сириза само 14 отсто.

Мнозинството на владејачката коалиција на Ципрас во парламентот се намали на само два пратеника предност во законодавниот дом со 300 пратеници, откако двајца пратеници на Независни Грци излегоа од коалицијата по потпишувањето на Договорот со Македонија.

Во Грција редовни парламентарни избори би требало да се одржат во септември следната години, но малото мнозинство носи ризик за предвремени избори.

Исто така, ниту еден грчки премиер по Костас Симитис, не издржал цел мандат, без да распише предвремени избори, потсетува „Блумберг“.


Нова демократија води со 9 отсто предност пред СИРИЗА на Ципрас


Атина, 16 март, 2018 - 12:01 (META) 

Опозициската Нова демократија води пред СИРИЗА со 9 отсто, покажува најновата анкета во Грција што за телевизијата „Скај“ ја спровела агенцијата „Пулс“.

Финансиската криза и ригорозните мерки за штедење генерално на секои парламентарни избори во изминатите 10 години ги тераа гласачите да се ориентираат кон опозицијата, а според анкетата изгледа дека повторно ќе се случи истото сценарио. Дополнително довербата на гласачите во владејачката СИРИЗА е разнишана и поради справувањето со случајот на двајцата грчки војници што се притворени во Турција, но и од проблемот со Македонија, односно спорот за името.

На прашањето за која партија би гласале доколку в недела би се одржале избори, Нова демократија води со 9 отсто пред СИРИЗА, односно 28,5 отсто од испитаниците се определиле за НД, наспроти 19,5 за владејачката партија.  Третата партија според рејтингот е движењето „Промени“ со 8 отсто поддршка, што е само половина процент повеќе од поддршката за ултранационалистичката „Златна зора“. На петтото место, со 5,5 проценти поддршка е Комунистичката партија. Ниту една друга партија го нема цензусот за влез во парламентот. Тоа се „Независни Грци“ и „Центристичка Унија“, со по 1,5 отсто поддршка.

Во однос на тоа во која партија имаат поголема доверба за справување со барањата на кредиторите, Нова демократија води со 31,5 отсто, наспроти 21,5 отсто за СИРИЗА.

Анкетата на Пулс покажува дека во Грција преовладува песимизмот, бидејќи 63 отсто од испитаниците „сигурно“ или „прилично сигурно“ веруваат дека земјата се движи во погрешна насока.


Ципрас: „Земјотресот“ од милион граѓани на протестот, остана само желба на Мицотакис


Атина, 4 февруари, 2018 - 22:30 (META) 

По протестите денеска, најавуваниот „земјотрес“ и милионите демонстранти останаа само желба на Андонис Самарас и Киријакос Мицотакис, се вели во соопштението на кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас, а пренесуваат грчките медиуми.

„Мнозинството граѓани кои останаа пред телевизорите, се согласуваат дека надворешно-политичките прашања не треба да се решаваат со фанатизам и нетолеранција“, стои во соопштението.

И од партијата СИРИЗА се огласија и во соопштението наведоа дека „и покрај тоа што организаторите во изминатите денови ги поттикнувале луѓето на демонстрации, денешните протести на плоштадот „Синтагма“ во Атина биле под очекувањата. Од партијата наведуваат и дека ја поддржуваат грчката влада во преговорите за името.

Грчката полиција соопшти дека на протестот „Македонија е грчка“ во центарот на Атина, учествувале 140 илјади граѓани.


Каменос не верува дека проблемот со името ќе се реши до Самитот на НАТО


Атина, 29 јануари, 2018 - 19:06 (META) 

Лидерот на Независни Грци и актуелен министер за одбрана, Панос Каменос не верува дека до Самитот на НАТО ќе се исполнат сите предуслови за решение на проблемот со името, јавува Македонската информативна агенција (МИА).

Според него, преговорите ќе траат долго и потребно е да се направат уставни промени поради „иредентистичките позиции“. Неговата партија не отстапува од позицијата, во името да не биде вклучен терминот Македонија.

– Не верувам дека до Самитот на НАТО ќе биде направен толку голем напредок во преговорите, дека ќе биде завршена уставната промена, како дел од предусловите што ги поставува грчката влада за поранешната југословенска република. Сметам дека ако скопјаните навистина сакаат решение, ќе треба да го направат она што го направи Англија за нејзиниот влез во Европската унија. Ќе ве потсетам дека за Англија да влезе во ЕЕЗ, го смени името по барање на Де Гол, од Велика Британија во Обединето Кралство – рече Каменос.

Тој ги отфрлил сценаријата за напуштање на владината коалиција и истакна дека со СИРИЗА ќе го завршат четиригодишниот мандат даден од граѓаните.


Коѕиас: Ние сме за постоење на единство во БЈРМ и не се мешаме во внатрешната политика


Атина, 4 мај, 2017 - 10:56 (META) 

Шефот на грчката дипломатијата, Никос Коѕиас, испрати јасна порака дека Грција ги поддржува стабилноста и единството во Македонија.

Во говор за време на презентација на книгата на ексминистерот и европратеник Никос Сфунакис за грчката надворешна политика, Коѕиас порача дека остро се противат на идеите за дестабилизација на Балканот и за промена на границите во регионот.

„Грција постојано ја поддржува стабилноста во регионот, и ова се однесува на нашиот северен сосед. Ние сме за постоењето на единство во БЈРМ, ние сме единствените кои не се мешавме и сè уште не се мешаме во нејзината внатрешната политика и ќе го браниме нејзиното постоење“, изјави Коѕиас.

Тој испрати порака дека не се живее во период на средновековните војни, туку во период кога е неопходна стабилност и почитување на меѓународните правила, како и почитување на границите.

Коѕиас се осврнал и на спорот за името и забележал и дека Македонија е „подарок од боговите, но немала добар кум“ за името.

Грчката загриженост за случувањата во Македонија ја истакна и европратеникот од владејачката СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, кој испрати писмо и прашања до шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, со кои бара објаснување како ЕУ планира да помогне за смирување на тензиите.

Во писмото Пападимулис нагласува дека Македонија ја тресе постојана политичка нестабилност, медиумите се обидуваат да ги замолчат, под знак прашалник е независноста на судството, а насилството и судирите се зголемуваат. Среде оваа ситуација, како што пишува тој, се зголемува и националистичката реторика од Албанија.

„Загрижувачката ситуацијата во БЈРМ се влошува од ултранационалистичката и иредентистичката политика на албанскиот премиер Еди Рама и на косовските политичари, кои сакаат да го свртат јавното мислење од реалните проблеми – сиромаштијата и длабоката корупција. Овие феномени ги ставаат во опасност стабилноста и напредокот на државите од Западен Балкан и нивниот европски напредок“, пишува Пападимулис.


Грција внимателна во реакциите за турскиот референдум


Атина, 18 април, 2017 - 11:48 (META) 

Грција е резервирана во реакциите од исходот на референдумот во Турција. Грчката влада не излезе со официјална реакција, но извори од владиниот кабинет во изјава за грчката информативна агенција АПЕ испратија порака за поддршка на демократијата и на стабилноста на државата.

„Ќе се почитуваат одлуките на турскиот народ за иднината. Ние ги поддржуваме стабилноста и демократијата. Сакаме да видиме една Турција што ќе придонесе за дијалогот и за нашата соработка врз основа на заемно почитување“, велат владини извори за АПЕ.

Референдумот во Турција се следеше со големо внимание во Грција, каде последниот период има затегнување во врските со Турција поради одлуката да не се вратат во матичната земја избеганите турски војници по пучот против претседателот Реџеп Таип Ердоган, како и поради зачестените грчки и турски воени вежби околу островите.

Во Грција постои постојана загриженост дали Турција ќе остане доследна на договорот за контролирање на бегалците, кои доаѓаат кон грчките острови.

Грчките партии во целост беа внимателни во реакциите. Европратеникот на СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, на „Твитер“ забележа дека референдумот покажува една длабоко поделена Турција, како и дека победата не е доволна за Ердоган да стане „султан“.

Одговорниот за надворешна политика на опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос, истакна дека е потребна Турција која ќе придонесе за стабилноста и за мирот во регионот, без политички тензии и провокации кои не водат кон ништо.

„Турција оди кон сериозна уставна промена. Отсега работите ќе се судат поради маргиналниот резултат, од мудроста која ќе ја покажат политичкото лидерство и турскиот народ. Ние во Грција се надеваме на пријателски врски и на соработка“, истакна Кумуцакос.

Лидерот на ПАСОК, Фофи Генимата, истакна дека се надева дека Ердоган ќе престане со провокациите и ќе ја раководи државата со почит кон меѓународните договори, додавајќи дека Грција сака деморкатија и стабилност во Турција, како и одржување на добрососедските односи.