!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Светскиот шампион во кревање тегови Андреј Драчев убиен во тепачка со шампион на ММА


Хабаровск, 21 август, 2017 - 13:21 (META) 

Светскиот првак во дигање тегови, Русинот Андреј Драчев го загуби животот вчера претпладне во договорена тепачка во рускиот град Хабаровск. Тој се тепал пред едно кафуле во центарот на градот со шампионот во ММА, Анар Алакверанов.

Како што пренесуваат руските медиуми, до тепачката дошло откако двајцата „борци“ во алкохолизирана состојба се расправале кој спорт е посилен, дали дигање тегови и ММА, па одлучиле со тепачка да ги решат несогласувањата.

Откако  во тепачката Драчев паднал, шампионот во комбинирани боречки спортови Алакверанов, продолжил да го удира, како што се гледа на видеото.


Аутсајдерот Лестер, нов шампион на Премиер-лигата


Лестер, 3 мај, 2016 - 13:41 (META) 

Екипата на Лестер ја освои шампионската титула во Премиер-лига, што во Англија, но и во целиот свет се коментира како еден од најголемите спортски настани на сите времиња.

Шансите за Лестер, кој сезонава влезе во Премиер-лигата, да ја освои титулата беа 5.000 спрема 1, но екипата имаше само три порази во лигата, што англиските медиуми го опишуваат како „бајка“ и како „најневеројатниот триумф во историјата на тимскиот спорт“.

Второпласираниот Тотенхем, по нерешените 1 – 1 на Лестер со Манчестер јунајтед во неделата, требаше да ги добие преостанатите три меча за да ги достигне „лисиците“.

Сепак, нерешениот резултат од 2 – 2 со Челси ги закопа сите шанси за Тонтенхем и го промовираше Лестер во нов шампион во најсилната фудбалска лига во светот.

Гери Линекер, поранешен играч на Лестер, на Евертон и на репрезентацијата на Англија, достигнувањето на тимот од својот роден град, за „Би-би-си спорт“ го опишал како најголем спортски шок во неговиот живот.


Голден Стејт е новиот НБА-шампион


Сан Франциско, 17 јуни, 2015 - 10:17 (META) 

Голден Стејт со победата над Кливленд од 105:97 и финални 4:2 ја осви шампионската титула во НБА.

Ова е четврта титула на клубот, прва по 40 години.

Најефикасни кај Голден Стејт беа Стеф Кари и Андре Игудала, секој со 25 поени.

Драјмонд Грин натпреварот го заврши со трипл-дабл од 16 поени, 11 скокови и од 10 асистенции.

Леброн Џејмс, иако постигна 32 поени, 18 скокови и девет асистенции, не успеа да му ја донесе победата на Кливленд.


Хокеарите на Чикаго блекхокс го освоија купот „Стенли“


Чикаго, 16 јуни, 2015 - 15:53 (META) 

Хокеарите на Чикаго блекхокс го освоија купот „Стенли“, откако ноќеска со 2-0 го совладаа тимот на Тампа Беј лајтнинг и со вкупен резултат од 4-2 во победи, ја добија финалната серија во НХЛ.

За Чикаго блекхокс ова е шеста титула во нивната клупска историја.

Погодоците за шампионскиот тим ги постигнаа Данкан Кит, во 37. и Патрик Кејн во 55. минута од натпреварот.

Трофејот „Кон Смајт“, кој се доделува на најдобриот играч во разигрувањето за титулата, му припадна токму на стрелецот на првиот гол.

Чикаго ги доби шесте натпревари против Тампа Беј, со вкупен резултат од 13-10, што говори за слабата ефикасност во годинешната финална серија.


Штутгарт стигнал до титулата со допингување фудбалери


Берлин, 3 март, 2015 - 15:10 (META) 

Нов допинг-скандал ја тресе Германија, за овојпат во центарот на вниманието се фудбалските тимови кои во 70-тите и во 80-тите години на минатиот век систематски ги допингувале фудбалерите.

Како што јавуваат светските медиуми, постојат цврсти и несоборливи докази дека фудбалерите на Штутгарт, во тоа време шампион на Германија, биле подлегнати на незаконски третмани, а истото се случувало и со Фрајбург.

Германската комисија, која се занимава со истражување на случајот, соопшти дека и Универзитетот од Фрајбург бил вмешан во целиот скандал со систематското допингување.

– Систематското користење анаболик во германскиот професионален фудбал, сега и дефинитивно е докажано – стои во соопштението на комисијата, во кое се додава дека вакви случаи имало и во други клубови, но оти Штутгарт и Фрајбург во најголема мера се занимавале со незаконските работи.

Сепак, истражителите не беа во можност да ги именуваат играчите што ги користеле забранетите супстанци.


Кошаркарите на Работнички триумфираа во Купот на Македонија


Скопје, 23 февруари, 2015 - 9:39 (META) 

Кошаркарите на Работнички триумфираа во финалето на Купот на Македонија, кое се одигра во спортскиот центар „Јане Сандански“, совладувајќи го тимот на Кожуф со 74-66.

Клучна за победата на Работнички беше третата четвртина од натпреварот, кога тимот од Градски парк направи двоцифрена предност, откако првиот дел помина во незивесна и резултатски изедначена игра.

За најкорисен играч беше прогласен играчот на победничкиот тим, Ѓорѓи Чековски, кој натпреварот го заврши со одличен резултат од 18 поени, 5 скокови и 6 асистенции. Неговиот колега од тимот, Миљан Павковиќ, постигна 16 поени, Дарко Соколов реализираше 12 и Тодор Гечевски – 9 поени и 11 скока.

Во екипата на Кожуф најефикасен беше Миљан Јанушевиќ со 15 поени.

За Работнички ова е деветти трофеј во Купот на Македонија.