ААВМУ ќе ѝ ја одземе дозволата на „ТВ Нова“


Скопје, 16 август, 2018 - 11:48 (META) 

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) до Советот на агенцијата ќе поднесе предлог за одземање на дозволата за телевизиско емитување на телевизијата „Нова“, која е речиси два месеци во стечај. Според дневниот ред на утрешната седница на Советот на ААВМУ, тоа би можело да се случи и утре.

Според Агенцијата, телевизијата која беше сопственост на бизнисменот Сеад Кочан, газда на „Трансмет“, вчера писмено ги известила дека по отворањето на стечајот на 22 јуни годинава, стечајниот управник ги одјавил сите вработени што фигурирале на платниот список.

Бидејќи сега телевизијата не го исполнува условот да има најмалку 30 вработени, од кои најмалку 10 новинари, Агенцијата му препорачува на својот директор да ја почне постапката за одземање на дозволата на телевизијата, која во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ важеше за провладина.


Бубевски: Му честитам на Судот за конфискацијата на имотот во „Труст“


Скопје, 20 јули, 2018 - 13:56 (META) 

Јавниот обвинител од Специјалното јавно обвинителство, Гаврил Бубевски рече дека е задоволен од пресудата во случајот „Труст“ со која на обвинетите Сеад Кочан и Василие Авировиќ им се изрекуваат затворски казни од шест години за првиот и три години затвор за второобвинетиот. Бубевски ја поздрави и одлуката на судот да го конфискува имотот и рече дека нема да бараат притвор за Кочан.

-Мерката притвор за обвинетиот Кочан не е задолжителна, дури и кога ќе се изрече ваква казна. Во однос на него имаме дадена гаранција и не е можно да се употреби построга мерка. На тој начин тој се бранеше од слобода. А по однос на конфискација на имотот, можам да му честитам на судот. Ова е права ваква мерка и ќе го запре можеби натамошниот тек на извршување на ваков вид на кривични дела. Со бруто принцип не се одбиваат трошоците. Целата сума на тендерот се конфискува. Се работи за над 90 отсто, она што се бара е обезбедено со недвижнини и подвижни ствари на осудените  – изјави обвинителот на СЈО, Бубевски.


Сеад Кочан доби шест години затвор за „Труст“, Авировиќ три години


Скопје, 20 јули, 2018 - 12:51 (META) 

Шест години затвор доби бизнисменот Сеад Кочан, а три години затворска казна доби Василије Аврировиќ, одлучи судијката Лидија Трајковска-Зимбовска во случајот „Труст“ на СЈО, во кој тие беа обвинети дека формирале конзорциум и со лажни документи добиле тендер за ископ на јаловина во РЕК Битола.

Третообвинениот во предметот Сафет Ватиќ е ослободен од обвинението, како и неговата фирма ВАТО ДООЕЛ.

За Кочан има и забрана да биде управител на правно лице или одговорно лице во правно лице во траење од три години. Авировиќ доби забрана да биде застапник на правно лице за потпишување тендери.

Обвинетите Сеад Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ пред Судот се изјаснија дека не чувствуваат вина за делото за кое се товарат.

Фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ кои според обвинението, здружени во конзорциум, доставиле фалсификувани документи за сопственост на механизација и за кадровска екипираност со цел да добијат тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаглен во Суводол за 17 милиони евра.


Завршува судењето за „Труст“, Кочан, Авировиќ и Ватиќ ќе ги слушнат пресудите


Скопје, 20 јули, 2018 - 9:26 (META) 

Судијката Лидија Трајковска-Зимбовска, која е претседател на судечкиот совет за предметот на СЈО „Труст“, денеска треба да ја објави пресудата за обвинетите во овој случај.

Обвинетите Сеад Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ пред Судот се изјаснија дека не чувствуваат вина за делото за кое се товарат.

Кочан во завршните зборови рече дека не се чувствува виновен, бидејќи немал никаква умисла да прекрши кој било закон.

– Покрај сувото гори и суровото – рече Кочан и додаде дека единствена цел му била да биде конкурентен на пазарот и да обезбеди работа за неговите вработени и нивните семејства.

СЈО побара тројцата обвинети да бидат осудени, а фирмите „Трансмет“ ДОО Скопје и „Силекс неметали СТ“ преку конфискација да вратат парите во државниот буџет.

Освен барањето за конфискација на имотот, СЈО одлучи третообвинетиот во овој случај Сафет Васиќ да го гони за помагање и го повлече обвинението за неговата фирма „Вато“ ДОО Студеничани.

Во „Труст“ првообвинет е бизнисменот Сеад Кочан и уште двајца, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ, а со обвинението опфатени се и фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ кои според обвинението, здружени во конзорциум, доставиле фалсификувани документи за сопственост на механизација и за кадровска екипираност со цел да добијат тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаглен во Суводол за 17 милиони евра.


Заврши судењето за „Труст“, пресудата в петок


Скопје, 17 јули, 2018 - 12:41 (META) 

Со завршни зборови на тројцата обвинети во процесот „Труст“, кој го води Специјалното јавно обвинителство, денеска судењето заврши, а в петок треба да биде изречена пресудата.

Во Кривичен суд Скопје денеска завршни зборови дадоа Сеад Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ, обвинети за учество во местење на тендер на „ЕЛЕМ“, за ископ на јаловина од „РЕК Битола“, вреден 1,06 милијарди денари или 17 милиони евра.

Бизнисменот Кочан, сопственик на компанијата „Трансмет“, во завршните зборови рече дека, покрај сувото гори и суровото, а тој не се чувствува виновен.

– Не се чувствувам виновен затоа што не сум имал никаква умисла да прекршам кој билозакон. Единствена цел ми беше да бидам конкурентен на пазарот и да обезбедам работа за моите вработени и нивните семејства – рече Кочан пред судот.

И другите двајца се изјаснија како невини и тврдеа дека не сториле кривично дело, односно дека се што се поврзува со обезбедувањето на тендерот, а во кој како конзорциум настапиле фирмите „Трансмет“, „Силекс Неметали СТ“ и „Вато“, било во склад со законските прописи.


TВ „Нова“ оди во стечај


Скопје, 27 јуни, 2018 - 16:32 (META) 

Телевизијата „Нова“ на Сеад Кочан, која важеше за блиска до власта во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, и официјално е во стечај.

Одлуката за отворање стечај на Основен суд Скопје 2 е објавена денеска во весниците, a е донесена во петокот.

Предлогот за отворање стечај е на група доверители застапувани од адвокатско друштво „Бона Фиде“ од Скопје. Претходно 43 вработени и поранешни вработени во Телевизија „Нова“ покренaa претстечајна постапка за неисплатени 7 плати, од октомври наваму.

За стечаен управник е назначена Христина Јоновска, а доверителите треба во рок од 15 дена да ги пријават побарувањата кај неа. Првото рочиште за испитување на побарувањата и извештаите од собранието на доверители ќе се одржи по судската ферија, на 28 септември.


Денеска пресуда во „Триста“ за Ѓоко Поповски


Скопје, 22 мај, 2018 - 10:08 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска треба да биде прочитана пресудата за предметот „Триста“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во кој обвинет е поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски. Тој се товари за злоупотреба на службена должност во врска со јавната набавка на 300 возила за МВР.

Поповски пред Судот на минатото рочиште кажа дека не е виновен и оти постапката што се води против него сериозно влијаела на неговото здравје. Рече и дека во изминатиот период се соочил со многу закани, уцени и притисоци, а се пожали и дека добил отказ од МВР во сомнителна дисциплинска постапка.

Тој е е обвинет дека со јавната набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за 453.570 евра. Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.

Нови судски рочишта во Кривичниот суд денеска треба да се одржат за уште три други предмети на „Тарифа“, „Титаник 2“ и „Труст“.

Во „Титаник 2“, им се суди на на претседателот на ДПА, Мендух Тачи и на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков. Се товарат за договарање на одлуки по приговорите до  во Државната изборна комисија (ДИК), во 2013 година, за заедно со нив се обвинети поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Во „Тарифа“, за злоупотреба на службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“ за ЕЛЕМ и нанесување штета на компанијата од четири милиони евра, обвинети се Дејан Бошковски, поранешен генерален директор на АД ЕЛЕМ, Методи Стојменовски и Ненад Ѓорѓевски.

Во предметот на СЈО наречен „Труст”, обвинети се бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица за договарање учество на тендер на ЕЛЕМ. Според обвинителите на СЈО, обвинетите Сеад Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ, како и фирмите „Трансмет”, „Силекс неметали” и „Вато” злоупотребиле приближно 1,06 милијарди енари, односно 17 милиони евра, пари на граѓаните.


Денеска во суд ќе се слушаат снимките за „она на М“


Скопје, 10 април, 2018 - 9:32 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска треба да се одржат судења за предметите „Труст“ и „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

На рочиштето за „Тенк“ треба да бидат слушани цедеата со снимките од прислушуваните разговори, како и да бидат сослушани тројца сведоци на обвинението, обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот „мерцедес“ од безмалку 600.000 евра.

Според обвинението, во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата „Мерцедес“.

Судско рочиште треба да се одржи и за предметот „Труст“ во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.


Во Кривичен рочишта за „Труст“, „Трезор“ и „Тарифа“, се очекуваат Мијалков и Кочан


Скопје, 29 март, 2018 - 10:40 (META) 

Во Кривичниот суд денеска ќе се одржат три судења за случаи на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Во 10 часот ќе почне судењето за случајот „Трезор“, во кој е обвинет поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, половина час подоцна ќе почне судењето за „Труст“, во кое обвинет е бизнисменот Сеад Кочан, а во 11 часот почнува судењето „Тарифа“.

Во „Трезор“ за злоупотреба на службената положба обвинети се екс-директорот на УБК, Мијалков, неговиот шеф на кабинет Тони Јакимовски, како и тогашниот помошник-министерот во МВР, Небојша Сајковиќ. Тие, заедно со поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски се товарат дека предизвикале штета на буџетот од 862.045 евра, со набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа.

За случајот „Труст“, СЈО тврди дека обвинетите со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра. Покрај Сеад Кочан, обвинети се уште двајца управител и компанијата на Кочан, како и уште две компании.

Преметот „Тарифа“ ги товари обвинетите дека ја злоупотребиле службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“ и нанеле штета од четири милиони евра. Обвинети се Дејан Бошковски, поранешен генерален директор на АД ЕЛЕМ, Методи Стојменовски и Ненад Ѓорѓевски.


Продолжуваат судењата за нападот врз Села на 27 април и на Кочан за „Труст“ на СЈО


Скопје, 20 февруари, 2018 - 10:26 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето на десетмината обвинети за обид за убиство на лидерот на Алијанса за Албанците и пратеник Зијадин Села за време на насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

На денешното рочиште треба да бидат сослушани тројца вештаци. Инаку, вчера пред судот сведочеше Села, кој разкажа за нападот и дека од Собранието бил изнесен маскиран како полицаец.

Во овој случај обвинети се Кире и Цејо Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.

Во Кривичниот суд треба да се одржи и ново рочиште за предметот на СЈО „Труст“, во кој првообвинет е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ. Тие се товарат дека со лажна документација добиле тендер на „Електрани на Македонија“, вреден 17 милиони евра.