Раководството на САСА и синдикатите постигнаа договор за зголемување на платите


Скопје, 11 мај, 2018 - 15:44 (META) 

Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО), Сојузот на синдикати на Македонија и рудникот за олово и цинк Саса потпишаа спогодба, согласувајќи се на понудата за зголемување на платата, која што компанијата ја достави до синдикатот на 26 април.

„Рудникот Саса и неговите нови сопственици од Лондон, „Централ Азија металс“, веруваат дека со оваа прифатена понуда се решава суштинскиот од проблемите поврзани со наградувањето и исплатата на вработените, кои што беа наследени од претходните сопственици и се надеваат дека соработката со тимот ќе продолжи и во иднина со цел изградба на успешна иднина на рудникот.

Се надеваме дека ќе можеме да ја извршиме исплатата на зголемувањето за април и ретроактивно за месец март со исплаќањето на априлската плата, кое ќе се реализира во текот на денешниот ден. Дискусиите со МЕСО за други прашања во Саса ќе продолжат“, изјави Неил Стевенсон, генерален директор на Саса.

Со потпишаната спогодба завршуваат преговорите меѓу раководството на рудникот и овластените претставници на синдикатот започнати кон средината на минатиот месец. Истовремено, синдикатите се обрзуваат дека и формално ќе го прекинат штрајкот кој беше ставен во мирување кога започнаа преговорите.


Менаџментот на САСА и синдикатот почнаа преговори за барањата на вработените


Македонска Каменица, 12 април, 2018 - 11:06 (META) 

Преговорите меѓу раководството на рудникот САСА и синдикатот започнаа во седиштето на Мултиетничкиот синдикат на образованието во Скопје (МЕСО).

„Од сите присутни на состанокот беше искажана надеж дека овој процес ќе заврши со конкретен резултат од кој ќе бидат задоволни вработените и кој истовремено ќе и овозможи на компанијата да продолжи со својот натамошен развој, од што придобивки ќе имаат сите. Притоа, од претставниците на менаџменот на рудникот уште еднаш беше нагласено дека тие остануваат подготвени отворено да разговараат за сите потреби на вработените во САСА, но исклучиво според одредбите и процедурите од Законот за работни односи и останатите законски прописи од оваа област“, соопштуваат од САСА.


Менаџментот на САСА и синдикатите ќе преговараат, блокадите прекинати


Македонска Каменица, 15 март, 2018 - 15:07 (META) 

Заради надминување на состојбата предизвикана од нелегалната блокада на пристапниот пат до рудникот САСА, менаџментот на рудникот ги повикал на разговор претседателoт на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Дарко Димовски, претседателот на Мултиетничкит синдикат на образованието (МЕСО),  Драге Јовановски и генералниот секретар на Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството (СИЕР), Марија Анчева, информираат од компанијата.

Целта на средбата била да се изнајде решение, во согласност со Законот за работни односи, кое ќе овозможи продолжување на редовното функционирање на рудникот.

На состанокот бил потпишан протокол со кој страните се обврзале дека во рок од 20 дена, согласно регулативата, двата репрезентативни синдикати (СИЕР и МЕСО) ќе формираат заеднички тим за преговори со менаџментот на рудникот.

„Беше постигната и согласност за итен прекин на незаконската блокада на пристапниот пат кон рудникот САСА, за да се избегнат натамошните штети за компанијата и за сите нејзини 700 вработени. Притоа, менаџменот на рудникот уште еднаш нагласи дека тие остануваат подготвени да разговаат за сите барања на вработените во САСА, но исклучиво според процедурите предвидени со Законот“, велат од САСА.


САСА: Работата на рудникот беше загрозена поради незаконска блокада


Македонска Каменица, 14 март, 2018 - 13:58 (META) 

Група поддржувачи на огранокот на Мултиетничкиот синдикат на образованието (МЕСО) од Македонска Каменица, спротивно на Законот, утринава поставиле блокада на патот што води кон рудникот САСА, при што автобусот што ги превезува работниците од првата смена во рудникот бил спречен да дојде до рудникот и на работниците им било оневозможено да стигнат на своите работни места, тврдат од компанијата.

Во моментов, рудникот САСА функционира нормално, но доколку ваквата незаконска блокада продолжи, ќе се доведе во прашање натамошната работа, што ќе предивика големи штети и за компанијата и за сите нејзини 700 вработени, велат од таму.

За целата ситуација биле информирани надлежните државни органи, од кои, согласно нивните законски надлежности, е побарано да преземат мерки за целосна деблокада на патот кон рудникот.

„Согласно одредбите од Законот за работни односи, протестот организиран од локалниот огранок на МЕСО е незаконски. Рудникот САСА досега имаше одлична соработка со вработените и нивниот легитимен синдикат које е дел од СИЕР – Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството, за што доказ се досегашните постигнати резултати во безбедноста при работа, платите кои се двојно поголеми од просечните плати во земјата и вложувањата во нова технолија и подобри услови за работа“, се вели во соопштението на компанијата.

Во него се додава дека, според Законот, менаџментот на рудникот е обврзан да разговара и соработува со оној синдикат кој во законска процедура докажал дека ги претставува вработените.

„Тоа досега беше синдикатот на рударите при СИЕР. Секој друг синдикат, за да може да преговара, согласно Законот за работни односи, е обврзан да го докаже истото. Досега, и покрај барањата од страна на компанијата, новиот огранок на МЕСО нема доставено до рудникот ниту еден формален доказ дека е репрезентативен синдикат во САСА. Исто така, согласно Законот, пред да се започне со штрaјк или протест, двата синдикати треба да состават заеднички тим за преговори со менаџментот и да отпочнат процес на медијација. Ниту еден од овие законски одредби досега не е исполнет, што го спречува менаџментот на компанијата да постапува“, објаснуваат од САСА.


Анѓушев: Владата подготвува мерки за подобрување на статусот на рударите


Македонска Каменица, 9 септември, 2017 - 18:05 (META) 

Во Владата во тек е подготовка на активности околу подобрување на состојбата на работниците во рударството, порача вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, при денешната посета на рудникот Саса во Македонска Каменица, при што се сретна со неговиот генерален директор, Нели Стивенсон.

– Разговаравме за задоволување на европските стандарди и норми во практикување на рударство во Саса и во другите рудници. Раководството ни ги презентираше развојните проекти и какви чекори ќе преземат за заштита на животната околината. Разговаравме и како да се подобрат работните услови на работниците. Во Владата во тек е подготовка на активности околу подобрување на состојбата на работниците во рударството. Ги информиравме за активностите, тие се подготвени да соработуваме и заеднички да работиме на подобрување и унапредување на условите на работниците – истакна вицепремиерот Анѓушев, посочувајќи дека рудниците се значаен извор на приход во Република Македонија.