!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Червар не е повеќе селектор на македонската ракометна репрезентација – се откажал вчера


Скопје, 12 март, 2017 - 20:02 (META) 

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) попладнево преку соопштение го објави крајот на соработката со селекторот на македонската машка ракометна репрезентација, Лино Червар. Федерацијата соопшти дека по истекот на рокот што му го дале, Червар вчера информирал дека сепак ја одбрал понудата да биде селектор на хрватската репрезентација.

Договорот на РФМ со Червар истекуваше за три години.

„По завршувањето на 25. машки ракометен мундијал во Франција, во јавноста почнаа да се изнесуваат информации за евентуален трансфер на селекторот на машките ракометни сениори, Лино Червар, на клупата на хрватската национална селекција. По неодамнешните разговори помеѓу членовите на високото раководство на Ракометната федерација на Македонија и Лино Червар, во поглед на наводите за неговиот трансфер на клупата на хрватската национална селекција, двете страни договорија рок во чии рамки г. Червар требаше да ја извести федерацијата за својата одлука. По завршувањето на тој рок, на 11 март 2017 година, Червар упати писмо до претседателот на РФМ, во кое се заблагодарува на соработката и за третманот што го имал за време на неговиот тренерски мандат“, се вели во соопштението од федерацијата.

Во однос на одлуката на Червар, од ракометната федерација во своето соопштение пренесуваат и дел од неговиот допис до нив.

„..Дали тоа да биде со репрезентацијата на државата во која сум роден, во која основав семејно гнездо, во која се изградив, развивав и афирмирав како ракометен тренер и ги постигнав најголемите светски успеси и во која кога-тогаш морам да се вратам и вечно да останам или да се одредам за репрезентацијата на една мала, горда држава, мојата втора татковина, која ме дочека и ме прифати како свој тренер на кој му даде сè што може да се даде? Сепак, ја одбрав Хрватска, мојот роден крај, мојата земја…“, напишал Червар во својот  допис упатен до ракометната федерација.

Со ова писмо, како што појаснуваат од ракометната федерација, автоматски се активира и правниот инструмент за едностран раскин на договорот што Червар го има со неа.

Федерацијата вели дека за да се надмине ситуацијата, ќе формира тело за селекција што ќе ги избере кандидатите за наследник на Лино Червар.


Јорданчо Давитков е новиот селектор на машката кошаркарска репрезентација


Скопје, 10 март, 2017 - 16:01 (META) 

Нов селектор на машката сениорска кошаркарска репрезентација е Јорданчо Давитков, објави денеска Македонската кошаркарска федерација (МКФ) на својата веб-страница.

Ова е вторпат поранешниот славен кошаркар да биде стратег на националниот тим. Тој своевремено го наследи Марин Докузовски на клупата на националната селекција во 2001 година, а по низа неуспеси да се пласира на континенталното првенство, Давитков успеа да го направи дотогаш најголемиот успех на националниот тим откако во 2005 година обезбеди место во Дивизија А. Неуспешните квалификации за Евробаскет 2007 беа причината поради која Давитков одлучи да го отстапи селекторското столче за да повторно седне на истото, десет години подоцна.

Во изјавата објавена на веб-страницата на МКФ, Давитков изразува надеж за нови успеси.

– Бев селектор од 2001 година до 2007 година, за моја среќа или несреќа, во еден од најтешките периоди на македонската репрезентација. Тоа беше период кога поради суспензијата од страна на ФИБА се натпреварувавме во Дивизија Б. Успеавме да се вратиме во Дивизија А, што можам да кажам дека беше темел за сите понатамошни успеси. Овој период ме потсетува токму на тој период, време кога треба да се вратиме на местото што ни припаѓа, а не каде што сега се наоѓаме. Се надевам, со ангажман на сите вклучени, од селектор до стручен штаб, но и до федерацијата, дека ќе успееме да ја вратиме македонската репрезентација на местото кое ѝ прилега. Сакам да се заблагодарам на МКФ за укажаната доверба во мене за повторно да бидам селектор – вели Давитков, кој во моментот е во Дубаи.

Тој вели дека го очекува сложена задача, а кошаркарите што ќе ги избере и него ги очекува напорна работа ова лето.


МКФ му даде отказ на селекторот Џикиќ


Скопје, 22 јули, 2015 - 15:16 (META) 

Четириесетина дена пред почетокот на Европското првенство во кошарка, Македонската кошаркарска федерација (МКФ) му врачи отказ на селекторот на репрезентацијата, Александар Џикиќ.

„Македонската кошаркарска федерација со консензуална одлука на Комисијата за итност и со одобрување од телефонски консултираните членови на управниот одбор, го разреши од должност селекторот на сениорската репрезентација, Александар Џикиќ, поради нарушена соработка и недоверба во органите на Федерацијата, заблагодарувајќи му се за досегашната работа со репрезентацијата“, се вели во соопштението на МКФ.

Џикиќ на селекторкста позиција беше именуван минатата година и успеа со репрезентацијата да обезбеди пласман на Евробаскет 2015, иако во квалификациите играше со помлад состав.

Попладнево, порталот „Спортмедиа.мк“ објави дека нов селектор на македонската машка кошаркарска репрезентација ќе биде Марјан Србиновски, на кого ќе му помага спортскиот директор на МКФ, Заре Марковски.


Џикиќ останува на селекторското место во македонската кошаркарска репрезентација


Белград, 15 јуни, 2015 - 16:38 (META) 

Александар Џикиќ останува на селекторското место во македонската кошаркарска репрезентација, пренесе „Македонски спорт“.

Она што новиот предводник на МКФ, Петар Наумоски, го најави денеска, се реализира на состанокот во Белград.

Џикиќ веќе го има составено поширокиот список, а на него се и Перо Антиќ, Предраг Самарџиски и Лестер Бо Мекејлеб. Во следните неколку дена и официјално ќе бидат обајвени имињата на кошаркарите на кои ќе смета селекторот.

Европското кошаркарско првенство почнува на 5 септември, а Македонија е во групата Ц заедно со домаќинот Хрватска, со Словенија, Грција, Холандија и со Летонија.