!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Борисов: Бугарската граница е најдобро чуван Шенген


Софија, 12 јануари, 2018 - 15:38 (META) 

Ако има подобра Шенгенска граница од нашата во Европа, самиот јас ќе кажам дека не сакам Бугарија да влезе во Шенген, порача денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов на конференција за медиумите во Софија денеска, по општата седница на Колегиумот на европските комесари и на бугарската влада, која се одржа еден ден по церемонијата почетокот на бугарското претседателство со ЕУ.

Повторувајќи дека Бугарија најдобро ја чува европската граница, Борисов рече дека во тоа ќе го увери и холандскиот премиер Марк Руте, кој на 6 и 7 февруари ќе биде во посета на Бугарија. Борисов ќе го носи Руте за самиот да се увери како Бугарија ги чува надворешните граници.

На церемонијата за почетокот на бугарското претседателствување со Советот на ЕУ, претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер вчера рече дека Бугарија ги исполнува сите услови да се приклучи во Шенгенскиот договор за заедничките граници и покрај тоа што некои членки на ЕУ го блокираат тоа.


Европскиот парламент го одобри воведувањето на системот за влез на странци


Стразбур, 25 октомври, 2017 - 17:24 (META) 

Заедничкиот електронски систем за регистрација на сите државјани на земји што не се во ЕУ при нивниот влез во шенген-зоната беше поддржан од Европскиот парламент на пленарна седница во Стразбур.

Системот кој би требало да профункционира во 2020 година, односно Влез/излез-систем (Entry/Exit System -EES), ќе ги содржи името, копија од пасошот, отпечатоци од прстите, биометриска фотографија, датум и место на влез во шенген-зоната, а исто така и за излез и информација дали на лицето му е забрането да влезе во зоната. Во него ќе мора да се регистрираат и жителите на земји за кои не е потребна виза за влез и за престој во шенген-зоната до 90 дена, меѓу кои е и Македонија.

Според ЕУ, така ќе може полесно да се утврди дали некој го пречекорил максималниот рок од 90 дена за престој во зоната, а се тврди и дека ќе ги олесни граничните процедури, бидејќи не ќе треба да се удираат печати во пасошите. Според законодавецот, тоа ќе овозможи и полесно откривање на лажни идентитети и на фалсификувани документи. ЕУ смета дека со системот полесно ќе се спречуваат терористички напади или сериозни кривични дела.

Податоците ќе се чуваат во системот во период од три години, а за тие што го пречекориле рокот за престој  – до пет години.

Во системот ќе бидат вклучени и Бугарија и Романија, кои ја поминаа евалуацијата и добиваат пасивен пристап, за разлика од Хрватска, која допрва треба да ја помине евалуацијата.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по средбата со косовскиот колега Беџет Пацоли денеска, порача дека ќе разговара со колегите од регионот за заеднички сите да ѝ посочат на ЕУ дека не се потребни дополнителни оптоварувања на можностите за патување.


Бугарија и Романија добија пристап до информацискиот систем на Шенген


Варна, 4 октомври, 2017 - 14:49 (META) 

Европскиот парламент го поддржа предлогот на Советот на ЕУ, на Бугарија и на Романија да им се овозможи делумен пристап до базата на податоци за визите од информацискиот систем за шенгенскиот режим, јавија бугарските медиуми. Кога ќе биде изгласана од Советот на ЕУ, одлуката ќе им дозволи на двете држави да проверуваат информации во визниот систем, без да можат да внесуваат, менуваат или да бришат податоци.

Решението на Европскиот парламент е формално и е условено од потребата за постојани проверки на надворешните граници на ЕУ на сите лица и возила и не е тесно сврзано со влегувањето на Бугарија и на Романија во шенгенскиот безвизен режим.

Но, бугарскиот и романскиот премиер, Бојко Борисов и Михај Тудосе, вчера по конференцијата на премиерите на балканските земји во поранешната летна царска резиденција, дворецот Евксиноград во бугарскиот град Варна, рекоа дека нема формални пречки за влегување на двете земји во шенгенскиот систем и сметаат дека тоа треба да се случи најдоцна за една година.

Тудосе смета дека Бугарија и Романија се судбински одредени да чекорат заедно и на патот кон шенгенскиот безвизен режим. Според него, прашањето е политичко и според општото мислење на европските партнери, нема формални преки за вклучувањето во шенген-зоната.

Борисов напоменува дека Бугарија се наоѓа на едно од најкритичните места на патот на мигрантите кон Централна Европа, но дека благодарение на заедничките напори со  Романија, е постигната „нулта миграција“.

– Повеќето од нашите европски партнери се категорични дека во однос на заштитата на надворешните граници на ЕУ, Бугарија и Романија се справувааат многу подобро отколку ред други земји од шенген-зоната – смета бугарскиот премиер.


Новите шенгенски правила предизвикаа километарски колони на границите на ЕУ


Скопје, 15 април, 2017 - 10:32 (META) 

Новите шенгенски правила за контрола на патниците предизвикаа проблеми на границите и на аеродромите, особено за време на продолжениот викенд за Велигден.

Според новите правила, кои почнаа да се применуваат од 7 април годинава, контрола на патните документи се врши на сите лица без разлика дали се жители на Европската Унија или не се. Контролите се дел од мерките за зголемување на внатрешната безбедност на ЕУ, по серијата терористички напади во Франција и во Брисел.

Граничната полиција со помош на посебни читачи ги проверува патните документи во шенгенскиот информациски систем, во базата на Интерпол за украдени и за изгубени патни исправи и во националната база за украдени, незаконски присвоени, изгубени и за поништени патни исправи. Ваквиот начин на проверка веќе создава нервоза кај патниците, но и кај вработените на граничните премини и на аеродромите.

Словенечките сообраќајни сервиси вчера јавија дека на граничните премини со Хрватска колоната е долга дури 10 километри и оти за влез во Хрватска се чека и по четири часа. Денеска, колоните на границите се помали, но се чека и до час и половина за премин од Словенија во Хрватска.

На македонско-грчката граница, според информациите на АМСМ, сообраќајот се одвива непречено и без поголеми задржувања. Ова се должи на одлуката на грчката полиција да ги суспендира засилените контроли на своите гранични премини и на аеродромите, откако новите мерки предизвикаа хаос на границите и одложување на летови на аеродромите. Една од причините за ваквата одлука е и тоа што голем дел од грчките граѓани имаат застарени патни и лични документи, кои не можат да се прочитаат на новите читачи.

Официјална Атина испрати писмо до Европската комисија, Фронтекс и до земјите членки на ЕУ во кое се наведува дека новите контролни мерки на границите ќе ги суспендира на шест месеци и тоа на сите премини, освен на грчко-турската граница, која исламистите ја користат за влез во ЕУ.

По Грција, ист чекор презедоа и Финска, Италија, Унгарија и Бугарија.

Сепак, ова се само дел од мерките за заштита на ЕУ од екстремисти. Европската комисијата минатата година најави дека сите граѓани на земјите кои не се членки на ЕУ и на кои не им е потребна виза за шенгенскиот регион, ќе мора на интернет да пополнат едноставен образец, да платата пет евра и на тој начин да добијат посебно одобрување за влез во ЕУ. Доколку не пополнат и не добијат одобрување на образецот, патниците нема да можат да влезат во ЕУ. Сепак, тоа би можело да претставува проблем и за тие што немаат пристап до интернет и не можат на тој начин да се регистрираат. Едно од предложените решенија на овој проблем е поставување на посебни трафики за регистрација на граничните премини. На тој начин би можело да се реши потенцијалниот метеж на премините.

Сепак, оваа мерка е во рана фаза на расправа, но би требало да биде донесена до крајот на годинава, а според најавите да почне да се применува од 2020 година.


Радев: Не можеме да ја браниме Европа без Шенген


Софија, 7 февруари, 2017 - 17:04 (META) 

Бугарскиот претседател Румен Радев истакна дека Бугарија ги прави сите напори за да ги заштити нејзините надворешни граници и да ги заштити сите европски граѓани.

Радев рече дека земјата се потпира на „поголема посветеност на сите земји членки на ЕУ“ во случај на засилување на мигрантскиот бран.

– Исто така, Бугарија се потпира на поддршката на други земји за членството во Шенгенската реадмисија на илегални мигранти од територијата на земјата – изјави Радев на заедничката прес-конференција со германскиот претседател Јоаким Гаук во Берлин.

Бугарскиот претседател рече дека исполнети се сите технички барања за членство во шенгенската зона и дека земјата докажала дека ги штити надворешните граници на Европа по сите критериуми на Шенгенскиот договор.

Радев изјави дека ова не може ефективно да се случи ако Бугарија нема пристап до визниот информациски систем и до системот на информации на Шенгенскиот договор, додавајќи дека недостигот од пристап до овие системи го зголемува ризикот за сите европски граѓани.

Германскиот претседател Гаук рече дека е важно да се земе предвид дека Бугарија активно учествувала во заштитата на надворешната граница на Европа.


Европската комисија бара да се проверуваат сите што влeгуваат во шенген-зоната


Брисел, 16 ноември, 2016 - 14:29 (META) 

Европската комисија денеска предложи претходна проверка за секој кој од трета земја влегува во шенген-зоната на Европската Унија, дури и ако земјата има безвизен режим. Со овој потег, ЕУ би применила сличен систем кој веќе постои во САД.

Предложениот систем, ЕТИАС (Систем на ЕУ за информирање и за одобрување патувања) ќе биде сличен на американскиот систем ЕСТА и ќе бара од луѓето да платат одредена сума пари и да дадат детални информации за себе при влегувањето во шенген-зоната.

– Ние мораме да знаеме кој ги минува нашите граници. До ноември, ќе предложиме автоматизиран систем кој ќе дозволува да се патува во Европа. На овој начин ќе знаеме кој ќе патува во Европа уште пред да пристигне – изјави претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Заменик претседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, вели дека безбедноста на европските граници и заштитата на европските граѓани е нивен прв приоритет.

– ЕТИАС ќе го затвори информацискиот јаз меѓу вкрстената проверка на апликантите за виза и нашите други системи. Истовремено, идниот ЕТИАС ќе биде лесен, брз, евтин и ефикасен – рече Тимерманс.

Според еврокомесарот за внатрешни работи и за миграција, Димитрис Аврамопулос, системот е линкот што недостига во управувањето со границите.

– Ќе ги поврзе точките во нашите миграциски и безбедносни политики и ќе го отежни влезот во шенген-зоната за 95 отсто за тие што патуваат без виза. Не може да се дозволи отвореност на Европа на грбот на безбедноста – рече Аврамопулос.

Еврокомесарот за безбедност на ЕУ, Џулијан Кинг, рече дека на терористите и на криминалците не им е гајле за националните граници.

– Единствен начин да ги победиме е ефикасно да работиме заедно. ЕТИАС ќе ни помогне да го направиме тоа, да ги забележиме проблематичните индивидуи и да ги сопреме, да не дојдат во Европа. Така Европа ќе ја зајакне внатрешната безбедност – рече Кинг.

Лицата што ќе патуваат најверојатно ќе треба да платат по 5 евра, а лицето останува во системот сè додека им важи пасошот. Одговорот на барањето за патување во Европа ќе се добива истиот ден кога ќе се поднесе барањето за патување.

Граѓаните на сите земји кои уживаат безвизен режим ќе мора да поднесат пријава доколку сакаат да патуваат во земјите од европскиот блок. Тоа се однесува на граѓаните на Македонија и на другите земји од Западен Балкан, Молдавија и, евентуално, на жителите на Украина и на Грузија, кои во моментов се во процес на добивање визна либерализација за шенген-зоната.

Доколку членките на ЕУ и Европскиот парламент го одобрат овој предлог, тој би требало да стапи на сила до 2020 година.


Европската Унија ќе го усвои безвизниот режим за Турција


Брисел, 3 мај, 2016 - 10:24 (META) 

Европската комисија на Турција условно ќе ѝ одобри безвизен режим за шенгенската зона, објави денеска „Би-би-си“ повикувајќи се на анонимни извори.

Официјалното соопштение за тоа Европската комисија ќе го објави утре, наведува британскиот сервис.

Безвизниот режим за Турција е дел од договорот што го постигнаа официјален Брисел и Анкара, а во рамките на кој Турција се согласи да ги прими назад мигрантите што го поминале Егејско Море и стигнале во Грција.

Турција и понатаму мора да ги исполни критериумите на Европска Унија за безвизен режим, а одлуката за условно укинување на визите мора да го одобри Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ.

Официјален Брисел стравува дека без договор за безвизен режим, Турција нема да ја контролира миграцијата.

Голем број мигранти и бегалци стигнуваат во Европа од Турција, како и од Северна Африка, што предизвика политичка криза меѓу членките на ЕУ.


Русија и Финска ќе ја затворат заедничката граница за мигранти


Хелсинки, 23 март, 2016 - 20:46 (META) 

Финска и Русија се договорија да ја затворат за мигранти заедничката граница на север.

Владата во Хелсинки денеска соопшти дека граничните премини Сала и Раја – Јосепи ќе можат да ги користат само граѓаните на Финска, Русија и на Белорусија.

Договорот, кој е со траење шест месеци, објавен е еден ден по посетата на финскиот претседател Саули Нинистоа на Москва, каде разговараше со рускиот претседател Владимир Путин.

Во последните четири месеци, околу 1.700 баратели на азил, главно од Авганистан и од Сирија, влегле во шенген-зоната преку овие премини.

 

 


Европската Унија ќе го објави планот за примена на слободно движење


Брисел, 3 март, 2016 - 16:48 (META) 

Европската Унија утре ќе го објави нацрт-планот за повторна целосна примена на шенгенската зона за слободно движење, која е пред колапс зашто одредени земји, поради бегалската криза, воведоа погранични контроли.

Планот подразбира итно формирање на систем за крајбрежна стража на ЕУ и зајакнување на надворешните граници со Грција, која е главна точка за влез на бегалците и на мигрантите во Европа.

По две децении слободно патување во најголем дел од Европа, 26 членки на шенгенската зона се на работ на пропаста, бидејќи некои членки еднострано вовеле гранични контроли за да ги спречат мигрантите од Грција да стигнат до богатите земји на северот на Европа.

– Утре ќе усвоиме нацрт-план за тоа како целосно да се врати на сила шенгенскиот систем – изјавил за АФП, извор од Европската комисија.

Европската комисија предупредува дека економските трошоци при пад на шенгенската зона во наредните десет години би можеле да изнесуваат 1,4 милијарда евра.


Туск – Иванов: Потребна е синхронизирана акција за решавање на проблемот со бегалците


Скопје, 2 март, 2016 - 18:57 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов денеска се сретна со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. Како што соопштуваат од кабинетот на Иванов, на средбата се разговарало за напорите за постигнување заедничко европско решение за бегалската и мигрантска криза. Иванов го информирал Туск за најновите состојби, како и за мерките и за активностите што Македонија ги презема за справување со бегалската криза.

„Бараме и очекуваме решение од Европскиот совет и немаме никаков интерес целиот товар да падне само на Грција, но нема да дозволиме да се реализираат еднострани решенија што ќе бидат на наша штета. Воедно, Македонија ќе соработува со јужениот сосед за надминување на предизвиците од мигрантската криза“, истакнал Иванов.

На средбата, претседателот предупредил и дека се зголемуваат обидите за насилно влегување во Македонија, употребата на фалсификувани пасоши и документи на Фронтекс, како и насилството врз безбедносните сили на граничната линија, со што се доведува во прашање не само националната безбедност, туку и регионалната стабилност.

Иванов бил дециден дека во случај на затворање на балканскиот мигрантски коридор, Македонија ќе ги преземе сите мерки и активности за хуман третман на мигрантите кои транзитираат, како и за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност и дека нема да се дозволи на територија на Македонија да се изградат бегалски кампови.

„Македонија досега покажа дека е подготвена на сите сценарија и нема да дозволиме зголемување на безбедносните ризици од мигрантската криза“, порачал Иванов.

Како што пишува во соопштението од кабинетот на претседателот, соговорниците се согласиле дека е потребна итна координирана и синхронизирана акција на сите засегнати држави и усогласено решение.

Туск пред почетокот на средбата со Иванов порача дека ЕУ ја разбира тешката ситуација со која се соочуваат властите во Скопје и дека не може и не треба да нè остави да се справуваме сами со неа.