Царинските кучиња откриле шест килограми марихуана на Табановце


Куманово, 22 ноември, 2014 - 14:01 (META) 

Мобилните тимови на царинската управа, вчера на граничниот премин Табановце, спречиле шверц на шест килограми марихуана, сокриена во автомобил со германски регистарски ознаки, кој бил пријавен за влез во државата.

Во возилото, марка „опел астра“, патувале двајца германски државјани, В.Б. (42) и А.Ф. (28), кои веднаш биле приведени.

Дрогата, која била сокриена во фабрички шуплини на возилото, ја откриле царинските кучиња.

– Возилото беше селектирано за контрола, а при прегледот употребени се и царински кучиња кои индицираа присуство на дрога со гребење на внатрешноста на задните седишта под тапацирот. При прегледот на возилото, во фабричките шуплини пронајдени се седум пакувања и тоа три од левата страна и четири од десната стрaна на возилото – информираат од царината.

Во предистражната постапка, како што соопштуваат од царината, било утврдено дека осомничените, со лице кое престојувало во Минхен, се договориле да организираат и да реализираат транспорт на марихуаната од Косово за Германија.

Тие на почетокот на овој месец го набавиле возилото и пред една недела отпатувале за Приштина каде требало да ја натоварат дрогата и да ја пренесат во Германија.

Вредноста на запленетата марихуана на западноевропскиот наркопазар, се проценува на околу 20.000 евра.

Осомничените германски државјани, против кои е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци и прекурсори, денеска ќе бидат предадени на Основниот суд Скопје 1.


Пршута, цигари, обувки и забни импланти запленила царината


Скопје, 17 ноември, 2014 - 13:16 (META) 

Сувомесни производи, пршута, забни импланти, детски обувки, цигари се дел од стоката што минатата недела, поради царински прекршоци, била запленета на граничните премини.

Како што информираат од Царинска управа, на граничниот премин Блаце, биле запленети 75 килограми сувомесни и млечни производи, односно пршута, суџук, сушени телешки ребра, кајмак со пиперки и кравјо сирење. Стоката била пронајдена во автомобил со српски регистарски ознаки. Возачот изјавил дека производите имал намера да ги носи во Турција.

На истиот премин, во автобус со црногорски ознаки, биле откриени уште 50 килограми пршута. Возачот на цириниците им пријавил само пет килограми, но при преглед на автобусот, под креветот во делот наменет за одмор на возачите, цариницте нашле шест парчиња пршута.

На граничниот премин Деве Баир, цариниците спречиле шверц на околу 2.500 забни импланти и стоматолошки алатки. Тие биле најдени во багажот на државјанка на Литванија, која патувала во возило со бугарски регистарски ознаки. Вредноста на стоката биа проценета на околу 2,8 милиони денари.


Возач на амбулантно возило „итно превезувал“ вотка и ликер!


Струга, 17 ноември, 2014 - 13:11 (META) 

Возач на амбулантно возило со албански регистарски таблички, управувано од албански државјанин, наместо да превезува пациенти до медицинските установи, се обидел да прошверцува две картонски кутии, секоја со шест шишиња водка „смирноф“ и ликер „јегермајстер“.

Забранетата пратка, цариниците од граничниот премин Ќафасан, кај Струга, му ја откриле при извршената контрола, зад совозачкото седиште, прекриенa со црна најлонска кеса.

На прашање на царинските службеници што има да пријави, возачот изјавил дека нема ништо особено за пријавување, бидејќи „носел пациенти во болница во Струга“.


Спречен обид за шверц на 1,2 килограм хероин во пакување за сок


Скопје, 15 ноември, 2014 - 16:32 (META) 

Царинските службеници, вчера, на граничниот премин Богородица, спречија обид за шверц на 1,2 килограм хероин, сокриен во пакувања за сок тетрапак.

Како што соопшти Царинската управа на Република Македонија, вчера, околу 4 часот, на влез во Република Македонија, на граничниот премин Богородица, се пријавил автобус со македонски регистарки ознаки, кој сообраќал на релација Истанбул – Гостивар.

При детален преглед извршен од страна на царинските службеници во внатрешниот дел од автобусот, над две од седиштата пронајдена една најлонска кеса, во која биле ставени два овошни сока во тетрапак. Но, наместо сок, во пакувањата се пронајдени две пакетчиња наполнети со опојна дрога хероин, облепени со леплива лента, со вкупна тежина од околу 1200 грама.

Бидејќи ниту еден од патниците во автобусот не се пријавил дека пронајдената кеса е негова, случајот бил предаден на оддлението за истраги при Царинската управа, од каде, Основното јавно обвинителство – Велес го презеде случајот. Од преземените предистражни активности, било утврдено дека како осомичено лице се јавува 22-годишниот Н.В., македонски државјанин, патник во автобусот.

Утврдено е дека пријавениот го набавил хероинот во Турција и требало да го пренесе и предаде на Н.Н., лице од Македонија. Како организатори на шверцот со хероин се јавуваат лица од Македонија и од Турција, а пријавениот бил само пренесувач на дрогата. По насоки добиени од организаторот, пријавениот пред неколку дена отпатувал за Истанбул, каде се сретнал со турски државјанин кој претходно го подготвил и го сокрил хероинот во амбалажа од два овошни сока.

Цената на хероинот со оваа чистота, на наркопазарот би достигнала околу 30.000 евра.

Против сторителот, Царинската управа поднесе кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори до надлежното јавно обвинителство, а истрагата против сите инволвирани лица продолжува.


Албанија: Уапсени осум лица за шверц на оружјe за Сирија


Тирана, 15 ноември, 2014 - 12:23 (META) 

Албанската полиција уапси осуммина лица кои се обидела да прошверцуваат оружја за Сирија.

Како што соопшти полицијата, Групата албански државјани е уапсена во Тирана и во градовите Шијак и Драч. При апсењето, кај лицата се пронајдени седум автоматски пушки, две сачмарки, шест пиштоли, пет бомби и муниција.

Полицијата соопшти дека трага по уште четворица осомничени, кои се во бегство, но не откри на кој начин оружјето било испраќано за Сирија.


Царината заплени 14 килограми марихуана


Скопје, 11 ноември, 2014 - 12:51 (META) 

Македонските царински служеби, вчера на граничниот премин Табановце, на македонско-српската граница, спречиле шверц на 14 килограми марихуана, информираа од Царинската управа.

Дрогата била откриена во автомобил „рено лагуна“, во кој се превезувале полските државјани Д.Л. (48) и К.С. (46), кои имале намера да ја пренесат марихуаната од Албанија, преку Македонија во Полска.

Марихуаната била спакувана во 45 пакетчиња, облепени со леплива лента, сокриени во специjално направен бункер кај задниот браник, околу резервната гума.

– Царинските службеници се посомневале дека возилото е преправено и го издвоиле за детална контрола. Притоа, со отстранување на задниот браник и со сечење на лимот, пронајдени се три отвори по должината на подвозјето, околу резервната гума. Во левиот отвор откриени се 14 пакетчиња, во десниот 16, а од средниот извадени се 15 пакетчиња, информира директорката на Царинската управа, Наташа Радевска-Крстевска.

Во досегашната истрага било утврдено дека двајцата полски државјани, за сума од 2.500 евра, ги ангажирало трето лице во Полска.

Дрогата, од Поградец во Албанија, требало да ја транспортираат преку Македонија во Полска, а специјалните отвори во автомобилот биле направени во Полска, од организаторот на транспортот.

Од царинската управа најавија пријави против осомничените, кои денеска треба да бидат предадени на Јавното обивнителство за натамошна постапка.


Уапсен Драгослав Космајац


Белград, 9 ноември, 2014 - 9:58 (META) 

Српската полиција го уапси Драгослав Космајац во неговиот стан во Белград, а заедно со него, приведени се уште седум лица.

Како што објави српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, на вонредна прес-конференција утрово, полициската акција била резултат на четиримесечна истрага. Сите уапсени се државјани на Србија, дел биле приведени во Белград, а дел во Сремска Митровица и се осомничени дека му помагале на наркодилерот во серија кривични дела, од шверц до даночно затајување.

Во т.н. Бела книга на Министерството за внатрешни работи на Србија од 2001 година, сега 61-годишниот Космајац се посочува како еден од најважните трговци со опојни дроги на Балканот. Тој се поврзува со шверцот на дрога од Јужна Америка, од каде, наводно, организира транспорт на огромни количества кокаин во Европа.

На рутата на шверцот на Космајац, според српските власти, се наоѓа и Македонија. Наводно, Космајац има разработен канал за пренесување на дрогата од Турција, преку Бугарија, Македонија, Црна Гора и Србија до земјите од Западна Европа.