Пукање во штаб на ДУИ и искршен штаб на ВМРО-ДПМНЕ


Кавадарци, 13 октомври, 2017 - 13:32 (META) 

Во текот на вчерашниот ден било искршено стакло на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, во село Злетово, a за време на јавниот собир на партијата бил приведен маж поради нарушување на јавниот ред и мир. Во село Пласница, пак, од автомобил биле испукани неколку куршуми кон штаб на ДУИ, информираат од МВР.

Синоќа во периодот од 1.50 до 2.15 часот во Информативен центар на улица Илинденска во Кавадарци биле искршени стаклата на објектот кој ВМРО-ДПМНЕ го користи како штаб. Полицијата информира дека работи на пронаоѓање на сторителот и на расчистување на случајот.

Во 20.50 часот во село Пласница од колона возила, која се движела од село Лисичани низ село Преглово кон село Пласница, биле истрелани неколку куршуми од огнено оружје во близина на штабот на ДУИ, кој се наоѓа на средсело. Претходно, во 20 часот, додека се одржувал јавениот собир на ДУИ на кој говорел градоначалникот на Пласница, непознато лице истрелало неколку истрели од огнено оружје.

Во село Злетово за време на јавниот собир на ВМРО-ДПМНЕ, С.Н. (71) викал и непристојно се однесувал, по што бил одведен во полициската станица во Пробиштип, каде му била поднесена прекршочна пријава.


Искршени стаклата на штабот на ВМРО-ДПМНЕ во село Другово


Кичево, 10 октомври, 2017 - 12:51 (META) 

Непознато лице вчера во село Другово, Кичевско, ги искршило стаклата на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, наведува МВР во полицискиот билтен.

„Во времето од полноќ до 16 часот, во село Другово– Кичево, непознат сторител со употреба на тврд предмет искршил две стакла од објектот кој се користи како штаб на политичка партија ВМРО-ДПМНЕ. Увид на местото на настанот е извршен и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот“, информираат од МВР.

Вчера во полициското одделение во селото Мирковци независниот кандидат за градоначалник на општина Чучер-Сандево, Г.Ч.(40), пријавил дека кај раскрсницата кај Чардак забележал повеќе фотокопии од ливчиња расфрлани на улицата на кои пишувало „Потврда за казнена евиденција“ со негово име и презиме.

Кандидатот за градоначалник потврдата ја извадил кога ја поднесувал кандидатурата и ја доставил единствено кај претседателот на општинската комисија на Чучер-Сандево.

Полицијата фотокопии од потврдите пронашла и на автобуските постојки во селата Кучевиште, Бразда, Мирковци, Сандево и Бањани.


Искршен штабот на Обединети за Македонија во Драчево


Скопје, 8 октомври, 2017 - 16:57 (META) 

Партискиот штаб на Обединети за Македонија во населбата Драчево рано утринава е искршен, соопштија попладнево од партијата.

„Им порачуваме на политичките криминални опоненти дека вандализмот нема да ја смени изборната слика во Драчево и во Македонија. Во Македонија дојде животот и слободата на централно ниво и истото ќе се случи на локално ниво, без разлика на користењето нечисти методи од опозицијата“, стои во соопштението на Обединети за Македонија.

Од партијата апелираа надлежните органи да го расчистат овој настан и сторителите да бидат казнети.


Графити со навредлива содржина на штаб на СДСМ во село Криволак


Неготино, 5 октомври, 2017 - 12:57 (META) 

Изборниот штаб на СДСМ во село Криволак вчера бил оштетен, а на куќа во истото село бил испишан и заокружен бројот 13 и напис ВМРО, информираат од МВР.

„Вчера, во 7.15 часот, во полициската станица во Неготино, пријавено е оштетување на штаб на СДСМ лоциран во село Криволак, на кој се испишани графити со навредлива содржина. Исто така, околу 9 часот е пријавено дека на куќа, сопственост на М.Ј. (70) од село Криволак, од страна на непознато лице е испишан и заокружен бројот 13 и натпис ВМРО“, пишува во полицискиот билтен.


Искршен изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Битола


Битола, 2 октомври, 2017 - 17:52 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение информираше дека е искршен партискиот изборен штаб во Битола. Според нив, искршениот штаб е доказ за нервозата на СДС од поразот на претстојните локални избори.

„Нервозата во СДС се зголемува и како поминува времето, соочени со изборниот пораз, сè повеќе се дрзнуваат кон недемократски чекори кои само сведочат за изборниот пораз што ќе го доживеат. Токму затоа е искршен штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, што е уште еден доказ за присутната нервоза. Тоа нема да го смени изборниот резултат и поразот кој СДС ќе го доживее од народот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Искршен месниот штаб на СДСМ во Бутел


Скопје, 27 септември, 2017 - 9:49 (META) 

Синоќа во населбата Расадник, во општина Бутел, бил искршен месниот штаб на СДСМ Бутел, информираат од партијата.

„Непознати сторители ги искршиле прозорците и влезната врата на штабот, ги искинале постерите и ја оштетиле светлечката реклама. Утрово повикана е полиција и во моментов се прави увид од местото на настанот“, се додава во соопштението на СДСМ.


Продолжуваат нападите на штабови и на членови и на поддржувачи на СДСМ


Скопје, 4 март, 2017 - 15:21 (META) 

Вчера претпладне во ЕИК Скопје (Единицата за информации и команда) било пријавено дека ноќта од страна на непознати лица биле искрешни стаклата од штабот на политичката партија СДСМ, на улицата Јужноморавски бригади во населбата Ченто.

Од МВР информираат дека вчера, во 16.30 часот, во Единицата за информации и команда било пријавено дека во просториите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, од страна на непознато лице физички бил нападнат 60-годишниот Љ.Ф. Како што пренесоа дел од медиумите, станува збор за професорот на Правниот факултет, Љубомир Фрчкоски.

Дваесетина минути подоцна, И.Т. (24) пријавила дека на оградата од нејзината куќа бил поставен голем лист хартија (хамер) испишан со недолична содржина. Станува збор за пратеничката во Собранието од СДСМ, Ивана Туфегчиќ, која во изјава за „Фокус“ го потврди инцидентот.

МВР во денешниот билтен информира дека вчера околу 17.50 часот на булеварот Партизански одреди во Скопје, на автобуска постојка две непознати лица физички нападнале 16-годишен малолетник, удирајќи го со тупаници, а се обиделе да му го одземат и мобилниот телефон.

Од полицијата велат дека работат на расчистување на случаите и на пронаоѓање на сторителите.

Насилствата на автобуските постојки, како и нападите на штабови на СДСМ и на нивни членови и поддржувачи почнаа истовремено со протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. На еден од протестите беше нападната и новинарската екипа на порталот „А1он“.


Демолиран штабот на СДСМ во Прилеп


Прилеп, 24 февруари, 2017 - 13:29 (META) 

Од општинската организација на СДСМ Прилеп информираат дека денеска, во раните утрински часови, бил демолиран локалниот штаб во населбата Варош.

Според информациите од СДСМ Прилеп, кон штабот било фрлано со камења во раните утрински часови, по полноќ, при што искршени биле надворешните стакла на штабот.

„Случајот е пријавен во полиција. Порачуваме дека ваквите провокации не можат да ги спречат демократските промени што носат живот за сите во Македонија, како што избраа граѓаните. Ќе живееме во праведно и правично општество, каде секој што го нарушува мирот на граѓаните ќе мора да одговара“, велат од СДСМ Прилеп.

Непознати лица ноќеска со камења ги искршиле и надворешните стакла на штабот на СДСМ во скопското село Драчево, соопштија од партијата и апелираа полицијата да го расветли случајот.


Искршени прозорци на штабот на СДСМ во село Драчево


Скопје, 24 февруари, 2017 - 12:42 (META) 

Непознати лица ноќеска со камења ги искршиле надворешните стакла на штабот на СДСМ во село Драчево, соопштија од партијата и апелираа полицијата да го расветли случајот.

– Искршени се надворешни стакла. Според информациите од теренот, тоа се случило рано утрото, по полноќ. Случајот е пријавен во полиција и во моментов се прави увид – стои во соопштението од СДСМ.

Од партијата велат дека секој што го нарушува мирот на граѓаните ќе мора да одговара.


Ишаран штабот на НСДП во општина Аеродром по синоќешниот митинг на опозицијата


Скопје, 23 ноември, 2016 - 13:46 (META) 

Изборниот штаб на НСДП во скопската општина Аеродром, лоциран во трговскиот центар „Бисер“, ноќеска бил ишаран со пораки со политичка содржина. Партијата го пријавила инцидентот во МВР.

„Имајќи предвид дека овој вандалски чин се случи непосредно по завршувањето на големиот предизборен митинг на здружената опозиција, како и самата содржина на пораките, очигледно е дека станува збор за политички мотивиран настан кој зборува за паниката и за нервозата во владејачката партија од резултатите на претстојните избори“, велат од НСДП.

Од партијата додаваат дека познато е дека демолирањето партиски штабови, насилството и вандализмот се дел од политичкиот арсенал на ВМРО-ДПМНЕ, кон кој посегнува во клучни политички моменти.

Од НСДП порачуваат дека инцидентите, пораките на заплашување или вандалското однесување на кои било политички фактори во земјава, нема ја обесхрабрат партијата да се вложи максимум во поразот на, како што велат, авторитарната власт во Македонија.