На „Богородица“ фатени 130 килограми марихуана скриени во шупливи штици


Скопје, 3 мај, 2018 - 15:08 (META) 

Царинската управа соопшти дека на граничниот премин „Богородица“ вчера бил спречен шверц на вкупно 130 килограми марихуана, кои биле скриени во шупливи штици во полуприколка влечена од шлепер.

Како што објаснија, околу 3 часот вчера на граничниот премин за излез од Македонија се пријавил С.Р. (37) од Албанија, кој управувал со шлеперот со албански таблички. Тој на цариниците им рекол дека камионот е празен, а од Албанија преку Македонија и Грција требало да стаса до Турција, каде требало да товари стока.

Но царинските службеници извршиле контрола на возилото, при што во внатрешноста на дрвените странични штици што ја држат церадата од полуприколката, пронашле „бункери“ во кои имало вкупно 323 пакувања марихуана, со вкупна тежина од 130 килограми, која при продажба на мало на црниот пазар би чинела 390.000 евра.

Царинската управа против возачот на шлеперот поднела кривична пријава за трговија со дрога, по што Основниот суд во Велес му одредил 30-дневен притвор.

Ова е втор поголем случај на заплена на дрога годинава. Претходно на 28 јануари, исто така на „Богородица“ е спречен шверц на вкупно 310 килограми марихуана.


Македонски државјанин загина во сообраќајка меѓу македонски автобус и шлепер во Турција


Малкара, 6 септември, 2016 - 10:01 (META) 

Едно лице загинало, а неколку се повредени во сообраќајна несреќа што се случила ноќеска во Турција, меѓу шлепер и автобус од Македонија, јавуваат турските медиуми.

Според првичните информации, несреќата се случила на автопатот во близина на градот Малкара. По судирот, автобусот со скопски регистарски таблички се заглавил во шлеперот со турски таблички, при што бил влечен уште стотина метри.

Повредените патници биле префрлени на лекување во најблиската болница во Малкара, а тие што минале со полесни повреди останале на местото на несреќата.

Во автобусот имало двајца возачи и 39 патници. Несреќата се случила откако автобусот одзади го удрил шлеперот. Причината за несреќата сè уште не е позната.

Информацијата за сообраќајката ја потврдија и од Министерството за надворешни работи. Оттаму велат дека сите информации за повредените патници може да се добијат на телефоните на македонските институции:

Генерален конзулат на Република Македонија во Истанбул
Мобилен телефон: +90 535 108 5622,
Телефон: + 90 212 249 99 77; + 90 212 251 22 33
Е-пошта: istanbul@mfa.gov.mk
Адреса: Inönü Cad., Üçler Apt. No: 12 D 4, Gümüşsuyu, Taksim, İstanbul;

Амбасада на Република Македонија во Анкара
Мобилни телефони: +905383130343; +905385466691
Телефон: + 903 12 439 92 08 F: + 903 12 439 92 06
Е-пошта: ankara@mfa.gov.mk
Адреса: Karaca sokak 24/5-6 Gaziosmanpasha Ankara;

Министерство за надворешни работи на Република Македонија
Мобилни телефони: +38975 237 021
Тел: +389 2 3115 266, лок. 168 Факс: +389 2 3115 790
Е-пошта: PR@mfa.gov.mk, infocentar24/7@mfa.gov.mk.


Се преврте шлепер на патот Куманово-Скопје, едно лице повредено


Куманово, 9 јуни, 2015 - 10:47 (META) 

Едно лице е повредено во сообраќајна несреќа што утрово се случила во близина на Агино Село на автопатот Куманово-Скопје, кога шлепер со бугарски регистарски ознаки се превртел на коловозот, јавува „Телма“.

Како што пренесува телевизијата, од кумановската болница информирале дека повредениот во несреќата бил странски државјанин, кај кого биле констатирани лесни телесни повреди.

Засега нема детали за причините и за околностите во кои се случила несреќата.

Од кумановската полицијата информирале дека возачот на шлеперот е грчки државјанин.

Патниот правец Куманово-Скопје е во прекин за тешки товарни возила и за автобуси, а увидна екипа е сè уште на местото на несреќата.


Шлеперот и жабата добија продолжение во Касиус Клеј


Скопје, 27 април, 2015 - 11:03 (META) 

„Дневната битка со овие на кои којзнае што сè може да им падне на памет, ние на крај ќе ја добиеме, и тоа по истиот принцип по кој Касиус Клеј ги добиваше мечовите. Со нокаут, и тоа во ситуација во која противникот мисли дека овој само што не паднал“, порача премиерот Никола Груевски на народниот собир на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

Поранешниот боксер со боксерски речник реши да ѝ се обрати на опозицијата, што е речиси идентично со „камионџискиот“ речник на поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој опозицијата ќе ја прегазуваше „како шлепер – жаба“.

Оваа нова порака од Груевски ја надмина и изјавата на Бранко Црвенковски пред парламентарните избори во 1998 година, кога тој рече „ќе ве згазиме како шлепер жаба“, обраќајќи се до опозициската ВМРО-ДПМНЕ и до нејзиниот лидер Љупчо Георгиевски

Можеби секоја сличност е случајна, но историјата во Македонија и тоа како се повторува.

Само за потсетување,  Касиус Клеј е боксерот Мохамед Али ( Касиус Марселус Клеј Џуниор), роден на 17 јануари 1942 година и поранешен трикратен светски шампион во тешка категорија.

По освојувањето на неговата прва светска титула, Клеј чекореше низ рингот викајќи „I am the greatest!“ (Јас сум најдобриот!).

Али си го променил името откако пристапил на Нацијата на исламот во 1964 година.

Пресвртот во неговиот живот се случи кога на 22-годишна возраст тој доби шанса да се бори за титулата светски првак во бокс. Неговиот противник, Сони Листон, важеше за фаворит и во обложувалниците нивниот сооднос беше 7:1. Клеј успеа да ја освои титулата и оттогаш стана главна тема, и тоа не само во спортските кругови.

Внимание привлекоа неговиот стил на борење, како и препотентните изјави: Се движам како пеперутка, боцкам како пчела“, „Успеав да победам големо, опасно чудовиште, кое ги нокаутираше сите досега“.

Кога во 1967 година одби да оди во Виетнам како американски војник, беше осуден на пет години затвор. Благодарение на платената кауција, Клеј останува на слобода, но ја загуби титулата светски првак, како и лиценцата повторно да се натпреварува. Во 1971 година, повторно се врати во рингот, каде го доживеа првиот пораз во кариерата. Иако многумина го прогласија за „отпишан“, тој успеа уште двапати да ја освои титулата светски првак и на тој начин да стане бесмртен, бидејќи тоа не му успеало никому досега.

За шлеперот и за жабата, пак, нема легенда. Тоа е само урбана фраза, која одбележа една деценија од плурализмот во Македонија. Сепак, таа покажува една друга димензија. Дека и Клеј и шлеперот секогаш се борат со опозицијата. Демократијата на дело!