!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Бочварски: Имаме обврска да го чуваме Штип за идните генерации


Штип, 10 септември, 2017 - 17:04 (META) 

Благој Бочварски, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Штип, со неколку сопартијци денеска се вклучи во еколошка акција, чистејќи го локалитетот Мирјанина Црква.

– Имаме одговорност пред самите нас и пред идините генерации, да направиме добри дела за овој град, да работиме во интерес на граѓаните, да ја заштитиме животната средина и здравјето на нашите граѓани – рече Бочварски и вети дека ако победи, во Штип повеќе нема да има диви депонии.


На Бахамите најголема евакуација во историјата, Ирма ќе го погоди и Мајами


Мајами, 8 септември, 2017 - 20:12 (META) 

Ирма, најсилниот ураган во историјата на мерење на силата на овие временски непогоди, воопшто не ослабнува и го продолжува својот разорен поход на Карибите. Се приближува на Куба, а сосема сигурно на неговиот удар ќе се најде и Флорида и нејзиниот најголем град Мајами.

По Ирма, пристигнува и ураганот Хозе, кој достигна трета категорија, а буквално ја следи Ирма, односно поминува на истата траекторија.

На Куба 10.000 туристи добија наредби да ги напуштат хотелите или вилите на најизложените брегови и земјата е во максимална тревога. Ирма, која досега одзеде повеќе од 20 животи, потоа ќе продолжи кон Флорида, од каде ќе оди кон Џорџија и Јужна Каролина.

На Бахамите се одвива најголемата евакуација во историјата на архипелагот зашто Ирма носи налети на ветер со брзина од 295 километри на час и не ослабнува веќе 37 часа.

Ураганот му одзеде речиси сè и на штипското семејство Шутеви, кое сега е заглавено на Карибите, јави телевизијата „Стар“.

Веќе втор ден, две сестри близначки, сопругот и едногодишното синче на едната од нив, како и нивните родители, дојдени на гости, се дел од неколкуте илјади жители на Карибите кои останаа без ништо свое.


Две деца повредени – едното паднало од трети кат, другото прободено со нож во стомакот


Штип, 25 јули, 2017 - 13:10 (META) 

Вчерашната ноќ била ужасна за две деца од Штип и од Битола – едното паднало од трети кат и добило тешки повреди, а другото било прободено со нож во стомакот.

Како што соопшти МВР, во Клиничкиот центар во Штип вчера во 22.10 часот било донесено 12-годишно дете од Штип, кое добило тешки телесни повреди при пад од трети кат од зграда на улицата Енгелсова. Поради сериозноста на повредите, малолетникот бил пренесен во Ургентен центар Скопје за понатамошно лекување.

Вчера пет минути пред полноќ, во СВР Битола било пријавено дека во итна медицинска помош бил донесен 14-годишник, кој бил повреден со нож во стомакот. За среќа, не биле повредени внатрешните органи, но детето е задржано на лекување. Било прободено со нож во стомакот од непознат сторител на улицата Филип Втори Македонски во Битола. Полицијата трага по сторителот.


Заев: Договорот со Бугарија е директна одговорност на Собранието


Штип, 21 јули, 2017 - 18:33 (META) 

Премиерот Зоран Заев од Штип им порача на граѓаните дека договорот за добрососедство со Бугарија отвора сериозна перспектива, а тој, како упатен политичар, „нема да дозоволи влакно да ѝ недостига на Македонија“.

Заев одговори на прозивките за тајноста на расправата за овој договор и објасни дека договорот ќе се смета за склучен откако ќе биде ратификуван во Собранието.

– Нешто што не е потпишано, треба внатрешно, затворено да се разговара. Преминуваме на следна фаза на дискусија во Владата. По сите сугестии што ќе ги добиеме од експертската јавност, од Собранието и од Владата, се надевам дека ќе дојде до склучување на договорот. Тоа зависи од двете страни. Ние нашите позиции ги градиме и потписот на Заев е дел од процедурата што тече – изјави премиерот.

Тој потсети дека конечната одлука, сепак, ќе биде на Собранието на Република Македонија.

– Парламентот на крајот гласа и ако е нешто на штета на Македонија, нашиот парламент има директна одговорност кон граѓаните. Затоа да не се плашиме. Ако е нешто добро, парламентот ќе гласа. Јас, како упатен политичар, кој и понатаму бара поддршка од граѓаните, нема да дозволам влакно да ѝ недостига на Македонија во нејзините перспективи – рече Заев, според кој овој договор затвора значајно поглавје со Бугарија.

Во придружба на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, премиерот Заев се сретна со конфекциските работници, синдикатите и со сопствениците на конфекциите. Од Штип ја најави новата владина мерка за државна субвенција за годишен одмор за 35.000 работници со ниски примиња.

Државата ќе финансира ноќевање и појадок за најниско платените 35.000 граѓани.

– На овој начин ќе се стимулира и продолжување на туристичката сезона. Наместо како досега да плаќаме субвенции за странци, ќе плаќаме одмор на наши граѓани. Ова е мерка што би можела да почне да се применува од крајот на август или почетокот на септември – рече премиерот Заев.


„ЕУ за тебе“ утре во Штип


Штип, 25 април, 2017 - 10:50 (META) 

Утре шефот на Делегацијата не Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, ќе го посети Штип како дел од кампањата „ЕУ за тебе“.

Кампањата има цел да ја подигне свесноста и да ја информира јавноста за помошта на ЕУ во земјата. Во Штип, амбасадорот ќе се сретне со градоначалникот, Илчо Захариев.

Амбасадорот Жбогар ќе се обрати до претставниците на цивилното општество за неодамнешниот отворен повик за предлози за програмата ИПА ЦСФ 2016-2017. ИПА ЦСФ е алатка за поддршка на граѓанските организации во нивното активно учество во осигурување на демократски практики во земјите на Западен Балкан и во Турција.

Под овој проект, кој изнесува 5 милиони евра, 19 проекти добија финансиска поддршка. Овие проекти ќе бидат активни во голем број области кои се потребни во процесот на националните реформи што ќе ја доближат земјата кон ЕУ во процесот за пристапување.

Поголемиот дел од овие проекти имаат цел да придонесат во подобрување на животните услови на граѓаните.

Прашањата што ги разработуваат се: поддршка и подобрување на основните права на граѓаните, реформа на јавната администрација за да се овозможи подобар квалитет на услуги за луѓето и поддршка на инклузивноста на ранливите групи, вклучувајќи ги и Ромите, во општеството, давајќи им нови можности.


Вторпат во половина година искршено седиштето на здружението „Гласно“ од Штип


Штип, 29 март, 2017 - 11:53 (META) 

Вторпат во период од половина година, оштетени се просториите на здружението на текстилни и на кожарски работници „Гласно“ од Штип. Камења биле фрлани по прозорците и по таблите на покривот на бараката каде работи здружението, кое се прокламира како заштитник на работничките права.

Пред само една недела, на прес-конференција, членовите на здружението објавија за случаи на кршење на законот со исплата на плата на рака на работниците во една штипска конфекција.

Горан Трајков од „Гласно“ вели дека засега напознати лица вандализмот го сториле изминатата ноќ. Случајот ќе биде пријавен во полиција, која иако имаше месеци на располагање, сè уште го нема расветлено претходниот случај на вандализам.

– Ова веќе преминува во континуирано насилство. Сепак, нема да има влијание врз нашата работа и сакам да им порачам дека „Гласно“ не е просторот по кој удираат, „Гласно“ е идеја, „Гласно“ се сите работници – изјави Трајков.

Инаку, тој денеска е во Крива Паланка за да им даде помош на работници во штрајк од фабрика за чевли, која е странска инвестиција.

 


Два нови случаи на педофилија во Штип и во Гевгелија


Штип, 28 март, 2017 - 14:54 (META) 

Девојче на 14-годишна возраст во Штип и малолетник помлад од 14 години во Гевгелија станале жртви на двајца педофили, соопшти МВР.

Во првиот случај, СВР Штип поднел кривична пријава против шеснаесетгодишник од Штип поради полов напад врз дете кое не наполнило 14 години. Пријавениот во текот на февруари годинава, во својот дом со употреба на физичка сила извршил полови дејства врз четиринаесетгодишно девојче од Штип, со кое бил во љубовна врска.

Во Гевгелија, пак, 27-годишник добил иста кривична пријава. Негова жртва бил малолетник, кој бил силуван пред 10 дена.


Изложба на костими од стари претстави во Штип за Светскиот ден на театарот


Штип, 24 март, 2017 - 19:45 (META) 

Изложба на театарски плакати и на костими од стари и играни претстави, пред публиката ќе ги приреди Народниот театар од Штип в понеделник, на Светскиот ден на театарот. Ова е само дел од одбележувањата на театарскиот празник во Штип.

– Почнуваме со крводарителска акција, па следи изложба на постери, рекламен материјал и на фотографии од стари и од актуелни претстави, како и изложба на костими од претстави. Потоа, за најмладите, ќе одиграме детска претстава. Во 20 часот ќе бидат прочитани меѓународната и македонската порака за Светскиот ден на театарот, по што ќе ја одиграме претставата „Хотел ни на небо, ни на земја“ – ја соопшти програмата Миле Вртеовски, актер и директор на Центар на култура „Ацо Шопов“ од Штип.


Почина 29-годишен затворник во Штип


Штип, 23 март, 2017 - 17:35 (META) 

Затвореник од Штип, на возраст од 29 години, починал во ќелијата, каде бил пренесен откако му се слошило во текот на постројувањето во дворот. Полицијата соопшти дека Ердал Јусинов починал вчера, околу 14.15 часот, во Казнено-поправниот дом – Штип, во креветот од собата. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на обдукција.

Како што дознаваме, причина за смртта бил срцев удар. Во моментот кога му се слошило, немало кој да му укаже помош, бидејќи затворскиот лекар е на специјализација. Од затворската управа веднаш повикале брза помош, но кога пристигнала, лекарот од итната медицинска помош само констатирал смрт.

Јусинов во затворот преседел нешто повеќе од еден месец. Во средината на февруари годинава, дошол на издржување казна затвор во траење од една година за тешка кражба. Еден ден пред да почине, му се родило второто дете.


Итрите газди на шивачките во Штип месечно им плаќаат 100 евра на сметка, 50 на рака


Штип, 20 март, 2017 - 15:59 (META) 

Текстилните работнички од штипските конфекции дел од плата добиле на рака. Покрај регуларната плата од 6.000 до 7.000 денари, што им стигнува на сметка, дел од конфекциите во Штип на работниците им исплаќале од 1.500 до 3.000 денари во плик, на рака.

Ова го тврдат од Здружението „Гласно“, чии членови денеска објавија документ што до нив го доставила текстилна работничка. Горан Трајков од „Гласно“ вели дека работодавците со ова го прекршуваат законот и директно го оштетуваат државниот буџет, избегнувајќи да плаќаат данок.

– Работодавците со ова директно го кршат законот и работничките права. Платата е 7.000 денари, некаде 6.000 денари, а 3.000 или 2.500 денари се даваат на рака. Тука, во конкретниот случај со работничката со која разговаравме, се 1.800 денари. На прашањето зошто пари на рака, ѝ било одговорено: „Така земаат сите и ти така ќе земеш“ – изјави Трајков.

Иако исплатата на минималната плата од 10.080 денари е законски задолжителна, сопствениците на конфекциите, според Трајков, го користат недоречениот дел од законот за минимална плата, во делот за нормиран учинок. Практично, тоа значи дека сопствениците ја зголемуваат нормата, која станува нереална за остварување и тоа е оправдување за пониските плати, бидејќи работниците изработуваат многу помалку од предвидените 100 отсто.

– Синдикатот, Текстилниот кластер и Сојузот на работодавци имаат потпишано да се дозволи нормиран учинок. Нормираниот учинок не е разјаснет до крај, а тоа работодавците го злоупотребуваат. Секојдневно им ја менуваат нормата на работниците. Оттука, недостига класификација на работните места по операции и затоа работниците во текстилната индустрија не можат да достигнат 100 отсто успешност – објаснува Трајков од „Гласно“.

За ваквиот начин на исплата, Трајков ги повика на дебата Текстилниот кластер и Сојузот на работодавци. „Гласно“ упати апел до институциите да го проверат работењето на конфекциите во делот на исплата на плата, а заедно со Хелсиншкиот комитет за човекови права, најави реакција до инспекциите. Како што рекоа од здружението, ова е практика во Штип, но не е исклучено да се случува и во другите градови.