ЗНМ, ССНМ и СЕММ ја информирале Владата за стандардизацијата на онлајн медиумите


Скопје, 15 октомври, 2018 - 15:54 (META) 

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, советникот за односи со јавност на премиерот, Марјан Забрчанец и портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски одржаа работен состанок со претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, претседателот на Управниот одбор на Советот за етика на медиумите, Катерина Синадиновска и претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис, како претставници на трите медиумски организации кои ја водат иницијативата за создавање на минимум критериуми во насока на заштита и промоција на професијата во интернет медиумите.

„Претставниците на ЗНМ, ССНМ и СЕММ ги информираа претставниците на владата со основната идеја и потребата да се почитуваат основните принципи на новинарската професија во интернет-сферата. На работниот состанок медиумските организации исто така ги најавија следните активности поврзани со иницијативата, односно дополнително усогласување на критериуми и временски рок, со цел, сите засегнати страни кои работат на интернет-просторот во Македонија, да имаат период за прилагодување. Владата јасно укажува дека секогаш ќе биде партнер на медиумските организации во нивните активности кои се од исклучителна важност, како за медиумите и медиумските работници, така и за јавниот интерес на граѓаните на земјава“, се вели во соопштението на Владата.


Новинарските организации дефинираа критериуми за онлајн медиумите


Скопје, 10 октомври, 2018 - 13:42 (META) 

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ССНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ), усогласија минимум критериуми што ќе помогнат во заштита и промоција на професионалното новинарство во онлајн медиумите.

„ЗНМ, ССНМ и СЕММ сметаат дека онлајн медиумите треба да ги почитуваат начелата и принципите на новинарската професија, како што се транспарентна сопственост; објавување на импресум, контакт и адреса на медиумот; прифаќање и почитување на Кодексот на новинарите, како и регистрација на правен субјект во Македонија“, порачаа организаците.

Тие бараат од Владата и јавните институции да ги почитуваат овие критериуми при издавање на акредитација на новинарите од онлајн медиумите.

„Ги повикуваме рекламерите на општествена одговорност и да се воздржат од објавување на реклами во онлајн медиумите кои не ги исполнуваат овие критериуми. Ако Владата и рекламерите не ги почитуваат овие критериуми директно ќе придонесат кон јакнење на дезинформациите во медиумите и нивно користење за пропагандни цели. Ова може да се искористи како алиби за да се донесе рестриктивна законска регулација на онлајн медиумите која може да ја ограничи слободата на изразување на интернет“, велат трите новинарски организации.


ААВМУ до ДИК: Сите имаат право на термини во медиумите за референдумот


Скопје, 8 август, 2018 - 11:10 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) соопшти оти ставот на Државната изборна комисија (ДИК) дека единствено Собранието, како овластен предлагач на референдумот, може да води јавна пропаганда не соодветствува со фактичката ситуација и дека и другите заинтересирани субјекти може да водат пропаганда во времето предвидено за политичко рекламирање.

Со слична реакција вчера се огласија и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Од ААВМУ велат дека според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, платената јавна пропаганда медиумите треба да ја емитуваат во рамки на лимитот за рекламирање од 12 минути на секој реален час, јасно одвоена од другите содржини и со јасно означен нарачател. Притоа, на сите заинтересирани субјекти треба да им се обезбедат еднакви услови за пристап до времето за рекламирање, со еднакви цени за сите, велат од медиумскиот регулатор. За тоа се одржал и состанок со ДИК.

„За ваквиот свој став, Агенцијата ја извести Државната изборна комисија и писмено и на заеднички состанок, а по повод Појаснувањето што го даде ДИК за медиумите и медиумското претставување на 3 август 2018 година. Агенцијата смета дека тоа што Законот за референдум утврдува дека овластениот предлагач, во случајов Собранието на Република Македонија, може да води јавна пропаганда, не значи дека има „привилегиран пристап“ до медиумите, ниту во поглед на користењето на времето, ниту во поглед на цените за рекламирање“.

Вчера и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС) го осудија начинот на кој ДИК ги толкува последните измени и дополнувања на Изборниот законик во врска со медиумското претставување за референдумот за името.

„Другите учесници во кампањата за референдумот не само што ќе имаат ограничен пристап до медиумите за пропаганда, туку и трошоците за огласување ќе мора да ги сносат сами. Ваквото паушално појаснување може сериозно да го загрози легитимитетот и легалитетот на референдумот и затоа ДИК треба веднаш да го повлече. Ги повикуваме медиумите да не дозволат да бидат вовлечени во оваа политичка манипулација“, порачаа новинарските организации.


Измените на Изборниот законик ги загрозуваат работата и слободата на медиумите


Скопје, 27 јули, 2018 - 15:50 (META) 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) се противат на усвоените измени и дополнувања на Изборниот законик, донесени како резултат на политички договор помеѓу власта и опозицијата.

Од ЗНМ, ССНМ и СЕММ велат дека „овие измени, донесени на нетранспарентен начин, со партиски консензус и зад затворени врати, директно ја загрозуваат работата на медиумите во време на предизборна кампања и се во спротивност со претходните укажувања и ставови на еснафските здруженија.“

„Ставот на ЗНМ, ССНМ и СЕММ што им беше познат на партиите е да се укине платеното политичкото рекламирање за време на изборни кампањи во приватните медиуми, а измените во Изборниот законик не само што го озаконуваат истото, туку и овозможуваат тоа да биде направено со јавни пари од граѓаните. Уште поголем апсурд е што измените и дополнувањата во Изборниот законик и даваат овластување на Државната изборна комисија, на чија што „ефикасност“ бевме сведоци во сите изборни циклуси, да ги регистрира онлајн медиумите кои што ќе известуваат за изборите како и да ја мониторира и оценува нивната работа. Потсетуваме дека нема европска пракса за следење на начинот на известување на онлајн медиумите и дека со овој пристап се нарушува концептот на медиумската саморегулација“, се вели во соопштението на ЗНМ.

Освен ова, измените предвидуваат казни за традиционалните и онлајн медиумите во висина од 4.000 евра, за неизбалансирано и непристрасно известување според член 181а од Изборниот законик.

„Прашуваме кои се тие стручни луѓе во ДИК и на каков начин ќе ја мерат неизбалансираноста и непристрасноста на известувањето на онлајн медиумите? Потсетуваме дека Агенцијата за медиуми од ваквата обврска се откажа токму поради немањето на методологија, ниту европска пракса на некоја државна институција да се бави со (не)етичко известување. Последен обид на власта и опозицијата да се занимаваат со професионалноста на медиумите за време на избори беше и ад-хок телото, кое се покажа како сосема неуспешно решение“, се додава во соопштението.

Како посебно проблематична измена на Изборниот законик ЗНМ, ССНМ и СЕММ го сметаат и членот 3 став 11, со кој на учесниците во изборниот процес им се наложува да достават медиа планови за политичко рекламирање кое потоа ќе биде платено од буџетот на приватните медиуми.

„Ова претставува упад во независноста на уредувачката политика и програмските содржини на медиумите во време на предизборна кампања, бидејќи им се наметнува програмска шема од страна на политичките партии.Овие штетни измени во Изборниот законик не се во прилог на блокираните медиумски реформи и без дилема тие негативно ќе се одразат и во работата на медиумите и на севкупниот демократски амбиент во време на предизборна кампања.ЗНМ, ССНМ и СЕММ за овие недемократски законски мерки ќе ги известат и мисиите на странските претставништва кои се грижат за слободата на изразување и независноста на медиумите во Македонија“, потенцираат тие.


СЕММ, ЗНМ и ССНМ бараат медиумите да работат професионално


Скопје, 24 јули, 2018 - 15:33 (META) 

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), бараат медиумите да ги задоволат основните правила за професионална работа, вклучувајќи почитување на Кодексот на новинарите, транспарентност во сопственичката и уредувачка структура, како и прифаќање на саморегулацијата како единствен заштитник на медиумските слободи и независност.

„Ова вклучува и наведување на авторството, како и на изворите на информации кога се преземаат содржини од други медиуми“, се вели во соопштението мотивирано од, како што се наведува, „злоупотребата на медиумите кои служат на деструктивни агенди на поединци и групи“.

„Право е на секој медиум е да одлучи дали ќе учествува во работата на саморегулативното тело – Советот за етика во медиумите на Македонија, но тоа не ги ослободува од обврската да ги почитуваат професионалните стандарди во медиумската сфера. Ова се минималните стандарди кои се очекува да бидат исполнети од страна на медиумите, во спротивно тие единствено ќе се сметаат за парамедиуми, кои работат на штета на јавниот интерес. Загрижени сме што довербата на јавноста во медиумите е честопати изневерувана од поединци и медиумски платформи кои работат неодговорно и на штета на јавниот интерес, доведувајќи го со тоа во прашање интегритетот на професијата“, велат трите организации.

Тие посочуваат дека наведените негативни појави се најчести во онлајн медиумите, „каде што се наоѓаат содржини со многу низок квалитет, лажни вести, дезинформации, пропаганда и сензационализам“.


ААВМУ и СЕММ бараат да престане арогантното и недолично однесување кон медиумските работници


Скопје, 19 јули, 2018 - 11:53 (META) 

По вчерашниот инцидент со тројца фоторепортери на лидерската средба во Клубот на пратениците, со осуда се огласија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и  Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).

Двете тела побараа да се стори сè да им се овозможи на медиумските професионалци да ја извршуваат својата работа и да се сопре со арогантното и недолично однесување од претставниците на власта.

„Агенцијата апелира дека треба да се најде соодветен начин, на медиумските работници да им се овозможи слободен пристап до сите настани што се од јавен интерес дури и во услови кога се воспоставени посебни безбедносни мерки. Зачувувањето на достоинството на новинарската професија е особено важно и од тие причини е неприфатливо арогантно и недолично однесување кон претставниците на медиумите“, се вели во реакцијата од ААВМУ.

Од СЕММ бараат Владата да спроведе истрага за вчерашниот инцидент.

„Служењето на претставници на власта со непримерен речник и дрскост во односот со медиумските работници е недозволиво, што е, исто така, во спротивност со одредбите во Етичкиот кодекс за државниците службеници. Работата на новинарите, фоторепортерите и другите медиумски работници мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување“, реагираат од СЕММ.

Владата, инаку, пред денешната лидерска средба во 12 часот, закажа брифинг со фоторепортери и сниматели.


СЕММ: Медиумите да не поттикнуваат разлики и поделеност помеѓу граѓаните


Скопје, 18 јуни, 2018 - 11:30 (META) 

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) со загриженост реагира на зачестените случаи на ширење шпекулации, еднострано известување и невистини преку некои медиуми, особено во контекст на сегашната политичка ситуација и по потпишувањето на договорот за името со Република Грција.

Од СЕММ велат дека „загрижува фактот што се забележуваат случаи на известување кои содржат повици за мобилизација на граѓаните во одбрана на одредени интереси, кои неретко се пренесувани и од социјалните мрежи.“

„Потсетуваме дека медиумите не смеат да бидат злоупотребени за пренесување повици за обединување поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството, а особено на член 10 од Кодексот кој вели дека „новинарот нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа“. Медиумите мора да го почитуваат Етичкиот кодекс, бидејќи во спротивно последиците од непридржувањето кон неговите одредби би можеле да бидат фатални“, се вели во соопштението на СЕММ.

СЕММ апелира на воздржаност и смирени реакции на какви било провокации од кој и да е центар на моќ, групации или поединци.

„Медиумите имаат особено важна улога во заштитата на граѓаните од појавата на нетолеранција и недоверба и нивна изложеност на ризик од насилство. Тие не треба да дозволат да бидат манипулирани од страна на политичарите и други поединци и групи, бидејќи тоа значи директна штета врз јавноста и граѓаните. Очекуваме од медиумите да не поттикнуваат разлики и поделеност меѓу луѓето, туку да бидат посредник и платформа за активен дијалог за прашања од јавен интерес, а во тоа да се предводат од принципите на професионално известување. Потсетуваме дека потребата од професионално однесување на сите медиумски чинители се нотира и во овогодинешниот Извештај на Европската Комисија за напредокот на РМ“, се додава во соопштението.

СЕММ, исто така, апелира до институциите на системот да обезбедат максимална заштита на новинарите и безбедност при известувањето.


СЕММ: Министерот Поповски неосновано критикува


Скопје, 13 април, 2018 - 11:33 (META) 

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) реагира на, како што вели, неоснованата критика на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, околу ажурноста на СЕММ во обработката на поднесена претставка од неговиот кабинет за содржина објавена на порталот „ДоказМ“.

Поповски на вчерашната јавна расправа на Комисијата за транспорт, врски и екологија за Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, истакна дека Советот реагирал ненавремено, односно дека одговорот за овој случај доцнел месец и половина и дека тој самиот го потсетувал СЕММ да го забрза процесот на донесување одлука по поднесената жалба.

„Негирајќи ги овие искази, СЕММ потсетува дека жалба од Кабинетот на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност официјално доби на 25.02.2018 година, по што, според Правилникот за работа на Комисијата за жалби, доставено е барање за одговор до засегнатиот портал. По истекот на рокот за одговор од 7 работни дена, односно на 07.03.2018 година, Комисијата за жалби одржа седница на 09.03.2018 година, а нејзината одлука е објавена на 12.03.2018 година.


СЕММ: Порталите се најчеста мета за жалби за неетичко известување


Скопје, 29 март, 2018 - 14:24 (META) 

Статистиката, од Комисијата за жалби на Советот за етика во медиумите (СЕММ) покажува дека, во периодот од 2014 до 2017 година, најголем дел од жалбите за неетичко известување на медиумите – 79 проценти – се однесувале на интернет порталите. Потоа следуваат телевизиите со 12,6 отсто, весниците и неделниците 8 отсто и новинските агенции 0,5 отсто.

Најмногу жалби, 59, поднеле организации и здруженија од граѓанскиот сектор, 51 се дело на јавни функционери, јавни институции и партии, 55 дошле од медиуми и новинари и 49 се водат во категоријата „други“.

Вкупниот број на донесени одлуки од страна на СЕММ е 214, од кои, во 175 е прекршен Кодексот на новинарите и изречена е морална санкција.

Во 28 одлуки жалбите биле неосновани, а 11 жалби се решени по пат на медијација, односно помирување на страните.

Овие бројки официјално ќе бидат презентирани на утре на Годишното собрание на СЕММ.


Новинарските организации реагираа: Заканите кон новинарите се атак врз демократијата


Скопје, 9 март, 2018 - 12:15 (META) 

Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС) денеска категорично ги осудија упатените закани кон претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Насер Селмани.

Селмани вчера објави дека добил закани по живот од луѓе на ДУИ и дека МВР професионално постапила по пријавата, а Специјалниот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир и целиот дипломатски кор во Скопје, овој инцидент го третираат многу сериозно во европски контекст после убиствата на новинари во Малта и во Словачка.

„За нас е целосно неприфатливо да се спречува слободата на изразување и професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од какви било притисоци и уцени. Упатувањето закани кон новинарите истовремено е атак врз демократијата и ограничување на можноста јавноста да има пристап до информации и идеи од различен вид. Ги повикуваме надлежните институции навремено да реагираат и да ги преземат неопходните мерки за да се расчисти случајот и да се спречи повторување на ваквите инциденти. Потсетуваме дека државата, во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слободата на изразување“, се вели во реакцијата од организациите и институтите.