!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Габриел: Ердоган бара непријател за да ја прикаже Турција понижена, а Западот – арогантен


Берлин, 18 март, 2017 - 13:18 (META) 

Шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, денеска им порача на турските функционери дека Германија ќе им забрани да учествуваат на собири за поддршка на турскиот референдум на нејзина територија.

„Тој што ја преминува границата во однесувањето не смее да мисли дека може да ги шири своите ставови и кај нас“, вели Габриел за германскиот неделеник „Шпигел“.

Тој вели дека нема само Турција право да биде почитувана, туку дека истото право го има и Германија, додавајќи дека постојат и ограничувања, одредени од германските закони.

Тензиите помеѓу Турција и неколку европски земји почнаа пред неколку недели, откако Германија, во која живеат голем број Турци, забрани три собири за промоција на референдумот во Турција за јакнење на власта на претседателот на земјата, Реџеп Таип Ердоган.

Турскиот претседател оттогаш изразува незадоволство и упатува тешки вербални обвинувања на сметка на европските земји, а за Германија изјави дека продолжува со „нацистичката практика“.

Габриел вели дека Германија нема намера да одговори на турските провокации, бидејќи тоа би било во интерес на Ердоган.

„Нему му е потребен непријател за време на кампањата, за да ја прикаже Турција како понижена земја, а Западот како арогантен“, вели министерот за надворешни работи на Германија.

Референдумот за воведување на претседателски систем во Турција, со кој се зголемуваат овластувањата на Ердоган, е закажан за 16 април оваа година.


Енергетската соработка, Сирија и Кипар – главни теми на посетата на Лавров на Атина


Атина, 2 ноември, 2016 - 11:36 (META) 

Кипарското прашање, кризата во Сирија и енергетската соработка меѓу Грција и Русија се главни теми на средбите на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, со претставници на грчките власти во Атина. Лавров веќе се сретна со грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, и со премиерот Алексис Ципрас, со кои разговараше за кипарското прашање и за кризата во Сирија, која се поврзува со клучното прашање за бегалците во Грција.

Рускиот министер за надворешни работи денеска напладне ќе има средба со својот грчки колега, министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, на која, меѓу другото, ќе се дискутира и за енергетската соработка меѓу двете земји.

Лавров и грчкиот премиер разговараа и за можностите за зајакнување на соработката меѓу двете страни и за унапредување на традиционално добрите грчко-руски врски. Шефот на руската дипломатија истакна дека има одлична соработка меѓу двете држави, особено во туристичкиот сектор, како и дека има големи можности за енергетска соработка.

Премиерот Ципрас, пак, забележа дека Русија и Грција треба да се насочат на продлабочување на соработката и тоа во инвестицискиот сектор, економијата и во туризмот.

Разговорите околу енергетската соработка се очекува да се фокусираат на можноста за вклучување на Атина во проектот за гасоводот „Турски поток“.

Во однос на кипарското прашање, иако Атина не бара засилување на улогата на Русија при решавање на овој проблем, сепак сака да има отворена комуникација со неа поради руската улога во Советот за безбедност во Обединетите нации.

Лавров во разговорите со Павлопулос истакна дека Русија нема да прифати притисоци и крајни рокови за преговорите за решавање на кипарското прашање, додавајќи дека Москва поддржува решавање на ова прашање врз основа на одлуките на Советот за безбедност во ОН, како и дека Грците и Турците на Кипар треба да се договорат меѓусебно за отворените клучни прашања.


Попоски во Потсдам: ОДИХР да обезбеди темелно набљудување на изборниот процес


Потсдам, 1 септември, 2016 - 19:30 (META) 

Темелно набљудување на изборниот процес од страна на ОДИХР, била една од темите на кои било разговарано на денешните средби меѓу вицепремиерот и шеф на македонската дипломатија, Никола Попоски, и европските партнери, на маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ, што се одржа во Потсдам, Германија.

Попоски, кој денеска учествуваше на неформалниот состанок, меѓу другото, имал средби и со домаќинот, германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, и со директорот на ОДИХР, Михаел Георг Линк.

На средбите, како што информираат од МНР, било констатирано дека договорените избори во декември се позитивен развој на настаните во земјава.

„Изборите се воедно и дел од излезот од политичката криза, која многу нè чини во поглед на евроинтеграциите. Во разговорите со европските партнери беше разговарано да се обезбеди темелно набљудување на изборниот процес од страна на ОДИХР“, истакнал Попоски, стои во соопштението од МНР.

Инаку, теми на разговор на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ОБСЕ биле безбедносните ризици со кои се соочува регионот на ОБСЕ, мигрантската криза, транснационалните закани, односно тероризмот, насилниот екстремизам, радикализацијата итн.

„Впечаток од состанокот е дека кај повеќе земји членки постои загриженост од обновување на бегалскиот бран, во размери кои би креирале безбедносни и политички тензии. На Македонија се гледа како на проверен партнер. За нас, најважно ќе биде одлуките во следниот период да се носат во соработка со соседите и во координација со нашите партнери“, истакнал Попоски, соопштуваат од МНР.


Коѕиас пред амбасадорите: Нема да дозволиме надворешни мерки и санкции за Македонија


Скопје, 25 август, 2016 - 17:57 (META) 

Македонија и Грција ја надминуваат недовербата и се на добар пат за дополнително да ги зацврстат меѓусебните врски, истакна денеска пред македонските амбасадори, конзули и дипломати, шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас.

Коѕиас се обрати пред Амбасадорскиот совет и претставниците на македонските дипломатско-конзуларни претставништва по средбата со премиерот Емил Димитриев и со шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.

Зачестените контакти меѓу двете страни и мерките за градење доверба, според Коѕиас, помогнале да се воспостави нова и посилна доверба меѓу двете страни.

„Јасно е дека несигурноста од ваша страна за тоа дали ние го прифаќаме постоењето на вашата држава, како и иредентизмот долго време го потхрануваа чувството на недоверба. Денес имаме направено важен чекор напред во таа насока. Нашите лични врски со Никола Попоски зборуваат сами за себе. Патот, секако, е сè уште долг, но одлучени сме да го изодиме и мислам и се надевам дека работиме во таа насока“, рече Коѕиас пред македонските дипломати.

Тој не ја заобиколи честата грчка критика за иредентистичката реторика на македонската влада. Истакна дека Грција се надева дека македонската страна ќе успее да го надмине иредентизмот, кој воопшто не помага ниту, пак, е поддржан од историски и од реални факти.

„Нашите две држави имаат обврска да живеат заедно, во мир, соработка и со напредок. Доколку се реши и веднаш кога ќе се реши спорот за името и се урне секаков вид на иредентизам, двете држави ќе чекорат заедно по патот на ЕУ и на институциите на безбедност. Грција ќе стане поддржувач и посредник на овој пат“, истакна шефот на грчката дипломатија.

Коѕиас говореше позитивно за мерките за градење доверба, кои, според него, значително помогнале да се подобрат врските меѓу двете страни и да се зајакне соработката на полето на транспортот, економијата и академската соработка.

Тој најави дека Грција и понатаму ќе продолжи да работи во насока на помагање на развојот на Македонија. Навраќајќи се на последниот Самит на министрите за надоворешни на ЕУ, истакна дека Грција нема да дозволи надворешни мерки и санкции за Македонија.

Коѕиас беше дециден дека Грција, за разлика од други држави, одлучила да не се меша во внатрешната политика на Македонија во екот на силната внатрешно-политичка криза, бидејќи, според него, таквото мешање е и погрешно и недозволиво.

Коѕиас долго говореше и за ситуацијата во Европската Унија и за неопходноста да се отвори нов дијалот за новиот идентитет, вредности и иднина на ЕУ. Тој посочи дека Унијата се соочува со криза на идентитет, но и со сериозна политичка, економска и бегалска криза. Во ваквите услови спомена дека е комплексно како ќе се продолжи со проширувањето на Унијата, кое Грција го поддржува.

„Приемот во ЕУ за многу држави ќе се одолговлекува поради повеќестраните внатрешни кризи на ЕУ. Меѓутоа, и да се интегрираат набргу во ЕУ, Унија со 40 членови сигурно нема да е простор во кој една држава со 2, 5 или со 7 милиони жители ќе може лесно да се движи и да се прилагоди. Затоа велам дека е неопходно да го засилиме нашиот регион и да ги искористиме денешните можности, додека сите држави од регионот се интегрираат во ЕУ“, истакна Коѕиас.

Според него, за интеграцијата на Балканот во ЕУ значително ќе помогне новата грчка иницијатива за регионални состаноци меѓу Грција, Бугарија, Македонија и Албанија. Првиот ваков состанок се одржа во Солун во април, а следниот е предвидено да се случи во ноември.


Димитриев на средбата со Коѕиас: Потребни ни се решенија за иднината, не за минатото


Скопје, 25 август, 2016 - 16:58 (META) 

Македонија се залага за градење позитивна клима и пријателство со Грција и е подготвена да разговара за надминување на отворените разлики, истакнал премиерот Емил Димитриев на средбата со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, кој денеска престојува во земјава.

На средбата, како што соопштуваат од Владата, Димитриев ја истакнал потребата од пронаоѓање сфери и области „што ќе придонесат за зближување на двете држави и за воспоставување билатерални соработки“.

„Потребен е објективен пристап и искрена волја за постигнување решенија, како и разумност да се премостат разликите, кои сега се премногу големи. Спроведувањето на мерките за доверба претставува добар пример за тоа дека постои потреба за зближување на двете држави и дека е можно воспоставување на добри релации“, рекол Димитриев на средбата.

Тој посочил дека добредојдени се сите чекори што ќе значат зајакнување на довербата, особено во насока на реализација на стратешките интереси за членство на земјава во Европската Унија и во НАТО, каде пречка е билатералниот спор за името.

„На двете земји потребни им се чекори кои ќе значат решенија за иднината, наместо решенија за минатото“, рекол Димитриев.


Коѕиас в четврток доаѓа во Скопје


Атина, 23 август, 2016 - 9:50 (META) 

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас в четврток доаѓа во Скопје. Според неофицијални информации во Грција, Коѕиас доаѓа во Скопје на покана на македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, и ќе се обрати на Амбасадорскиот совет во Министерството за надворешни работи пред шефовите на дипломатско-конзуларните преставништва на Македонија.

Коѕиас ќе има и тет-а-тет средба со Попоски, со кого последен пат се сретна и разговараше во јули на маргините на Самитот на НАТО во Варшава. На агендата на посетата на Коѕиас се очекува да бидат спорот за името, билатералните односи меѓу Македонија и Грција, како и европската перспектива на Македонија.

Ова ќе биде втора посета на Коѕиас на Скопје. Шефот на грчката дипломатија се сретна со Попоски во јуни минатата година во македонското МНР, средба на која беа и официјално најавени и потпишани мерките за градење доверба меѓу двете земји.

Лани, во посета на Атина беше и министерот Попоски. Двајцата министри имаа повеќе тет-а-тет средби на маргините на различни меѓународни самити, а се очекува повторно да се сретнат и есенва, на вториот регионален самит меѓу Грција, Албанија, Бугарија и Македонија што го иницира грчкото МНР.

Само еден ден пред посетата на Коѕиас, утре во Охрид, на Школата за млади лидери на претседателот Ѓорге Иванов ќе се обрати солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, кој се очекува да има средба со Иванов.

Оваа интензивирана политичка и дипломатска активност меѓу грчките и македонските политичари во Грција се проценува како обид да се подобри климата и да се зацврсти довербата меѓу двете земји, како и во насока на создавање попријателска атмосфера меѓу владите на двете земји.