Владата во Австрија ќе ја забрани кампањата на турските политичари пред изборите


Виена, 20 април, 2018 - 12:07 (META) 

Австриската десно ориентирана коалициска влада, која силно со противи кон приклучувањето на Турција на Европска унија, ќе им забрани на политичарите да водат кампања во оваа земја пред изборите во Турција во јуни, изјави канцеларот Себастијан Курц.

„Предизборни настапи на турските политичари во Австрија не се пожелни и повеќе нема да ги дозволиме“, изјави Курц.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган оваа недела распиша вонредни парламентарни и претседателски избори една година пред редовниот термин.Идниот претседател ќе има значително поголеми извршни овластувања, одобрени на референдум минатата година.

Турските министри имаа намера да побараат поддршка во земјите со големи турски заедници како во Холандија и Германија. Тие земји ги забранија политичките настапи од безбедносни причини, а Ердоган ги спореди германските власти со нацистички режим.


Курц: На мигрантите да им се помогне во нивните матични земји


Виена, 24 декември, 2017 - 12:09 (META) 

Австрискиот канцелар Себастијан Курц во интервју за весникот „Билд ам Зонтаг“ повика да се запрат обидите за наметнување на квоти за раселување на бегалците и предложи да им се помогне на бегалците во земјите од каде што доаѓаат.

Додека беше министер за надворешни работи, Курц ја критикуваше одлуката на германската канцеларка Ангела Меркел во 2015 година во својата земја да прифати над еден милион мигранти. Откако ја презеде функцијата австриски канцелар, управувајќи со коалиција со десничарската Австриска партија на слободата, тој застана на страната на централноевропските земји, кои се противат на предлозите за раселување на барателите на азил во ЕУ, кои ги поддржува Германија.

– Принудувањето на земјите од ЕУ да прифатат бегалци не ја води Европа кон напредок. Дискусијата нема смисол. Мигрантите што одат кон Европа не сакаат да одат во Бугарија или Унгарија. Тие сакаат да одат во Германија, Австрија или Шведска – вели Курц.

Наместо да вложуваат напори во една, според него, неуспешна политика, Курц ја повика ЕУ да ги поддржи, „можеби со воена сила“, напорите да им се укаже помош на мигрантите во нивните матични земји или во соседните земји.

– Ако тоа не е можно, треба да им се помогне во безбедните области на нивниот континент. ЕУ треба да помогне во тоа, можеби дури и да го организира и да го поддржи со воена сила – истакна новиот австриски канцелар.


Заев на средба со Курц: Очекуваме почеток на преговори со ЕУ во 2018 година


Виена, 6 ноември, 2017 - 19:48 (META) 

На маргините на Виенскиот економски форум, премиерот Зоран Заев се сретна со актуелниот министер за надворешни работи на Австрија и мандатар за составување на новата австриска влада, Себастијан Курц.

На средбата Заев и Курц ја потврдиле активната политичка, економска и секторска соработка. Курц му честитал на Заев за демократски спроведените избори, а Заев го информирал за напредокот во реализацијата на планот „3-6-9“.

Во однос на заедничкиот предвизик од мигрантската криза, Заев потврдил дека Македонија останува посветен партнер на ЕУ во справувањето со предизвиците што ги отвори мигрантската криза.

Заев му се заблагодарил на Курц за континуираната поддршка што Македонија ја добива од Австрија во процесот на европските интеграции на земјата и оценил дека е исклучително важно и поволно што Австрија ќе биде претседавач со ЕУ во втората половина на 2018 година.

– Ние сме посветени на процесот на домашни реформи и ќе испорачаме резултати, а од другата страна очекуваме јасен патоказ за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и почеток на преговори во 2018 година – соопшти Заев.

Курц го информирал Заев дека Австрија го следи процесот на демократски реформи во Македонија и е подготвена да ги поддржи реформите за да ги дадат очекуваните резултати.

Двајцата лидери се согласиле на почетокот на идната година Курц да ја посети Република Македонија.


Заев утре на економски форум во Виена


Скопје, 5 ноември, 2017 - 18:53 (META) 

Премиерот Зоран Заев утре ќе учествува на Економскиот форум „Дијалог за иднината 2017“, што се одржува во Виена, Австрија. Заедно со него, на форумот ќе учествува и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, најавија од Владата.

Заев ќе учествува во дебатата „Регионалната соработка како дел од европските интеграции“, а вицепремиерот Анѓушев ќе говори на првата пленарна сесија „Живееме во дигитално време! Визија и реакција на инвеститорите“.

По форумот, македонскиот премиер би требало да се сретне со  министерот за надворешни работи и иден канцелар на Австрија, Себастијан Курц.


Себастијан Курц е на пат да ја освои титулата најмлад премиер во Европа


Виена, 15 октомври, 2017 - 20:10 (META) 

Досегашниот шеф на дипломатијата на Австрија, младиот конзервативец Себастијан Курц, е на пат да стане нов канцелар и со тоа и најмладиот премиер во Европа. Тоа се должи на предвидувањата на анкетите за гласовите што ќе ги добие неговата конзервативна Народна партија, на денешните парламентарни избори во Австрија.

Според сегашните проекции, Народна партија може да се надева на 30,2 проценти гласови, значително пред ултрадесничарската Партија на слободата со 26,8 проценти и пред социјалдемократите на сегашниот канцелар Кристијан Керн со 26,3 отсто.

Се очекува Курц по веројатната изборна победа да формира коалиција со Партијата на слободата. Но, можно е да се формира и голема коалиција, повторно предводена од Курц, овојпат со социјалдемократите, што според аналитичарите, е малку веројатно по 10 години заедничко владеење, кое Курц го прекина во мај годинава со раскинување на коалицијата.

Ако ултрадесничарската Партија на слободата, која е против имиграцијата, сепак дојде на власт, тоа ќе биде голем проблем за Брисел, кој по излегувањето на Велика Британија од ЕУ се бори со засилен национализам во Унгарија, Полска и во Германија, како и во други земји.

Партијата на слободата е формирана од поранешни нацисти во 1950 година.


Мора да се затворат сите рути за да се спречи миграцијата, смета Курц


Виена, 8 август, 2017 - 14:06 (META) 

Илегалната миграција кон Европа ќе постои сè додека не се затворат сите, оцени шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц.

– Наша задача е да ја затвориме медитеранската рута. Мораме да осигураме дека сите рути ќе бидат затворени. Сè додека медитеранската рута е отворена, додека има рута кон Европа, луѓето ќе се движат кон нашите земји – рече Курц.

Тој, исто така, рече дека сè додека спасувањето од море осигурува билет за Европа, сè поголем број луѓе ќе се движат кон Стариот Континент.

Курц изразил задоволство што во Австрија, но и во Европа дошло до промена во вистинска насока, односно што е сфатено дека рутите мора да бидат затворени.

– Има промени, но тоа не е доволно – рече Курц и додаде дека ќе продолжи да се бори против илегалната миграција и за помагање на земјите од кои мигрантите потекнуваат.


Димитров утре во Австрија на покана на Курц


Скопје, 9 јули, 2017 - 13:37 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, утре ќе престојува во работна посета на Австрија на покана на австрискиот шеф на дипломатијата, Себастијан Курц, информираат од Министерството за надворешни работи.

Во рамките на посетата, предвидено е министерот Димитров да оствари средби и со членови на комисијата за надворешнa политика во австрискиот Национален совет, како и со претседателот на Комората на индустријалците на Австрија.

Оваа недела во официјална посета на Македонија доаѓаат двајца високи дипломати од Германија и од Австралија.

Од утре до вторник во официјална посета на Србија и на Македонија ќе биде државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот.

Рот прво ќе го посети Белград, а потоа ќе пристигне во Скопје, но сè уште не е прецизирано со кого ќе се сретне.

Во Македонија неделава ќе пристигне и министерката за надворешни работи на Австралија, Џули Бишоп, во рамки на нејзината посета на Источна Европа планирана од 9 до 15 јули.

На официјалната веб-страница на австралиското МНР пишува дека Бишоп ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и со претставници на невладини организации кои работат со финансиска помош на владата на Австралија.


Курц смета дека треба да се затворат градинките за деца муслимани во Виена


Виена, 22 јуни, 2017 - 12:08 (META) 

Министерот за надворешни работи и шеф на Народна партија на Австрија (ОВП), Себастијан Курц, смета дека треба да се затворат градинките за деца муслимани во Виена кои ги посетуваат 10.000 деца, пишуваат австриските медиуми.

Тој додал дека таквите градинки, јазично и културно се целосно одвоени од мнозинството во општеството.

Според него, клучот е во успешна интеграција и во знаење германски јазик. Тој се залага за воведување задолжителна посета на градинки во Австрија, за да се спречи децата кога ќе почнат на училиште да не знаат германски јазик.


Курц: На ЕУ ѝ се потребни помалку правила, но тие треба да се јасни и да се почитуваат


Вахау, 10 јуни, 2017 - 17:01 (META) 

Австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, изјави дека на Европската Унија ѝ се потребни помалку правила, но дека тие треба да бидат јасни и да се почитуваат.

„Денес мора да признаеме дека сме во критична фаза, но добрата вест е дека иако сме во Европската Унија, нам ни останува да осигураме дека таа се развива во добар правец. Правилата кои сами ги создадовме, мора да ги почитуваме“, изјавил Курц на Европскиот форум во Вахау.

Во однос на безбедноста, тој кажал дека Европа треба да соработува со партнерите, но мора да биде во состојба сама да ги штити надворешните граници.

„За решавање на мигрантската криза, потребна е соработка со соседите, но не и зависност од нив. Не смееме да дозволиме да нè уценуваат“, изјавил тој.


Курц и Заниер најостро ги осудија упадот во Собранието и нападот на пратениците


Виена, 28 април, 2017 - 10:09 (META) 

Претседавачот на ОБСЕ и австриски министер за надворешни работи, Себастијан Курц, и генералниот секретар на ОБСЕ, Лaмберто Заниер, најостро го осудуваат вчерашниот упад во Собранието на Македонија во Скопје.

Тие сметаат дека насилството не може да биде замена за политичките решенија и дека таквите решенија треба да се бараат во рамките на демократските процеси на одговорен начин.

„Нападите на неколку членови на Собранието, упадот во зградата на парламентот – срцето на демократијата на земјата, се шокантни. Ова е акт на заплашување, напад на претставниците на народот, кој јас категорично го осудувам. Смиреноста и редот мора веднаш повторно да се воспостават. Ги повикувам сите страни да се воздржат од понатамошна ескалација на тензии или насилство“, рече Курц.

Генералниот секретар Заниер рече дека за насилството нема место во политичкиот процес.

„Насилството мора веднаш да престане. Органите за спроведување на законот мора да обезбедат безбедност на пратениците и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата“, изјави Заниер.

Претседавачот на ОБСЕ и генералниот секретар ги повикуваат политичките чинители повторно да го воспостават дијалогот во Собранието и да ги почитуваат демократските принципи, како и резултатите од декемвриските избори.