!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Независниот синдикат на полицијата протестираше за повисоки плати


Скопје, 4 ноември, 2017 - 16:38 (META) 

Независниот синдикат на полицијата (НСП) одржа мирен протест со колона автомобили низ улиците на Скопје и прес-конференција пред Влада на РМ. Мото-маршот почна од Министерството за земјоделството, покрај Министерството за правда за да заврши пред Владата, каде прес-конференција одржа претседателот на НСП, Гоце Делчев-Тодев.

„Како Синдикат кој се грижи за своите членови, како и за другите вработени во МВР, сметаме и должни сме да Ве потсетиме како премиер и министер за внатрешни работи дека во согласност со планот за усогласување на платите за 2017 година во Буџетот на РМ беа предвидени две зголемувања на платите по 5 отсто и тоа во мај 2017 година првото и 5 отсто во последното тримесечје на годината. До ден-денес ниту едното ниту другото не се исплатени, а да биде трагедијата поголема, од досегашните изјави и увиди во предлог-буџетот за 2018 година, заклучуваме дека не се споменуваат ниту зголемување на платите, ниту усогласување“,  порачаа од синдикатот.


Синдикатот на „Фени“ не прифаќа стечај


Кавадарци, 31 октомври, 2017 - 10:07 (META) 

Синдикатот на „Фени“ не прифаќа стечај и најави дека со штрајкови ќе ги блокира и судот и банките ако дојде до тоа, јавува „Сакам да кажам“.

Вчера трите најголеми доверители на металуршкиот гигант, „Комерцијална банка“, „Стопанска банка“ – АД Скопје и „Силк роуд банка“ до надлежниот суд во Велес поднеле предлог за почнување стечајна постапка за компанијата за фероникел од Кавадарци, „Фени индустри“, бидејќи вкупниот долг што го има кавадаречката фирма кон трите банки не може да го сервисира.

– Ако за нас нема работа, нема да има ниту за нив – изјавил Ѓоре Палитов, претседател на синдикалната организација во „Фени“.

Тој вели дека стечај не е прифатлив, бидејќи во таков случај треба да седат дома и да не земаат плата. Најавува дека работниците и синдикатот нема да молчат.


Војниците се сретнаа и со Заев и од него побараа подобрување на нивниот статус


Скопје, 23 август, 2017 - 18:22 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретнал со Независниот синдикат на професионалните војници, при што тие го информирале за стандардот на вработените професионалци во Армијата на Република Македонија и побарале поддршка од владата за подобрување на социјалниот статус на професионалните војници.

На средбата било разговарано и за законската обврска, според која, државата е обврзана да обезбеди вработување на професионалните војници на неопределено време во други државни органи, по навршената 45 годишна возраст.

Претходно, професионалните војници се сретнаа и со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.


Работниците на аеродромите во Шпанија најавуваат штрајк


Барсеолона, 16 август, 2017 - 19:48 (META) 

Работничкиот синдикат на шпанската компанија за управување со аеродромите „Аена“, денеска најави дека ќе штрајкува 25 дена поради немање напредок во преговорите за поголема плата за вработените и подобри работни услови.

Доколку наредните недели не се постигне напредок, штрајковите ќе почнат од средината на септември и ќе бидат организирани за викенди и во деновите кога се државни празници до крајот на годината, соопштил синдикатот.

Од „Аена“ велат дека се надеваат дека ќе биде постигнат договор со синдикатот.

Патниците веќе се соочуваат со доцнење на летовите и долги редови на аеродромот „Ел Прат“ во Барселона поради штрајк на обезбедувањето.


ВМРО-ДПМНЕ: Власта на СДСМ го окупираше синдикатот


Скопје, 16 август, 2017 - 9:56 (META) 

СДСМ стави рака врз синдикатот кој треба да ги штити интересите на вработените. Додека граѓаните чекаат просечна плата од 30.000 денари и минимална плата од 16.000 денари, СДСМ наместо да го испорача ветувањето, го презема синдикатот за да се осигура дека ќе биде задушен секој револт од катастрофалните економски политики, обвини ВМРО-ДПМНЕ претпладнево.

„Партиската полиција на Оливер Спасовски, даде асистенција за влез во просториите на ССМ на лице блиско до СДС. Скандалот да биде поголем, тоа е сторено врз основа на решение со кое се одбива неговото барање за упис во Централниот регистар како овластено лице на синдикатот. МВР на Спасовски постапи надвор од процедура, дозволувајќи партиските наредби да бидат над законот и со закон пропишаните норми. СДСМ брза пред најавените покачувања на даноците и придонесите да ги стави синдикатот и работниците под своја контрола, како би си обезбедиле молк за погрешните економски политики кои ги влечат“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата порачува дека дека синдикалното организирање е загарантирано со Устав и истото не смее да биде загрозувано од ниедна власт како и дека ќе мора некој да сноси одговорност за незаконскиот упад во синдикатот.


Компанијата „Фиат“ и синдикатот постигнаа договор, работниците го прекинаа штрајкот


Крагујевац, 25 јули, 2017 - 16:06 (META) 

Раководството на компанијата „Фиат“ и синдикатот потпишаа договор со што се стави крај на штрајкот во фабриката во Крагујевац.

За време на разговорите било договорено зголемување на платите во согласност со стапката на инфлација, која ја проектирала Народна банка на Србија за наредните три години.

Исто така, било договорено исплата на новогодишен бонус во август, а остатокот да биде исплатен во декември годинава. Надоместокот на ноќен превоз ќе биде двојно зголемен.

Со колективниот договор, работниците се обврзале дека следните три години нема да штрајкуваат.

Преговорите помеѓу синдикатот и компанијата почнаа на 19 јули, со посредство на премиерката Ана Брнабиќ и на Владата на Србија.


„Фиат“ на вработените во Крагуевац им понуди зголемување од девет отсто, синдикатот прифати


Белград, 24 јули, 2017 - 12:29 (META) 

Менаџментот на „Фиат“ на работниците во фабриката во српскиот град Крагуевац им понуди зголемување на платата од девет отсто, а синдикатот тоа го прифатил, јави Радио-телевизија на Србија.

Понудата која е дадена на синдикатот, а денеска ќе биде проследена на вработените во компанијата „Фиат Крајслер автомобили Србија“ е за зголемување на бруто-основицата од сегашните 38.500 српски динари (319 евра, според денешниот курс) на околу 42.000 динари (348 евра).

Сепак, зголемувањето нема да се примени веднаш, туку сега работниците ќе добијат зголемување од три отсто, а од почетокот на следната година ќе има зголемување од шест отсто. На работниците ќе им се исплати и бонус за ефикасност, а ќе им бидат платени и дополнителни трошоци за превоз.

Работниците во фабриката во Крагуевац почнаа штрајк на 27 јуни и во договор со Владата на Србија, влегоа во преговори со менаџментот. Штрајкот беше прекинат минатата недела, откако беше најавена разврска. По запознавањето на работниците од двете денешни смени со понудата, претставници на синдикатот ќе се упатат во Белград, каде во Владата на Србија ќе продолжат преговорите.


Синдикатот на „Југохром“ бара нова средба со Заев


Тетово, 17 јули, 2017 - 13:23 (META) 

Синдикатот на компанијата „Југохром“ бара нова средба со премиерот Зоран Заев, бидејќи, како што велат оттаму, сè уште ништо не е реализирано од претходниот состанок помеѓу нивните претставници и Владата, што се одржа на 18 јуни оваа година.

Од синдикатот велат дека сакаат да бидат информирани од премиерот за „моменталната состојба и за неговото видување на статусот на комапнијата“, бидејќи, како што се додава во соопштението, синдикатот бил под притисок од вработените во „Југохром“, кои бараат организирање протести.

„На одржаната средба со Вас и со Кочо Анѓушев беше договорено дека Вие ќе преземете активности за одржување средба со сопственикот на компанијата и со невладините организации, за повторно да се разгледаат и да се најдат начини за фабирката да почне со работа. Бидејќи помина подолго време, а сме под силен притисок од вработените во „Југохром“ за организирање протести, бараме да одржиме средба на која би нè информирале за моменталната состојба и за вашето мислење за статусот на компанијата. Ве молиме бараната средба да биде одржана во најкраток можен рок, односно уште во текот на оваа недела“, стои во соопштението од синдикатот на „Југохром“.

Комбинатот престана со работа на 31 октомври минатата година, откако Инспекторатот за животна средина донесе одлука да се запре производствениот процес на фабриката, поради непочитувањето на рокот за изградба на филтер-станицата. Од раководството на „Југохром“ велат дека не успеале навреме да ја изградат станицата поради одолжување на постапката за добивање градежна дозвола.


Заев, Анѓушев и Спасовски разговарале со претставници на синдикатот на „Југохром“


Скопје, 18 јуни, 2017 - 19:36 (META) 

Премиерот Зоран Заев, вицепремиерите Кочо Анѓушев и Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и претставникот од Министерството за животна средина, Лирим Шабани, на денешната средба со претставниците на синдикатот на работници во комбинатот „Југохром“, Бајрам Амити и Светислав Спасовски, како и со генералната секретарка на СИЕР, Маре Анчева, разговарал за можноста за рестартирање на „Југохром“, кој не работи веќе осум месеци, поради што 1.200 вработени се без егзистенција.

– Решение за проблемот има, ако постои волја од сите засегнати страни. Проблемот треба да се реши институционално. Ќе направиме сè, преку активна посветеност, да помогнеме ова прашање да се реши – рекол Заев.

Претставниците на синдикатот на работници на „Југохром“ ги презентирале проблемите со кои живееле во изминатите осум месеци, откако не работи комбинатот, при што некои од порано вработените заминале од родните огништа.

Заев најави дека по денешната средба со синдикалните преставници на вработените во „Југохром“, тој и претставниците на Владата ќе се сретнат и со менаџментот на фабриката, во врска со поставувањето на еколошките филтри, како и со еколошките здруженија.


Синдикатот на културата од новата влада бара нов закон за култура


Скопје, 5 јуни, 2017 - 15:14 (META) 

Синдикатот на култура на Република Македонија денеска упати низа барања до новата власт, за кои рече дека драстично ќе ги сменат лошите околности во кои е западната културата во земјава.

На прес-конференција во МОБ, синдикатот побара замена на сегашниот Закон за култура со нова законска рамка по урнекот на европските земји, како и изземање на културата и на вработените во различни институции од законот за јавна администрација, а побара и транспарентност при носењето на законските рамки.

Синдикатот смета дека мора да се води транспарентна постапка, со можност за јавна расправа, за годишната програма за работа. Едно од клучните барања е и повлекување на сегашниот предлог за колективен договор изработен од Министерството за култура и итна изработка на нов колективен договор, со кој би се вратиле одземените права како дневни и патни трошоци, регрес за годишен одмор и надомест за одвоен живот.

Синдикатот на културата бара и посоодветен избор на кадарот, но и измени на сегашниот каталог на работни места. Побара и укинување на антикризните мерки и подобрување на условите за работа во институциите, како и нови правилници и праведен систем за наградување.