Продолжуваат судењата за насилството во Центар и за „Триста“


Скопје, 3 април, 2018 - 9:33 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 за денеска се закажани две рочишта за судските случаи што се водат по обвиненија од Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Во 9.30 часот би требало да почне рочиштето за „Насилство во општина Центар“ во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.

На претходните рочишта за овој предмет, вина за настаните пред Општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.

Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.

На рочиштето за предметот „Триста“, кое ќе почне во 10.30 часот, обвинет Ѓоко Поповски, поранешен помошник-министер во МВР. Се товари за незаконитости при набавка на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Обвинителите велат дека Поповски со набавката го оштетил буџетот на државата за сума од 453.570 евра, односно тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на фирми кои немале најевтина понуда.


Во Кривичен суд денеска судења за „Насилство во Општина Центар“, „Тврдина“ и „Таргет“


Скопје, 27 март, 2018 - 10:12 (META) 

Во Кривичниот суд денеска ќе се одржат две судски рочишта за три случаи на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Во 10 часот ќе почне судењето за случаите „Тврдина“ и „Таргет“, кои се споени во еден предмет. Во случаите за нелегалното преслушување, „Таргет“ и за уништување на опремата на прислушувањето, „Тврдина“, обвинети се 12 лица. Први се екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, а обвинети се и Горан Грујовски и Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција.

Претходното рочиште требаше да се одржи на 17 јануари годинава, но се одложи за денеска затоа што на новиот судски совет, со кој претседава судијката Џенета Бегтовиќ согласно новиот план за работа на претседателот на Судот Иван Џолев, му било потребно време за да го проучи обемниот доказен материјал.

Потоа, во 13.30 часот во Кривичен суд ќе почне судењето за случајот „Насилство во Општина Центар“, познат и како „Шамари во Општина Центар“, во кој за насилството во текот на седницата на Општина Центар пролетта обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката и тогашен член на Советот на Град Скопје, Даниела Рангелова, како и уште 11 лица.

На претходните рочишта, вина за настаните признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија по шест месеци условна казна.

Претходното рочиште за овој случај се одржа на 13 овој месец.


СЈО бара притвор за обвинет во „Шамарите“ бидејќи три пати не дошол на судење


Скопје, 13 март, 2018 - 11:55 (META) 

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, кога слушна денеска дека обвинетиот Милан Андоновски во случајот „Шамари“ за насилство во Општина Центар, по третпат не доаѓа на судење, побара мерка притвор против него, објави „СДК“.

Претходните двапати не го оправдал отсуството, а денеска неговиот адвокат поднесе доказ од приватна лекарска ординација, која наведува дека имал ларингит и му препорачува да нема физичка активност и му отвора боледување од 14 дена.

– Ако дојдеше денеска Андоновски во судница, немаше да има никаква физичка активност. Следниот пат ќе се разболи некој друг обвинет, бидејќи целта е да не почне ова судење никогаш – кажа Фетаи.

На ова се надоврза обвинителот Гаврил Бубевски кој рече дека ларингит имаат половина од присутните во судницата и побара на обвинетиот да му се одреди притвор.

– Ако дојде во судница, нема да го тера никој да копа или да има друга физичка активност. Барем температура да ставеше во оправданието. Ларингит имаме половина од присутните во судницава. Да му се одреди притвор за непочитување на судот и на останатите обвинети и следниот пат да си биде спроведен со неговите „амоксиклави“ што си ги пие тој и многумина во судницава во овој период на годината – дополни обвинителот Гаврил Бубевски.

Судењето за овој случај на СЈО не може да започне година и пол поради болести на обвинетите, процедурални блокади и смена на судија. Следните рочишта се закажани за 3 и 19 април.

Во случајот „Шамари“ обвинети се 14 лица за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. На претходните рочишта, вина за настаните признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија по шест месеци условна казна.

Првообвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и Даниела Рангелова.


И „Шамарите во општина Центар“ одложено – единствениот систем за снимање зафатен за друго судење


Скопје, 18 декември, 2017 - 12:23 (META) 

Судењето за случајот со насилствата во Општина Центар во 2013 година, попознат како „Шамарите во Општина Центар“ денеска се одложи кратко по почетокот на денешното рочиште, бидејќи единствениот систем за снимање во Основен суд Скопје 1 бил резервиран уште пред еден месец за судењето за обидот за убиство на тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров.

Судијката Софија Лаличиќ го резервирала системот за рочиштето против дедото на 9-годишната Тамара Димовска од Велес, кој пукаше во Тодоров пред церемонијата на предавањето на министерската функција на новиот министер Арбен Таравари.

Откако почна рочиштето за „Шамарите во Општина Центар“, адвокатот Дончо Наков даде приговор дека не се исполнети условите за одржување на рочиштето, бидејќи нема услови за снимање на рочиштето, а нема услови ниту за стенографско водење на записник.

Судијката Татјана Михајлова потоа го одложи судењето за 27 овој месец.

Во овој случај, обвинети се поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ во заминување, Никола Груевски, и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кои претходно во Кривичен суд присуствуваа на судењето за „Траекторија“, каде се исто така обвинети. Во случајот со насилствата во Општина Центар обвинета е и актуелната пратеничка и поранешна советничка во општина Центар, Даниела Рангелова.

Во првичното обвинение од СЈО беа опфатени вкупно 14 лица, по што Томислав Лазаревски и Јордан Ристевски, поранешни членови од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Центар, ја признаа вината и добија условни осуди од 6 месеци затвор.