!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Отежнат авиосообраќајот во Италија поради штрајк на вработените на аеродромите


Рим, 20 март, 2017 - 9:55 (META) 

Авионскиот сообраќај во Италија денеска ќе биде отежнат поради штрајкот на аеродромските работници, меѓу кои и контролорите за летање, соопштија синоќа синдикатите. Контролорите за летање се повикани на синдикален штрајк во периодот од 13 до 17 часот.

Покрај тоа, сите вработени во воздухопловството се повикани на 24-часовна готовност за штрајк, освен во двата шпица, од 7 до 10 часот и од 18 до 21 часот.

Италијанскиот авиопревозник „Алиталија“ соопшти дека откажал 40 отсто од своите домашни и меѓународни летови.
Владата, управата на „Алиталија“ и синдикатот денеска треба да преговараат за низа проблеми.

„Алиталија“ се соочува со финансиски проблеми поради конкуренцијата од евтините превозници, како што се „Рајанер“, и планира за 20 отсто да ја намали работната сила, а платите да ги скрати за третина, што е неприфатливо за синдикатите кои повикаа на штрајк и на 5 април.


Стотици мајки почнаа штрајк со глад во Црна Гора


Подгорица, 14 март, 2017 - 16:09 (META) 

Неколку стотици жени, кориснички на социјална помош за мајки со три и со повеќе деца, и денеска се собраа пред црногорското собрание, каде донесоа одлука да го радикализираат протестот кој трае веќе 13 дена по ред.

Одлучиле да почнат штрајк со глад поради одлуката на владата, во рамки на мерките за штедења, да ја намали помошта за нив за 25 отсто.

Тие апелираа Уставниот суд да ја поништи одлуката на владата за намалување на нивните стекнати права.

Помошта се намалува од 336 на 264 евра, односно од 192 на 144 евра.


По еден месец штрајк, новинарите во МПМ се враќаат на работа


Скопје, 14 март, 2017 - 16:02 (META) 

Со префрлањето на платата за јануари, штрајкувачкиот одбор на „Дневник“, „Утрински весник“ и на „Вест“ донел одлука за прекин на штрајкот, информираат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

– ССНМ со жалење констатира дека и покрај префрлањето на платата, ситуацијата на вработените во МПМ и понатаму е критична и очекува од управата да извлече поуки од речиси четиринеделениот прекин на работата. Штрајкот е најнепосакуваното оружје на синдикалната борба, од која никој не може да излезе како победник. Затоа очекуваме дека одлуката за негов прекин ќе биде разбрана како израз на добра волја во интерес на сите и мотив за востпоставување сериозен социјален дијалог во интерес и на сопствениците и на вработените, кој ќе спречи сцените на протести и на штрајк да не се повторуваат и во иднина – велат од ССНМ.

Штрајкот на новинарите во МПМ почна на 17 февруари.


Штрајкот на новинарите во МПМ ќе се зголеми на осум часа


Скопје, 13 март, 2017 - 10:48 (META) 

Штрајкувачките одбори на „Дневник“, „Утрински весник“ и на „Вест“ донесоа одлука за зголемување на времетраењето на штрајкот на 8 часа, почнувајќи од денеска, информира Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

„Ова е од причини што и по усните ветувања од раководството дека се прават напори за да се исплати јануарската плата, платата не е исплатена и нема никаквов прецизен рок кога тоа ќе се случи, а нема ниту прецизна информација што ќе се случува со компанијата во наредниот период“, велат од ССНМ.

Од Синдикатот информираа дека револтот кај вработените е веќе преголем поради влошената економско-социјална положба и игнорантскиот однос на менаџментот.


Стотина летови откажани на аеродромите во Берлин


Берлин, 10 март, 2017 - 10:59 (META) 

Повеќе од стотина летови денеска се откажани во Берлин поради штрајкот на службениците на аеродромите поради спорот околу платите.

На главниот аеродром „Тегел“ се откажани 455 летови, додека на аеродромот „Шенефелд“ се откажани 204 летови.

Синдикатот соопшти дека 2.000 вработени на аеродромот утринава стапија во штрајк, кој ќе трае до сабота, 11 март, до 5 часот наутро. Во тек се преговори за платите.

Од синдикатот додаваат дека уште не добиле понуда што претставува основа за преговори.


Дел од вработените на „МЖ – Транспорт“ го прекинаа штрајкот, возовите не сообраќаат


Скопје, 2 март, 2017 - 12:07 (META) 

Вработените од работилницата за оспособување на локомотивите на „Македонски железници – Транспорт“ одлучија да го прекинат протестот поради кој повеќе од две недели е блокиран железничкиот сообраќај, информираше претставникот на иницијативниот одбор за протестот, Ѓоко Илиески.

Вработените се сретнале со в.д. директорот на „МЖ – Транспорт“, Игор Коруноски, и било договорено по вчерашната исплата на половина од јануарската плата, втората половина да биде исплатена во текот на следната недела, а платата за февруари да се исплати целосно до крајот на овој месец.

Иако дел од вработените го прекинаа штрајкот, сè уште не се знае кога ќе се воспостави нормален возен ред на патничките и на товарните возови.


Игор Коруноски е нов директор на „МЖ-Транспорт“


Скопје, 26 февруари, 2017 - 17:16 (META) 

Директорот за одржување влечни средства, Игор Коруноски, е новиот директор на „Македонски железници-Транспорт“. Владата го назначи на местото на Никола Костов кој пред неколку дена си поднесе оставка.

Состојбата во железничкиот сообраќај сè уште не е решена, па патничките и товарните возови веќе една недела не сообраќаат поради штрајкот на вработените кои си ги бараат заостанатите плати.

Владата обезбеди 70 милиони денари за „МЖ – Транспорт“, но според претставниците на синдикатот, тие не се доволни за исплата на заостанатите плати.

Затоа, како што велат, размислуваат за радикализација на штрајкот и да продолжат да штрајкуваат низ улиците и пред зградата на Владата.


Поддршка за новинарите во МПМ од синдикатите на Црна Гора, Хрватска и на Србија


Скопје, 24 февруари, 2017 - 15:34 (META) 

Синдикатите на новинари на Црна Гора, Хрватска и на Србија изразија целосна солидарност и поддршка на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и на новинарите на „Утрински весник“, „Дневник“ и на „Вест“, трите дневни весници на фирмата „Медиа принт Македонија“, кои штрајкуваат од 17 февруари годинава поради неисплатени плати, придонеси и хонорари, како и поради избегнувањето на управата да им даде основни информации за состојбата и за плановите за опстанок на фирмата.

„Како и другите во регионов, и новинарите на МПМ се еден од примерите на искористување на медиумите во транзициските земји за остварување на економски и на политички цели на центрите на моќ, а сè под закрилата на ширењето на демократијата во земјите од Југоисточна Европа. Спрегата на сопствениците на медиумите и на политичката елита на локано, но и на пошироко европско ниво, повеќе се грижеше за својот профит и за наметнување на своите политички цели, а помалку за правото на јавноста во тие земји да биде информирана за битни теми. Медиумските сопственици од западните земји не ги донесоа очекуваните промени“, велат од синдикатите на новинари од Црна Гора, Хрватска и од Србија.

Со оглед на сличните транзициски искуства и состојбите во медиумите, синдикатите на новинарите на Црна Гора, Хрватска и на Србија велат дека во целост ја разбираат тешката положба на македонските колеги и колешки и ги поддржуваат во нивната борба за основно човеково право да бидат платени за својата работа и да го одбранат своето човечко и професионално достоинство.


Возовите и денеска не сообраќаат, состојбата со МЖ останува статус кво


Скопје, 24 февруари, 2017 - 10:01 (META) 

Патничките и товарните возила седми ден не сообраќаат поради протестот на вработените во претпријатието „Македонски железници“, кои бараат исплата на јануарската плата.

Портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, вчера апелираше МЖ да продолжат со работа истакнувајќи оти така ќе може да ги исполнат законските можности за да бидат префрлени дополнителните средства и за да се реализираат договорените обврски што ги имаат со своите коминтенти.

– Имаме информации дека мал број вработени ја попречуваат работата на 3.000 лица кои се вработени во железницата и тоа треба да прекине. Треба луѓето да работат за да можат да ја добијат дополнителната поддршка и за да можат да си ги извршуваат нивните обврски кон коминтентите, да остваруваат дополнителни приходи и да не предизвикаат штета во нивното работење поради евентуално неисполнување на договорните обврски – изјави Ѓорѓиев.

Владата на седница донесе одлука да бидат префрлени дополнителни 70 милиони денари преку Министерството за транспорт и врски за потребите на МЖ.

Од иницијативниот одбор за спроведување на штрајкот информираат дека тој ќе продолжи до исполнување на барањето за исплата на платата за јануари.


Директорот на „МЖ – Транспорт“, Никола Костов поднел оставка


Скопје, 23 февруари, 2017 - 15:01 (META) 

Генералниот директор на „Македонски железници – Транспорт“, Никола Костов, си поднел оставка, јавува телевизија „Телма“. Информацијата за овој медиум ја потврдил неговиот колега, директорот на „МЖ – Инфраструктура“, Ирфан Асани.

„Мета“ се обиде да стапи во контакт со Костов, но тој не одговори на пораката со прашање за оставката.

Вработените во „Македонски железници“ штрајкуваат веќе шести ден, поради што патничкиот и товарниот железнички сообраќај е во прекин.

Владата вчера одлучи да ѝ исплати директна помош од 70 милиони денари на компанијата, за непречено функционирање и за надминување на проблемите.