!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Учебната година на 4 септември ќе ја почнат 20.437 првачиња


Скопје, 1 септември, 2017 - 10:25 (META) 

Оваа учебна година, според податоците на Министерството за образование и наука, образовниот пеоцес ќе го почнат 20.437 првачиња. Според одлуката на МОН, тие во училишните клупи ќе седнат в понеделник, на 4 септември, наместо денеска, на 1 септември, како што традиционално почнува секоја школска година.

Во Скопје, во вкупно 10 општини, досега се пријавени 6.159 првачиња.

Во средните училишта запишани се вкупно 17.131 ученик. Во двата уписни рока во скопските средни училишта запишани се 6.496 ученици, а во другите општини бројот на запишани изнесува 10.635 ученици.

Поголем интерес имало за стручното образование, каде се запишани 9.983 ученици, а за гимназиско образование се одлучиле 6.703 средношколци.

Во гимназиското образование во другите општини запишани се 3.935 ученици, а во стручните училишта во другите општини – 6.576 ученици.

Во скопските гимназии се запишани 2.768 ученици, а во стручните училишта – 3.407 ученици.

Во уметничко образование се запишани вкупно 224 ученици, од кои во Скопје 148, додека во спортска гимназија се запишани 221 ученик, од кои во Скопје 173.


Средношколците во Тетово сè уште немаат бесплатен превоз


Тетово, 13 септември, 2016 - 15:58 (META) 

Голем дел од учениците од руралните средини од Тетовскиот Регион сè уште не почнале со настава затоа што немаат организиран бесплатен превоз. Дел од нив приватно, со комбиња и со такси, плаќаат за да пристигнат до училиште, а другите седат дома. Родителите на учениците велат дека од раководствата на средните училишта им посочиле дека децата можат да бидат отпишани од училиште ако деновиве не почнат со настава.

– Ние веќе сме предупредени дека децата ќе ги отпишат ако не почнат со настава, но како да го пратиме нашето дете во училиште кога нема превоз дотаму – изјави еден родител на средношколец.

Од превозниците на учениците велат дека Општина Тетово, иако почнала учебна година, нема склучено договор за транспорт на ученици. Од Општината, пак, велат дека немаат склучено договор со ниту еден превозник затоа што на објавениот тендер, превозниците понудиле повисоки цени за превоз.

– Тендерот за превозници беше поништен затоа што сите превозници имаа понудени повисоки цени за превоз, од сумата што за оваа намена ни е одобрена од Министерството за образование. За оваа одлука превозниците поднесоа жалба до комисијата за јавни набавки, од каде чекаме одговор. Додека не добиеме одговор од комисијата, не можеме да преземеме никакви мерки околу превозот со учениците – изјавија од Општина Тетово.