!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Општина Аеродром го раскина договорот со Самсоненко за изградба на тениски игралишта


Скопје, 3 ноември, 2017 - 15:48 (META) 

Општина Аеродром соопшти дека ќе го раскине договорот за изградба на тениски игралишта, кој претходната гарнитура го потпишала со компанијата „Тенис парк“, во сопственост на Сергеј Самсоненко.

Како што стои во соопштението за јавноста, договорот не бил во интерес на граѓаните зашто предвидувал Општината и Градот Скопје целосно да го ослободат инвеститорот од плаќање комуналии, а притоа граѓаните да добијат многу мали бенефиции за користење на игралиштата.

„Според договорот, граѓаните би можеле бесплатно да користат само едно игралиште и тоа во ограничено време, додека комуналиите од кои се ослободува инвеститорот се во висина од еден милион евра. Инвеститорот го добива земјиштето на користење 35 години. Ваквиот договор не е во интерес на жителите, туку, пред сè, во интерес на инвеститорот, а неговото раскинување е со заемен договор на двете страни“, порачуваат од Општина Аеродром.

Одлука за што ќе се користи земјиштето, ќе биде донесена наскоро, велат од Општината.


Заев до ракометарите: Вашиот успех е мотив Владата силно да го поддржи спортот


Скопје, 7 јуни, 2017 - 15:29 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со ракометарите на „Вардар“ кои го освоија првото место во Лигата на шампиони, со раководството на клубот, како и со претседателот и со претставници на Ракометната федерација на Македонија.

Тој, од името на Владата, им врачи плакета за благодарност.

„Вашиот успех е амбасадорска промоција на Македонија, не само во Европа, туку и во светот. Исто така, вашиот успех е мотив Владата силно да го поддржи спортот“, рече во обраќањето до ракометарите премиерот Заев.

Тој најави можности за практично инвестирање во спортот, преку ваучери што ќе ги издава Министерството за финансии на спортските клубови, законска поддршка на спортот како професија, со што ќе се овозможи пензиско и здравствено осигурување на спортистите и посветеност на новата Влада да го обезбеди заслуженото достоинство на спортот во Македонија.

На средбата биле отворени некои проблеми со кои се соочуваат спортските клубови, во делот на финансирањето и на условите за работа и беше разговарано за начините за нивно решавање.

Ракометарите, сопственикот на ракометниот клуб „Вардар“, Сергеј Самсоненко и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, на Заев му подариле еден од шампионските златни медали добиени од Лигата на шампиони, како и дрес на „Вардар“ на кој е испишано името на премиерот.


Да не дозволиме фашизмот да се повтори, порача Шчербак од Битола


Битола, 7 мај, 2017 - 21:51 (META) 

„Цела Русија го слави Денот на победата над фашизмот (9 мај), кој го нарекуваме „празникот со солзи на очите“, истакна амбасадорот на Русија во Македонија, Олег Шчербак, вечерва на плоштадот Магнолија во Битола.

Високи претставници на Руската Федерација во Македонија, гости и граѓани на Битола присуствуваа на свеченоста по повод одбележување на 9 мај.

„Нашата задача е на фашизмот да не му дозволиме да се повтори, да ги памтиме горчливите лекции од Втората светска војна, да не дозволиме ревизија на нејзините резултати и подмолните обиди да се изедначат освојувачите и ослободителите, џелатите и жртвите“, изјави Шчербак.

Во првите редови на свеченоста беше рускиот бизнисмен, почесниот конзул на Руската Федерација во Битола, Сергеј Самсоненко, почесниот конзул Велимир Стојковски, а од градот домаќин руските пријатели единствено ги пречека митрополитот Петар.

На свеченоста не беше присутен битолскиот градоначалник, Владимир Талески, а немаше ниту еден претставник од Општината, иако на самиот крај од својот говор амбасадорот Шчербак не заборави да ги поздрави сите вработени во Општина Битола.