Мостот кај Градско е саниран, железничкиот сообраќај пуштен во употреба


Скопје, 7 ноември, 2018 - 13:25 (META) 

Бетонскиот мост на железничката пруга кој се наоѓа меѓу станицата Градско и крстосница Кукуричани, поради кој железничкиот сообраќај на Kоридорот 10 беше во прекин, е комплетно саниран и од вечерва сообраќајот на овој дел ќе биде пуштен во употреба, информираа од МЖ „Инфраструктура“.

„Пред пуштање на мостот за сообраќај, санацијата е извршена во специфични услови при што се извршени специјални прегледи и испитувања со пробно товарење согласно на член 27 од Правилникот за начинот на одржување, начинот на водење на евиденцијаи користењето на податоците од евиденцијата на долниот строј на пругите, се вели во соопштението на претпријатието.


Предвидени околу 270 милиони евра за изградба и реконструкција на патиштата


Скопје, 23 јануари, 2018 - 13:50 (META) 

Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација и одржување на државните патишта за 2018 година на Јавно претпријатие за државни патишта, беше усвоена на последната владина седница и со неа се планирани инвестиции во вкупна вредност од 16.748.600.000 денари (272.334.959 евра).

Од Министерство за транспорт и врски информираат дека, помеѓу позначајните проекти предвидени во оваа програма се продолжување на изградба на автопатиштата Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип, изградба на експресни патишта Штип – Кочани, Штип – Радовиш, Градско – Прилеп, државен пат Струмица – Ново Село кон границата со Бугарија во должина од 20 километри, изградба на експресен пат делница Ранковце – Крива Паланка и други.

Во програмата предвидено е изградба и рехабилитација на повеќе државни и регионални патишта, изградба и санација на мостовите, осветлување на клучките, поставување на сообраќајна сигнализација и опрема, санација на свлечиштата.

Предвидени се и проекти за воведување на електронски систем за наплата на патарини на Коридор 10 како и проект за проценка на безбедноста на патиштата (IRAP).


Поради дефект, центарот на Скопје утрово без парно


Скопје, 17 ноември, 2017 - 9:29 (META) 

Поради санација на дефект на магистралниот вод од дистрибутивната топлинска мрежа од топланата „Исток“ што води кон строгиот центар на градот, корисниците во овој реон утрово се без греење, соопштија од „Балкан енерџи груп“ (БЕГ).

Екипите на одделот за дистрибуција со топлина на БЕГ се на терен и забрзано работат на саниција на дефектот, велат од компанијата.

Според проценките, се очекува дефектот да биде саниран за два часа, по што ќе следи полнење на водот и нормализирање на испораката на топлинска енергија.

Греењето се очекува да се стабилизира околу пладне.

За дополнителни информации потрошувачите можат да се обратат во центарот за грижа на потрошувачи, на телефонот (02) 3076 200.


Се санираат фасади од староградската архитектура во Струга


Охрид, 15 декември, 2016 - 14:51 (META) 

По обновата на неколку објекти од староградската архитектура во Охрид, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид со истата активност продолжи во Струга, каде веќе ја заврши обновата на фасадата на еден објект лоциран во старото градско јадро.

Целосно е обновена надворешноста и покривната конструкција на објектот на улицата Гоце Делчев бр. 84, попознат како куќата на Роза Несторова-Ристова.

Станува збор за објект од 19 век со типична староградска архитектура, кој со овие конзерваторски активности ја сочува својата впечатлива надворешност.

Сега се во тек активностите за конзервација и за реставрација на фасадата на објект лоциран на улица Браќа Миладиновци, број 32, попознат како Куќата на Љуба Блажеска, а ќе се работи и на други објекти.

– Со проектот за конзервација на фасади на повеќе објекти од староградска и градска архитектура низ градовите во Македонија, тие се заштитуваат од понатамошно пропаѓање и од целосно губење на автентичноста. Исто така, се подобруваат и визурите на карактеристични делови од старото градско јадро, како и амбиентот и ликот на амбиенталните целини на цели улички – велат во Завод и музеј во Охрид.


Мисајловски вети дополнителни 6 милиони евра за санација на штетите од поплавите


Скопје, 15 октомври, 2016 - 14:34 (META) 

Нови шест милиони евра се одвоени за санирање на состојбата во местата зафатени од поплавите на 6 август во Скопско. Од нив, три милиони се одвоени од буџетот на Република Македонија, 2,5 милиони од буџетот на Град Скопје, а 500.000 евра издвоила Општина Гази Баба.

Ова денеска го соопшти министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, при означувањето на почетокот на реконструкцијата на улицата Алија Авдовиќ во населеното место Сингелиќ.

– Како Влада, посветено работевме да ги подобриме сите услови во поплавените подрачја и за тоа направивме неколку крупни чекори. Пред сè, обезбедивме дополнителни три милиони евра директно од Владата преку Јавното претпријатие за државни патишта за подобрување на локалната патна мрежа, а воедно и го сменивме законот за да може „Македонија пат“ директно да се вклучи во изградбата на сите локални патишта во местата зафатени со поплавите – рече Мисајловски.


Струја добија сите во поплавените подрачја


Скопје, 16 август, 2016 - 16:51 (META) 

ЕВН Македонија ја заврши првата фаза од санацијата на дистрибутивната мрежа во скопскиот регион најпогоден од поплавите, информираат од компанијата.

– Сите трафостаници во населените места кои најмногу страдаа од големото невреме се под напон и сите корисници можат да се приклучат на дистрибутивната мрежа. И покрај можноста да бидат приклучени под напон уште десетици корисници чии домови се под вода и кал, остануваат без електрична енергија, бидејќи во моментов не е безбедно – велат од ЕВН Македонија.

Од таму исто така додаваат дека и во населбата Илинден, трафостаниците кои беа под вода се веќе исчистени и ставени под напон. Следната фаза која ЕВН Македонија ја почнува во овој регион е чистење на мерните ормари од кал и нивно сушење од влага, како и замена на оштетените броила, столбови и друга енергетска опрема.

– Ќе се заменат сите оштетени енергетски објекти и ќе се реконструира во целост дистрибутивната мрежа на трошок на компанијата – информираат од таму.

ЕВН апелира корисниците во регионот каде се санира мрежата ништо да не преземаат на своја рака и за се што е потребно околу инсталациите и енергетската опрема да се во координација со нивните екипи.


ЕВН Македонија: Се санираат дефектите од големото невреме


Скопје, 9 август, 2016 - 17:46 (META) 

Екипите на ЕВН Македонија интензивно работат на санирање на дефектите во дистрибутивната мрежа настанати од големото невреме кое го зафати викендов северозападниот дел на Македонија, соопштија од компанијата.

„Сите дефекти на среден и висок напон во тетовскиот, кичевскиот, велешкиот, битолскиот, охридскиот, кумановскиот и прилепскиот регион се санирани. Екипите сега работат на помали дефекти во нисконапонската мрежа“, стои во соопштението.

Од ЕВН Македонија велат дека се работи и на расчистување на теренот до енергетските објекти  во критичниот реон во с. Стајковци, Смиљковци, с. Сингелиќ, Илинден, пат за Арачиново и други места.

„Како што ќе се создаваат безбедни услови за приклучување така ќе бидат вклучувани под напон и трафостаниците или улица по улица, корисник по корисник. Целиот регион досега беше без напојување од безбедносни причини за да не се создадат поголеми проблеми и да се доведат во опасност животите на луѓето кој работо на расчистување на штетите и граѓаните кои живеат во тој регион и штети дополнителни на имотите“, стои во соопштението.


Училиштето „Кочо Рацин“ во општина Центар целосно поплавено во невремето


Скопје, 7 август, 2016 - 12:40 (META) 

Најпогодено од поплавите предзвикани од вчерашното големо невреме во Скопје, во општина Центар е Основното училиште „Кочо Рацин“, информираат од Општината. Речиси 90 отсто од површината на училиштето синоќа била поплавена, но до утринските часови водата веќе била испумпана од страна на општинските служби, кои во текот на целата ноќ биле на терен.

Од Општина Центар велат дека од утре ќе почнат со санирање на штетите во електричната инсталација и кречење на ѕидовите во училиштето.

Поплавите од невремето предизвикале помали штети и на општинската зграда каде е уништена дел од компјутерската опрема и подовите, и во моментов се врши проценка на штетите и се прави план за санација.

„Поголеми штети по имотите на граѓаните нема. Поплавени се две куќи во реонот Мало Курило на Водно, каде водата е веќе испумпана. Благодарение на неодамнешното чистење на каналите на оваа критична точка на Водно, превенирана е далеку поголема штета. Од улиците под надлежност на општината, поголеми штети има на раскрсницата меѓу улиците Христо Чернопеев и Славејко Арсов. Таму се одвиваат градежни работи за реконструкција на коловозот, но тампонот е однесен од водата. Од утрово изведувачот веќе работи на терен и се санира штетата“, се наведува во соопштението од Општина Центар.

Оттаму додаваат дека поплавени биле и неколку гаражи во Дебар Маало, каде веќе се работи на испумпување на водата.

„Општината стои на располагање за помош со пумпи за испумпување на вода и апелира гаѓаните да се јават на 072 268 746 за да побарааt помош или да пријават штета“, велат од општината.


Почна санацијата на свлечиштето на патот Пробиштип – Штип кај Неокази


Пробиштип, 16 јуни, 2016 - 18:51 (META) 

Со пари од Европската Унија, почна санацијата на свлечиштето на патниот правец Пробиштип – Штип кај селото Неокази, предизвикано од поплавите, поради кое возачите речиси две години мораа да минуваат по една страна од коловозната лента.

– Ќе биде поставен потпорен ѕид, со целосно одводнување на свлечиштето, со што трајно ќе се спречи понатамошното општетување – изјави денеска градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски, кој беше на увид на местото.

Тендерот за санација на свлечиштето го доби градежната компанија „Гранит“.

Санацијата е дел од проектот со кој ЕУ ја поддржа македонската влада за справување со последиците од поплавите.

Со фонд од десет милиони евра ќе бидат санирани свлечишта на десет локации, а ќе бидат реконструирани и изградени и неколку нови мостови.

Во Источна Македонија е предвидена санација на акумулации, а на местото на стариот мост во општината Зрновци ќе биде изграден нов.


Се санира регионалниот пат Битола – Ресен – Буково


Охрид, 16 мај, 2016 - 13:18 (META) 

Во тек е санација на регионалниот пат Битола – Ресен – Охрид, а во моментов се врши асфалтирање на коловозот по превојот Буково во правец од Охрид кон Ресен.

Станува збор са санација на коловоз со должина од 27 километри.

Инвестицијата е вредна шест милиони евра, a работите треба да завршат до септември годинава.