Европската комисија во март ќе одлучува за земјите-членки со загаден воздух


Брисел, 13 февруари, 2018 - 10:43 (META) 

Европската комисија соопшти дека, од средината на март ќе се разгледува случајот со девет земји во кои состојбата со загадениот воздух се смета за најлоша во Европска Унија, и на кои, им се заканува судска постапка, пренесуваат светските медиуми.

Комисијата која е задолжена да обезбеди докази дека земјите-членки ги почитуваат заедничките правила за емисија на штетните гасови, им даде последна шанса на Германија, Шанија, Франција, Унгарија, Италија, Чешка, Романија, Велика Британија и Словачка на кои во петокот им истече рокот за доставување на дополнителни информации.

Тие земји, според извештаите на Европска комисија, редовно ја надминуваат границата на емисија на гасови, кои биле поставени со цел да се заштити здравјето на Европјаните од ПМ-10 честичките и азот диоксид.

И покрај постојаните предупредувања од Комисијата, наведените земји не ги ограничиле емисиите во согласност со прописите.

Комисијата одлучила против нив да покрене последна фаза постапка пред Европскиот суд на правдата, освен ако земјите не достават дополнителни ефикасни мерки.

Загадениот воздух се смета за причинител на повеќе од 400.000 предвремено починати во ЕУ. Во оваа статистика не влегуваат Европјаните кои добиле респираторни и кардиоваскуларни болести.