!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Грабеж во Сарај – од сеф украдени 5.000 евра


Скопје, 7 октомври, 2017 - 13:40 (META) 

Ноќеска во околу 1.30 по полноќ, на улица Борис Сарафов во Скопје, непознат сторител извршил кражба во фирма сопственост на Џ.М. од село Сарај.

Крадецот ја скршил влезната врата и од метален сеф одзел околу 5.000 евра.

Полицијата презема мерки за пронаоѓање на лицето и за расчистување на случајот.


Нова кривична пријава за ексдиректорот на Неврохирургија


Скопје, 15 јули, 2017 - 13:41 (META) 

СВР Скопје соопшти дека до Основното јавно обвинителство-Скопје поднел кривична пријава против А.Ч. (57), поранешен директор на Клиниката за неврохирургија во Kлиничкиoт центар „Мајка Тереза“. Го товари за противправно стекнување и прикривање имот.

Според новата пријава, Александар Чапаровски, кој претходно во мај доби кривична пријава за примање поткуп, од 2007 до 2017 година, спротивно на обврската, не ја пријавил својата имотна состојба во Државната комисија за спречување на корупција, за да прикрие, како што вели полицијата, значителен износ пари, недвижен имот и скапи монети.

СВР Скопје, по наредба од Основен суд Скопје 1 и од Основно јавно обвинителство Скопје, во присуство на јавен обвинител, отворило сеф во банка кој бил изнајмен од Чапаровски и во него се пронајдени 199.000 евра, 18.300 американски долари, 21.900 швајцарски франци, 1.500 фунти, 50 бугарски лева, како и паричник со 19 монети од благороден метал и накит, за кои пријавениот немал доказ од каде потекнуваат.

Истражувајќи ја документацијата во Агенцијата на катастар за недвижности е утврдено дека Чапаровски има шест имотни листа за недвижен имот на подрачјето на Скопје и еден имотен лист за недвижен имот во Гостивар.

Чапаровски во мај доби кривична пријава за примање поткуп, а во неговата работна канцеларија беа пронајдени вкупно 24.890 евра, 4.477 американски долари, 2.250 швајцарски франци, 65 австралиски долари, 170 хрватски куни, 60 бугарски лева и 4.700 денари, додека при извршен претрес во неговиот дом пронајдени се и одземени вкупно 9.750 евра и 10.000 денари.


Го украле сефот од поштата во Вевчани и го оставиле на улица


Вевчани, 6 јануари, 2017 - 15:06 (META) 

Ноќта помеѓу 5 и 6 јануари се случил обид за кражба во локалната пошта во Вевчани.

Крадците ја скршиле решетката и ја обиле влезната врата, по што го одзеле сефот, во кој, неофицијално, имало околу 70.000 денари.

Инцидентот се случил околу 2 часот по полноќ, но, за среќа, крадците не успеале во намерата затоа што ги слушнал соседот, по што во паника го оставиле сефот на улица и избегале со возилото кое било паркирано во непосредна близина.

Полицијата направила увид и се прават напори да се откријат сторителите.


Јанева: Прислушуваните разговори се чуваат во сефови отпорни на лава


Скопје, 28 септември, 2016 - 12:28 (META) 

Прислушуваните материјали се чуваат во два сефа кои можат да издржат цел час вриење во лава, рече специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во Советот на јавни обвинители.

Јавниот обвинител Сашо Василевски ја праша Јанева за техничкиот дел од постапката на преслушување на прислушуваните материјали, за тоа како се чуваат и како јавните обвинители ги преслушуваат.

– Разговорите се сместени во два сефа кои можат да издржат цел час вриење во лава. Од сефовите клуч имам само јас и еден мој вработен. Сефовите се отвараат само со двата клуча, не може со еден. Материјалите не можат цел ден да се преслушуваат, може само три часа. Има и многу СМС-пораки во кои пишува само име или некоја друга информација, која мора да се поврзе и да се истражи – рече Јанева.

За аудиоматеријалите што деновиве протекоа во јавноста, Јанева рече дека не знае дали тие се дел од прислушуваните разговори и дека има строги процедури и евиденции за преслушување на материјалите.

Јанева денеска пред Советот на јавни обвинители го презентира вториот шестмесечен извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство. На седницата не е присутен републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски.


Ограбен сефот на битолски „Водовод“


Битола, 4 март, 2016 - 10:22 (META) 

Крадци го испразниле сефот на Јавното претпријатие „Водовод“ во Битола, кое се наоѓа во центарот на градот, во близина на Широк сокак.

Според неофицијални информации, од сефот биле украдени околу 1.000 евра. Глетката што утрово ја затекнале дел од вработените била вознемирувачка.

Крадците успеале да го извадат сефот, тежок неколку стотици килограми, од благајната на вториот кат, во ходникот и таму го отвориле. Како што дознаваме, биле растурени и повеќе канцеларии.

Според вработените, дневниот промет од наплатата на вода се предавал секој ден околу 15 часот, а парите што ги зеле крадците биле собрани вчера до крајот на работното време.

Полициски екипи утрово излегоа на увид за собирање на докази од местото, а вработените се вратија на своите работни обврски.


Од поштата во Миладиновци украден сеф со пари и со документи


Скопје, 17 декември, 2015 - 14:08 (META) 

Ноќта меѓу вторникот и средата неделава, непознат сторител провалил во поштата во скопското село Миладиновци и украл сеф, соопшти полицијата.

Како што информираат оттаму, крадецот насилно ја отворил влезната врата, влегол внатре и одзел сеф во кој имало пари и документи.

Извршен е увид на местото и полицијата презема мерки за пронаоѓање на сторителот.


Украден сеф од благајната на Клиниката за инфективни болести


Скопје, 5 ноември, 2015 - 14:00 (META) 

Вчера попладне, во периодот меѓу 15 и 19.30 часот, непознат сторител провалил во благајната на Клиниката за инфективни болести во Скопје и украл сеф во кој имало пари, картички за точење гориво и други предмети, информира полицијата.

Според полицијата, крадецот, најверојатно, со автомобил влегол во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и дошол до Клиниката за инфективни болести, каде со погоден алат ги пресекол металните прачки од заштитната решетка од прозорецот на благајната и влегол внатре.

Во сефот што бил украден, според полицијата, имало 16.000 денари, банкноти и кованици во разни апоени од поранешна СФРЈ, три картички од 5.000 денари за точење гориво во „Макпетрол“, фискална каса, магнетна картичка за влез во Клиниката и беџ за идентификација.

Вкупната вредност на пленот што го однел крадецот била проценета на околу 86.000 денари или околу 1.400 евра.

Од полицијата велат дека работат на пронаоѓање на сторителот.


Украле метален сеф од туристичка агенција


Кочани, 17 септември, 2015 - 13:09 (META) 

СВР Штип по преземени мерки и дејства откри и приведе четири лица: М.К.(23), Љ.Љ. (21), А.И. (22) и К.А. (24), сите од Скопје, кои на 16 септември годинава извршиле тешка кражба во туристичката агенција „Авто атом“ Кочани, од каде одзеле метален сеф.

По брзата интерванција на полицијата, на улицата Димитар Влахов во Кочани извршен е преглед на автомобил „голф“ со скопски регистарски ознаки, при што е пронајден одземениот сеф и лицата се приведени.

Извршен е увид, запознаен е јавен обвинител и по целосно комплетирање и документирање на настанот, ќе биде поднесена кривична пријава. Извршителите ѝ се познати на полицијата по вакви и по слични кривични дела.


Кражба во Скопје – украден сеф и пиштол


Скопје, 11 јули, 2015 - 12:06 (META) 

Непознато лице ограбило куќа во скопската улица Локов, во сопственост на Т.А. (1968).

Крадецот од домот го одзел сефот во кој имало пиштол „ЗИК“, со калибар 9 милиметри. Во сефот Т.И. имал дозвола за пиштолот и разни документи.

Полицијата сè уште трага по крадецот.


Украден сеф од менувачница на улица Македонија


Скопје, 2 јануари, 2015 - 13:36 (META) 

Вчеравечер, околу 22 часот, непознат сторител провалил во менувачница на улица Македонија во Скопје и украл сеф во кој, според пријавата, имало 12.000 евра, информираат од полицијата.

Како што информираат оттаму, станува збор за менувачницата „НН“, сопственост на скопјанецот Д.Н. (43).

Полицијата нема осомничено лице за тешката кражба.

Полицијата презема мерки и за откривање на сторителот на кражба во магацин на фирмата „АТА Металотехна“, која се наоѓа на булеварот Македонско-косовска бригада.

Крадецот, со помош на соодветен алат, преку покривот влегол во магацинот и украл делови за инсталација за водовод и за водомери, чија вредност била проценета на околу 13.400 евра.

Според записникот што бил доставен во полициската станица Бит пазар, кражбата се случила меѓу 24 и 25 декември минатата година.