Фризери, бербери и шминкери од Балканот се собраа во Прилеп


Прилеп, 3 декември, 2018 - 10:55 (META) 

Преку 150 фризери, бербери и козметичари од Македонија, Грција, Србија, Косово и Словенија ги покажаа најдобрите мајсторски вештини на „Прилеп спешл шоу“ (Prilep Special Show), што овие три дена се одржува во Прилеп.

Според организаторите на овој спектакл, прилепското Здружение на фризери, бербери и козметичари, оваа е одлична можност за размена на искуства, следење на последните модни трендови во Европа, но и можност за забава и дружење.

„Целта на овој настан е сите фризери, бербери и козметичари да се соберат на едно место, за да ги покажат нивните најдобри способности пред јавноста во државата и пошироко. Најбитно е што ја отворивме со учениците од козметичкото училиште од Прилеп, од каде и ние ги влечеме нашите корени и искуства“, вели Сузана Ревушковска, членка на здружението.

Шоуто, кое по втор пат се организира под покровителство на Општина Прилеп, го следеа градоначалникот Илија Јовановски и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.


„Баскерфест“ годинава од 10 до 19 јуни


Скопје, 6 јуни, 2016 - 14:51 (META) 

Со многу улични перформанси, баскер-точки и музички настапи, уличниот театар под отворено небо „Баскерфест“ и годинава од 10 до 19 јуни ќе ги забавува посетителите на градскиот плоштад Македонија во Скопје и во повеќе градови во земјава.

Меѓу годинашните улични артисти, информираат организаторите, се патувачката уметничка инсталација „Блинк циркус“ (Blink Circus), шоуто на Мистер Копини (Mr. Copini), оригиналната и креативна сценска изведба „Оме дуал“ (Ome dual), уметничкиот изведувач Мистер Бугиганга (Mr. Bugiganga), шокантните Коцани и Венди (Cotzani and Wendy), бразилскиот мастер манипулатор Диого Алварес (Diogo Alvares), кловнот Вајнил Брнс (Vinyl Burns) и други.

„Баскерфест 2016“ традиционално и годинава е поддржан од Град Скопје.


Дејвид Гета на 5 јуни во Скопје


Скопје, 5 април, 2016 - 12:50 (META) 

Еден од најактуелните диџеи во последните неколку години, Дејвид Гета, на 5 јуни ќе гостува пред македонската публика, а шоуто ќе се одржи на арената „Филип Втори“, соопштија денеска од „Авалон продукција“, која е организатор на настанот.

„Под франшизата „Скопје колинг“ (Skopje Calling), со невидена светска продукција, спектакуларно шоу ќе одржи една од најголемите глобални ѕвезди на денешницата, Дејвид Гета (David Guetta). Пред Гета како специјален гостин ќе настапи Робин Шулц, еден од најактуелните диџеи во последниве неколку месеци на сите светски радиостаници. Тој во Скопје ќе изведе 90-минутен сет со најголемите денс-хитови, со кои ги освои светските топ-листи, водечките фестивали и клубови во светот“, велат од „Авалон продукција“.

Од „Авалон“ најавуваат дека „Скопје колинг 2016“ ќе биде досега невидено продукциско шоу во Македонија. Стадионот „Филип Втори“ ќе биде со полн капацитет, а шоуто ќе почне со настап на локални диџеи и на новата француска диџеј-ѕвезда Кангс (Kungs).

„Поради тоа што ова е прво промотивно издание на брендот „Скопје колинг“, „Авалон проукција“ се одлучи за неверојатно популарни цени за овој шестчасовен музички спектакл“, вели организаторот.