Канадската химна стана родово неутрална


Отава, 1 февруари, 2018 - 19:18 (META) 

Канадскиот Сенат го усвои законот со кој националната химна на земјата станува родово неутрална, пренесуваат светските медиуми.

Со измените, во вториот стих од хумната „О, Канада“ зборот „синови“ се заменува со изразот „сите нас“.

Против донесувањето на законот беа опозициските конзервативци, но решението сепак го помина конечното гласање.

Борбата за промена на стиховите во текстот на химната предизвика, како што пренесува „Би-би-си“, жестока дебата, а слично решение беше одбиено од конзервативците во 2010 година, кои тогаш го имаа мнозинството во канадскиот парламент.

Промената во 2016 година ја предложи сега покојниот пратеникот на либералите, Морил Беланже, на кого му беше дијагностицирана Амиотрофична латерална склероза, позната и како Лу Геригова болест и кој почина кон крајот на истата година.

Инаку, канадскиот Сенат се изјаснува за законите кои претходно ќе ги усвои Претставничкиот дом.


Американската влада во финансиска блокада


Вашингтон, 20 јануари, 2018 - 11:29 (META) 

Делумно затварање на американските федерални служби стапи на сила по неуспешниот обид републиканците и демократите во Сенатот да постигнат компромис за буџетот.

Претставничкиот дом изгласа закон со кој се продолжува финансирањето на буџетот до 16 февруари, но Сенатот не го потврди и покрај интензивните преговори на републиканците и демократите и интервенцијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Откако двата дома на американскиот Конрес до полноќ не успеаја да постигнат договор за усвојување на предлогот за продолжување на финансирање на федералната влада во Вашингтон, дојде до финансиска блокада.

За да помине законот беа потребни 60 гласа од вкупно 100, но само 50 го поддржаа.

Затварање на некои сојузни агенции стапи на сила на полноќ, но не е можно да се предвиди колку ќе трае.
Блокадата на владата нема да го опфати финансирањето на секоја агенција, програма и услуга која ја финансира федералната влада, додека вработените во агенциите и министерствата кои не се сметаат за клучни ќе престанат да работат се додека Конгресот не биде во состојба да го усвои законот за федералниот буџет.

Појавата на финансиска блокада е невообичаена но се случувала и порано. Од 1981 година имало 12 вакви случаи, а блокадите варирале по должина на траењето.


Трамп бара од демократите да спречат блокада на сојузната администрација


Вашингтон, 19 јануари, 2018 - 17:10 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп ги повика сенаторите од редот на демократите да гласаат за законот за привремено финансирање на владата за да не дојде до парализирање на сојузната администрација, јавуваат агенциите.

Трамп притоа ги критикуваше демократите во Сенатот, велејќи дека „тие сакаат нелегална имиграција и слаби граници“.

„Законот за привремено финансирање на владата е одобрен ноќеска во Претставничкиот дом. Сега се потребни гласовите на демократите за да биде одобрен во Сенатот, но тие сакаат нелегална имиграција и слаби граници“, напиша Трамп на „Твитер“.

Долниот дом на Конгресот синоќа го изгласа законот со кој продолжува финансирањето на буџетот до 16 февруари. Сенатот би требало да гласа за законот денеска до полноќ, кога престанува досегашниот начин на финансирање.

Трамп предупреди дека доколку текстот на законот не добие зелено светло во Сенатот, ќе дојде до блокада на сојузната влада, поради што голем број на сојузни агенции може да бидат затворени.


Сенатот на САД одобри 700 милијарди долари буџет за Пентагон


Вашингтон, 19 септември, 2017 - 12:14 (META) 

Горниот дом на американскиот конгрес го одобри буџетот на Пентагон, кој изнесува 700 милијарди долари, јавуваат светските агенции.

Сенатот синоќа со 89 гласа „за“ и осум „против“ го изгласа законот за одбранбената политика на САД, кој предвидува 640 милијарди долари за основните операции на Пентагон, вклучувајќи набавка на оружје и плати за војниците.

Дополнителни 60 милијарди долари се обезбедени за мисиите во Авганистан, Ирак, Сирија и во другите воени подрачја.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп до Конгресот поднесе предлог-буџет со кој бараше 603 милијарди долари за основните операции и 65 милијарди долари за мисиите во странство.

Законот усвоен во Сенатот предвидува 8,5 милијарди долари за зајакнување на системот на ракетна одбрана и 10,6 милијарди долари за 94 борбени авиони, што е 20 пати повеќе отколку што бараше администрацијата на Трамп.


Конгресот одобри 15 милијарди долари за штетите од ураганот Харви


Вашингтон, 9 септември, 2017 - 12:44 (META) 

Претставничкиот дом на САД, а потоа и горниот дом – Сенатот, вчера усвоија закон за доделување 15 милијарди долари за помош на настраданите и за обновување на оштетените објекти од ураганот Харви.

Пратениците го усвоија законот со 316 гласа „за“ и 90 „против“.


Марк Грин именуван за директор на УСАИД


Вашингтон, 4 август, 2017 - 10:34 (META) 

Американскиот Сенат го именуваше поранешниот конгресмен Марк Грин за директор на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) на предлог на претседателот Доналд Трамп.

„Грин на нашата организација ќе ѝ помогне да ги постави приоритети во идните развојни инвестиции на Америка, да го осигури секој долар од даночните обврзници, да ја унапреди сигурноста и просперитетот на нашата земја и да нè приближи до денот кога странската помош нема да биде потребна“, стои во соопштението на УСАИД.

Грин е републиканец од Висконсин, кој беше дел од Претставничкиот дом од 1999 до 2007 година, а работел и како амбасадор во Танзанија и бил претседател на Меѓународниот републикански институт.

Тој доаѓа на чело на агенцијата во момент кога американската администрација предлага намалување на помошта што САД ја даваат на други земји и нејзина реорганизација.


Трамп ќе стави потпис на законот за санкции кон Русија


Вашингтон, 29 јули, 2017 - 14:28 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп го одобрува предлог-законот за воведување санкции кон Русија и планира да го потпише, соопшти Белата куќа.

„Претседателот ги прочита првичните верзии на законот и договорените крајно важни делови од него. Сега тој ја разгледува конечната верзија и врз основа на отвореноста кон забелешките ќе го одобри предлог-законот и има намера да го потпише“, стои во соопштението.

Сенатот со големо мнозинство го усвои документот со кој се предвидуваат санкции кон Русија, Иран и Северна Кореја, но за да стане закон треба да биде потпишан од претседателот Трамп.


Уште еден неуспешен обид на републиканците да го повлечат „Обамакер“


Вашингтон, 28 јули, 2017 - 9:54 (META) 

Американскиот Сенат, во кој републиканците се мнозинство, повторно го отфрли предлогот за повлекување на законот на поранешниот претседател Барак Обама, „Обамакер“.

Републиканеците Џон Мекејн, Сузан Колинс и Лиса Мурковски гласаа против отфрлањето на законот за здравствена заштита што го воведе претходниот американски претседател. Предлогот е отфрлен со 51 спрема 49 гласа.

Ова е трет неуспешен обид неделава на републиканците да го отповикаат законот на Обама од 2010 година.

Конзервативните сенатори беа подготвени да го повлечат законот иако не е подготвена негова замена, но умерените претставници беа загрижени дека тоа ќе ги револтира гласачите имајќи предвид дека Конгресот нема да биде во состојба за изгласа нов закон за здравствена заштита.

Според проценките на канцеларијата за буџет на Конгресот, со повлекување на „Обамакер“, без притоа да се воведе негова замена, околу 30 милиони Американци би останале без здравствено осигурување, што беше причина за некои од републиканците да гласаат против повлекување на законот.


Путин: Одговорот на Русија на санкциите од САД ќе зависи од конечната верзија на законот


Москва, 27 јули, 2017 - 19:06 (META) 

Русија ќе протера 35 американски дипломати и максимално ќе го ограничи нивниот број доколку американскиот претседател Доналд Трамп го потпише законот кој се однесува на санкции против Русија, пишуваат руските медиуми, повикувајќи се на извори од руското министерство за надворешни работи.

Руското МНР ја разгледувало можноста и за непропорционален одговор, на тој начин што Москва може да ја одбие соработката со Вашингтон по важни прашања за САД, како што е зајакнување на притисокот врз Северна Кореја.

Конгресот на САД усвои закон за санкции кон Русија, Иран и Северна Кореја. Доколку Сенатот го усвои, а претседателот го потпише овој закон, новите санкции би можеле да бидат најголеми од 2014 година.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска, исто така, изјави дека одговорот на Русија ќе зависи од конечната верзија на текстот на американскиот закон.


Нова шлаканица за Трамп – републиканците го спасија „Обамакер“


Вашингтон, 27 јули, 2017 - 10:07 (META) 

Американскиот Сенат, во кој републиканците имаат мнозинство, го отфрлија предлогот на претседателот Доналд Трамп да се повлече Законот за здравствена заштита (познат како Обамакер) на поранешниот претседател Барак Обама.

Седум републиканци синоќа им се приклучија на демократите во Сенатот и предлогот е отфрлен со 55 гласа на спрема 45 гласови „за“. Ова е вторпат неделава републиканците да не успеат да го протуркаат укинувањето на законот од 2010 година.

Сенаторите беа подготвени да го повлечат законот иако сè уште не е подготвена неговата замена, но умерените претставници биле загрижени дека тоа ќе ги разлути гласачите кои би сметале дека Конгресот нема да биде во состојба да изгласа нов закон за здравствена заштита.

Мал дел од републиканците им се придружија на демократите во блокирањето на предлогот на шефот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Меконел, да се укине законот на Обама.

Законот би требало да биде заменет со ублажени обврски за здравствено осигурување, со помали сојузни здравствени субвенции и други измени.

Канцеларијата за буџет на Конгресот процени дека повлекувањето на „Обамакер“ без воведување замена би значело дека 30 милиони Американци ќе останат без здравствено осигурување. Тоа бил клучен фактор што некои од републиканските сенатори не го прифатија предлогот на шефот на републиканското мнозинство во Горниот дом на американскиот Конгрес.