Савески: Ќе има ли еден аршин за Богоевски, друг аршин за обвинетите од Левицa


Скопје, 18 јануари, 2018 - 11:53 (META) 

Познатиот активист д-р Здравко Савески ја поздрави одлуката на Обвинителството да не го гони Павле Богоевски, но порача дека треба да се има еднаков пристап и кон членовите на Левица, кои се исто така обвинети поради активностите во Шарената револуција. Во пост на неговиот Фејсбук-профил рече дека ако членовите на Левица, чиј основач е тој, не бидат еднакво третирани како Богоевски, тоа ќе значи дека со критичарите на власта се постапува по друг аршин.

„Обвинителството нема да го гони Павле Богоевски. Правилен потег. Немаше основа за кривично гонење. Но, во контекст на тоа што кривичната постапка против нас, членовите на Левица, поради нашето учество во протестите во 2016 година, се уште трае – да се повлече обвинението против Павле Боговски, а да не се повлече против нас – ќе да тоа посочува на двојни аршини. За тој што е во власта еден аршин, а за тој што критикува друг аршин“, напиша Савески.

Поранешниот универзитетски професор реагира и дека судскиот процес против него се развлекува безмалку две години, а како што вели, може да продолжи и до 10 години постојано малтретирање со влечкање по судови.

„На 25 јануари повторно ќе се појавам на суд. Судскиот процес трае без малку 2 години, а постапката е буквално на самиот почеток. Ќе дочекам пресуда за помалку од 10 години или во мојот случај на тој начин ме казнуваат за критиките кон претходната и кон сегашната власт – со влечкање по судови што е можно подолго?“, прашува Савески.


Обвинителството се откажало од гонење на Богоевски за фрлање боја


Скопје, 17 јануари, 2018 - 20:52 (META) 

Oбвинителството се откажало од кривичен прогон на пратеникот Павле Богоевски за фрлање боја врз објектот на Министерство за култура во текот на протестите од Шарената револуција, објави на „Фејсбук“ адвокатското друштво „Давидовиќ и Јанковиќ“.

На денешното судско рочиште, како што напишаа тие, се утврдило дека никој нема право без одобрение на Заводот за заштита на спомениците на културата да презема какви било дејствија врз заштитениот објект, а уште помалку да го вештачи, а објектот веќе бил оштетен со неовластено варосување.

„Се утврди дека единствена надлежна и лиценцирана институција за утврдување на штета на вакви објекти е Заводот за конзервација. Тие формираа комисија и утврдија две работи- зградата на Министерството е без одобрение и проект искречена по нарачка на министерството и нанесена е огромна штета која при отстранување на бојата може да нанесе структурална штета на ѕидовите на зградата, и второ, бојата од Шарената револуција се мие со вода и сапун, штетата е 15.000 денари и најважно од се НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОШТЕТИ ВЕЌЕ ОШТЕТЕНА ФАСАДА. Обвинителството го повлече обвинението“, напишаа адвокатите.


Груевски: Виновници за обидот на убиство на Тодоров се тие што креираа хистерија


Скопје, 1 јуни, 2017 - 17:52 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за денешниот обид за убиство на министерот за здравство во заминување, Никола Тодоров, ги обвини политичкиот противник, владејачкиот СДСМ, граѓанските организации, луѓето што протестираа против власта на ВМРО и дел од новинарите. Обвини дека притоа користеле лаги.

– СДСМ, Зоран Заев, куп НВО финасирани од Соросовите инсталации, шарената платеничка револуција цели три години градат атмосфера за ова денеска да се случи. И сè со единствена цел, СДСМ да дојде на власт, Зоран Заев да стане премиер, ВМРО-ДПМНЕ да се испрати во опозиција и по можност да се уништи. Врз Тодоров и врз сите нас три години се фрлаат етикети, лажни обвинувања, се манипулира со сè што работевме, со лажни информаци се создаваше хистерија и се користеа сите методи за наше оцрнување и прикажување во најцрно светло – рече Никола Груевски на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече и дека пред неколку дена во гаража на зградата каде живее поранешната министерка Гордана Јанкулоска, непознати лица го демолирале нејзиниот автомобил и посочи на поставена бомба во дворот на родителите на Антонијо Милошоски.

– Дали ова е животот кој денес требаше да дојде во Македонија? ВМРО-ДПМНЕ е под напад. ВМРО-ДПМНЕ е под оган. Од сите страни и со сите средства. Ова е хајка и поттикнување одмазднички акции – обвини Груевски.


Хронологија: Како се смени власта во Македонија


Скопје, 1 јуни, 2017 - 10:00 (META) 

Трите години политичка криза за граѓаните на Македонија беа тешки, исцрпувачки и стресни. Кризата не беше само политичка, таа премина и во економска, социјална, морална и етичка. Имаше серија протести и контрапротести, судења и контрасудења, истраги и контраистраги. Потпишан беше Договорот од Пржино, па потоа и Пржино 2. Имаше избори, но и одложени избори, се појавија прислушувани материјали, но и обвиненија дека тие се „лепени, сечени и монтирани“. Народот се подели на патриоти и на предавници – сето тоа филувано со меѓусебни обвинувања, лажни вести и со засилена пропаганда.

Промените почнаа со граѓанското будење што на улиците го пренесоа студентите кои организираа три масовни протести, а продолжија преку „бомбите“, формирањето на СЈО и неговите истраги кои ги презентираа трите обвинителки.

Аболицијата потпишана од претседателот Ѓорге Иванов доведе до три месеци секојдневни протести на кои се роди „Шарена револуција“. Предвремените парламентарни избори беа одложени двапати, а изборот за претседател на Собранието го следеше насилен упад во законодавниот дом, при што беа повредени неколку пратеници, граѓани и новинари. По серија посети на меѓународни посредници, Иванов сепак му го додели мандатот на Зоран Заев, а тоа доведе до избор на нова влада. По 11 години, претставниците на ВМРО-ДПМНЕ седнаа во опозициските клупи, а СДСМ стана власт на чело со премиерот Заев.


Богоевски: Со „Шарена револуција“ засекогаш ја променивме политичката сцена


Скопје, 12 април, 2017 - 12:45 (META) 

Пред една година, на 12 април, илјадници граѓани револтирани од одлуката на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да прогласи широка аболиција и да помилува 56 лица – политичари и нивни соработници, кои се споменуваат во прислушуваните разговори, излегоа на масовен протест пред народната канцеларија на Иванов во центарот на градот.

Таа одлука, донесена пет дена по распуштањето на Собранието, предизвика бура протести низ целата земја и на сите нивоа. Секој ден се бараше повлекување на одлуката и оставка на претседателот, сè додека Иванов целосно не ја повлече одлуката за аболиција. Протестите од Скопје се проширија низ целата земја, а демонстрантите од т.н. „Шарена револуција“ на иновативен начин и со „герила-акции“ го изразуваа револтот.

На годишнината од „Шарената револуција“ потсети и независниот пратеник од коалицијата на СДСМ, Павле Богоевски, кој беше еден од водачите на револуцијата, а по изборите во декември минатата година стана пратеник во законодавниот дом.

Богоевски на собраниската говорница рече дека „Шарена револуција“ е најголемото граѓанско будење и дека граѓаните со протестите минатата година порачале дека е доста страв и молк.

– Денеска е една година од најголемото граѓанско будење за заедничка цел. Благодарение на „Шарена револуција“, Никола Груевски, голем дел од неговата банда и дел од вас, не се аболирани туку осомничени лица. Со „Шарена револуција“ засекогаш ја променивме политичката сцена во Македонија, сакале или не вие да го признаете тоа. Нè нарекувате хулигани и насилници и велевте дека сме ги сквернавеле државни симболи. Ние го обоивме овој дом, но вие го уништивте долго пред да го обоиме. Го сведовте на гласачка машина за ВМРО-ДПМНЕ. Нè правите насилници, но откако го фрливме првиот балон боја имаше само три-четири скршени прозорци. Доста беше! „Шарена револуција“ рече доста. Доста беше страв, доста беше молк. Јас ќе бидам „шарен“ уште долго откако ќе престанам да бидам пратеник. „Шарена револуција“ уште долго ќе го бои овој дом, но сега однатре – рече Богоевски.

На ова му одговори претседавачот со Собранието, Трајко Вељаноски, кој истакна дека „Шарена револуција“ двапати го оштетила законодавниот дом.

– „Шарена револуција“ двапати го оштети овој дом, за 600.000 денари и за 1.200.000 денари, кои ги платија граѓаните за Вие да си седите во овие клупи и да си земете плата од овој дом што го боевте – рече Вељаноски.


„Метаморфозис“: Не организираме обуки за протести, Маневски грубо манипулира


Скопје, 22 март, 2017 - 10:58 (META) 

Тврдењата објавени на 21 март 2017 година од страна на медиумите „Дневник“, телевизија „Нова“ и „Вечер“, припишани на Михајло Маневски, за каква било поврзаност на Фондацијата „Метаморфозис“ со насилство, претставуваат груба манипулација и искривување на вистината, се вели во демантот на „Метаморфозис“.

„Фондацијата „Метаморфозис“ преку своите обуки ги гради капацитетите на невладините организации за користење на новите технологии за да бидат поефикасни во остварувањето на нивните мисии и во нивните напори за зајакнување на демократијата, владеењето на правото, човековите права, борбата против корупција и заштитата на животната средина. „Метаморфозис“ не организира обуки за протести, туку работи во согласност со својата мисија, придонесувајќи за развој на демократијата и за подобрување на квалитетот на живеење преку иновативна примена и ширење на знаењето. Фондацијата секогаш работи во согласност со законите на Република Македонија“, се вели во демантот на „Метаморфозис“.

Поранешниот министер за правда, Михајло Маневски, вчера изјави дека фондацијата „Метморфозис“ организирала обуки за протестите на „Шарена револуција“, како и за студентските протести и протестите за спас на ГТЦ.

Маневски е последниот министер за правосудство и управа на Социјалистичка Република Македонија. Функцијата ја извршува од 1986 до 1991 година.

По победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2006 година, Маневски е избран за министер за правда во владата на Никола Груевски. Во 2008 година е реизбран на истата функција, на која останува до 2011 година.


ВМРО-ДПМНЕ: На Македонија ѝ треба вистински граѓански сектор


Скопје, 7 февруари, 2017 - 9:44 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ во соопштение денеска повикува на „десоросоизација“ и ги обвинува Павле Богоевски, Ивана Туфекџиќ и Лидија Димова дека „се само дел од послушниците на аболираниот криминалец Зоран Заев кои докажуваат дека СДСМ и Сорос се едно кога станува збор за форсирање антидржавната агенда“.

„Ваквите ликови не се граѓански сектор и не може да ги застапуваат интересите на граѓаните. На Македонија ѝ треба вистински невладин сектор, кој ќе ги препознае потребите на граѓаните и вистински ќе се бори за нив“, се вели во соопштението.


Судот го отфрли обвинението против адвокатот Стеваноски и за графитот „Кај ви е хилтата?“


Прилеп, 3 февруари, 2017 - 12:46 (META) 

Основниот суд Прилеп го отфрлил и второто обвинение против адвокатот и еден од водачите на „Шарената револуција“ во градот, Жарко Стеваноски, поради испишувањето на графитот „Кај ви е хилтата?“ на асфалтот пред старата зграда на Општина Прилеп на 18 мај минатата година, пренесува порталот „Публикум“.

Прилепската полиција го товареше Стеваноски дека графитот што го испишал на асфалтот имитирал, односно личел на сообраќаен знак и со тоа ги збунувал и им го одвраќал вниманието на учесниците во сообраќајот.

Пред еден месец прилепскиот суд го ослободи Стеваноски од прекршочна одговорност и за графитот „Че си лежите“, испишан, исто така, за време на протестите на „Шарената револуција“ во Прилеп.

Прилепската полиција против Стеваноски има поднесено уште четири пријави, кои, како и претходните две, се поради наводно сторен прекршок по член 191 од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.


Демири се изјасни за невин, судењето одложено за 14 март


Скопје, 24 јануари, 2017 - 18:04 (META) 

Мариглен Демири се изјасни за невин откако беше прочитано обвиниението против него на денешното рочиште во Основен суд Скопје 1. Јавното обвинителство го товари Демири дека кршел и фрлал предмети и заедно со толпа граѓани на 13 април минатата година ја оштетил народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, за време на протестите против аболицијата на 56 функционери и нивни соработници.

Според проценките направени од вештачењето, државата од Демири бара оштета од 522.000 денари, односно околу 8.500 евра.

На денешното рочиште дојде и претставник од канцеларијата на Иванов, а бидејќи адвокатот на Демири, Сашо Дуковски, побара да се провери полномоштвото што тој го доставил до судот, судењето се одложи за 14 март. Дуковски рече и дека вештачењето е направено на незаконски начин.

Левица, најавувајќи го денешното рочиште на судењето против Мариглен Демири, порача дека постојаните притисоци нема да ја скршат.

„Протестите одамна завршија, но судскиот прогон против истакнати членови на Левица продолжува. Покрај Мариглен Демири, судски процес за учество на протестите се води и против нашите членови Здравко Савески и Владимир Куновски. Левица претставува трн в око за многумина. Се применуваат различни методи за да се спречи нејзиниот пораст, посуптилни и помалку суптилни. Помеѓу тие методи е и поведувањето судски процеси против членови на Левица и нивно одолжување до недоглед. Но, ние порачуваме: нема да потклекнеме, нема да нè скршите! Нашето време доаѓа“, порача Левица.


Адвокатот Стеваноски тужи директор за клеветење на „Шарената револуција“


Прилеп, 24 јануари, 2017 - 16:36 (META) 

Адвокатот Жарко Стеваноски поднел кривична пријава против директорот на прилепското Јавно претпријатие за просторни и урбанистички планови Прилеп, обвинувајќи го дека ја злоупотребил службената положба со тоа што подготвил неточен извештај што го поднел во Општина Прилеп, а во кој обвинил дека како последица на протестите на „Шарената револуција“ одделението за јавен паркинг и одделението за јавен градски превоз претрпеле штети, јави „Публикум“.

Кривичната пријава против Бранко Нешкоски, директорот на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови Прилеп, адвокатот и граѓански активист Стеваноски ја поднел до Основно јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп, а покрај за злоупотреба на службената положба и овластување, го обвинува Нешкоски и за фалсификување службена исправа и за повреда на рамноправноста на граѓаните.

Со кривичната пријава Нешкоски се сомничи дека како директор на јавното претпријатие во текот на мај 2016 година, со искористување на својата службена положба и овластување и со пречекорување на границите на своето службено овластување, подготвил предмет на кој ставил печат и свој потпис и кој во форма на известување го доставил до Советот на Општина Прилеп. Во него, како што тврди адвокатот Стеваноски, внел невистинити податоци дека Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови Прилеп, односно одделението за јавен паркинг и одделението за јавен градски превоз, константно трпеле материјални штети кои биле директно предизвикани од протестите што се одвивале од 19 април до 6 мај 2016 година. На таков начин, незаконито користејќи ја својата функција, на оштетениот му нанел штета и го ограничил правото пред Советот на Општина Прилеп да ги демантира лажните податоци.

Стеваноски, инаку, е најистакнатиот активист на „Шарената револуција“, а против него од прилепската полиција и од Општина Прилеп беа поднесени еден куп кривични пријави. Тој ќе биде суден во Основниот суд во Прилеп во вкупно шест одвоени судски постапки, за графитот „Че си лежите“ пред коловозот на општинската зграда. Прилепската полиција против него поднела уште две нови прекршочни пријави, за сторен наводен прекршок по член 191 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, иако една од судските постапки на почетокот на годинава заврши со ослободителна пресуда.