!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Млад прилепчанец ѝ скршил рака на баба си и ја натепал мајка си


Прилеп, 8 април, 2017 - 13:20 (META) 

Млад прилепчанец вчера дивеел дома и ја натепал мајка си, а на баба си, која сакала да помогне на својата ќерка, ѝ ја скршил раката, соопшти СВР Битола.

Случајот во 22 часот вчера во Полициската станица во Прилеп го пријавила 41-годишна жителка на Прилеп. Таа кажала дека дента околу 17 часот во семејниот дом, нејзиниот син првин почнал вербална расправија со неа, а потоа и физички ја нападнал, удирајќи ја со раце и нозе по телото, при што ѝ нанел повреди.

Во обид да го смири се вмешала и неговата баба, по што момчето и неа физички ја нападнало, при што таа добила фрактура на десната подлактица.


Поранешни сопружници се пријавувале еден со друг за семејно насилство


Радовиш, 27 март, 2017 - 14:34 (META) 

Во полициската станица во Радовиш вчера вечер било интересно – двајца поранешни сопружници се пријавувале еден друг за семејно насилство.

Радовишанката Л.Д. (45) околу 21 часот вчера пријавила дека нејзиниот поранешен сопруг С.Д. (48) извршил семејно насилство врз неа. Мажот пак исто така во полиција пријавил семејно насилство и рекол дека Л.Д. првичн почнала кавга со него, а потоа во еден момент се обидела да го удри, по што го фатила за врат и го изгребала.

Полицијата работи на расчистување на случајот.


Сопругот осомничен за убиството на битолчанката


Битола, 14 март, 2017 - 12:58 (META) 

Полицијата поднесе кривична пријава за вчерашното убиство на битолчанката Е.М.Д., за кое е осомничен нејзиниот сопруг. Според Јавното обвинителство, осомничениот ја убил сопругата удирајќи ја со дрвено сукало по главата.

Основното јавно обвинителство Битола до надлежниот суд доставило предлог на осомничниот да му биде одредена мерка притвор.

„Предлог е доставен поради основан сомнеж дека осомничениот на 13 март 2017 година, поради претходно нарушени меѓусебни односи, во дневната соба од заедничкиот дом, вршејќи семејно насилство, ја лишил од живот оштетената – неговата сопруга Е.М.Д. од Битола. Осомничениот со дрвено сукало ја удирал по главата оштетената, нанесувајќи ѝ повеќе повреди, од што таа починала“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Оттаму додаваат дека постапката по кривичната пријава е во тек.


Гостиварец ја претепал сопругата со сукало


Гостивар, 6 септември, 2016 - 14:27 (META) 

Дваесет и шестгодишна гостиварка вчера пријавила семејно насилство, кое дента, околу 14.30 минути, во заедничкиот дом во Гостивар, го извршил нејзиниот една година помлад сопруг. Според пријавата во СВР Тетово, двајцата најпрвин почнале да се расправаат. Во еден момент, сопругот зел дрвено сукало и повеќепати ја удрил по рацете и по телото, нанесувајќи ѝ притоа видливи повреди.

Според гостиварката, сопругот досега повеќепати психички и физички ја малтретирал и затоа побарала кривичен прогон. Гостиварецот е приведен, а откако ќе се расчистат сите поединости поврзани со овој случај, ќе следува соодветен поднесок.

Според портпаролот на Секторот за внатрешни работи, Марјан Јосифоски, во изминатите седум месеци од оваа година, во Полошкиот Регион поднесени се 70 кривични пријави за случаи на семејно насилство со нанесување телесни повреди, загрозување на сигурноста и со присила, а во кои вкупно биле инволвирани 40 сторители.

Најчести сторители во овој период се сопрузи, а најчести „жртви“ на ваквиот вид насилство се сопруги и поранешни невенчани сопруги. Минатата година во истиот период биле поднесени 31 кривична пријава.

Како најчести причини за семејно насилство, според СВР Тетово, се наведуваат финансиски тешкотии, психички растројства и меѓугенерациски недоразбирања.

Но, најчесто, случаите на семејното насилство не го добиваат правниот епилог. Според тетовската полиција, пријавителите на семејното насилство пред да почне судскиот процес се премислуваат и го повлекуваат кривичниот прогон за ова кривично дело, откако ќе ја сфатат сериозноста на можните тешки законски последици врз нивните најблиски.


Полицаец убиен во Куманово


Куманово, 31 јули, 2016 - 3:44 (META) 

Припадник на полициските сили ноќеска, околу 23 часот, е убиен при интервенција по пријава за семејно насилство во кумановската ромска населба Средорек, соопшти јавното обвинителство.

МВР денеска соопшти дека синоќа во 21.30 часот, од Итна медицинска помош во Куманово пријавиле дека во населбата Средорек, во куќа сопственост на М.Б., имало физички напад во кој синот Е.Б. (1983) ги повредил неговата мајка Р.Б. и сестра Е.Б. Повредените со возило на Итна медицина помош биле префрлени во општа болница Куманово.

„Двајца припадници на полициската станица Куманово се упатиле во болницата за да разговараат со повредените, по што било констатирано дека станува збор за лице кое е со нарушено психичко здравје и оти во моментот бил многу агресивен. Полициските служебници добиле насоки да асистираат на екипата на Брза помош за обезбедување и спроведување на Е.Б. до соодветна здравствена установа. Со оглед дека станувало збор за лице со нарушено психичко здравје, била упатена уште една група за интервенција од двајца полициски службеници. Кога полицајците пристигнале до куќата, таткото на Е.Б. им кажал дека синот е внатре. Полицајците влегле во куќата и забележале дека Е.Б. има нож, по што за да не повреди некого, почнале да се повлекуваат. Во моментот на повлекување, полицаецот 36-годишниот Г.С. бил прободен со нож. Со возило на Итна помош тој бил префрлен во кумановската болница, каде и покрај пружената помош им подлегнал на повредите“, соопштија од МВР.

Поради сериозноста на повредата, полицаецот починал пред да пристигне екипата за медицинска помош.

Полицијата изврши увид, а напаѓачот е приведен.


Притворен скопјанец за семејно насилство


Скопје, 4 јануари, 2016 - 10:00 (META) 

Јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка за 44-годишен скопјанец осомничен за обид за убиство.

Осомничениот во неделата ја нападнал својата сопруга, по што со нож и со сатар и нанел тешки телесни повреди. На семејното насилство, кое завршило со крвав деликт, сведок било и едно од трите деца на брачните партнери. По извршеното кривично дело, осомничениот е уапсен.

Јавен обвинител по увидот на местото на настанот донесе наредби за вршење потребни вештачења, собирање траги од местото на настанот, како и за сослушување на повеќе лица за расветлување на настанот.

Обвинителството достави предлог до судија на претходна постапка за определување на мерка притвор против осомничениот.

Предлогот беше прифатен од судот, па со решение на осомничениот му е определен притвор во времетраење од 30 дена.


Обвинетиот за убиството на медицинската сестра бил жртва на семејно насилство


Скопје, 23 декември, 2015 - 16:05 (META) 

Блиски роднини на Никола Кузмановски, обвинет за убиството на медицинската сестра Дијана Здравковска, кое се случи на 9 јануари годинава на Детската клиника во Скопје, на денешното продолжението на судењето сведочеа дека Кузмановски бил жртва на семејно насилство, пренесува порталот „Академик“.

На денешното рочиште прва сведочела братучетка на Кузмановски, која изјавила дека тој и неговата мајка секојдневно биле малтретирани од неговиот татко, кој бил алкохоличар.

„Живееме куќа до куќа со Никола, во ист двор. Откако паметам, кога имав четири или пет години, татко му ги малтретираше. Немаше мир во таа куќа, заедно со Никола сме ја бранеле мајка му. Сите сме биле сведоци, но само тој знаеше како им е“, рекла таа, пренесува „Академик“.

Втор сведок бил братучед на Кузмановски, кој ги потврдил претходните наводи.

Како што пренесува порталот, судењето ќе продолжи на 27 јануари следната година, кога како сведок треба да се појави полицискиот службеник, кој го убедил обвинeтиот да не си го одземе животот по убиството на Здравковска.

Според обвинението, смртта на Дијана Здравковска, која била бремена и во брак со друго лице, настапила насилно, со задушување сторено од Кузмановски. Во обвинителниот акт се наведува дека тој делото го извршил по претходна вербална расправија.