Земјотрес во Албанија почувствуван во цела западна Македонија и во Скопје


Скопје, 4 јули, 2018 - 12:32 (META) 

Земјотрес што се случил во 11.01 часот денеска на територијата на соседна Албанија е почувствуван во цела западна Македонија и во Скопје.

Како што соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, епицентарот бил на 170 километри западно од Скопје, а бил со Рихтерова магнитуда од 5,1.

Во регионите на Тетово, Гостивар, Кичево и Дебар со интензитет од 4 степени според Европската Макросеизмичка Скала, а во Скопје, Струга и Охрид со интензитет од 3 степени, според истата скала.


Земјотрес вечерва близу Велес


Скопје, 12 јануари, 2018 - 20:04 (META) 

Земјотрес со интензитет од 4 степени според Европската макросеизмичка скала и магнитуда од 2,6 степени според Рихтер е почувствуван вечерва во Велес и околината, со епицентар близу селото Каратманово, извести Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Земјотресот се случил во 19.07 часот.


Балканот викендов интензивно се тресеше


Скопје, 10 април, 2017 - 10:26 (META) 

Земјотресите од саботата и од неделата што се почувствуваа во Македонија, синоќа и утрово беа дополнети со уште по еден потрес.

Земјотрес со магнитуда од 2,7 степени според Рихтеровата скала е регистриран во Скопје синоќа во 21.10 часот. Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, соопшти дека епицентрите на земјотресите биле во скопското епицентрално подрачје, а се почувствувани во Скопје и во околината со интензитет од 4 степени според Европската макросеизмичка скала.

Сè почна со силниот земјотрес што се почувствува во Западна Македонија во саботата попладне, чиј епицентар бил на околу 50 километри северно од Тирана, а нему му претходеле низа земјотреси во Егејското Море, во Грција и во Турција. Потоа во овие две земји, како и во Албанија, се случиле уште неколку потреси, но со помал интензитет, се дознава од веб-страницата на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.

Земјотресите вчера се случувале главно во Турција и во Егејското Море, но силно почувствуван во Јужна Македонија во 7.40 часот беше земјотресот на границата со Грција.

Во текот на вчерашниот ден, од попладнето, до денеска претпладне, повторно имаше земјотреси, триесетина на број, во Турција, Грција и во Албанија, но со помал интензитет.


Два послаби земјотреси регистрирани попладнево во Скопје


Скопје, 26 јануари, 2017 - 20:15 (META) 

Земјотрес со магнитуда од 2,1 степен според Рихтеровата скала, со епицентар во скопското епицентрално подрачје, е регистриран вечерва во 18.04 часот.

Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет соопшти дека земјотресот е почуствуван во Скопје и во околината со интензитет од 3 степени според Европската макросеизмичка скала.

Земјотрес со локална магнитуда од 1,9 степени според Рихтеровата скала бил регистриран и попладнево во 16.28 часот, исто така во скопското епицентрално подрачје.

Земјотресите се регистрирани од телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија со станици во Скопје, Штип, Валандово, Битола, Охрид и во Крушево.