Во пожарите во Калифорнија 80 загинати и повеќе од 1.200 исчезнати


Сан Франциско, 19 ноември, 2018 - 10:31 (META) 

Бројот на исчезнати лица во големите пожари што ја зафатија Калифорнија од 8 ноември, ноќеска се искачи до повеќе од 1.200 луѓе, а бројот на загинати е 80, јавуваат медиумите од САД.

Двата пожара што избија речиси истовремено се сметаат за најдеструктивните досега во оваа сојузна држава.

Досега се идентификувани 63 тела на загинати, а пожарот зафати 1.040 квадратни километри.

Најголемиот дел од загинатите, односно 77, се жртви на „Логорскиот оган“ во Област Бут во Северна Калифорнија, која го заслужи неславниот епитет на најсмртоносниот и најуништувачкиот шумски пожар во историјата на Калифорнија. Од вкупно исчезнатите, 1.202 се во подрачјето опфатено од „Логорскиот оган“.

Вториот пожар, кој го зафати и Малибу, на другиот крај на Калифорнија, беше именува „Вулси“.

Чадот од пожарите покри огромен дел од сојузната држава и предизвика енормно загадување, зафаќајќи го и Сан Франциско.

Метеоролозите за денеска предвидуваат разгорување на пожарите, бидејќи ќе се намалува влажноста на воздухот, а на подрачјето каде што пламти „Логорскиот оган“ се очекува и ветер со брзина до 65 километри на час.


САД ѝ наредија на Русија да го затвори конзулатот во Сан Франциско


Вашингтон, 31 август, 2017 - 21:38 (META) 

Американскиот Стеј департмент денеска соопшти дека генералниот руски конзулат во Сан Франциско и уште две канцеларии во Вашингтон и во Њујорк мора да бидат затворени до 2 септември.

Ваквата одлука била донесена како одговор на наредбата на официјална Моксва САД да го редуцираат дипломатскиот персонал во Русија.

„Во духот на еднаквоста (во дипломатските мисии) на кој се повикува Русија, бараме од руската влада да го затвори генералниот конзулат во Сан Франциско, како и канцеларијата во Вашингтон и конзуларната зграда во Њујорк“, се наведува во соопштението на Стејт департментот, од каде додаваат дека сега и двете земји ќе имаат по три конзулати.

На одлуката на САД веднаш реагираше министерството за надворешни работи на Русија.

„Министерот (Сергеј Лавров) жали поради зголемената напнатост во билатералните односи што не ја инициравме ние и смета дека новите американски мерки ќе бидат внимателно проучени во Москва“, се наведува во соопштението на руското МНР.