Денеска е Меѓународен ден на проверка на фактите


Скопје, 2 април, 2018 - 14:41 (META) 

Меѓународната мрежа за проверка на фактите во соработка со сродните организации од целиот свет денеска го одбележуваат Меѓународниот ден за проверка на фактите.

„Веруваме дека проверката на фактите не е работа со која треба да се занимаваат само професионалци, туку за прецизен информациски екосистем секој треба да го даде својот придонес“, порачуваат од Меѓународната мрежа за проверка на фактите.

Дел од оваа мрежа е и Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, која активно учествува преку своите два проекти: „Вистиномер.мк“, кој е фокусиран на изјавите и на ветувањата на државните и локалните функционери и на политичките актери, како и „Сервисот за проверка на факти од медиумите“, кој главно се занимава со утврдување на фактите во медиумските содржини.


Денеска е Меѓународен ден на проверка на фактите


Скопје, 2 април, 2017 - 18:52 (META) 

Денеска (2 април) е промовиран како Меѓународен ден на проверка на фактите од страна на Меѓународната мрежа за проверка на факти основана при институтот „Поинтер“ од Сент Питерсбург, сојузна држава Флорида, САД, во соработка со организациите за проверка на факти од светот.

„Ова не е само обичен настан, туку верување дека повеќе од кога било е потребна проверка на фактите во политиката, во новинарството и во сите други области“, вели организаторот на настанот на својата веб-страница.

Денот не е случајно одбран, велат организаторите, туку станува збор за ден кој доаѓа по Меѓународниот ден на шегата (и лагата, н.з.), за да се истакне значењето на проверката на фактите.

На веб-страницата може да се најдат и упатства како да се прави „факт-проверка“ и зошто е тоа важно.

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ заедно со своите медиумски проекти „Сервис за проверка на фактите во медиумите“ и „Вистиномер“ е единствен член од Македонија на глобалната мрежа за проверка на факти составена од 45 невладини и медиумски организации.