Повеќе од 700 лаги во една година на насловните страници на три српски таблоиди


Белград, 11 јануари, 2019 - 11:26 (META) 

Во 2018 година, три српски таблоиди објавиле над 700 лаги на своите насловни страници, утврдил српскиот сервис „Раскринкавање“, кој е посветен на борбата против дезинформациите.

На вкупно 306 насловни страници во 2018 година, таблоидот „Информер“ имал дури 351 дезинформација, односно непоткрепена вест. „Српски телеграф“ пак на насловните страници на 223 броја објавил дури 230 неточни или непоткрепени тврдења, додека „Ало“ на 358 насловни страници минатата година имал 149 лажни вести, односно вести без јасни извори и докази, пишува „Раскринкавање“, чии новинари ги анализирале сите насловни страници на таблоидите.

Главната одлика на прорежимскиот таблоид „Информер“ од пребројаните вести доминирале „смрт, крв, навреди, ексклузивни доверливи информации“, од „пеколните планови на Албанците да го нападнат северот на Косово до 25 април“ до тоа дека „војната на Косово ќе почне или на 15 декември или до крајот на декември“.

Од 223 насловни страници на „Српски телеграф“ во 2018 година од 230 неточни или непоткрепени тврдења, дури една петина била за рускиот претседател Владимир Путин и за неговите пораки за поддршка на Србија, Косово и за српскиот претседател Александар Вучиќ. Посебно голем проблем овој таблоид направил со покренување на кампањата против фондацијата „Поддржи живот“ и славниот актер Сергеј Трифуновиќ, инаку критичар на актуелната српска власт. „Информер“ во серија на насловната страница објавувала дезинформации заедно со фотографии на Трифуновиќ дека актерот проневерува од собраните пари, по што министерот за здравство Златибор Лончар, повикувајќи се на тие лажни вести, спроведе контрола на трошењето на парите. Проверките покажале дека немало неправилности во трошењето на парите.

Третиот таблоид анализиран од „Раскринкавање“, „Ало“, за чии дезинформации и конструкции повеќепати пишуваше и „Мета“. Голем дел од лажните вести биле за „напорите за уривање на Вучиќ“.

Според „Раскринкавање“, „Информер“ го издава фирмата „Инсајдер тим доо“ на Драган Ј. Вучиќевиќ, кои добиле милиони динари на владините конкурси за кофинансирање медиуми.

Сопственик на „Ало“ е Саша Благојевиќ, кој е другар уште од гимназиските денови на министерот за финансиии Синиша Мали. Сопственици на „Српски телеграф“ се четиримина, од кои еден е адвокатот Лазар Симиќ, кој работел во канцеларијата на Игор Исаиловиќ, деловен партнер на српската премиерка Ана Брнаби и човек што ужива доверба на поранешниот градоначалник на Белград, а сегашен министер за финансии, Мали.


Завршен митинг на претседателскиот кандидат Саша Јанковиќ вечерва во Белград


Белград, 29 март, 2017 - 21:40 (META) 

Околу 20.000 граѓани се собраа вечерва во центарот на Белград на завршниот предизборен митинг на претседателскиот кандидат Саша Јанковиќ, од кој е порачано дека на Србија не ѝ треба лидер, туку претседател, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Митингот го отворил српскиот пејач Владо Георгиев, а покрај него зборувале бројни јавни личности, меѓу кои актерите Никола Ѓуричко, Никола Којо и Сергеј Трифуновиќ.

На собирот немало ниту еден претставник од политичките партии. Граѓаните носеле знамиња со ликот на Јанковиќ и транспаренти со порака „За Србија без страв“, како и знамиња со ликот на премиерот Александар Вучиќ со натпис „Готов е“.

Преносот на предизборниот митинг на Саша Јанковиќ во Белград во живо го следеле 220.000 луѓе преку неговата страница на „Фејсбук“.