!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Саша Богдановиќ е кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Центар


Скопје, 13 септември, 2017 - 21:17 (META) 

Саша Богдановиќ, директорот на Јавното претпријатие „Паркинзи – Општина Центар“, ќе биде кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Центар, потврди лидерот на партијата и премиер, Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на договорот со лидерите на 21 партија за предизборна коалиција.

Заев ја потврди кандидатурата на Богдановиќ откако актуелниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, се повлече од трката за втор градоначалнички мандат и, како што се договорил со премиерот и лидер на СДСМ, ќе добие функција во централната власт.

Инаку, Заев и лидерите на 21 партија вечерва потпишаа договор за заеднички настап на локалните избори под мотото „Живот во Македонија за сите“.

– Формиравме предизборна коaлиција предводена од СДСМ за следните локални избори. Настапуваме отворено, го слушнавме гласот на граѓаните кои избраа заедништво, наспроти поделби. Граѓаните од целото општество имаат шанса да учествуваат во промените и тоа го прават. Затоа сум убеден дека оваа коалиција по промената на централно ниво ќе донесе и промени на локално ниво на изборите на 15 октовмри – рече Заев.


Богдановиќ бара од Жерновски запирање на градежните работи на Кејот 13 Ноември


Скопје, 4 мај, 2017 - 18:22 (META) 

Претседателот на општинската организација на СДСМ Центар, Саша Богдановиќ, денеска поднел барање до градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, за запирање на градежните работи на Кејот 13 Ноември.

„Причината за поднесување на барањето е избегнување на сите евентуални штетни последици кои може да настанат, како за животната средина, така и за формално-правниот аспект од веќе почнатото спроведување на одлуките на подрачјето на Општина Центар, а донесени од надлежните органи на Град Скопје, со дискутабилна законска основа“, се наведува во дописот на Богдановиќ до Жерновски.

Во него се потсетува дека на 20 март оваа година, Советот на Општина Центар усвоил програма за утврдување на изгледот на градбите на територијата на Општина Центар од значење за општината, врз основа на која на шеталиштето Кеј 13 Ноември е планирано поставување на нова урбанистичка опрема за заштита на постоечкото зеленило во Центар, но и за подобрување на квалитетот на животната средина.

„За спроведување на оваа програма, покрај нејзината исклучителна важност, досега не е преземена ниту една мерка за почнување на нејзина реализација. Дополнително, настанати се нови околности со поништување на ДУП – Мал Ринг донесен на 24 декември 2012 година од претходниот состав на Советот на Општина Центар, за што неопходно е да биде известен и органот што го издал одобрението на приватниот инвеститор што почна со градба на улица на местото од шеталиштето“, стои во барањето на Богдановиќ.


Поништени одлуките за изградба на панорамско тркало и на шпански скали


Скопје, 22 март, 2017 - 22:28 (META) 

Општина Центар денеска ги поништила одлуките за изградба на панорамско тркало, шпански скали и на катна гаража кај зградата Аутомакедонија, информираше директорот на „Паркинзи на Општина Центар“, Саша Богдановиќ.

– На просторот на Аутомакедонија нема да се гради спорната катна гаража, односно спречивме да се узурпира јавниот простор на жителите во овој дел на Центар. Тоа го носат измените на четирите детални урбанистички планови, кои Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ сакаа да ги запрат со каменување на Општина Центар и со нарачаното насилство врз градоначалникот на општината, Андреј Жерновски, за што веќе има обвинение против експремерот Никола Груевски – рече Богдановиќ.

Тој на прес-конференција информираше дека денеска биле усвоени урбанистичките планови.

– Општинската инспекција има рок од седум дена од објавување на одлуката во Службен весник и во тој период е должна да достави предлог до градоначалникот Жерновски за поништување на издадените одобренија по поранешните детални урбанистички планови – додаде Богдановиќ.


Богдановиќ: Го спасивме кејот, нема да се гради улица во центарот на Скопје


Скопје, 21 март, 2017 - 14:27 (META) 

„Го спасивме кејот на реката Вардар во центарот на Скопје. Нема да се гради улица за приватни интереси на бизнис-партнери на Никола Груевски“, вели претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ.

– Кејот останува шеталиште со зеленило, отворен за сите граѓани. Ќе добие и урбанистичка опрема, клупи, фонтани, жардиниери… Успеавме да го заштитиме кејот заедно со граѓаните. Ја спречивме намерата на Груевски и на Коце Трајановски да го уништат кејот за да се реализира планираниот бизнис на партнерот на Груевски, Алек „Теренова“ – вели Богдановиќ.

Претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар вели дека советничката група во Советот на Општина Центар покажала како се соработува со граѓаните и како се штитат интересите на граѓаните.


Град Скопје: Ние не носиме ДУП и не ја градиме улицата на Кејот


Скопје, 18 март, 2017 - 18:36 (META) 

Град Скопје не е институцијата што го донела деталниот урбанистички план и не ја гради сообраќајницата на Кејот 13 Ноември, се вели во реакцијата на Град Скопје на прес-конференцијата на претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ.

Од Градот велат дека изјавите на Богдановиќ се невистини и манипулации и дека темата околу изградбата на сообраќајницата подолг период се злоупотребува од „одредени институции, политичари и политички партии“ за дневно-политички цели.

„Градот Скопје сака да ја информира јавноста дека изградбата на оваа пристапна улица со посебен сообраќаен режим е предвидена со детален урбанистички план донесен од Општина Центар, а истата ја гради приватен инвеститор. Град Скопје не е институција што ја има вцртано оваа улица и Град Скопје не е тој што ќе ја гради. Градот Скопје, врз основа на валиден документ, детален урбанистички план, кој е донесен од Општина Центар, е законски обврзан да издаде градежна дозвола за тоа. Доколку не го стори тоа, Градот Скопје може да биде тужен од инвеститорот и да сноси финансиски последици“, стои во соопштението од Град Скопје.


Богдановиќ: Трајановски да ја повлече одлуката за изградба на улица на Кеј 13 Ноември


Скопје, 18 март, 2017 - 17:07 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска го повика градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, да ја повлече одлуката и одобрението за изградба на сообраќајница на Кејот 13 Ноември.

– Изминатиот период донесовме една одлука како Општина Центар, каде што законски успеавме да ја спречиме изградбата на оваа улица, но сепак со измени на законот, Градот ни ги одзеде ингеренциите во тој дел – изјави денеска претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ.

Тој рече дека за понеделник е договорена вонредна седница на Советот на Општина Центар, на која, како што рече, ќе бидат преземени сите законски мерки за да се спречи да продолжи изградбата на спорната улица.

– Сакаме да апелираме и до инвеститорот, односно изведувачот на улицата, веднаш да престане бидејќи ќе се соочи со санкции. Го повикуваме и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, да ја повлече одлуката за изградба на оваа улица, односно одобрението за градба. Ако тоа не се случи, како Општина Центар ќе преземеме соодветни мерки – рече Богдановиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање, какви мерки планира да преземе Општина Центар, Богдановиќ рече дека „најрадикалното“ нешто што ќе го преземат, а го најавиле  и претходно, е тоа што ќе бараат отфрлање на актуелниот детален урбанистички план (ДУП) и враќање на претходниот.

– Ќе го вратиме ДУП во првобитна состојба, каде што беше предвидена изградба на подземна сообраќајница и со тоа ќе ја спречиме изградбата на оваа улица – изјави Богдановиќ.


Општина Центар и ПОЦ ќе ги згрижуваат бездомниците


Скопје, 10 јануари, 2017 - 15:04 (META) 

Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ и Општина Центар од денеска почнуваат акција за згрижување на бездомните лица во општината.

Директорот на ЈППОЦ, Саша Богдановиќ, и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, најавија дека преноќувалиштето за бездомници ќе функционира за да им се помогне на овие лица за време на деновите со екстремно ниската температура.

„Преноќувалиштето ќе работи според стандардните процедури за вакви пунктови, од 16 часот попладне до 10 часот наутро. Обезбедуваме и пакети храна за вечера и за појадок, како и топли напитоци, ќебиња, тоалети, медицинска нега. Посебни лица ќе се грижат за безбедноста на овие наши граѓани“, изјави директорот на ЈППОЦ, Саша Богдановиќ.

Јавното претпријатие и Општина Центар ги повикуваат сите граѓани што имаат информации за бездомници, да пријават во Општината или претпријатието.