!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Три нови случаи на заболени со мали сипаници


Скопје, 20 октомври, 2017 - 13:41 (META) 

Во текот на изминатата недела, од 14 до 20 октомври, регистрирани се три нови случаи на мали сипаници, со што вкупниот број на заболени е 17 лица, информираат од Институтот за јавно здравје.

Од вкупниот број на заболени, 10 лица живеат во населбата Маџари – Кванташка депонија, две лица се од Чаир, а по едно лице е регистрирано во село Сопиште, населба Шуто Оризари и во село Кондово. Едно од пријавените заболени деца е државјанин на Косово. Едно лице од новопријавените во последната недела е со место на живеење во Прилеп, на привремена работа во Скопје.

Од заболените, два случаи се на возраст под една година, кога не подлежат на задолжителна вакцинација против мали сипаници. Седум заболени се на возраст од една до четири години, а три се над 30-годишна возраст.

Симптомите на првиот пријавен случај од мали сипаници се јавиле на 15 септември. На 25 септември, Центарот за јавно здравје Скопје пријави епидемија на мали сипаници на територијата на општина Гази Баба – Кванташка депонија.

Од 17 регистрирани случаи, 16 се лабораториски потврдени, а еден е клинички и епидемиолошки поврзан случај. Само кај два случаи биле регистрирани компликации во вид на пневмонија.


Комисијата за заразни болести прогласи епидемија на мали сипаници во Гази Баба


Скопје, 23 септември, 2017 - 17:34 (META) 

Комисијата за заразни болести прогласи епидемија на морбили (мали сипаници) во Општина Гази Баба, откако пет деца се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести.

Најмалото дете има 12 месеци, а најголемото 11 години. Претседателот на Комисијата, Звонко Миленковиќ, вели дека три од нив имале висока температура и други компликации кои се појавиле пред осипот, но не се во критична состојба.

Надлежните информираат дека овие деца не ја примиле задолжителната вакцина МРП, а здравствените власти од понеделник ќе проверуваат колку деца не се вакцинирани, имајќи предвид дека вакцинирањето со оваа вакцина е намалено.

Од Комисијата за заразни болести апелираат до граѓаните да не ја одложуваат вакцинацијата, бидејќи малите сипаници можат да доведат до сериозни компликации, но и смртни случаи како што е случајот во Романија и други европски земји.

Во Македонија последен пат морбили се појавиле во 2014 година, кога биле заразени 110 лица.


Овчи сипаници ги испразнија училиштата и градинките, регистрирани 3.025 случаи


Скопје, 4 мај, 2017 - 16:28 (META) 

Во училиштата и во градинките е забележан зголемен број на деца со овчи сипаници, па така во некои одделенија речиси половина од учениците отсуствуваат од настава поради појавата на овој вирус.

Информацијата дека во овој период е регистрирано релативно зголемување на бројот на лица заболени со овчи сипаници, за „Мета“ ја потврдија и од Институтот за јавно здравје.

„Во 2017 година регистрирани се 3.025 случаи на мали сипаници или за 15 проценти повеќе споредено со истиот период од 2016 година. Зголемувањето на бројот на случаи е очекувано, бидејќи овчите сипаници се појавуваат сезонски, односно највисок број на случаи се јавува во периодот од април до јуни“, вели лекарот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.

Тој информираше дека ова заболување трае кратко, се карактеризира со осип по кожата, проследен со треска и со слабост и дека вирусот е многу заразен. Периодот на инкубација е помеѓу две и три недели.

Болеста може да биде сериозна кај повозрасните и кај лицата со намален имунитет.


Зголемен број заболени од овча сипаница


Скопје, 6 февруари, 2016 - 18:15 (META) 

Во јануари во Институтот за јавно здравје се регистрирани 829 случаи на овчи сипаници во цела земја, што е речиси иста состојба со претходниот месец кога биле откриени 816 болни, но двојно повеќе од ноември, кога имало околу 400 заразени.

Меѓутоа, во споредба со јануари лани, оваа болест бележи пораст од 64 отсто. Тогаш имало само 504 болни со овчи сипаници. И покрај зголемениот број болни, епидемиолозите велат дека ова се вообичаени месечни и годишни осцилации на овчите сипаници и оти засега нема подрачје каде што ова сезонско заболување се шири во епидемиски размери.

Последен пат епидемија на варичела имало минатата година, и тоа во Виница.