!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Жените во Македонија дневно поминуваат по два часа во чистење и по два часа во забава


Скопје, 7 март, 2017 - 12:18 (META) 

Жените во Македонија сочинуваат 49,9 проценти од населението и во просек живеат 77,4 години, односно 3,9 години подолго од мажите, објави Државниот завод за статистика по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

Од вкупниот број вработени жени, кој во 2015 година изнесувал 282.078 лица, 76,3 проценти се вработени во деловни субјекти во приватна сопственост.

Во 2015 година, бројот на дипломирани жени изнесувал 4.831, односно 57,1 процент од вкупниот број на дипломирани студенти. Бројот на жени магистри на науки изнесува 1.290 или 58,6 проценти од вкупниот број на магистри, а жени доктори на науки има 143.

Во домаќинствата кои имаат деца, жените просечно дневно поминуваат по 1 час и 57 минути во нивно згрижување. Во гледање телевизија, жените просечно поминуваат по 1 час и 50 минути.

Жените во урбаните средини на забава и за култура поминуваат просечно дневно по 2 часа и 16 минути, што е двојно повеќе од жените во руралните средини, односно 1 час и 13 минути.

Во текот на денот, вработените жени поминуваат 15 проценти во слободни активности, а невработените – 21 процент.

Од сите домашни активности на жените, 16 проценти отпаѓаат на чистење на станот. Жените кои имаат домашни миленици, просечно дневно поминуваат со нив по 1 час и 41 минута.

Најчесто женско име е Марија.


Денеска ќе се одбележат 13 години од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски


Скопје, 26 февруари, 2017 - 10:54 (META) 

Со повеќе настани денеска ќе се одбележат 13 години од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа во близина на Мостар.

Цвеќе на гробот на Трајковски ќе положат членови од семејството на претседателот, повеќе делегации и граѓани.

Годишнината од смртта на претседателот Трајковски ќе биде одбележана и пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Во авионска несреќа што се случи на 26 февруари 2004 година, освен претседателот, загинаа и осум члена на македонската делегација што патуваше на меѓународна конференција во Мостар.


Седумчлено семејство убиено за време на Божиќ во Мексико


Мексико, 26 декември, 2016 - 9:58 (META) 

Вооружена банда уби седумчлено семејство за време на божиќна прослава во мексиканската држава Гереро, на југот на земјата, соопшти полицијата. Семејството било нападнато во  утринските часови во селото Пуенте дел Реј.

Бандата убила шест мажи и една жена, кои биле на возраст помеѓу 24 и 53 години. Станува збор за тројца браќа, нивниот татко, чичко и уште една двојка, пренесуваат светските медиуми.

Гереро е една од мексиканските држави која најмногу е погоденa од брутални банди кои тргуваат со дрога.

Судирите меѓу нив се чести, а познати се и по киднапирања и по присилна изнуда на пари.


Почина светската музичка ѕвезда Џорџ Мајкл


Лондон, 26 декември, 2016 - 9:39 (META) 

Пејачот и светска музичка ѕвезда Џорџ Мајкл вчера починал во својот дом во Оксфордшир, Велика Британија, на 53-годишна возраст, соопштил неговиот публицист, пренесува „Би-би-си“.

Медицинските екипи биле повикани во неговиот дом, вчера во 13.42 часот, според локално време, а полицијата соопштила дека смртта на пејачот засега ја третира како неразјаснета, но дека нема сомнителни околности.

Веста за смртта на Џорџ Мајкл ја соопшти неговото семејство, преку публицистот на пејачот.

„Со голема тага можеме да потврдиме дека нашиот сакан син, брат и пријател Џорџ почина во својот дом за време на божиќните празници. Неговото семејство бара нивната приватност да биде почитувана во овој тежок и емотивен период за нив“, стои во изјавата за смртта на Џорџ Мајкл.

Мајкл, кој е со грчко потекло и е роден како Георгиос Кирјакос Панајоту во северен Лондон, беше талентиран пејач, текстописец и продуцент, кој за време на својата кариера, која траеше речиси четири децении, продаде повеќе од 100 милиони албуми.

Својата кариера ја почна со музичкото дуо „Вем“ (Wham), со кое четирипати беше на врвот на британската листа за најдобри песни, пред да продолжи со издавање албуми како соло-артист, меѓу кои и „Faith“ во 1987 година, кој беше продаден во повеќе милионски тираж.

Мајкл соработуваше со голем број светски музички ѕвезди, меѓу кои и Арета Френклин и Елтон Џон, трипати беше победник на британските музички награди „Брит авордс“, а освои и две награди „Греми“.

По повод смртта на светската музичка икона, почит изразија повеќе негови колеги и пријатели, како неговиот партнер од дуото „Вем“, Ендрју Риџвеј, и Елтон Џон кој на својот профил на „Инстаграм“ напиша дека е во длабок шок.

„Изгубив сакан пријател – драг и добар човек и брилијантен уметник. Моето срце е со неговото семејство и сите негови обожаватели“, напиша Елтон Џон.


Евростат: Секој шести Европеец нема пари за забава


Брисел, 1 декември, 2016 - 17:52 (META) 

Повеќе од 10 проценти од државјаните на земјите членки на Европската Унија не можат да си дозволат излегување со пријателите или со семејството на пијалак или на вечера, додека секој шести граѓанин нема пари за забава, покажува истражувањето на статистичката служба на Европската Унија, Евростат.

И покрај бавното, но континуирано закрепнување на економијата во ЕУ и намалувањето на невработеноста во 2014 година, 13 проценти од граѓаните на ЕУ постари од 16 години не можеле барем еднаш да излезат на пијалак или вечера, додека 17,8 проценти не можеле редовно да имаат некој вид релаксација.

Најголем процент на луѓето кои не можеле да си дозволат да излезат со пријателите или семејството се од Унгарија и од Романија, односно преку 35 проценти, потоа во Бугарија, каде што тој процент е нешто повеќе од 30 отсто.

Од друга страна, во Шведска помалку од еден отсто не можеле да си дозволат излегување, во Финска два проценти, а во Холандија и во Чешка три отсто.

Помалку од десет проценти од луѓето немале пари за излегување во Словачка, Велика Британија, Естонија, Хрватска, Кипар, Франција и во Австрија.


Димова: Полицијата постапи незаконски и го вознемируваше моето семејство


Скопје, 30 јули, 2016 - 14:56 (META) 

Пратеничката на СДСМ, Лидија Димова, денеска соопшти дека полицијата постапувала незаконски во текот на вчерашниот ден и го вознемирувала нејзиното семејство.

– Во текот на целиот вчерашен ден, дома доаѓал полицаец од Сообраќајната полиција да ме бара, иако цела Македонија ме гледаше во собраниските клупи во парламентот. Синоќа во вечерни часови, во 20.30 часот, се појави повторно на врата полицаец од Сообраќајната полиција кој ме извести дека морал да ми врачи на потпишување записници, замислете, за наводен случај од пред еден месец. И на човек кој нема никакво познавање на законите му е јасно дека е врвен апсурд да се потпишува записник за нешто што се констатира на самото место по цел еден месец. Да не зборувам за тоа со кое право ми доаѓаат и ме вознемируваат во вечерни часови мене и семејството – рече Димова.

Пратеничката рече дека со ваквото однесување се прави притисок врз неа и оти се обидела случајот да го пријави во МВР.

– Вчерашната дрскост од Сообраќајната полиција, неколку часа се обидував да ја пријавам на телефоните на Внатрешната контрола и професионални стандарди на МВР, на кои никој не се јавуваше. МВРО не работи за граѓаните, работи само за фамилијата, јасно е. Затоа испратив претставка преку интернет во која укажувам на законските дејства на Сообраќајната полиција. Според информациите што ги имам, неколку дена белешката за доаѓање во мојот дом се вртела во рацете на вработени во полицијата и никој не сакал да преземе одговорност да го крши законот и да спроведува нарачки. Ова покажува дека професионалците во МВР ги гледаат промените што доаѓаат и ставаат крај на самоволието на очајната власт на Никола Груевски – рече Димова, порачувајќи дека најголемата болка на власта е тоа што веќе никој не им се плаши.

Тоа им порача на власта и на полицијата дека постапуваат противзаконски и оти за тоа ќе одговараат.


Бошкоски: Сакам целото лето да го поминам со семејството


Тетово, 7 јуни, 2016 - 13:22 (META) 

Претседателот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, преку писмо се заблагодари на илјадниците честитки упатени до него.

„Ова се големи денови за мене, по толку робување поради правосудните неправди што ми беа нанесени. Сè уште се привикнувам на слободата и во овие денови приоритет ми е моето семејство, мојата ќерка, синовите и сопругата, кои се бореа за мене во годините на долгото заточеништво предизвикано од туѓата нечиста совест. Сега тука сум да се обидам да им надоместам барем еден мал дел од пропуштеното и ве молам од длабочината на моето срце да ме разберете. Семејството е најсветото нешто на светот на секој човек“, пишува Бошкоски во писмото.

Тој вели дека со целото семејство е во неговиот роден Челопек и желба и сон му е подолго да се заедно ова лето и по долгите години самување да го подели времето со нив.

„Семејството е столбот на општеството. Тоа е нешто од каде потекнува сета љубов и топлина и дава сила на човекот за понатамошната борба. Тоа е она што го прави секој човек среќен и спокоен. Домот е целосен кога семејството е цело. Не сум се откажал и нема да се откажам од борбата за слободна Македонија. Доаѓаат тешки денови, денови кога мора сите заедно да сме сплотени и да ја донесеме Македонија на правиот пат. Уште еднаш големо благодарам за вашата поддршка која ми даваше сила да издржам“, напиша Бошкоски во писмото.

 


Формирано здружение на еднородителски семејни заедници „Една може!“


Скопје, 8 мај, 2016 - 11:53 (META) 

Во Скопје официјално е формирано здружение на еднородителски семејни заедници „Една може!“, кое ќе бори за остварување севкупна општествена грижа и третман на самохраните мајки и остварување на нивните економски, социјални, хуманитарни, здравствени, образовни и културни права.

Здружението „Една може!“, како што стои во соопштението, е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓанки.

„Ние, самохраните мајкишта имаме право да се слушне нашиот глас и сакаме да споделиме со светот како се фаќаме во костец со секојдневието, сакаме да раскажеме како ни е, како живееме, со што се соочуваме, да детектираме каде ни се клучните проблеми и да се соочуваме со истите, да прилагодуваме и да менуваме потреби, законски рамки, културни недостатоци, предрасуди, догми, заедно со институциите и со општествово и, секако, со друштвенава заедница. Сите луѓе имаат право да ги кажат своите вистини и сосема легитимно е да сакаат да бидат ислушани. Важна е сечија вистина! Секоја има право да се изрази како му одговара најмногу и со тоа покажуваме дека и наспроти сите неприлики, подготвени сме да застануваме една зад друга, да се поддржуваме, да учиме, да грешиме, да еволуираме, да се бориме. Една може!“, стои во соопштението и се наведува дека ќе се борат за секој поединец.


Обама со семејството во историска посета на Куба


Вашингтон, 20 март, 2016 - 12:14 (META) 

Американскиот претседател Барак Обама треба да ја почне историската посета на Куба, чија цел ќе биде да се унапреди соработката меѓу двете земји по половина век замрзнати односи.

Очекувајќи ја новата иднина со САД, Кубанците се подготвуваат за долгоочекуваната посета на Обама што ќе биде прва посета на Хавана од страна на американски претседател по речиси 90 години.

Посетата на американскиот претседател на островската држава ќе биде силен симбол на односите кон кои тежнеат САД и Куба, а дводневното патување за Обама претставува една од последните и најдобри можности да ги унапреди дипломатските односи со претседателот Раул Кастро, пред да ја напушти Белата куќа следната година.

Претседателот Обама заедно со неговата сопруга Мишел и со двете ќерки ќе се шета низ улиците на Хавана, а ќе се сретне со Кастро во неговите претседателски канцеларии.

Раул Кастро в понеделник ќе подготви државна вечера за својот гостин.


Трикратниот убиец од Кавадарци осуден на 40 години затворска казна


Велес, 18 ноември, 2015 - 17:04 (META) 

Основниот суд Велес го осуди на 40 години казна затвор, 42-годишниот Тони Станоев, кој во ноември минатата година, во Кавадарци, со пиштол ги уби мајката, таткото и сестрата на својата поранешна сопруга, јавува „Академик.мк“.

Судскиот совет, како што пренесува порталот, образложил дека пресудата била изречена во согласност со Законот за начинот на одмерување на казната.

Обвинителството, кое бараше доживотна казна затвор за Станоев, се очекува да поднесе жалба на пресудата, а истото го најавил и адвокатот на семејството, чии членови, разочарани од пресудата, коментирале дека „висината на казната е срам за македонското правосудство“.

Трикратното убиство во Кавадарци се случи на 9 ноември минатата година, кога обвинетиот Тони Станоев со пиштол, кој го поседувал со дозвола, со по еден куршум ги уби родителите на својата поранешна сопруга Данче Станоева – Илија Леов (61) и Билјана Леова (56), како и нејзината сестра Снежана Леова (33).

За случајот, судот во Кавадарци им изрече условна пресуда и казна од 200 евра за несовесно работење на двајца полицајци, кои не му го одзеле оружјето на Станоев, а условни казни им беа изречени и на социјалните работници кои донеле заклучок да не се постапува по пријавата на Станоева за семејно насилство, пишува „Академик“.