!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Киднапирано девојче во Шуто Оризари


Скопје, 1 август, 2017 - 15:11 (META) 

Малолетно девојче вчера ноќта било киднапирано на улица во скопската населба Шуто Оризари, извести СВР Скопје.

Девојчето вчера, околу 3 часот, со својата малолетна сестра, отишло во продавница и при враќањето дома, на улицата Патрис Лумумба, до нив застанал автомобил од кој излегле две лица кои се познавале со девојчињата. Потоа едното од лицата насила го внел девојчето во автомобилот, по што заминале.

Случајот во полиција вчера околу 19 часот го пријавил 44-годишен татко на киднапираната. СВР Скопје вели дека се работи на расчистување на случајот.


Таравари: Не брзаме, ги бараме најдобрите кадри за директорските функции


Скопје, 21 јули, 2017 - 14:20 (META) 

Ако имаме успешни директори, ќе бидеме успешни како министри, а и како Влада, изјави денеска министерот за здравство, Арбен Таравари, на промоцијата на проектот „Добредојде бебе“, најавувајќи понатамошни промени на директорските функции во секторот што тој го води.

– Здравството треба полека да наоѓа луѓе кои знаат и умеат убаво да управуваат со здравствените институции. Затоа не брзаме, ќе најдеме најдобри решенија, само дајте ни малку време – рече Таравари.

Во врска со постапката за вработување гинеколог во Шуто Оризари, министерот за здравство рече дека гинекологот е избран, веќе е нострифицирана неговата диплома, има лиценца за работа од Лекарската комора и дека во тек е процедура за регистрација на приватна здравствена установа или консеционерство. Според Тараваи, процедурите ќе завршат за неколку недели.


Уште три лица идентификувани за тепањето во Собранието, двајца ослободени, еден во притвор


Скопје, 15 мај, 2017 - 16:53 (META) 

Полицијата викендов разговарала со тројца осомничени учесници во насилствата во Собранието на 27 април, од кои едно лице што само се пријавило во полициска станица по враќање од странство е во притвор, а другите двајца се пуштени на слобода и за нив ќе има поднесоци.

Според соопштението, по прегледувањето на видеозаписите, СВР Скопје ги повикало на разговор Д.С. (39) од Скопје и А.Б. (60) од Тетово, по што биле ослободени, а МВР ќе достави поднесоци за нив до Јавното обвинителство.

Во саботата во 20.50 часот во полициска станица се пријавил Н.М. (34) од Скопје, против кого е поднесена кривична пријава. Тој бил задржан во станицата, а потоа ноќта во неделата е однесен во притвор во затворот во Шуто Оризари.

СВР Скопје известува дека работи на расчистување на случајот и на идентификување и на други учесници во насилствата во Собранието.


Хелсиншки комитет: Средното училиште во Шуто Оризари е продолжување на гетоизацијата


Скопје, 8 април, 2017 - 14:10 (META) 

Потсетувајќи дека не само што и понатаму продолжува потребата за поддршка на Ромите, туку и се прават чекори назад, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија го честита Меѓународниот ден на Ромите, но истовремено алармира дека работите не стојат најдобро во поглед на понатамошна интеграција на Ромите и на решавање на нивните проблеми.

Од комитетот велат дека изградбата на базен и отворањето на новото средно училиште во скопската населба Шуто Оризари се продолжување на гетоизацијата. Доказ повеќе за тоа е фактот што во населбата не е решен целосно проблемот со водоводна и со канализациска мрежа, што е приоритет.

„Би сакале во духот на одбележувањето на овој ден, да ја истакнеме нашата загриженост за статусот на Ромите во државата и нивната континуирана системска дискриминација и гетоизација. Особено сме загрижени за најновите планови кои се прават во ромската населба Шуто Оризари, меѓу кои се новоотвореното средно училиште „Шаип Јусуф“, во кое продолжуваат да се одлеваат цели ромски паралелки од другите средни училишта во Скопје. Понатаму, најавата за изградба на базен во истата населба и за вложување на повеќе од 6.000 евра за негова изградба, наспроти недостигот од функционална канализациска и водоводна мрежа во населбата. Жителите во општината и понатаму се соочуваат со проблеми во пристап до квалитетна, достапна и навремена здравствена заштита, а немаат ни пристап до матичен гинеколог“, се вели во соопштението.

Од Хелсиншки комитет порачуваат дека постои и друга системска сегрегација на децата Роми во образовниот процес – тие се распределувани во посебни паралелки во редовните училишта, наместо да бидат вклучени и интегрирани во редовните паралелки.


Иницијативата на жени од Шуто Оризари бара гинеколошка ординација


Скопје, 8 април, 2017 - 13:11 (META) 

Истражување од декември 2016 година покажало дека само 2 отсто жени од Шуто Оризари биле посетени од патронажна сестра во текот на бременоста, а дури на 83 отсто од Ромките им било наплатено за ЕХО-преглед од страна на матичениот гинеколог, иако оваа услуга им следува бесплатно. Во 2015 година, пак, доенечката смртност кај Роми е речиси двојно повисока во однос на просекот кај другите етнички групи, реагира Иницијативата на жени од Шуто Оризари, во својата честитка за 8 април, Меѓународниот ден на Ромите.

„Очекуваме од претставниците од новоформираната влада и парламентот да се вклучат во подготовка на долгорочна стратегија за решавање на проблемот со недостиг од матични гинеколози во примарната здравствена заштита на територија на цела држава. Во меѓувреме, очекуваме да се обезбедат стимулативни мерки со кои ќе се осигура отворање на ординации на матични гинеколози во општините каде има недоволен број гинеколози и каде живее социјално ранливо население, вклучително и ургентно отворање на ординација на матичен гинеколог во општина Шуто Оризари. Дополнително бараме одговорните институции, пред сè Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство да најдат решение со кое целосно ќе се елиминира практиката на незаконски наплата на здравствените услуги во текот на бременоста во ординациите на матичните гинеколози“, се вели во честитката и реакцијата од Иницијативата на жени од Шуто Оризари.


Во голем пожар во Шуто Оризари изгореле две куќи


Скопје, 7 април, 2017 - 15:11 (META) 

Во пожар што вчеравечер избил на улицата Патрис Лумумба во скопската населба Шуто Оризари изгореле две куќи, а две биле делумно опожарени, соопшти денеска МВР.

Како што за „Мета“ објасни командантот на скопската Територијална противпожарна единица, Звонко Томески, случајот бил пријавен вчера, по 19.40 часот, по што веднаш се интервенирало со седум противпожарни возила и 22 пожарникари и иако имало опасност пожарот да се прошири, тој бил успешно изгаснат во 22.30 часот.

Причините за пожарот сè уште се непознати.


Насилници претепале скопјанец и демолирале кафуле во Шутка


Скопје, 29 март, 2017 - 13:29 (META) 

Седум-осум непознати лица вчеравечер во кафуле во населбата Шуто Оризари претепале млад скопјанец, а потоа превртеле неколку маси и го скршиле стаклото на влезната врата, по што заминале, соопшти СВР Скопје, информирајќи дека во врска со инцидентот засега се приведени тројца и се работи на расчистување на случајот.

Случајот во полиција вчера во 21.30 часот го пријавил претепаниот К.С. (24), кој бил однесен во Ургентен центар – Скопје, каде му била  укажана лекарска помош и бил пуштен на домашно лекување.

Насилниците го тепале 24-годишникот со раце, палки и со други тврди предмети, при што му нанеле телесни повреди.