Авиокомпаниите задолжително ќе ги осигуруваат багажот и пратките


Скопје, 7 август, 2018 - 9:51 (META) 

Авионските компании ќе бидат задолжени со закон да го осигураат багажот на патниците и стварите кои ги пренесуваат, информираат од Министерство за финансии.

Од таму додаваат дека со измените на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, кои ги изготви Министерството за финансии, се утврдуваат права за надомест на штета на сопствениците на багажот и на пратките.

„Законските измени уредуваат и обврска за задолжително осигурување на дел од воздухопловите без екипаж – дронови. Со законот се опфаќаат дронови над пет килограми. На овој начин се заштитуваат граѓаните, доколку се предизвика материјална штета од управување со дронот.
Со овие измени се врши усогласување на Законот со европските регулативи од областа на цивилното воздухопловство“, се вели во соопштението.

Измените на Законот се ставени на Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија – ЕНЕР, на кој сите засегнати страни можат да оставаат предлози и коментари.

„Министерството за финансии ќе ги земе предвид и внимателно ќе ги разгледа сите сугестии пред пуштање во владина процедура“, додаваат од таму.


Најмалку 10 луѓе загинаа во поплава предизвикана од пукање на брана во Кенија


Најроби, 10 мај, 2018 - 10:24 (META) 

Најмалку десет луѓе загинаа, а илјада останаа без домови поради пукање на брана во Кенија. Несреќата која ја предизвикале обилните дождови се случила во градот Солаи, 190 километри оддалечен од претстолнината Најроби.

„Водата одзеде животи и предизвика огромна штета на имотите. Обемот на штета треба да се утврди“, соопштија локалните власти.

Кенискиот огранок на Црвен крст извести дека до сега се спасени 39 лица.


Обвинителството се откажало од гонење на Богоевски за фрлање боја


Скопје, 17 јануари, 2018 - 20:52 (META) 

Oбвинителството се откажало од кривичен прогон на пратеникот Павле Богоевски за фрлање боја врз објектот на Министерство за култура во текот на протестите од Шарената револуција, објави на „Фејсбук“ адвокатското друштво „Давидовиќ и Јанковиќ“.

На денешното судско рочиште, како што напишаа тие, се утврдило дека никој нема право без одобрение на Заводот за заштита на спомениците на културата да презема какви било дејствија врз заштитениот објект, а уште помалку да го вештачи, а објектот веќе бил оштетен со неовластено варосување.

„Се утврди дека единствена надлежна и лиценцирана институција за утврдување на штета на вакви објекти е Заводот за конзервација. Тие формираа комисија и утврдија две работи- зградата на Министерството е без одобрение и проект искречена по нарачка на министерството и нанесена е огромна штета која при отстранување на бојата може да нанесе структурална штета на ѕидовите на зградата, и второ, бојата од Шарената револуција се мие со вода и сапун, штетата е 15.000 денари и најважно од се НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОШТЕТИ ВЕЌЕ ОШТЕТЕНА ФАСАДА. Обвинителството го повлече обвинението“, напишаа адвокатите.


Русија со критики кон САД за свикување на Советот за безбедност за протестите во Иран


Москва, 6 јануари, 2018 - 15:22 (META) 

Русија остро ги критикуваше Соединетите Американски Држави поради свикувањето на Советот за безбедност на Обединетите нации за протестите во Иран, во кои настрадаа најмалку 21 лице.

Рускиот амбасадор при ОН, Василиј Небензја изјави дека мешањето на САД во внатрешните работи на Советот на безбедност на Обединетите нации ќе му нанесе штета на највисокото тело на ОН.

Критики кон САД упатија и други земји, па така иранскиот амбасадор во ОН смета дека САД ја злоупотребуваат својата моќ како постојана членка на Советот за безбедност на ОН.

И Франција исто така смета, дека мешањето на САД во работите на Иран е контрапродуктивно, бидејќи протестите таму не се закана по меѓународниот мир и безбедност.


Рашковски: Претходната Влада потрошила 800 илјади евра за вработени кои седеле дома


Скопје, 28 август, 2017 - 11:03 (META) 

Вкупно 166 државни службеници кои не доаѓале на работа во 2016 година го оштетиле буџетот за преку 800.000 евра, објави Генералниот секретар на владата на својот „Фејсбук“ профил.

„Како се трошеле нашите пари. Веќе е покрената дисциплинска постапка и зависно од исходот ќе следува и соодветна судска постапка. Нанесена штета од преку 800.000 евра. Додека некој се потсмева на покачување на минималецот, на своите партиски војници им давале плата без да одат на работа“, напиша Рашковски.

Според документите кои ги објави Генералниот секретар на Владата, 78 вработени кои биле на платниот список а не доаѓале на работа, на 22 мај годинава биле повикани на работа од кабинетскиот службеник во Кабинетот на генералниот секретар, Билјана Митева, која ги прераспределила во останатите организациони единици на Генералниот секретаријат.

Решенијата за нивно вработување ги потпишал претходниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.


Градоначалникот на Прилеп осуден поради несовесно работење


Прилеп, 19 август, 2017 - 16:39 (META) 

Основен суд Прилеп го осуди градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески на парична казна од 36.900 денари, заради сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Истовремено, прилепскиот градоначалник е задолжен, на име надомест на штета на Општина Прилеп да и исплати 238.750 денари.

На Ристески му е изречена и алтернативна мерка, односно условна осуда казна затвор во траење од 3 месеци.

„Градоначалникот Ристески е прогласен за виновен затоа што во периодот од 18.07.2015 година па до 06.10.2016 година како службено и одговорно лице во Општина Прилеп, со несовесното постапување во вршењето на своите овластувања и должности не обезбедил правилна и законита заштита на сопственоста на Општината, односно не ја осигурил од штети зградата на Општина Прилеп. Со тоа, градоначалникот Ристески на Општина Прилеп и нанесол штета во износ од 238.750 денари, која настанала за време на одржаните протести од група граѓани во текот на месеците април, мај и јуни 2016 година“, се вели во пресудата.

На пресудата реагираше и градоначалникот Ристески кој вели дека „штетата на општинската зграда ја предизвикаа други лица за време на „Шарена револуција“, од кои треба да се бара одговорност.“

„Основниот суд Прилеп без да спроведе постапка во која што би ги соочиле аргументите, го потврдил налогот доставен од Основно јавно обвинителство Прилеп, иако истиот е апсурден и на него имам изјавено приговор, така што одлуката на судот се смета како воопшто да не била донесена. Убеден сум дека по спроведувањето на постапката во Судот ќе се докаже дека сум целосно во право. Штетата на општинската зграда ја предизвикаа други лица за време на „Шарена револуција“, од кои треба да се бара одговорност. Јас како градоначалник на Општина Прилеп имам обезбедено заштита на сопственоста на Општината“, се вели во реакцијата на Ристески.


Исламски бунтовник одговорен за штета од 2,7 милиони евра


Тимбакту, 17 август, 2017 - 15:21 (META) 

Судиите на Меѓународниот кривичен суд донеле пресуда со која поранешен исламски бунтовник, кој бил во затвор за уривање на светите места во во Тимбукту, е прогласен за виновен за штета во висина од 2,7 милиони евра.

Ахмад ал Факи ал Махди минатата година беше осуден на девет години затвор откако ја призна вината за учество во воени злосторства при кои се уништени 10 мавзолеи и религиозни места во Тимбакту.

Тие локации датираат од 14 век, од златниот период на Мали, кога оваа африканска држава била трговски центар на Суфи исламот.


Русија предупредува дека новите санкции од САД ќе бидат штетни за двете земји


Москва, 24 јули, 2017 - 20:26 (META) 

Кремљ денеска ги предупреди Соединетите Американски Држави дека новите санкции против Русија ќе ги загрозат интересите на двете држави.

– Ние сметаме дека продолжувањето со реториката на санкции е контрапордуктивно и штетно за интересите на двете земји – вели портпаролот на руската влада, Димитриј Песков.

Блиската соработничка на рускиот претседател Владимир Путин, Валентина Матвијенко, претходно денеска изјави дека санкциите кои САД сака да ѝ ги наметне на Русија изгледаат како обид Русија да се истисне од европскиот енергетски пазар.

Матвијенко ова го изјави по повод соопштението од Белата куќа во кое се наведува дека американскиот претседател Доналд Трамп е подготовен да потпише нов закон откако Сенатот и Конгреот објавија дека постигнале нов договор за широк пакет санкции кон Русија.

Претставничкиот дом за законот ќе гласа на 25 јули.


Милошоски: Има повеќе од 850 пријавени штети во општините погодени од земјотресите


Скопје, 24 јули, 2017 - 14:09 (META) 

Би сакал, во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија, да искажам едно разочарување, не толку од пратениците од ДУИ или од Алијансата на Албанците, колку од пратениците од Охрид, Томислав Тунтев и Жаклина Лазаревска, што не прифатија еден интервентен амандман од 2 милиони евра, кој би можел да биде на располагање на граѓаните што претрпеа штети во Ресен, Охрид и во Струга од серијата земјотреси кои се случуваа во изминатиот месец, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, откако Комисијата за финансирање и за буџет во саботата не ги прифати амандманите со кои се бара обесштетување на грѓаните.

Тој додаде дека оваа мала, но важна сума може да им биде од помош на граѓаните.

– Досега имаме информација во трите општини има повеќе од 850 пријавени штети на лични, приватни објекти, а истовремено се смета дека ќе биде потребно да се провери статистиката на одредени јавни објекти, како што се училишта, градинки, цркви, џамии, особено во постариот дел на Охрид, кои би можеле да имаат претрпено некои оштетувања, но не мора веднаш да се видливи – додаде Милошоски.


Нередите за време на самитот Г20 ќе ја чинат Германија 12 милиони евра


Хамбург, 18 јули, 2017 - 12:52 (META) 

Нередите за време на Самитот на групата 20 индустриски најразвиени земји во Хамбург би можеле да ги чинат осигурителните куќи до 12 милиони евра.

Додека лидерите на најсилните светски економии се состануваа на 7 и 8 јули, на улиците на Хамбург организирани беа атниглобализациски протести, а за време на ноќта имаше големи нереди и судири со полицијата.

Осигурителното здружение денеска соопшти дека според првичната процена на штетата, која треба да ја покријат осигурителните компании, изнесува дури 12 милиони евра. Третина од тој износ е поради оштетени автомобили, а тука се вклучени и штетите на куќите и на фирмите.

Германската канцеларка Ангела Меркел по самитот вети дека со градските власти ќе работи на пружање помош на луѓето погодени со немирите.

Федералните и градските власти основаа и фонд за помош на тие граѓани.