!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Појасите со експлозиви на петтемина терористи од Камбрилс биле лажни


Камбрилс, 18 август, 2017 - 18:58 (META) 

Појасите, што ги носеа петтемина ликвидирани терористи во Камбрилс биле лажни, изјави каталонскиот премиер Карлес Пуџдемон за локалното радио.

Синоќа пет лица со автомобил ауди прегазија луѓе во летувалиштето Камбрилс во обид да го повторат нападот од Барселона од вчера попладне.

Полицијата ги ликвидира терористите во Камбрилс, кои повредија петмина граѓани и еден полицаец.


Илјадници луѓе во Барселона извикуваа: „Не се плашам!“


Барселона, 18 август, 2017 - 16:01 (META) 

Повеќе илјади луѓе, меѓу кои и шпанскиот крал Филип Шести, премиерот Маријано Рахој и претседателот на Каталонија, Карлос Пуџдемон се собраа на главниот плоштада во Барселона, каде со минутно молчење им одадоа почит на жртвите на нападите.

По минутното молчење, на плоштадот одекна громогласен аплауз, а насобраните извикуваа „Не се плашам! Не се плашам!“.

Тие се собраа во близина на местото каде возачот на комби тргна во смртоносен напад, во кој најмалку 14 лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени.


Бројот на загинатите во Барселона се зголеми на 14


Барселона, 18 август, 2017 - 13:38 (META) 

Бројот на жртвите во терористичкиот напад во Барселона се зголеми на 14, а медиумите јавуваат дека се уште трае потрагата по тинејџерот кој го возел „комбито на смртта“. Во нападот се повредени повеќе од 100 лица.

Шпанската полиција, која ја спроведува истрагата за нападот на познатото шеталиште Лас Рамблас во Барселона, трага за тинејџерот за кој се смета дека управувал со возилото. Локалните медиуми, повикувајќи се на полициски извори јавуваат дека станува збор за Муси Оукабри, помладиот брат на Дрис Оукаир, кој вчера беше уапсен под сомнение дека го изнајмил комбито кој е употребено при нападот.

Каталонската полиција верува дека Миса Оукабир, кој според медиумите има 17 или 18 години, од местото на нападот побегнал пеш и понатаму се наоѓа во бегство.

Полицијата досега уапсила три лица за нападот во Барселона.


Експлодира куќа во Шпанија во која џихадистите правеле бомби


Барселона, 18 август, 2017 - 12:03 (META) 

Куќа која се наоѓа јужно од Барселона целосно е разнесена во експлозија, а се сомнева дека во неа џихадистите правеле бомби, јавуваат светските медиуми. Има мртви и повредени!

Во вчерашниот терористички напад во центарот на Барселона се повредени најмалку стотина лица, а 13 се убиени. Осум часа по првиот напад се случи и втор во познатото летувалиште Камбрилс.

Експлозијата во куќата, која се наоѓа на околу 200 километри јужно од Барселона се случила после двата напада и во неа загина едно лице, а шест се повредени.

Набрзо по првата експлозија во куќата одекнала и втора, во која се повредени полицајци и пожарникари кои ја пребарувале куќата.

Соседите велат дека во куќата живееле браќа од Северна Африка.


Седумгодишно момче исчезна во нападот во Барселона


Барселона, 18 август, 2017 - 11:06 (META) 

Седумгодишно момче од Австралија, кое се одвоило од семејството за време на терористичкиот напад во Барселона исчезнало, соопшти неговото семејство.

Тони Кадмен од Сиднеј на „Фејсбук“ напишал дека неговиот внук Џулијан исчезнал, а неговата мајка е во болница во тешка, но стабилна состојба, пренесува „Гардијан“.

Таткото на момчето, Ендрју вели дека разговарале неколку часа пред да исчезне. Тој веќе е на пат кон Барселона.
Семејството на интернет сподели фотографија од Џулијан, која би требало да помогне во потрагата.

Шефицата на австралиската дипломатија, Џули Бишоп рече дека еден Австралиец е исчезнат, а четворица се повредени во нападот.

Тригодишно девојче е најмладата жртва во нападот во Барселона, во кој загинаа 13 лица, а повредени се повеќе од 100.


Најмладата жртва во Барселона е тригодишно девојче


Барселона, 18 август, 2017 - 10:18 (META) 

Меѓу загинатите и повредените во терористичкиот напад во Барселона има државјани од најмалку 24 земји, а најмладата жртва е тригодишно девојче.

Шпанската полиција потврдила дека меѓу убиените во Барселона, тројца се Германци и еден Белгиец.
Повредените се државјани на Франција, Германија, Холандија, Аргентина, Венецуела, Белгија, Австралија, Унгарија, Перу, Романија, Ирска, Грција, Куба, Македонија, Кина, Италија и Алжир, соопшти шпанската агенција за цивилна заштита.

Македонското Министерство за надворешни работи соопшти дека македонски државјанин е пореден при нападот во Барселона, но е вон животна опасност. Тој е хоспитализиран со скршеница на зглобот, а претставник на македонската амбасада веднаш по добиената информација заминал во болницата каде се наоѓа повредениот македонски државјанин.

Во нападот, извршен со комби, кое влетало во пешаци во близина на плоштадот „Каталуња“, во центарот на Барселона, загинаа 13 лица, а повеќе од 100 се повредени. Одговорноста за нападот ја презеде терористичката група Исламска држава.

Шефот на каталонската полиција, Луис Траперо, соопшти дека две лица се приведени за учество во нападот во Барселона, а интензивно се трага по трето лице за кое се претпоставува дека е возачот на комбито. Еден од напаѓачите е идентификуван. Станува збор за Мароканецот Дриш Оукабир.

Шпанскиот премиер Мариано Рахој синоќа прогласи тридневна жалост во Шпанија и рече Каталонија била цел на напад на џихадистичкиот тероризам, како и други градови во светот.

Ова е најкрвавиот напад во Шпанија, после оној од 2004 година кога напаѓачи инспирирани од Ал каеда извршија координирани напади врз патнички возови во Мадрид, во кои загинаа 192 лица.


Македонски државјанин повреден во нападот во Барселона, потврди МНР


Барселона, 18 август, 2017 - 9:31 (META) 

Македонски државјанин е повреден во терористичките напади што вчера се случија во Барселона. Како што соопшти утрово Министерството за надворешни работи, македонскиот државјанин се наоѓа во болница во Барселона и е надвор од животна опасност.

„Согласно комуникацијата остварена со надлежните служби, македонската амбасадата во Шпанија дојде до информација дека еден македонски државјанин во моментот се наоѓа во болница во Барселона. Лицето во моментот на извршување на нападот се наоѓало во непосредна близина и се здобило со скршеница на зглобот на ногата. Лицето се наоѓа вон животна опасност и е третиран од страна на шпанските медицински служби“, стои во соопштението од МНР.

Претставник од македонската амбасада, веднаш по добиената информација, заминал во болницата каде се наоѓа повредениот македонски државјанин.

Во нападот, извршен со комби, кое влетало во пешаци во близина на плоштадот „Каталуња“, во центарот на Барселона, загинаа 13 лица, а десетици се повредени.

Неколку часа, по нападот во Барселона, се случил и втор напад, во градот Камбрил, исто така, изведен со возило.

Шпанската полиција соопшти дека убила петмина осомничени терористи во Камбрил, кои носеле појаси со експлозив и се поврзуваат со првиот напад во Барселона.


Најмалку еден загинат и 32 повредени во терористичкиот напад во Барселона


Барселона, 17 август, 2017 - 20:13 (META) 

Најмалку едно лице загинало, а 32 се повредени, од кои 10 сериозно откако комби удри во група пешаци на улица во близина на плоштадот „Каталуња“ во центарот на Барселона, јавуваат светските медиуми.

Шпанската полиција потврдила дека инцидентот го третира како терористички напад.

Властите апелирале граѓаните да го избегнуваат тој дел од градот и да не ги напуштаат своите домови, а побарано е и затворање на трамвајските и на метро-страниците.

По нападот луѓето на плоштадот „Каталуња“, почнале да се засолнуваат во околните продавници и кафулиња.

Полицијата сè уште трага по возачот на комбито, кој побегнал откако удрил во групата луѓе на улицата Ла Рамбла.

Инаку, улицата Ла Рамбла и плоштадот „Каталуња“ се меѓу најпопуларните места во Барселона, кои дневно ги посетуваат илјадници турсти.

Шпанскиот премиер Мариано Рахој изјавил дека е во контакт со властите во Барселона и дека во моментов најважно е згрижувањето на повредените.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изјавил дека САД се подготвени да и помогнат на Шпанија.

„Заедно со сојузниците, САД се одлучи да ги пронајдат терористите и да ги изведат пред лицето на правдата“, изјавил Тилерсон.


Комби влета во група луѓе во центарот на Барселона, неколкумина повредени


Барселона, 17 август, 2017 - 18:11 (META) 

Неколку луѓе се повредени кога комби се залетело и удрило во пешаци на плоштадот „Каталуња“ во центарот на Барселона, јавуваат светските медиуми.

Службите за итна помош, апелирале граѓаните да го избегнуваат тој дел од градот и побарале да бидат затворени трамвајските и метро-страниците.

Извештатите од местото наведуваат дека луѓето се засолнуваат во околните продавници и кафулиња.

Возачот на комбито побегнал од местото, јавуваат дел од шпанските медиуми, повикувајќи се на полициски извори.

Плоштадот „Каталуња“ е едно од најфрекфентните места во Барселона кое дневно го посетуваат илјадници туристи.


Спасени 339 мигранти во Средоземното Море


Мадрид, 16 август, 2017 - 15:37 (META) 

Шпанската спасувачка служба соопшти дека спасила 339 мигранти од седум бродови кои се обиделе да го преминат Средоземното Море од Мароко.

Бродовите со мигранти рано утрината се пресретнати во одвоени акции, а три спасувачки брода ги пренеле мигрантите гратчето Тарифе на југот на Шпанија, кај Гибреталскиот проток.

Спасувачката служба наведе дека еден брод превезувал 34 мигранти од земјите од Супсахарска Африка, а додека останатите мигрантите биле од Тунис, Алжир и Мароко.

Десетина илјади мигранти од Африка се обидуваат секоја година да стигнат во Европа, а околу илјада од нив се дават на патот кон крајната дестинација.