Груевски: Мијалков не е привилегиран


Скопје, 29 октомври, 2015 - 14:48 (META) 

Координаторот на СДСМ, Горан Сугарески, на денешната седница за поставување пратенички прашања, го праша премиерот Никола Груевски како поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, успеал да го мине аеродромското обезбедување со пиштол во торбата.

Премиерот Груевски на тоа рече дека тој не е надлежен за тоа што граѓаните пренесуваат во своите торби кога излегуваат од државата.

– Институциите треба да си проверат што сè пренесуваат граѓаните кога излегуваат од Македонија. Сè што треба ќе си течe во законските постапки. Ниту бил, ниту ќе биде привилегиран. Мијалков во изјава рече дека имал пиштол во торбата, но дека го заборавил од небрежност и немам што друго да додадам –  рече Груевски и додаде дека не е негово да гарантира кој што носи во торбите.

Сугарески не беше задоволен од одговорот и му порача на премиерот да не се повикува на институциите, а дали нешто е од небрежност или намерно, одлучува суд, не премиерот.

– Судот утврдува дали е од небрежност или намера или вие сте научени вие да одлучите. Не знам зошто повикувате на институциите… тој помина со пиштол во торба на аеродром во Македонија – рече Сугарески.

Сугарески го праша и премиерот на која основа му е издаден дипломатскиот пасош на Мијалков, издаден на 29 август со траење пет години, и дали издавањето на овој пасош пасош е за да изнесе непроверени работи во своите куфери.

– Сашо Мијалков не поседува дипломатски пасош. Го одби. Дипломатскиот пасош не обезбедува да се пренесува што било во торбите –  рече Груевски не прецизирајќи на која основа првично му бил издаден.

 


СДСМ повторно побара одговори од надлежните за случајот со Мијалков


Скопје, 18 октомври, 2015 - 17:56 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, преку писмено соопштение до медиумите, денеска повторно побара објаснување и одговори од компанијата ТАВ, полицијата, царината и од другите надлежни служби, за тоа како поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, успеал да ги помине аеродромските контроли со пиштол во патната торба.

„Компанијата ТАВ, која управува со аердромот во Скопје, е должна на јавноста во Македонија да ѝ објасни: Дали Сашо Мијалков поминал низ контрола или не? Доколку не поминал, кој го дозволил тоа? Дали при други патувања му вршеле контрола на Мијалков, како и на сите други граѓани? ТАВ и надлежните служби, полиција, царина… ги должат овие информации на јавноста во Македонија. Инволвираните во инцидентот и оние што кријат информации ќе мора да понесат одговорност“, стои во соопштението на СДСМ.

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во четвртокот оваа недела, бил приведен на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ откако во куферот му бил најден пиштол. Мијалков по извесно време бил пуштен да го продолжи патувањето.

Од ТАВ вчера соооштија дека пропустот на скопскиот аеродром е последица на „човечка грешка“ и дека во тек е внатрешна истрага за случајот.


ВМРО-ДПМНЕ: Мијалков, за разлика од Заев, признава кога ќе направи пропуст


Скопје, 17 октомври, 2015 - 17:22 (META) 

„Сашо Мијалков даде изјава во медиумите. Го потврди пропустот. Сашо Мијалков не лаже и не манипулира. Факт кој е несвојствен и неразбирлив за СДСМ“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на соопштението од СДСМ во кое најголемата опозициска партија, меѓу другото, прашува како поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање успеал да ја помине контролата на аеродромот во Скопје со пиштол во патната торба.

Од владејачката партија велат дека според Законот за гранична контрола, граничната полиција има обврска да врши гранична проверка при влез и при излез од Македонија, а за проверка на личниот багаж е надлежна службата за аеродромското обезбедување, која не е државна институција.

„СДСМ, по кој знае кој пат, покажува дека нема капацитет, ниту елементарно познавање на законската регулатива. За нив е својствена и очекувана ваквата реакција со сите конфузни и контрадикторни детали и лаги. За нив е очекувано да ги напаѓаат институциите и личностите само за да го покријат срамот нанесен на државата со лажењето на нивниот лидер. Разликата е јасна за сите. Мијалков потврдува и признава кога ќе направи пропуст. Заев лаже и манипулира за да се извади од скандалот што го предизвика, дури и по цена да ѝ нанесе поголем срам на Република Македонија“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.


ТАВ за случајот со Мијалков: Станува збор за човечка грешка, внатрешната истрага е во тек


Скопје, 17 октомври, 2015 - 16:18 (META) 

Компанијата ТАВ, која управува со скопскиот аеродром „Александар Велики“, почнала внатрешна истрага што треба да утврди како поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, успеал да ги помине аеродромските контроли со пиштол во куферот, изјавиле за порталот „Либертас“ од компанијата.

Истата изјава на својата интернет-страница ја пренесува и неделникот „Фокус“, а во која од ТАВ тврдат дека станувало збор за „индивидуална, човечка грешка“.

„Скопскиот аеродром ги следи сите безбедносни процедури што се бараат според меѓународните и локалните регулативи. Ова е изолиран случај во кој станува збор за индивидуална, човечка грешка во примената на безбедносните процедури, кои секогаш се следат на скопскиот аеродром. Сите потребни чекори ќе бидат преземени за да не се случуваат слични инциденти во иднина. Внатрешна истрага веќе е во тек и секој што има одговорност за овој настан, ќе ги сноси последиците според правилата на компанијата“, велат од компанијата.


СДСМ: Ако не пријавил пиштол, што сè друго не пријавува Мијалков кога ја напушта земјава?


Скопје, 17 октомври, 2015 - 15:50 (META) 

„Ова е нов скандал, по серијата скандали од кои последен беше тој со дипломатскиот пасош на Мијалков“, реагираат од опозицискиот СДСМ во врска со информацијата дека поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, бил приведен на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ откако му бил најден пиштол во патната торба.

Од СДСМ прашуваат како Мијалков успеал да ја помине контролата на аеродромот во Скопје и кој дозволил тој да помине без да биде проверено што носи?

„Кој ќе преземе одговорност што непријавен пиштол бил дозволен во авион? Кој ја гарантира безбедноста на авионскиот сообраќај? Дополнително, овој скандал отвора прашање што друго носи во своите куфери Сашо Мијалков, кои очигледно поминуваат непроверени во Македонија. Ако не пријавил пиштол, што сè друго не пријавува Сашо Мијалков кога ја напушта земјава?“, стои во соопштението од СДСМ.

Од најголемата опозициска партија велат дека овие настани уште еднаш ја потврдуваат потребата од темелна реконструкција на државниот систем и на институциите во Македонија“.

„Едно е јасно. Се стеснува кругот околу Сашо Мијалков. Од одговорност бегање нема, каде и да оди“, велат од СДСМ.


Мијалков приведен, па пуштен на белградскиот аеродром, поради пиштол во куфер


Скопје, 17 октомври, 2015 - 12:19 (META) 

Поранешниот директор на Упрaвата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, бил приведен на аеродромот во Белград, откако веднаш по слетувањето во патна торба му бил најден пиштол.

Настанот, за кој вчеравечер информираа српските медиуми, денеска за порталот „Прес 24“ го потврди и Мијалков.

Тој, во изјава за порталот, вели дека при тргнување на пат зел торба која не ја проверил, па пиштолот бил откриен на рентген на белградскиот аеродром. Мијалков бил пуштен да го продолжи патувањето, откако, како што рекол, дал кратко образложение на службите на аеродромот.

Тој, за порталот, рекол дека станувало збор за приватен пиштол, кој го поседувал со дозвола, а не за службено оружје на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Засега останува нејасно како поранешниот директор на УБК со пиштолот во торба ја поминал контролата на скопскиот аеродром „Александар Велики“.


Мијалков се откажа од дипломатскиот пасош


Скопје, 6 октомври, 2015 - 14:11 (META) 

Дипломатската патна исправа, која во согласност со закон и дискреционо право на министерот ми беше доделена од МНР, сè уште не сум ја подигнал ниту употребил, изјави поранешниот шеф на ДБК, Сашо Мијалков, за порталот „Прес 24“.

Тој вели дека СДСМ го става фокусот на црна кампања бидејќи нема што друго да им понуди на граѓаните

– За да им се одземе и ова последно оружје и да излезе на виделина нивната безидејност, одлучив воопшто да не ја подигнувам дипломатската патна исправа и да се откажам од неа. Останувам и продолжувам да се борам за интересите на Македонија и на македонскиот народ. Не сум потклекнал пред многу посериозни притисоци и закани, па нема ни сега. Убеден сум дека граѓаните во април јасно ќе им порачаат на СДСМ што мислат за нивната деструктивност, исто како што им порачуваа изминативе 10 години – изјави Мијалков.


СДСМ: На која основа МНР дозволило дипломатски пасош за Мијалков?


Скопје, 3 октомври, 2015 - 17:13 (META) 

„Информацијата дека на Сашо Мијалков му е издаден дипломатски пасош отвора нов сериозен скандал. Тоа значи дека институциите раководени од соработниците на Груевски, влегуваат во сериозна злоупотреба на службената положба“, велат од СДСМ.

Оттаму го повикуваат министерот за надворешни работи, Никола Попоски, да објасни на која основа Министерството за надворешни работи дозволило дипломатски пасош за братучедот на Груевски, Сашо Мијалков.

„Објавените документи покажуваат дека Мијалков добил дипломатски пасош како експерт. Каков експерт е Сашо Мијалков? Која институција го именувала Мијалков за експерт и побарала за него дипломатски пасош? Дипломатски пасош се издава на експерт во исклучителен случај со ограничен рок на употреба, додека е потребен за престој во странство на тоа лице. На Мијалков, дипломатскиот пасош му бил издаден на 29 август годинава и е со траење од пет години“, се вели во соопштението на СДСМ.

Според СДСМ, овој потег на министерот за надворешни работи, Попоски, говори дека Груевски со соработниците подготвува терен за бегство на Сашо Мијалков од Македонија.

Оттаму укажуваат дека ќе има одговорност за сите што ќе се вмешаат во незаконитите, криминални, панични потези на власта на Никола Груевски во заминување.


Јанкулоска за „Монструм“: Камерите се спремни, ама дали ќе завршиме со убиствово?


Скопје, 28 април, 2015 - 17:33 (META) 

„За жал, камерите кога се случи грозоморното убиство не беа во функција и не можевме да сметаме на една ваква технолошки моќна алатка за разоткривањето на најтешкото кривично дело со кое сме се соочиле. Меѓутоа, со несебично залагање на сите припадници на Министерството за внатрешни работи, кои буквално деноноќно работеа на терен од моментот кога се случи убиството до моментот на откривањето на лицата што ги сомничиме за сторено кривично дело тероризам, успеавме да го решиме овој комплициран случај“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, на 7 мај 2012 година, при промоцијата на проектот „Безбеден град“.

Грозоморното убиство за кое зборува Јанкулоска е масакрот кај Смиљковско Езеро, се случи дваестина дена претходно, на 12 април, на Велики четврток, при што беа ликвидирани четири млади момчиња и средовечен рибар.

Едно од прашањата што јавноста ги адресираше до МВР, беше и тоа дали убијците биле уловени од камерите, кои веќе беа поставени на сите сообраќајници на излезите и на влезовите во главниот град.

Во една од снимките што денеска ги објави лидерот на опозицијата, Зоран Заев, можеше да се слушне разговор меѓу министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и директорот на Упрвата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, во кој двајцата зборуваат за промоцијата на проектот и за случајот „Монструм“.

Јанкулоска и Мијалков, според она што го објави Заев, тактизираат околу настанот на 7 мај, и го ставаат во контекст на, како што вели министерката, „другава работа“, односно убиството кај Смиљковци и на истрагата за откривање на сторителите.

Меѓу другото, Мијалков во разговорот вели дека „сакаат да дојдат и Израелците“, што е своевидна потврда дека проектот „Безбеден град“ бил направен во соработка со израелска компанија.

Мијалков: Ок

Јанкулоска: Е, па, добро, важи, за ова договорено.

Мијалков: Ајде.

Јанкулоска: Чекај сеа, и така си на линија, да те прашам. За ова што викаме за центаров, дали воопшто да го отвараме на 7 мај, ми е мене прашањето.

Мијалков: Е па, а, ај, ќе видиме. Колку сте спремни…

Јанкулоска: Знаеш зошто?

Мијалков: Оти сакаат да дојдат и Израелциве.

Јанкулоска: Не бе, за спремни мислам дека немаме проблем, него у контекст на другава работа, знаеш. Нели ние викаме „неаме снимки, неаме ова, неаме она“, а промовираме таков Центар.

Мијалков: Па добро, го отвараме после случкава, шо? До тогаш сме немале.

Јанкулоска: А бе, до тогаш сме немале, него, суштинска разлика е дали нешто до тогаш ќе завршиме со убиствово. Ако завршиме е полн погодок, знаеш.

Мијалков: Да, да, да.

Јанкулоска: Ама, ако не завршиме…

Мијалков: Не, не, не. Тоа…

Јанкулоска: Ај да видиме уште ден два, па ќе се договориме, важи?

Мијалков: Да, важи, важи, ај.

Јанкулоска: Да не прејудицираме сеа. Значи, мене ми беше таа грижа.

Мијалков: Важи.

Јанкулоска: Ок.

Мијалков: Ќе те барам на фиксен.

Јанкулоска: Важи, ајде, чао, чао.

(Овој разговор, според Заев, е воден на 30 април 2012 година.)

Телата на четирите момчиња и на средовечниот рибар беа најдени на 12 април 2012 година, на Велики четврток, околу 22.30 часот, на брегот на Смиљковско Езеро. Обдукцијата на телата утврди дека во нив било стрелано одблиску, со три типа оружје.

Во меѓувреме, полицијата мобилизираше голем број од своите припадници за да превенира ескалација на и онака напнатата атмосфера. Жителите на Радишани ги блокираа локалните улици, а беа оштетени неколку автомобили и дуќани.

Беше формиран и оперативен штаб, кој раководеше со операцијата за откривање и за апсење на сторителите на масакрот.

На 16 април, министерката за внатреши работи, Гордана Јанкулоска, потврди дека автомобилот, марка „опел омега“ со темноцрвена боја, што полицијата го нашла на 10 километри од местото на убиството, бил користен од извршителите.

Околу 1 мај, полицијата изведе обемна акција, под оперативно име „Монструм“, во која беа уапсени дел од обвинетите. Во операцијата учествуваа околу 800 припадници на МВР, од Бирото за јавна безбедност (БЈБ), како и од Упрвата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

По речиси двегодишен судски процес и по неколкукратно одложување на објавувањето на пресудата, на 30 јуни минатата година, за масакрот кај Смиљковско Езеро, на доживотни казни затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ за тероризам, како директни извршители на масакрот, а за планирање и за извршување, доживотен затвор добија Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута.

Првообвинетите Алил Демири и Агим Исмаиловиќ се сè уште во Косово, каде беа уапсени и осудени за поседување оружје. Македонските правосудни органи побараа нивна екстрадиција, од која засега нема ништо.

Пресудите за „Монструм“ предзивикаа жестоки протести на граѓани од албанската заедница, од кои дел беа одбележани со насилство, кое кулминираше со каменување на судот, а неколку полицајци беа повредени. Протестантите сметаа дека пресудата е неправедна и дека целиот случај „Монструм“ е монтиран.


Ги откри ли Заев тајните летала на Мијалков?


Скопје, 15 април, 2015 - 9:39 (META) 

Во еден од прислушуваните разговори што вчера ги објави лидерот на опозицијата, Зоран Заев, меѓу министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, шефот на тајната полиција се жали дека кубури со кадар, без кој не може да се работат „ни леталата, ни хеликоптерите“.

На кои летала мисли Мијалков во разговорот со министерката?

Поранешни припадници на разузнавачката заедница во земјата за „Мета“ велат дека станува збор за беспилотни летала (дронови), кои безбедносните служби ги набавиле во 2007/2008 година.

Ако овие летала постојат, нивната набавка и користењето се класифицирани како државна тајна.

Дека македонските служби поседуваат ваква опрема, во јавноста се зборува веќе неколку години, но официјална потврда за тоа досега не стигнала од ниту една институција.

Никој досега ниту, пак, ги негирал овие тврдења.

По прес-конференцијата на Заев, на која беше пуштена наводната снимка на која Мијалков говори за „летала“, ВМРО-ДПМНЕ издаде соопштение во кое го обвинува Заев дека прави  дестабилизација и обид за внесување криза.

„Заев недозволиво откриваше информации за капацитетот на безбедносните служби, обидувајќи се да го загрози нивното функционирање. Заев на крајно безобѕирен начин и повторно не водејќи сметка за државните интереси, разоткриваше информации за плановите за кадровското доекипирање на службите за безбедност и за зголемување на нивната оперативност. Тоа е класично антидржавно однесување и граѓаните тоа го препознаваат и затоа не го поддржуваат“, се вели во соопштението.

Пред неколку години, кога во кругот на железарницата „Макстил“ се случи несреќа со дел од балистички проектил од руско производство, кој стигнал како старо железо, првата информација која поструи во медиумите беше дека паднало едно од беспилотните летала на полицијата.

Нашиот соговорник вели дека беспилотните летала се реалност иако смета дека не се користат доволно.

Тој вели дека, Македонија во 2004/2005 година има потпишано договор со НАТО-силите на Косово, за надгледување на просторот на македонско-косовската граница и одредени квадранти од нашата територија со беспилотни летала.

– Од некоја причина, надлежните власти процениле дека има потреба од набавка на беспилотни летала. Но, иако ги поседуваме, многу малку или воопшто не ги користиме – вели нашиот соговорник.

Разговорот меѓу Јанкулоска и Мијалков, што вчера го објави лидерот на опозцијата, Зоран Заев, е следен:

СМ: И знаеш што, не можеме да ги работиме ни камерите, ни другите работи…
ГЈ: Па, да бе, да…
СМ: Ни леталата, ни хеликоптерите, ништо не можеме да работиме без овие луѓе…
ГЈ: Абе сме го праеле муабетот…
СМ: Ни техниката, инженери ни требаат ни… значи катастрофа сме, ни оперативци иаме
ГЈ: Ние вложивме…
СМ: …Следење ни отидоа луѓе, репродукција ни отидоа луѓе, значи неопходни ни се овие луѓе, неопходни, не можеме да работиме…
ГЈ: Абе ние вложивме толку пари у опрема, и ако немаш луѓе, џабе ја имаш опремата, така…