„Исцелител“ повторно во Кина


Шангај, 18 јуни, 2018 - 14:36 (META) 

Филмот „Исцелител“ на младиот Ѓорче Ставрески ќе се прикажува на 21-то издание на Филмскиот фестивал во Шангај, Кина.

Ова ќе биде трето прикажување на „Исцелител“ на фестивал од А категорија, покрај прикажувањата на „Црни Ноќи“ во Талин, Естонија и на интернационалниот филмски фестивал во Гоа, Индија.

На фестивалот во Шангај, филмот ќе се прикаже во ревијалната програма Спектрум, која е дел од Интернационалната филмска панорама на фестивалот.

Оваа година на фестивалот во Шангај освен „Исцелител“ ќе се прикажува и уште еден македонски филм, „Година на мајмунот“ на режисерот Владимир Блажевски.

Фестивалот во Шангај е основан 1993 година и е еден од најголемите филмски настани во Азија. Тој е единствен фестивал во Кина кој е дел од престижната А категорија на фестивали акредитирани од светската организација ФАПФ.

„Исцелител“ ќе има три прикажувања на фестивалот – денеска, на 22 и на 24 јуни.

Изминатите денови „Исцелител“ ја доби наградата за филм од М.А.Н – Македонски алтернативни награди. Ова е трета домашна награда за филмот, кој досега освои и 9 меѓународни награди, од кои 5 за најдобар филм и учествуваше на вкупно 24 светски фестивали.

Во Македонија „Исцелител“ досега се прикажа во кината во Скопје, Битола, Штип, Кочани, Кичево, Куманово, Прилеп, Свети Николе, Велес, Богданци, Гевгелија и Гостивар, каде го гледаа приближно 14.000 гледачи. Филмот имаше и проекција под отворено небо во Градскиот парк во Скопје, на која имаше околу 8.000 гледачи.

Од денеска до задутре филмот ќе се прикажува во Центарот за култура во Неготино.


Експлозија на аеродромот во Шангај


Шангај, 12 јуни, 2016 - 12:48 (META) 

На аеродромот „Пудонг“ во кинескиот град Шангај се случила експлозија при која се повредени три лица.

Новинската агенција „Синхуа“ веста ја објави на „Твитер“, јавувајќи дека во експлозија на рачно изработени експлозивни направи од петарди, повредени се три лица, но летови не се прекинати.

Експлозијата се случила на вториот терминал во два часот и 20 минути попладне по локално време.

Тројцата ранети се одведени во болница, но нема информација во каква здравствена состојба се наоѓаат.


Светот влезе во новата година со огномети и со концерти, но и со трагични инциденти


Со спектакуларни огномети, концерти и со улични забави, вчеравечер, точно на полноќ, во светските метрополи беше дочекана Новата година.

Темна дамка на дочекот остави инцидентот што се случи во кинескиот град Шангај, каде најмалку 35 лица загинаа, а десетици други се повредени во стампедо неколку минути пред полноќ.

Засега нема прецизни информации што го предзвикало стампедото и истрагата на официјалните кинески власти е во тек.

Според едни информации, инцидентот бил предизвикан кога од зграда биле фрлени лажни пари, додека други велат дека луѓето се обиделе да се пробијат на платформа на реката Хуангпу.

Во меѓувреме, во Обединетите Арапски Емирати, стотици илјади луѓе пред полноќ се собраа да го проследат најголемиот огномет на светот на облакодерот Бурџ калифа. Повеќе од еден милион лица го исполнија пристаништето во австралискиот град Сиднеј за да го видат традиционално спектакуларниот огномет во близина на оперската куќа.

Во Њујорк стотици илјади луѓе ги преплавија улиците на градот и познатиот Тајмс сквер, каде на традиционален начин ја дочекаа Новата година.

На температура под нулата, десетици илјади се собраа на Црвениот плоштад во Москва да уживаат во огнометот над катедралната црква „Свети Василиј“ и над Мавзолејот на Ленин.

Во Париз, ласерско и светлосно шоу ја осветли Трумфалната порта, додека голем број луѓе го прославуваа дочекот на 2015 година на булеварот Елисејски полиња. Во главниот град на Германија, Берлин, стотици илјади луѓе се собраа пред Бранденбуршката порта, каде со концерт на отворено го славеа дочекот на Новата година и 25-годишната од падот на Берлинскиот ѕид.

Оние што Новата година ја славеа во главниот град на Обединетото Кралство, Лондон, можеа да уживаат во огнометот по должината на реката Темза, а во Единбург, главниот град на Шкотска, се одржа традиционалната улична забава.

Во Шпанија, стотици илјади луѓе ја испратија старата и ја дочекаа Новата година пред Пуерта дел Сол во Мадрид, а во Барселона новогодишната ноќ ја одбележи голем огномет.

Во Јапонија, пред храмот „Меиџи“ беа поставени големи кутии, каде што шинто-верниците ги оставаат своите понуди со надеж за успешна година.

Но, за жал, славеничка атмосфера не владееше насекаде во светот. Во Малезија расположението беше повеќе траорно по несреќата на патничкиот авион на „Ер Азија“, која се случи на крајот на годината, а за непријатната атмосфера причина беа и поплавите во северниот дел на земјата, поради кои 250.000 лица се раселени.

Во Багдад, главниот град на Ирак, властите го укинаа полицискиот час, кој трае веќе една деценија, за да можат граѓаните да останат до подоцна на улиците и да го слават дочекот на Новата година. Сепак, улиците во комерцијалните делови од градот останаа затворени поради претпазливост од можни бомбашки напади.

Новата година, инаку, први ја дочекаа жителите на островите Кирибати и Тонга во Тихиот Океан и на земјите од Далечниот Исток. Најдоцна во Новата година влегоа жителите на западниот брег на САД и на Алјаска.