!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Шпаркасе“ спроведува истрага заедно со МВР за кражбата од сефовите на банката


Скопје, 5 декември, 2017 - 16:30 (META) 

„Шпаркасе банка“ – Македонија попладнево испрати соопштение до јавноста дека продолжува со редовно работење со сефовите, откако МВР соопшти дека пет граѓани пријавиле исчезнување на предмети и на пари од сефовите во објект на банката.

Како што извести „Нова ТВ“, откако беше објавена информацијата за исчезнувањето вредни предмети и пари од сефовите, пред банката се создал метеж од клиенти кои сакале да проверат дали нешто недостига и во нивните сефови.

Од банката велат и дека спроведуваат истрага заедно со МВР и оти ги преземaат сите мерки за да ги заштитат интересите на клиентите.

– „Шпаркасе банка“ – Македонија во соработка со Министерството за внатрешни работи, во согласност со законските прописи спроведува истражна постапка во однос на изолираните пријавени инциденти во сефовското работење. „Шпаркасе“ продолжува регуларно да ги извршува активностите во доменот на сефовското работење, во согласност со поставените интерни процедури и законските прописи – стои во соопштението.


Македонска банда арамии пустошела цркви и куќи во Австрија


Виена, 31 октомври, 2014 - 11:28 (META) 

Австриската полиција трага по неколкумина македонски државјани, осомничени дека се дел од криминална банда која извршила серија тешки кражби во неколку градови во земјата, информира весникот „Куриер“.

Како што пренесува весникот, полицијата уапсила еден од осомничените, за кого се претпоставува дека е водач на групата што оперирала од почетокот на оваа година. Бандата, чии членови биле специјализирани за обивање сефови, се сомничи дека извршила повеќе од 50 кражби на пари и на накит, а дел од пленот бил пренесуван во Македонија, кадешто бил продаван на црниот пазар.

Вкупната штета се проценува на околу 550.000 евра, но, како што пишува австриски „Куриер“ повикувајќи се на полициски информации, вредноста на украдениот плен најверојанто е поголема и изнесува повеќе од еден милион евра.

Австриската полиција работи на докажување и на други кражби за кои постојат индикации дека ги извршила македонската банда и за таа цел развила систем преку кој на сите жители на регионите во кои дејствувала бандата, и кои имале пријавено кражба, им испраќа фотографии со предмети што нивните тимови успеале да ги запленат.